Нивната светлина не изгаснала
ВО БИБЛИСКИ времиња имало верни сведоци на Јехова кои доживувале неуспеси и тешкотии. Се соочувале со противење и со привидни падови. Сепак, тие не се предале поради обесхрабрување. Всушност, нивната светлина не изгаснала.
На пример, на пророкот Јеремија му бил даден налог да биде Божји пророк за отпадничката јудејска нација. Тој го објавувал предупредувањето во врска со претстојното уништување на Ерусалим (Јеремија 1:11-19). Како последица на тоа, Јеремија доаѓал во големи конфронтации со своите земјаци, кои го сметале за човек кој навестува зло.
Свештеникот Пасхор, водечкиот полномошник во Божјиот дом, еднаш го удрил Јеремија поради она што го пророкувал и го ставил на клада. На овој привиден неуспех, Јеремија рекол: „Секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене. Затоа, штом ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за разорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен потсмев“. Пророкот бил толку обесхрабрен, што рекол: „Нема веќе да спомнувам за Него [Јехова], ниту ќе зборувам во Негово име“ (Јеремија 20:1, 2, 7-9).
Меѓутоа, Јеремија не подлегнал на обесхрабрувањето. Говорејќи за „словото Господово“, тој изјавил: „Во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам — но не можев“ (Јеремија 20:8, 9). Силно мотивиран да зборува за Божјите изјави, Јеремија бил поддржан преку светиот дух и така го исполнил својот налог.
Исто така, и апостол Павле имал многу причини да се обесхрабри, доколку им попуштел. Тој поднел природни несреќи, бродоломи, прогонства и тепања. Покрај тоа, ‚тука биле уште и секојдневните напади против него, како и грижата за сите цркви‘ (2. Коринтјаните 11:23-28). Да, Павле морал секојдневно да се соочува со проблеми додека се грижел за новите собранија за коишто помогнал да се основаат. Освен тоа, тој бил несовршен и морал да се бори против ‚трн во телото‘, веројатно слабиот вид (2. Коринтјаните 12:7; Римјаните 7:15; Галатјаните 4:15). Некои дури зборувале против Павле зад неговиот грб, а тоа некако дошло до неговите уши (2. Коринтјаните 10:10).
Меѓутоа, Павле не дозволил обесхрабрувањето да го надвладее. Не, тој не бил супермен (2. Коринтјаните 11:29, 30). Што го одржувало разгорен неговиот ‚внатрешен оган‘? Како прво, имал пријатели кои му давале поддршка, а некои од нив дури го придружувале до Рим, каде што бил држан во домашен притвор (Дела 28:14-16). Второ, апостолот гледал на својата ситуација на еден урамнотежен начин. Неговите прогонители и противници биле тие кои биле виновни, а не Павле. Кон крајот на својот земен живот, тој ја проценил својата служба на еден позитивен начин, велејќи: „Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2. Тимотеј 4:8).
Пред сѐ, Павле редовно му пристапувал на Јехова Бог во молитва, а ‚Господ бил со него и го укрепил‘ (2. Тимотеј 4:17). „За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“, рекол Павле (Филипјаните 4:13, НС). Комуникацијата со Бог и со сохристијаните, како и позитивната процена на својата служба, му помогнале на Павла да продолжи во службата за Јехова.
Бог го инспирирал Павле да напише: „Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се [ако не се умориме, НС]“ (Галатјаните 6:7-9). Ќе пожнееме што? Вечен живот. Затоа, да бидеме како Јеремија, Павле и многуте други верни сведоци на Јехова кои се споменати во Светото писмо. Да, биди како нив и не подлегнувај на обесхрабрувањето. Не дозволувај твојата светлина да изгасне. (Спореди Матеј 5:14-16.)
[Слика на страница 25]
Павле и Јеремија не дозволиле нивната светлина да изгасне