Гледиште на Библијата
Чувства на вина — дали секогаш се неисправни?
МНОГУ луѓе денес сметаат дека чувствата на вина се непожелни. Тие се согласуваат со мислењето на германскиот филозоф Фридрих Ниче, кој рекол: „Вината е најстрашната болест што некогаш го снашла човекот“.
Но, некои истражувачи денес доаѓаат до еден поинаков заклучок. „Вината е многу битна за една чувствителна, одговорна личност“, вели д-р Сузан Форвард, меѓународно признат терапевт и автор. „Таа е орудие на совеста.“ Според тоа, дали се неисправни сите чувства на вина? Постојат ли некои околности во кои чувствата на вина можат да бидат и корисни?
Што е вина?
Чувството на вина се јавува кога сфаќаме дека сме повредиле некого што ни е драг или кога на некој друг начин не ги достигнуваме мерилата според кои сметаме дека треба да живееме. Како што наведува еден прирачник, вината е поврзана со „чувство на задолженост поради тоа што лицето е виновно за пропуст, навреда, злосторство или грев“.
Во хебрејските списи, вината е поврзана со пропустот на Израелците да живеат во склад со Божјиот закон — многу пати е спомната во библиските книги Левит и Броеви. Интересно, овој збор речиси не се појавува во Христијанските грчки списи. Но, и во оние неколку прилики кога се појавува, се однесува на сериозни престапи против Бог (Марко 3:29; 1. Коринќаните 11:27).
За жал, може да се чувствуваме виновни без да бидеме навистина виновни. На пример, ако некој е перфекционист и има склоност да си поставува неразумни мерила, секое разочарување може да биде повод за чувство на неоправдана вина (Проповедник 7:16). Или, пак, би можеле да дозволиме оправданата грижа на совеста поради некоја грешка или престап да прерасне во чувства на срам и на крајот да биде причина непотребно да се казнуваме себеси. Според тоа, какво добро можат да постигнат чувствата на вина?
Чувствата на вина можат да бидат и корисни
Чувствувањето вина може да биде корисно барем во три аспекти. Прво, тоа е знак дека сме свесни кои се прифатливи мерила. Покажува дека совеста ни работи (Римјаните 2:15). Всушност, една книга објавена од Американското здружение на психијатри смета дека отсуството на чувства на вина е штетно за општеството. Оние што имаат извалкана или закоравена совест не можат лесно да ја видат разликата помеѓу исправното и погрешното, а тоа може да биде опасно (Тит 1:15, 16).
Второ, совеста што чувствува вина може да ни помогне да избегнеме непожелни постапки. Исто како што физичката болка нѐ опоменува на потенцијален здравствен проблем, емоционалната болка поврзана со вината нѐ опоменува на некој морален или духовен проблем на кој треба да му обрнеме внимание. Штом станеме свесни за слабоста, посклони сме да избегнеме во иднина повторно да се повредиме себеси, нашите сакани или другите (Матеј 7:12).
И на крај, признавањето на вината може да му помогне и на виновникот и на жртвата. На пример, вината на цар Давид била придружена со силно емоционално измачување. „Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден“, напишал тој. Но, кога конечно му го признал на Бог својот грев, Давид радосно отпеал: „Ќе ме опкружиш со радоста на спасението“ (Псалм 32:3, 7). Од признавањето на вината дури и оној што е жртва може да се чувствува подобро затоа што тоа може да го увери дека другото лице го сака толку многу што жали што му нанело толкава болка (2. Самуел 11:2—15).
Урамнотежено гледиште за чувствата на вина
За да стекнете урамнотежено гледиште за вината, забележете ја острата разлика во начинот на кој Исус и фарисеите гледале на грешниците и на гревот. Во Лука 7:36—50 читаме за една неморална жена што влегла во домот на еден фарисеј, каде што Исус бил на оброк. Таа му пристапила на Исус, му ги измила нозете со своите солзи и му ги намирисала со скапо масло.
Побожниот фарисеј гледал со презир на оваа жена како да е под неговото достоинство и недостојна за да ѝ обрне внимание. Тој си рекол: „Да беше овој човек [Исус] пророк, би знаел која е и каква е оваа жена која го допира, дека таа е грешница“ (Лука 7:39). Исус брзо го исправил неговото размислување. „Ти не ми ја намачка главата со масло“, рекол Исус. „А оваа жена ми ги намачка нозете со мирисливо масло. Поради тоа, ти велам, простени ѝ се гревовите, иако се многу, бидејќи многу љубеше.“ Нема сомнение дека овие љубезни зборови ја охрабриле жената и ѝ олеснале на душата (Лука 7:46, 47).
Исус воопшто не го одобрувал неморалот. Наместо тоа, тој го поучил гордиот фарисеј за супериорноста на љубовта како мотив за да му се служи на Бог (Матеј 22:36—40). Се разбира, било во ред жената да чувствува вина поради нејзиното неморално минато. Очигледно, таа се каела бидејќи плачела, не се обидувала да го оправда своето поранешно однесување и презела позитивни чекори јавно да му оддаде чест на Исус. Кога го видел ова, Исус ѝ рекол: „Твојата вера те спаси; оди си во мир“ (Лука 7:50).
Од друга страна, пак, фарисејот и понатаму гледал на неа со презир како на грешница. Можеби се надевал дека ќе ја научи на страв од Бог и ќе ја посрами. Но, постојаните обиди да се всадат чувства на вина кај другите ако не го прават секогаш она што ние мислиме дека треба да го прават, не е знак на љубов и, долгорочно гледано, има спротивен ефект (2. Коринќаните 9:7). Најдобри резултати се постигнуваат кога се имитира Исус — со давање добар пример, со искрена пофалба на другите и со покажување доверба во нив иако понекогаш можеби ќе биде потребен прекор и совет (Матеј 11:28—30; Римјаните 12:10; Ефешаните 4:29).
Значи, чувствата на вина можат да бидат и корисни, па дури и потребни, кога сме направиле нешто лошо. Во Пословици 14:9 пишува: „На лудите гревот им е шега“. Грижата на совеста може и треба да нѐ поттикне да ја признаеме грешката и да направиме и други позитивни постапки. Меѓутоа, основната причина за да му служиме на Јехова секогаш треба да биде љубовта, а не вината (Јов 1:9—11; 2:4, 5). Библијата нѐ уверува дека, кога добрите луѓе се охрабрени и освежени имајќи го ова во мислите, ќе прават сѐ што можат. Што е уште поважно, ќе бидат среќни додека го прават тоа.