Амонитите — народ кој на љубезноста возвратил со непријателство
ВО СОВРЕМЕНИОТ град Аман, главниот град на Хашемитското кралство Јордан, сѐ уште постои сеќавање на еден народ кој исчезнал од лицето на Земјата. Тие биле наречени Амонити. Кои биле тие и какви поуки можеме да извлечеме од нивниот пад?
Амонитите биле потомци на праведниот човек Лот (1. Мојсеева 19:35-38). Со оглед на тоа што Лот бил внук на Авраам, би можело да се рече дека Амонитите биле братучеди на Израелците. Меѓутоа, Лотовото потомство се свртело кон обожавање на лажни богови. Сепак, Јехова Бог сѐ уште имал интерес за нив. Кога нацијата Израел се приближила до Ветената земја, Бог ги предупредил: „Не судрувај се со нив [Амонитите], ниту почнувај со нив војна, зашто Јас нема да ти дадам ништо во наследство од земјата на Амоновите синови, бидејќи им ја дадов на Лотовите синови со ждреб“ (5. Мојсеева 2:19).
Дали Амонитите ја ценеле таквата љубезност? Напротив, тие одбиле да признаат дека Јехова им дал нешто. На Божјиот љубезен интерес за нив, тие возвратиле со непопустливо непријателство спрема Божјиот народ, Израелците. Иако Израелците ја почитувале Божјата заповед и не постапувале агресивно спрема нив, Амонитите и нивните моавски браќа се чувствувале загрозени. Додуша, Амонитите не извршиле воен напад, но изнајмиле еден пророк по име Валаам и побарале тој да го проколне Израел! (4. Мојсеева 22:1-6; 5. Мојсеева 23:3-6).
Тогаш се случило нешто чудно. Библијата известува дека Валаам не бил во состојба да ја изговори својата клетва. Единствено што можел било да изрече благослов врз нив, велејќи: „Благословен да биде, оној што те благословува и проклет — оној што те проколнува!“ (4. Мојсеева 24:9). Оние на кои се однесувало тоа, вклучувајќи ги и Амонитите, требало да извлечат силна поука од тоа: Кога се работело за Божјиот народ, Бог бил секогаш спремен да интервенира во нивна корист!
Сепак, Амонитите продолжиле да бараат начини да му се спротивстават на Израел. Во текот на ерата на судиите, Амон се здружил со Моав и Амалик и ја нападнале Ветената земја, напредувајќи сѐ до Јерихон. Меѓутоа, победата била краткотрајна бидејќи израелскиот судија Аод ги одбил напаѓачите (Судии 3:12-15, 27-30). Привидното примирје траело сѐ до деновите на судијата Ефтај. Дотогаш, израелската нација веќе била западната во идолопоклонство, поради што Јехова ја повлекол својата заштита. Во текот на околу 18 години, Бог ги имал ‚предадено во рацете на Амонитите‘ (Судии 10:6-9). Амонитите повторно претрпеле горчлив пораз кога Израелците под водство на Ефтај го отфрлиле идолопоклонството и се поправиле (Судии 10:16-11:33).
Ерата на владеење на судиите во Израел завршила со крунисувањето на неговиот прв цар, Саул. Кратко по започнувањето на Сауловото владеење, повторно избувнало непријателството на Амонитите. Царот Наас извршил ненадеен напад врз израелскиот град Јавис Галадски. Кога луѓето од тој град барале мир, Амонитеецот Наас го поставил следново сурово барање: „Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око“. Историчарот Јосиф Флавиј тврди дека тоа било побарано делумно како одбранбена мерка, бидејќи „кога левото око би им било покриено со штитот, тие би можеле да бидат потполно бескорисни во војна“. Сепак, вистинската цел на овој суров ултиматум била овие Израелци да служат како еден понижувачки пример (1. Царства 11:1, 2).
Амонитите повторно возвратиле со непријателство на Јеховината љубезност. Јехова не ја игнорирал оваа злобна закана. „Слезе Духот Божји врз Саула, откако ги чу тие зборови [на Наас], и силно се разгневи.“ Под водство на Божјиот дух, Саул избрал војска од 330.000 борци и толку силно ги поразил Амонитите што ‚од нив не останале ни двајца заедно‘ (1. Царства 11:6, 11).
Себичната преокупираност на Амонитите со нивните сопствени интереси, нивната суровост и алчност на крајот довеле до нивна потполна пропаст. Како што претскажал Јеховиниот пророк Софонија, тие станале ‚како Гомор . . . пустиња за навек; . . . оти се подигрувале и се ширеле над народот на Господа Саваот‘ (Софонија 2:9, 10).
Денешните светски лидери би требало да го земат во обѕир она што му се случило на Амон. На сличен начин, Бог покажал извесна мерка на љубезност спрема нациите со тоа што им допуштил да живеат на неговото подножје, Земјата. Но, место да се грижат за Земјата, себичните нации ја упропастуваат, па дури ѝ се закануваат на планетата со нуклеарно уништување. Наместо да покажуваат љубезност спрема Јеховините обожаватели на Земјата, нациите честопати покажуваат непријателство, подложувајќи ги на сурово прогонство. Затоа, поуката од Амонитите е тоа дека, кога на Јеховината љубезност се возвраќа со непријателство, Тој не го смета тоа за неважно, туку во свое одредено време ќе преземе акција, исто како што сторил и во старо време. (Спореди Псалм 2:6-12.)
[Слика на страница 9]
Римски урнатини во Аман, местото на Рава, главниот град на Амонитите
[Credit Line]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 10]
Амонитите живееле во ова подрачје
[Credit Line]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Извор на слика на страница 8]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.