ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/4 стр. 21-23
  • Дали сум го направил неопростливиот грев?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали сум го направил неопростливиот грев?
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто нѐ мачи совеста
  • Побожна жалост
  • Грижа на совест поради помали гревови
  • Извори на помош и утеха
  • Јехова простува во голема мера
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Што е тоа неопростлив грев?
    Одговор на библиски прашања
  • Јехова — Бог ‚спремен да прости‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Постои ли непростлив грев?
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 1995
g95 8/4 стр. 21-23

Младите прашуваат . . .

Дали сум го направил неопростливиот грев?

„НИКОГАШ не сум се чувствувал толку потиштено. Немав повеќе самопочитување и мислев дека Бог нема никогаш да ми прости“ (Марко).a

„Бев многу обесхрабрен. Срцето ми беше засенето со чувство на вина. Мислев дека сум сторил некои неопростливи грешки“ (Алберто).

‚Нема човек што не греши‘, вели Библијата (3. Царства 8:46). Но, понекогаш, еден млад човек може да мисли дека направил повеќе од само безопасна грешка. Како Марко и Алберто, и тој може да биде депримиран поради силното чувство на вина. Може да мисли дека она што го направил е толку лошо, толку злобно што Бог нема никогаш да му прости.

Што ако и тебе те мачат вакви чувства? Биди храбар. Твојата ситуација не е безнадежна.

Зошто нѐ мачи совеста

Сосем е природно да се чувствуваме лошо кога ќе направиме некоја непромислена грешка. Сите сме родени со особината што Библијата ја нарекува „совест“. Тоа е внатрешно чувство за исправно и погрешно, внатрешен аларм кој обично се вклучува кога ќе постапиме лошо (Римјаните 2:14, 15). Разгледај го примерот на цар Давид. Тој извршил прељуба со туѓа жена. Подоцна наредил нејзиниот сопруг, Урија, да биде испратен во сигурна смрт (2. Царства 11:2-17). Како влијаело тоа на Давид?

„Дење и ноќе тежеше над мене раката [Божја]“, признал Давид. Да, тој ја почувствувал тежината на божественото неодобрување. Давид исто така рекол: „Во коските мои нема мир од гревовите мои; зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. . . . Цел ден натажен одам“ (Псалм 31:4; 37:3-6). Давидовата совест и понатаму го измачувала, сѐ додека не бил поттикнат да преземе позитивни чекори и да се покае за својот грев.

На сличен начин, ако си бил воспитуван од христијански родители и ако отстапиш од библиските мерила, ќе се чувствуваш лошо. Таквото чувство на грижа на совест е нормално и здраво. Тоа може некого да го наведе да се поправи или да побара помош пред погрешното постапување да стане вкоренета навика. Од друга страна, некој кој продолжува да прави грев си ја оштетува совеста. Со текот на времето, таа станува неосетлива, како изгорена кожа (1. Тимотеј 4:2). Сигурно ќе уследи морална расипаност (Галатјаните 6:7, 8).

Побожна жалост

Тогаш не е чудно што Библијата зборува за „грев кој навлекува смрт“ (1. Јованово 5:16, НС; спореди Матеј 12:31). Таквиот грев не е само слабост на телото. Тој се врши намерно, упорно и тврдоглаво. Не толку самиот грев, колку состојбата на срцето на грешникот е тоа што го прави таквиот грев неопростлив.

Меѓутоа, самиот факт дека се чувствуваш повреден и несреќен поради лошото однесување, покажува дека не си извршил некаков неопростлив грев. Библијата вели дека „жалоста на побожен начин придонесува за покајание што води до спасение“ (2. Коринтјаните 7:10, НС). Навистина, забележи ја опомената дадена во Јаков 4:8-10: „Исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! Бидете нажалени и плачете и ридајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага! Понизете се пред Господа, и ќе ве подигне!“

Да, погрешното постапување може да биде многу сериозно. На пример, младата Џули се впуштила во бакнување и телесни допири со еден дечко. „Во почетокот совеста многу ме гризеше“, признава таа, „но како што минуваше времето, се навикнав на тоа. Совеста не ме вознемируваше толку многу.“ Со текот на времето, нечистите постапки достигнале кулминација во полов однос. „Се чувствував бедно“, вели Џули. „До таа мера ми ослабна совеста што тоа се повтори и неколку пати.“

Дали таквата состојба е безнадежна? Не мора да значи. А што е со Манасија, еден од царевите на Јуда? Направил многу тешки гревови, дури и спиритизам и жртвување на деца. Сепак, Бог му простил заради неговото искрено каење (2. Летописи 33:10-13). А што е со цар Давид? Бидејќи се покајал за своите лоши постапки, открил дека Јехова е Бог кој е ‚добар и спремен да прости‘ (Псалм 86:5, НС).

Денес, христијаните ја имаат следнава гаранција: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1:9). Кому треба да му се исповедаме? Првенствено на Јехова Бог. „Отворете го срцето ваше пред Него“ (Псалм 31:5; 61:8). Може да ти биде од корист ако ја читаш Давидовата покајничка исповед во Псалм 50.

Освен тоа, Библијата ги поттикнува христијаните кои западнале во сериозен грев, да разговараат со собраниските старешини (Јаков 5:14, 15). Нивните искрени совети и молитви можат да ти помогнат повторно да го воспоставиш твојот однос со Бог и повторно да добиеш чиста совест. Тие можат да направат разлика помеѓу слабост и злоба. Тие исто така ќе се погрижат да ја добиеш потребната помош за да не ја повториш грешката. Откако и самата Џули го презела тој храбар чекор, препорачува: „Се обидов ‚самата да се укорувам‘, па дури и мислев дека до одредена мера успеав. Но, по една година сфатив дека бев во заблуда. Не можеш да решиш сериозни проблеми без помош од старешините“.

Грижа на совест поради помали гревови

Но, понекогаш, некој млад човек ‚може да направи погрешен чекор пред да биде свесен за тоа‘ (Галатјаните 6:1, НС). Тој или таа дозволува да биде совладан од некој телесен притисок. Во таква ситуација, младиот човек може да страда од длабоко чувство на вина — што може да биде поголемо дури и од самата грешка. Потоа следи непотребна загриженост. Таквите силни чувства на вина можат да бидат резултат на здрава, но претерано осетлива совест (Римјаните 14:1, 2). Запомни, кога ќе згрешиме, „имаме помошник кај Таткото, Исус Христос, праведник“ (1. Јованово 2:1, 2, НС).

Размисли повторно за случајот со младиот Марко, цитиран во нашиот увод. Овој млад христијанин бил уверен дека направил неопростлив грев. Тој си велел: ‚Ги познавам библиските начела толку добро, а сепак не можам да престанам да грешам!‘ А кој бил неговиот грев? Проблемот со мастурбација. ‚Како може Бог да ми прости ако не престанам со навиката?‘, си мислел Марко. Алберто, кој исто така имал периоди на самозадоволување, рекол: „Чувствував вина длабоко во себе затоа што не можев да се ослободам од гревот“.

Мастурбацијата е нечиста навика (2. Коринтјаните 7:1). Меѓутоа, Библијата не ја вбројува во сериозни гревови како што е блудот. Всушност, таа не ја ни спомнува. Според тоа, тешко дека впуштањето во мастурбација може да биде неопростливо. Всушност, опасно би било кога би се гледало на тоа како на нешто неопростливо. Еден млад човек би можел да мисли дека нема смисла да се обидува да го надмине проблемот. Но библиските начела покажуваат дека еден христијанин треба многу да се напрега за да се бори со таа навикаb (Колосјаните 3:5). Јехова знае дека „сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2). Ако се случи повторно враќање на таквата навика, младиот човек не треба да се осудува.

Истото важи и за други погрешни постапувања и престапи. Јехова не бара да се казнуваме со претерано чувство на вина. Напротив, тој се радува кога преземаме чекори да го исправиме проблемот (2. Коринтјаните 7:11; 1. Јованово 3:19, 20).

Извори на помош и утеха

Но веројатно лично ќе ти биде потребна помош за да го направиш тоа. Богобојазливите родители често пати можат многу да сторат за да им помогнат и да им дадат поддршка на своите деца. А христијанското собрание нуди и други средства на поддршка. Марко се сеќава: „Она што навистина ми помогна беше разговорот со еден старешина. Морав да соберам храброст да се отворам пред него и да му ги кажам моите најинтимни мисли. Но почувствував доверба во него и го побарав неговиот совет“. И Алберто побарал совет од еден старешина. „Не можам да го заборавам неговиот охрабрувачки совет“, вели Алберто. „Тој ми кажа дека, кога бил млад, го имал истиот проблем. Кој би помислил. Го слушав со големо ценење заради неговата искреност.“ Со таквата помош и поддршка, Марко и Алберто ги совладале своите проблеми. И двајцата сега служат на одговорни положби во нивните собранија.

Друга помош е горливата молитва. Како Давид, и ти можеш да молиш за „чисто срце“ и „нов, непоколеблив дух“ (Псалм 51:10, НС). Читањето на Божјата Реч е уште еден извор на утеха. На пример, можеби ќе те охрабри сознанието дека апостол Павле исто така водел внатрешни борби. Тој признал: „Кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува“ (Римјаните 7:21). Павле успеал да ги држи под контрола своите грешни склоности. Така можеш и ти. Читањето на псалмите може посебно да те утеши, особено оние псалми кои зборуваат за Божјето простување, како на пример, Псалмите 24, 85 и 102.

Што и да се случи, избегнувај да се изолираш од другите и да дозволиш да те совлада песимизам (Изреки 18:1, НС). Извлечи потполна корист од Јеховината милост. Запомни, тој ‚простува во голема мера‘ на темел на Исусовата откупна жртва (Исаија 55:7, НС; Матеј 20:28). Немој да ги минимизираш своите грешки, но, немој ниту да заклучуваш дека Бог нема да ти прости. Зајакни ја верата и одлучноста да му служиш (Филипјаните 4:13). Со текот на времето ќе стекнеш душевен мир и длабока внатрешна радост од сознанието дека ти било простено. (Спореди Псалм 31:1.)

[Фусноти]

a Некои имиња се изменети.

b Корисни предлози се дадени во 25. и 26. поглавје во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.

[Слика на страница 22]

Разговорот со некој способен христијанин може да ти ја прикаже работата од нова перспектива

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели