Јехова им дава сила на уморните
„Оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли“ (ИСАИЈА 40:31).
1, 2. Што им дава Јехова на оние кои имаат доверба во него, и што ќе разгледаме сега?
ОРЛИТЕ спаѓаат меѓу најсилните птици на небото. Тие можат да прелетаат големи растојанија дури и без да замавнат со крилјата. Со своите крилја кои можат да бидат широки преку 2 метри, „кралот на птиците“, златниот орел, е „еден од најимпресивните орли; кревајќи се над ридовите и рамниците, [тој] со часови се извишува над некој планински гребен, а потоа се крева во спирали сѐ додека не стане темна точка на небото“ (The Audubon Society Encyclopedia of North American Birds — Енциклопедија за северноамериканските птици на друштвото Одебон).
2 Имајќи ги на ум летачките способности на орелот, Исаија напишал: „[Јехова] му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот. Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат, а оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Исаија 40:29-31). Колку само е утешно да се знае дека на оние кои имаат доверба во него, Јехова им дава сила за да продолжат, како да ги опремува со навидум неуморните крилја на вивнатиот орел! А сега, разгледај некои од подготовките што тој ги направил за да им даде сила на уморните.
Моќта на молитвата
3, 4. а) На што ги поттикнал Исус своите ученици? б) Што можеме да очекуваме да стори Јехова како одговор на нашите молитви?
3 Исус ги поттикнал своите ученици ‚секогаш да се молат и да не паѓаат со духот [да не се предаваат, НС]‘ (Лука 18:1). Ако му го излееме своето срце на Јехова, дали тоа навистина ќе ни помогне да ни се обнови силата и да избегнеме да се предадеме кога животните притисоци изгледаат огромни? Да, но постојат некои работи што мораме да ги задржиме на ум.
4 Мораме да бидеме реалистични во поглед на тоа што очекуваме Јехова да стори како одговор на нашите молитви. Една христијанка која западнала во длабока депресија, подоцна забележала: „Како и кај другите болести, Јехова денес не прави чуда. Но, тој ни помага да се бориме и да се лечиме до оној степен до кој можеме во овој систем“. Објаснувајќи зошто нејзините молитви ги измениле работите, таа додала: „Имав 24-часовен пристап до Јеховиниот свет дух“. Според тоа, Јехова не нѐ штити од животните притисоци коишто можат да нѐ притиснат, но тој ‚им дава Дух Свети на оние, што Му бараат‘ (Лука 11:13; Псалм 87:1-3). Тој дух може да нѐ оспособи за секое искушение или притисок со кој би можеле да се соочиме (1. Коринтјаните 10:13). Ако е неопходно, тој може да ни влее ‚сила која е над она што е нормално‘ за да истраеме сѐ додека Божјето Царство не ги отстрани сите стресни проблеми во новиот свет што е толку близу (2. Коринтјаните 4:7, НС).
5. а) Кои две работи се битни за да бидат делотворни нашите молитви? б) Како би можеле да се молиме ако се бориме со некоја слабост на телото? в) Што ќе му покажат на Јехова нашите истрајни и конкретни молитви?
5 Сепак, за да бидат делотворни нашите молитви, мораме да истраеме и да бидеме конкретни (Римјаните 12:12). На пример, ако понекогаш се истоштиш затоа што се бориш против некоја слабост на телото, моли го Јехова на почетокот од секој ден да ти помогне да не подлегнеш на таа конкретна слабост во текот на денот. Моли се за истото и во текот на денот и пред да одиш на спиење секоја вечер. Ако доживееш неуспех, моли го Јехова да ти прости, но исто така разговарај со него и за тоа што довело до повторување на грешката и што би можел да сториш ти за да ги избегнеш тие околности во иднина. Таквите истрајни и конкретни молитви ќе му покажат на ‚Слушачот на молитвите‘ дека имаш искрена желба да ја добиеш борбата (Псалм 65:2, НС; Лука 11:5-13).
6. Зошто можеме со право да очекуваме Јехова да ги услиши нашите молитви дури и кога се чувствуваме недостојни да се молиме?
6 Меѓутоа, понекогаш оние кои се истоштиле може да се чувствуваат недостојни да се молат. Една христијанка која се чувствувала така, подоцна забележала: „Таквото мислење е многу опасно, бидејќи тоа значи дека сме си зеле за право да се судиме самите себеси, но тоа не ни припаѓа нам“. Всушност, „Бог е Судија“ (Псалм 49:6). Библијата нѐ уверува дека иако „нашите срца можат да нѐ осудуваат . . ., Бог е поголем од нашите срца и ги знае сите работи“ (1. Јованово 3:20). Колку само е утешно да се знае дека кога се просудуваме себеси како недостојни да се молиме, Јехова можеби воопшто не мисли така! Тој „знае сѐ“ за нас, вклучувајќи ги и околностите во нашиот живот кои можеби предизвикале да се чувствуваме толку недостојни (Псалм 102:10-14). Неговата милост и длабоко разбирање го поттикнуваат да ги услиши молитвите од ‚скршеното и разбиено срце‘ (Псалм 51:17, НС). Како би можел да одбие да ги чуе нашите повици за помош кога самиот тој го осудува секој оној „кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша“ (Изреки 21:13).
Срдечноста на братството
7. а) Која друга подготовка ја направил Јехова за да ни помогне да ни се поврати силата? б) Кое сознание за нашето братство може да нѐ зајакне?
7 Една друга подготовка што ја направил Јехова за да ни ја поврати силата, е нашето христијанско братство. Каква само драгоцена предност е тоа што сме дел од светското семејство од браќа и сестри! (1. Петрово 2:17). Кога животните притисоци ќе нѐ оптоварат, срдечноста на нашето братство може да ни помогне да ни се поврати силата. Како? Ако сме свесни дека не сме сами кога се соочуваме со стресни предизвици, тоа само по себе може да нѐ зајакне. Меѓу нашите браќа и сестри, без сомнение, има такви кои се соочиле со слични притисоци или искушенија и кои доживеале чувства многу слични на нашите (1. Петрово 5:9). Охрабрувачки е да се знае дека она низ кое поминуваме ние не е невообичаено и дека нашите чувства не се необични.
8. а) Кои примери покажуваат како да ја најдеме потребната помош и утеха во нашето братство? б) На кој начин ти лично си добил помош или утеха од некој ‚вистински другар‘?
8 Во срдечното братство можеме да најдеме ‚вистински другари‘ кои можат да ни ја дадат многу потребната помош и утеха кога сме во неволја (Изреки 17:17, НС). Честопати, сѐ што е потребно се неколку љубезни зборови или промислени постапки. Една христијанка која се борела со чувства на безвредност, се присеќава: „Имав пријатели кои ми говореа за моите позитивни работи за да ми помогнат да ги совладам негативните мисли што ги имав“ (Изреки 15:23, НС). По смртта на нејзината млада ќерка, на една сестра отпрвин ѝ било тешко на собраниските состаноци да ги пее песните на Царството, особено оние во кои се споменувало воскресението. „Еднаш“, се сеќава таа, „една сестра која седеше на другата страна од салата, ме виде како плачам. Ми пријде, ме прегрна и го отпеа остатокот од песната со мене. Се почувствував исполнета со голема љубов кон браќата и сестрите и бев толку среќна што доаѓавме на состаноците, сфаќајќи дека токму тука, во Салата на Царството, е помошта за нас.“
9, 10. а) Како можеме да придонесеме за срдечноста на нашето братство? б) На кого особено му треба здраво друштво? в) Што можеме да сториме за да им помогнеме на оние на кои им треба охрабрување?
9 Се разбира, секој од нас има одговорност да придонесе за срдечноста на христијанското братство. Затоа, нашите срца треба да се ‚рашират‘ за да ги опфатат сите наши браќа и сестри (2. Коринтјаните 6:13). Колку би било жално за оние кои се истоштиле да мислат дека љубовта на браќата кон нив се оладила! Сепак, некои христијани известуваат дека се чувствуваат осамени и напуштени. Една сестра чијшто сопруг се противи на вистината, се жалела: „Кој не си посакува и на кого не му е потребно изградувачко пријателство, охрабрување и љубезно друштво? Ве молам, потсетете ги нашите браќа и сестри дека ни се потребни!“ Да, особено на оние кои се притиснати од нивните животни околности — оние со сопрузи кои не се соверници, самохрани родители, оние со хронични здравствени проблеми, на постарите и другите — потребно им е здраво друштво. Дали некои меѓу нас треба да бидат потсетени на тоа?
10 Што можеме да сториме за да помогнеме? Зошто да не се рашириме во изразувањето на нашата љубов? Кога нудиме гостопримство, да не ги забораваме оние на кои им треба охрабрување (Лука 14:12-14; Евреите 13:2). Наместо да заклучиме дека поради нивните околности се спречени да го прифатат, зошто сепак да не ги поканиме? А потоа тие нека одлучат. Дури и ако не можат да прифатат, без сомнение, ќе се чувствуваат охрабрени кога ќе знаат дека другите мислеле на нив. Тоа може да биде токму она што им е потребно за да им се поврати силата.
11. Во кој поглед може да им е потребна помош на оние кои се притиснати?
11 На оние кои се притиснати можеби им е потребна помош и од друг вид. На пример, можеби некоја самохрана мајка има потреба некој зрел брат да покаже интерес за нејзиното синче без татко (Јаков 1:27). На некој брат или сестра со сериозен здравствен проблем можеби им треба извесна помош при пазарењето или во куќните работи. Можеби некое постаро лице копнее по малку дружење или помош за да појде во служба на подрачјето. Кога има постојана потреба од таква помош, тоа претставува вистински ‚испит на искреноста на нашата љубов‘ (2. Коринтјаните 8:8). Наместо да се оддалечуваме од оние на кои им треба помош, поради времето и напорите кои се вклучени во тоа, да го положиме испитот на христијанска љубов со тоа што ќе бидеме осетливи и чувствителни за потребите на другите.
Моќта на Божјата Реч
12. Како ни помага Божјата Реч да ни се поврати силата?
12 Лицето кое ќе престане да јаде, наскоро ќе ја загуби својата сила, односно моќ. Соодветно на тоа, друг начин на кој Јехова ни ја дава силата за да продолжиме е тоа што се грижи да бидеме духовно добро нахранети (Исаија 65:13, 14). Каква духовна храна обезбедил тој? Пред сѐ, неговата Реч, Библијата (Матеј 4:4; спореди Евреите 4:12). Како може таа да ни помогне да ни се поврати силата? Кога притисоците и проблемите со кои се соочуваме ќе почнат да ни ја црпат силата, можеме да добиеме сила ако читаме за чувствата и за вистинските борби на верни мажи и жени од библиски времиња. Иако биле истакнати примери за беспрекорност, тие биле луѓе „со чувства како нашите“ (Јаков 5:17; Дела 14:15, обата НС). Се соочувале со искушенија и притисоци слични на нашите. Разгледај некои примери.
13. Кои библиски примери покажуваат дека верни мажи и жени во библиски времиња имале чувства и искуства како нашите?
13 Патријархот Авраам длабоко тагувал поради смртта на својата сопруга иако имал вера во воскресението (1. Мојсеева 23:2; спореди Евреите 11:8-10, 17-19). Покајничкиот Давид мислел дека неговите гревови го направиле недостоен да му служи на Јехова (Псалм 50:11). Мојсеј имал чувства на недостатност (2. Мојсеева 4:10). Епафродит станал потиштен кога се дознало дека една сериозна болест ја ограничила неговата активност во „Христовото дело“ (Филипјаните 2:25-30). Павле морал да се бори против своето паднато тело (Римјаните 7:21-25). На Еводија и Синтихија, две помазани сестри од собранието во Филипи, очигледно им било тешко да се сложат (Филипјаните 1:1; 4:2, 3). Колку е охрабрувачки да се знае дека овие верни лица имале чувства и искуства како нашите, а сепак не се предале! Ниту, пак, Јехова ги отфрлил нив.
14. а) Кое средство го користи Јехова за да ни помогне да црпеме сила од неговата Реч? б) Зошто списанијата Стражарска кула и Разбудете се! содржеле статии за социјални, семејни и емоционални прашања?
14 За да ни помогне да црпеме сила од неговата Реч, Јехова ја користи класата на верниот и разумен роб со цел да нѐ обезбеди со постојан прилив на ‚навремена храна‘ (Матеј 24:45). Верниот роб одамна ги користи списанијата Стражарска кула и Разбудете се! за да ја брани библиската вистина и да го објавува Божјето Царство како единствена надеж за човекот. Особено во последниве неколку децении, овие списанија содржеле навремени библиски статии за социјални, семејни и емоционални предизвици со кои се соочуваат дури и некои поединци од Божјиот народ. Со каква цел биле објавувани тие информации? Се разбира, за да им помогнат на оние кои стојат пред вакви предизвици да добијат сила и охрабрување од Божјата Реч. Но, таквите статии ни помагаат и на сите нам да имаме појасно разбирање за тоа низ што сѐ поминуваат некои од нашите браќа и сестри. На тој начин, поспремни сме да ги послушаме Павловите зборови: „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. Солунјаните 5:14).
Старешини кои се „заштита од ветар“
15. Што прорекол Исаија за оние кои служат како старешини, и каква одговорност им наложува тоа?
15 Јехова обезбедил и нешто друго за да ни помогне кога сме истоштени — собраниските старешини. Пророкот Исаија за нив напишал: „Секој од нив ќе биде [мора да се покаже, НС] како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Исаија 32:1, 2). Затоа, старешините имаат одговорност да одговараат на описот што Јехова го претскажал за нив. Тие ‚мораат да се покажат‘ како извори на утеха и освежување за другите и да бидат спремни да ‚ги поднесуваат тешкотиите [или: „проблематичните работи“; дословно: „тешките работи“, НС, фуснота) еден на друг‘ (Галатјаните 6:2). Како можат да го прават тоа?
16. Што можат да сторат старешините за да им помогнат на оние кои се чувствуваат недостојни да се молат?
16 Како што беше претходно споменато, понекогаш некое лице кое се истоштило може да се чувствува недостојно да се моли. Што можат да сторат старешините? Можат да се молат со и за лицето (Јаков 5:14). Ако едноставно во присуство на истоштениот го молат Јехова да му помогне да разбере колку Тој и другите го сакаат него или неа, тоа сигурно ќе биде утешно. Кога ќе ја чуе горливата, искрена молитва на еден старешина, тоа може да помогне да се зајакне довербата на нажаленото лице. Нему или нејзе може да ѝ се помогне да резонира дека штом старешините се уверени дека Јехова ќе ги услиши молитвите во негова или нејзина корист, тогаш тој или таа може да ја има истата таа увереност.
17. Зошто старешините мораат да бидат сочувствителни слушачи?
17 „Секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето“, стои во Јаков 1:19. За да им помогнат на истоштените да им се поврати силата, старешините мораат да бидат и сочувствителни слушачи. Во некои случаи, членовите на собранието можеби се борат со проблеми или притисоци кои не можат да се решат во овој систем на ствари. Затоа, она што им е потребно не е некакво решение како да се „среди“ нивниот проблем, туку едноставно да разговараат со некој добар слушач — некој кој нема да им каже како треба да се чувствуваат, туку кој ќе слуша без да осудува (Лука 6:37; Римјаните 14:13).
18, 19. а) Ако еден старешина е брз на слушање, како може тоа да му помогне да не му го отежне уште повеќе товарот на истоштениот? б) Каков е резултатот кога старешините покажуваат „сочувство“?
18 Старешини, ако сте брзи на слушање, тоа ќе ви помогне да избегнете товарот на истоштениот несвесно да му го направите уште потежок. На пример, ако некој брат или сестра пропуштил неколку состаноци или забавил во службата на подрачјето, дали нему или нејзе навистина им е потребен совет да бидат поактивни во службата или поредовни на состаноците? Можеби. Но, дали ти ја знаеш комплетната слика? Дали е во прашање влошено здравје? Дали семејните одговорности од неодамна се промениле? Дали постојат други околности или притисоци кои го притискаат него или неа? Запомни, можеби лицето веќе се чувствува многу виновно што не е во состојба да прави повеќе.
19 Тогаш, како можете да му помогнете на братот или на сестрата? Пред да извлечете заклучоци и да понудите совет, слушајте! (Изреки 18:14). Со остроумни прашања ‚исцрпете‘ ги чувствата од срцето на лицето (Изреки 20:5). Не ги игнорирајте овие чувства — разберете ги. Можеби на истоштениот му треба да биде уверен дека Јехова се грижи за нас и разбира дека нашите околности понекогаш можат да нѐ ограничат (1. Петрово 5:7). Кога старешините покажуваат такво „сочувство“ (НС), истоштените ќе ‚најдат мир [освежување, НС] за своите души‘ (1. Петрово 3:8; Матеј 11:28-30). Кога тие ќе најдат ваква закрепа, нема да биде потребно да им се кажува да прават повеќе; нивните срца ќе ги поттикнат во разумни граници да прават сѐ што можат додека му служат на Јехова. (Спореди 2. Коринтјаните 8:12; 9:7.)
20. Поради тоа што крајот на оваа зла генерација е толку близу, што треба да бидеме одлучни да правиме?
20 Навистина, живееме во најкритичното време од целата човечка историја. Притисоците од живеењето во Сатановиот свет се сѐ поголеми додека навлегуваме сѐ подлабоко во времето на крајот. Запомни, како некој лав што лови, Ѓаволот чека да се истоштиме и да се предадеме за тој да може да нѐ искористи како лесен плен. Колку само можеме да бидеме благодарни што Јехова му дава сила на уморниот! Да ги искористиме во потполност подготовките што тој ги направил за да ни даде сила да продолжиме, исто како да ни ги дава моќните крилја на еден вивнат орел. Со оглед на тоа што крајот на оваа зла генерација е толку близу, сега не е време да престанеме да трчаме во нашата трка за наградата — вечен живот (Евреите 12:1).
Како гласи твојот одговор?
◻ Што можеме да очекуваме да стори Јехова како одговор на нашите молитви?
◻ На кои начини можеме да црпеме сила од нашето христијанско братство?
◻ Како ни помага Божјата Реч да ни се поврати силата?
◻ Како можат старешините да им помогнат на истоштените да им се поврати силата?
[Слика на страница 17]
Кога нудиме гостопримство, да не ги забораваме оние на кои им треба охрабрување
[Слика на страница 18]
Старешините можат да го молат Јехова да им помогне на истоштените да разберат дека тие се многу сакани