Не предавај се!
„Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се [ако не се умориме, НС]“ (ГАЛАТЈАНИТЕ 6:9).
1, 2. а) На кои начини лови еден лав? б) За кого е Ѓаволот особено заинтересиран да го улови?
ЛАВОТ лови на различни начини. Понекогаш тој го демне својот плен кај поилата или покрај често користените патеки. Но понекогаш, вели книгата Portraits in the Wild (Портрети од дивината), лавот „едноставно ја искористува ситуацијата — на пример, кога ќе наиде на некое заспано ждребе од зебра“.
2 Нашиот „противник, ѓаволот“, објаснува апостол Петар, „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Знаејќи дека неговото преостанато време е кратко, Сатана врши сѐ поголем притисок врз луѓето за да ги спречи во служењето на Јехова. Меѓутоа, овој „лав што рика“ е особено заинтересиран да ги фати Јеховините слуги (Откровение 12:12, 17). Неговите ловечки методи се слични на оние што ги користи неговиот двојник од животинското царство. Како тоа?
3, 4. а) Кои методи ги користи Сатана за да ги улови Јеховините слуги? б) Кои прашања се поставуваат со оглед на тоа што ова се „тешки времиња“?
3 Понекогаш, Сатана се обидува од заседа — преку прогонство или противење — со цел да ни ја скрши беспрекорноста и да престанеме да му служиме на Јехова (2. Тимотеј 3:12). Но, како лавот, во други прилики Ѓаволот едноставно ја искористува ситуацијата. Тој чека сѐ додека се обесхрабриме или истоштиме, и тогаш се обидува да ја искористи нашата падната емоционална состојба за да нѐ натера да се предадеме. Не смееме да станеме лесен плен!
4 Сепак, живееме во најтешкиот период од сета човечка историја. Во овие ‚тешки времиња‘, многумина од нас може одвреме навреме да се чувствуваат обесхрабрени или притиснати (2. Тимотеј 3:1). Тогаш, како можеме да избегнеме да станеме толку истоштени што би станале лесен плен за Ѓаволот? Да, како можеме да го послушаме инспирираниот совет на апостол Павле: „Да не попуштаме да го правиме она што е добро, зашто во свое време ќе жнееме ако не се умориме“? (Галатјаните 6:9, НС).
Кога другите ќе нѐ разочараат
5. Што предизвикало Давид да се истошти, но што не сторил тој?
5 Во библиски времиња, дури и најверните слуги на Јехова можеби се чувствувале притиснати. „Се уморив воздивнувајќи“, напишал псалмистот Давид. „Секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја. Од скрб ми се помрачи окото мое.“ Зошто Давид се чувствувал така? „Поради сите мои непријатели“, објаснил тој. Навредливите постапки на другите му нанеле на Давид толкава болка што солзите самите му течеле. Сепак, Давид не се одвратил од Јехова поради тоа што му го сториле другите луѓе (Псалм 6:6-9).
6. а) Како можеме да бидеме погодени од зборовите или од постапките на другите? б) На кој начин некои се прават себеси лесен плен за Ѓаволот?
6 На сличен начин, зборовите или постапките на другите може да предизвикаат да бидеме истоштени со голема болка во срцето. „Празнословецот [непромислениот, НС] ранува како меч“, стои во Изреки 12:18. Ако непромислениот е христијански брат или сестра, ‚раната‘ може да биде уште подлабока. Човечка склоност може да биде да се вознемириме и можеби да криеме огорченост. Ова е особено случај ако мислиме дека со нас било постапувано нељубезно или неправедно. Можеби ни е тешко да разговараме со оној кој нѐ навредил; можеби дури намерно го избегнуваме. Притиснати од огорченост, некои се предале и престанале да доаѓаат на христијанските состаноци. За жал, на тој начин ‚му дале место на ѓаволот‘ да ги искористи како лесен плен (Ефесјаните 4:27).
7. а) Како можеме да избегнеме да бидеме играчка во рацете на Ѓаволот кога другите ќе нѐ разочараат или повредат? б) Зошто треба да се ослободиме од огорченост?
7 Како можеме да избегнеме да бидеме играчка во рацете на Ѓаволот кога другите ќе нѐ разочараат или повредат? Мораме да се трудиме да не негуваме огорченост. Наместо тоа, преземи иницијатива да се помириш или да ги расчистиш работите што е можно побрзо (Ефесјаните 4:26). Стихот од Колосјаните 3:13 нѐ поттикнува: „Проштавајте си. Ако некој има поплака на некого“. Проштавањето е особено соодветно кога оној кој ја нанел навредата ја признава грешката и искрено жали. (Спореди Псалм 31:3-5 и Изреки 28:13.) Сепак, ќе ни биде од корист ако имаме на ум дека проштавањето не значи дека ги одобруваме или намалуваме престапите што ги извршиле другите. Да простиш подразбира да се ослободиш од огорченост. Огорченоста е тежок товар за носење. Таа може да ни ги преокупира мислите и да ни ја одземе среќата. Може да влијае дури и врз нашето здравје. Наспроти тоа, проштавањето, каде што е погодно, е во наша корист. Како Давид, никогаш да не се предаваме и да не се одвратиме од Јехова поради она што другите луѓе ни го рекле или сториле!
Кога ќе потфрлиме
8. а) Зошто некои понекогаш чувствуваат особена вина? б) Каква опасност постои ако бидеме совладани од вина и се предадеме?
8 „Сите ние многу грешиме [се спрепнуваме, НС]“, стои во Јаков 3:2. Кога ќе се спрепнеме, сосема е природно да чувствуваме вина (Псалм 37:3-8). Чувствата на вина можат да бидат особено јаки ако се бориме против некоја слабост на телото и ако доживуваме периодични неуспеси.a Една христијанка која се соочила со таква борба, објаснила: „Не сакав повеќе да живеам, зашто не знаев дали сум извршила неопростлив грев или не. Мислев дека повеќе нема смисла да се напрегам во службата за Јехова затоа што за мене веројатно и онака е предоцна“. Кога сме совладани од вина до таа мерка што се предаваме, тогаш со тоа му даваме прилика на Ѓаволот — кој може брзо да ја искористи! (2. Коринтјаните 2:5-7, 11). Она што е потребно е да имаме поурамнотежено гледиште за вината.
9. Зошто треба да имаме доверба во Божјата милост?
9 Кога ќе направиме грев, нормално е да чувствуваме извесна мерка на вина. Но, понекогаш чувствата на вина продолжуваат затоа што некој христијанин мисли дека никогаш не би можел да биде достоен за Божја милост. Сепак, Библијата срдечно нѐ уверува: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1:9). Дали постои некаква здрава причина да мислиме дека Бог нема да го стори тоа и во нашиот случај? Сети се, во својата Реч, Јехова вели дека е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5, НС; 129:3, 4). Затоа што тој не може да лаже, тој ќе стори онака како што ветува неговата Реч, доколку дојдеме кај него со покајничко срце (Тит 1:2).
10. Какво охрабрувачко уверување дало едно поранешно издание на Стражарска кула во врска со борењето против некоја слабост на телото?
10 Што треба да сториш ако се бориш против некоја слабост и ги повторуваш истите грешки? Не предавај се! Повторувањето на грешките не значи дека ќе биде поништен напредокот што веќе си го покажал. Изданието на ова списание од 15 февруари 1954 година го понуди следново охрабрувачко уверување: „Би [можеле] да се затекнеме себеси како многупати се спрепнуваме и паѓаме поради некоја лоша навика која во нашиот поранешен начин на живот била вкоренета подлабоко отколку што самите сме биле свесни . . . Не очајувај. Немој да заклучиш дека си извршил неопростлив грев. Сатана сака да размислуваш токму така. Фактот дека се чувствуваш ожалостен и вознемирен, сам по себе е доказ дека не си отишол толку далеку. Никогаш немој да се умориш од тоа понизно и сериозно да му се обратиш на Бог, барајќи негово простување, очистување и помош. Оди кај него како што едно дете оди кај татка си кога е во неволја, без оглед колку често го прави тоа поради истата слабост. Јехова милостиво ќе ти помогне поради својата незаслужена доброта и, доколку си искрен, ќе ти овозможи да имаш чиста совест“.
Кога мислиме дека не правиме доволно
11. а) Како треба да се чувствуваме во поглед на учеството во делото на проповедање на Царството? б) Со какви чувства се борат некои христијани во врска со учеството во службата?
11 Делото на проповедање на Царството игра важна улога во животот на еден христијанин, а учеството во него донесува радост (Псалм 39:8). Но, некои христијани се чувствуваат многу виновни што не се во состојба да постигнат уште повеќе во службата. Таквата вина би можела да ни ја поткопа радоста и да нѐ натера да се предадеме, замислувајќи си дека според Јехова, никогаш не правиме доволно. Разгледај со какви чувства се борат некои.
„Знаете ли колку време одзема сиромаштијата?“, напишала една христијанска сестра која со својот сопруг подига три деца. „Морам да штедам на сѐ што можам. Тоа значи да поминувам време во пребарување низ продавниците за користени работи, на распродажбите или дури и да шијам облека. Исто така, секоја седмица поминувам по час-два околу купоните [за храна по намалени цени]: да ги исечам, да ги средам и да се менувам со другите. Понекогаш се чувствувам многу виновна поради овие работи, мислејќи дека би требало тоа време да го поминувам во службата на подрачјето.“
„Мислев дека сигурно не го сакам Јехова доволно“, објаснила една сестра која има четири деца и сопруг кој не е соверник. „Затоа се борев со мојата служба за Јехова. Навистина, многу се трудев, но никогаш не чувствував дека е доволно. Знаете, јас немав никакво чувство на самопочитување и затоа не можев ниту да си замислам дека Јехова би можел да ја прифати мојата служба за него.“
Една христијанка која заклучила дека е неопходно да ја прекине полновремената служба, рекла: „Не можев да ја поднесам помислата дека не ја исполнувам својата обврска да му служам на Јехова полновремено. Не можете ни да си замислите колку бев разочарана! И сега плачам кога ќе помислам на тоа“.
12. Зошто некои христијани чувствуваат голема вина затоа што не можат да сторат повеќе во службата?
12 Сосема е природно да сакаме да му служиме на Јехова што е можно попотполно (Псалм 85:12). Но, зошто некои се чувствуваат толку виновни затоа што не се во состојба да направат повеќе? Кај некои, изгледа дека тоа е поврзано со општото чувство на безвредност, кое можеби потекнува од непријатните искуства во животот. Во други случаи, неисправната вина може да произлезе од некое нереално гледиште за тоа што Јехова очекува од нас. „Мислев дека сѐ додека не те здоболи, сигурно не правиш доволно“, признала една христијанка. Како последица на тоа, си поставила претерано високи мерила — а потоа, кога не била во состојба да ги достигне, се чувствувала уште повиновна.
13. Што очекува Јехова од нас?
13 Што очекува Јехова од нас? Едноставно речено — да му служиме со сета душа, правејќи го она што нашите околности ни го дозволуваат (Колосјаните 3:23). Но, може да постои голема разлика помеѓу тоа што ние би сакале да сториме и што можеме реално да направиме. Можеме да бидеме ограничени од такви фактори како што се старост, здравје, физичка издржливост или семејни одговорности. Меѓутоа, кога правиме сѐ што е во нашата можност, можеме да се чувствуваме сигурни дека нашата служба за Јехова е со сета душа — ништо повеќе и ништо помалку од службата на некој друг чиешто здравје и околности му дозволуваат да биде во полновремена служба (Матеј 13:18-23).
14. Што можеш да сториш ако ти треба помош да одредиш што можеш реално да очекуваш од себеси?
14 Тогаш, како можеш да одредиш што можеш реално да очекуваш од себеси? Можеби сакаш да подискутираш за таа работа со некој доверлив, зрел христијански пријател, можеби со некој старешина или искусна сестра која ги познава твоите способности, ограничувања и твоите семејни одговорности (Изреки 15:22). Запомни дека во Божји очи, твојата вредност како личност не се мери според тоа колку ти правиш во службата на подрачјето. На Јехова му се скапоцени сите негови слуги (Агеј 2:7, НС; Малахија 3:16, 17). Она што го правиш во делото на проповедање може да биде или повеќе или помалку од она што другите го прават, но сѐ додека тоа е најдоброто што го можеш, Јехова е задоволен и нема потреба да се чувствуваш виновен (Галатјаните 6:4).
Кога многу се бара од нас
15. На кои начини се бара многу од собраниските старешини?
15 „Кому е многу дадено“, рекол Исус, „многу и ќе се бара од него“ (Лука 12:48). Секако дека ‚многу се бара‘ од оние кои служат како собраниски старешини. Како Павле, тие се напрегаат во корист на собранието (2. Коринтјаните 12:15). Мораат да подготвуваат предавања, да прават пастирски посети, да решаваат правни случаи — и сето тоа без да ги занемаруваат сопствените семејства (1. Тимотеј 3:4, 5). Некои старешини се зафатени и со помагањето околу изградба на Сали на Царството, служење во Одборите за контактирање со болниците и со доброволна служба на покраинските состаноци и на конгресите. Како можат овие марливи, предадени мажи да избегнат да се исцрпат под товарот на ваквите одговорности?
16. а) Какво практично решение му понудил Јотор на Мојсеј? б) Која особина ќе му овозможи на еден старешина да споделува соодветни одговорности со другите?
16 Кога Мојсеј, скромен и понизен човек, се исцрпувал грижејќи се за проблемите на другите, неговиот тест, Јотор, понудил едно практично решение: да сподели некои одговорности со други способни мажи (2. Мојсеева 18:17-26; 4. Мојсеева 12:3). „Мудроста е со смирените [кај скромните, НС]“, пишува во Изреки 11:2. Да бидеш скромен значи да ги признаеш и да ги прифатиш своите ограничувања. Скромниот човек не одбива да им додели должности на другите ниту, пак, се плаши дека ќе изгуби некаква контрола ако сподели некои одговорности со други оспособени мажиb (4. Мојсеева 11:16, 17, 26-29). Наместо тоа, тој е желен да им помогне да напредуваат (1. Тимотеј 4:15).
17. а) Како можат членовите на собранието да им го олеснат товарот на старешините? б) Какви жртви прават сопругите на старешините, и како можеме да им покажеме дека тоа не го земаме како само по себе разбирливо?
17 Членовите на собранието можат многу да сторат за да им го олеснат товарот на старешините. Сфаќајќи дека старешините имаат свои семејства за кои треба да се грижат, другите нема да поставуваат неразумни барања во поглед на времето и вниманието на старешините. Исто така, нема да ги земаат сами по себе разбирливи спремните жртви што ги прават сопругите на старешините додека несебично ги делат своите сопрузи со собранието. Една мајка на три деца, чијшто сопруг служи како старешина, објаснила: „Нешто на што никогаш не се жалам е додатниот товар што спремно го носам во домаќинството за да може мојот сопруг да служи како старешина. Знам дека Јехова богато го благословува нашето семејство поради неговото служење и не сум љубоморна поради она што тој го дава. Сепак, реалистично гледано, честопати морам да собирам повеќе лисја и повеќе да се трудам околу воспитувањето на нашите деца отколку инаку, затоа што мојот сопруг е зафатен“. За жал, оваа сестра заклучила дека некои, наместо да го ценат нејзиниот додатен товар, правеле неосетливи забелешки, како: „Зошто ти не си пионерка?“ (Изреки 12:18). Колку е подобро да ги пофалиме другите за она што го прават, отколку да ги критизираме за она што не се во можност да го сторат! (Изреки 16:24; 25:11).
Затоа што крајот сѐ уште не дошол
18, 19. а) Зошто сега не е време да престанеме да трчаме во трката за вечен живот? б) Каков навремен совет им дал апостол Павле на христијаните во Ерусалим?
18 Кога еден тркач знае дека е близу до крајот на една долга трка, тој не се предава. Телото можеби му е на крајот од издржливоста — исцрпено, прегреано и дехидрирано — но кога е толку блиску до целта, не е време да престане да трча. На сличен начин, како христијани ние се наоѓаме во трка за наградата на животот и многу сме близу до линијата на целта. Сега не е време да престанеме да трчаме! (Спореди 1. Коринтјаните 9:24; Филипјаните 2:16; 3:13, 14.)
19 Христијаните од првиот век се соочиле со слична ситуација. Околу 61 година н. е., апостол Павле им пишал на христијаните во Ерусалим. Времето истекувало — злобниот „род [генерација, НС]“, отпадничкиот еврејски систем на ствари, требало да „премине“. Особено христијаните во Ерусалим морале да бидат будни и верни; тие требало да бегаат од градот штом ќе го видат градот опколен од улогорени војски (Лука 21:20-24, 32). Затоа, навремен бил Павловиот инспириран совет: „Да не се уморите и да не папсате во вашите души“ (Евреите 12:3, НС). Апостол Павле тука употребил два живописни глагола: „да се умори“ (ка́мно) и „да папса“ (екли́омаи). Според еден библиски научник, овие грчки зборови „ги употребувал Аристотел за тркачите кои се опуштаат и паѓаат откако ќе ја поминеле линијата на целта. Читателите [на Павловото писмо] сѐ уште биле во трката. Не смееле предвреме да се предадат. Не смееле да си дозволат да се онесвестат и да се срушат поради истоштеност. Повторно е даден повикот да се истрае под тешкотија“.
20. Зошто Павловиот совет е навремен за нас денес?
20 Колку само е навремен Павловиот совет за нас денес! Со оглед на сѐ поголемите притисоци, може да има времиња кога се чувствуваме како некој исцрпен тркач чиишто нозе само што не попуштиле. Но, бидејќи сме толку блиску до целта, не смееме да се предадеме! (2. Летописи 29:11). Нашиот Противник, кој ‚рика како лав‘, сака да го сториме токму тоа. За среќа, Јехова направил подготовки кои ‚му даваат сила на уморениот‘ (Исаија 40:29). Кои се тие и како можеме да ги искористиме, ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фусноти]
a На пример, некои можеби се борат да контролираат некоја длабоко вкоренета карактерна црта, како на пример лош нарав или да совладаат некаков проблем со мастурбација. (Види Разбудете се! од 22 мај 1988, страници 19-21 [англ.]; 8 ноември 1981, страници 16-20 [англ.] и Questions Young People Ask—Answers That Work — Младите прашуваат — Делотворни одговори, стр. 198-211, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.)
b Види ја статијата „Старешини — доделувајте должности!“ во Стражарска кула од 15 октомври 1992 година, стр. 20-23.
Како гласи твојот одговор?
◻ Како можеме да избегнеме да се предадеме кога другите ќе нѐ разочараат или повредат?
◻ Кое урамнотежено гледиште за вината ќе нѐ сочува да не се предадеме?
◻ Што очекува Јехова од нас?
◻ Како може скромноста да им помогне на собраниските старешини да не се исцрпат?
◻ Зошто Павловиот совет во Евреите 12:3 е навремен за нас денес?