‚Исправно да се управува со речта на вистината‘
БОЖЈАТА реч претставува ризница на начела кои се животоважни за еден успешен живот. Таа може да му помогне на еден слуга да поучи, да покара и да исправи (2. Тимотеј 3:16, 17). Меѓутоа, за да извлечеме потполна корист од овој водич даден на божествен начин мораме да го следиме советот од апостол Павле до Тимотеј: „Дај сѐ од себе за да се претставиш како признат пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно управува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15, НС).
Божјата Реч, меѓу другото, е споредена со хранливо млеко, со цврста храна, со освежувачка и прочистувачка вода, со огледало и со остар меч. Ако еден слуга разбере што подразбираат овие изрази, тоа ќе му помогне вешто да ја користи Библијата.
Делење на млекото од Божјата Реч
Млекото е храна што им е потребна на новороденчињата. Додека бебето расте, во неговата исхрана постепено се воведува цврста храна, но на почетокот, тоа може да вари само млеко. Оние кои знаат малку за Божјата Реч, во многу погледи се како бебиња. Без разлика дали некое лице е новозаинтересирано за Божјата Реч или, пак, веќе некое време е запознаено со неа, ако има основно разбирање на она што го кажува Библијата, тогаш тоа е духовно бебе и му треба лесно сварлива храна — духовно „млеко“. Тоа сѐ уште не е способно да ја вари ‚тврдата храна‘, длабоките работи од Божјата Реч (Евреите 5:12).
Ваква била ситуацијата во новоформираното собрание во Коринт, кога Павле им напишал: „Со млеко ве напоив, а не со јадење, оти уште не можевте да го примите“ (1. Коринтјаните 3:2). Коринтјаните требало првин да ги научат „основните работи на светите Божји изјави“ (Евреите 5:12, НС). На нивниот степен на развој, тие не би можеле да ги сварат „длабините [длабоките работи, НС] Божји“ (1. Коринтјаните 2:10).
Како Павле, и денешните христијански слуги ја покажуваат својата грижа за духовните бебиња така што им даваат „млеко“, то ест им помагаат да станат цврсто втемелени во основната христијанска доктрина. Тие ги охрабруваат таквите нови или незрели лица ‚да развиваат копнеж по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта‘ (1. Петрово 2:2, НС). Апостол Павле покажал дека го распознал особеното внимание што им е потребно на новите, кога напишал: „Секој, што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец“ (Евреите 5:13). Од Божјите слуги се бара стрпливост, обѕир, разбирање и нежност додека го делат чистото млеко на Речта со новите и со неискусните преку домашни библиски студии и во собранието.
Управување со цврстата храна од Божјата Реч
За да порасне до спасение, на еден христијанин му е потребно повеќе од „млеко“. Штом еднаш јасно ги разбрал и ги прифатил примарните вистини од Библијата, тој е спремен да напредува кон „тврдата храна која им припаѓа на зрелите луѓе“ (Евреите 5:14, НС). Како може да го прави тоа? Во основа, преку редовна рутина на лична студија и преку дружење на христијанските состаноци. Таквите добри навики ќе помогнат христијанинот да стане духовно јак, зрел и делотворен во службата (2. Петрово 1:8). Не смееме да заборавиме дека освен спознанието, духовна храна претставува и вршењето на Јеховината волја (Јован 4:34).
Денес, ‚верниот и разумен роб‘ (НС) е поставен да им обезбедува на Божјите слуги храна во право време и да им помага да ја разберат „многуразличната премудрост Божја“. Со посредство на својот дух, Јехова открива длабоки библиски вистини преку овој лојален роб, кој верно издава духовна ‚храна навреме‘ (Матеј 24:45-47; Ефесјаните 3:10, 11; спореди Откровение 1:1, 2). Секој христијанин лично е одговорен да ги користи ваквите издадени залихи во полна мерка (Откровение 1:3).
Секако, некои работи од Библијата се „тешки за разбирање“, па дури и за зрелите христијани (2. Петрово 3:16). Постојат загадочни изрази, пророштва и илустрации кои бараат многу проучување и медитирање. Затоа, личната студија подразбира копање во Божјата Реч (Изреки 1:5, 6; 2:1-5). Особено старешините ја имаат таа одговорност кога го поучуваат собранието. Било да водат Собраниска студија на книга или Студија на Стражарска кула или, пак, држат јавни предавања или кога служат како учители во некое друго својство, старешините треба да бидат темелно запознати со нивниот материјал и да бидат спремни да обрнат внимание на својата „уметност на поучување“ додека му пренесуваат цврста духовна храна на собранието (2. Тимотеј 4:2).
Вода која освежува и прочистува
Исус ѝ рекол на Самарјанката на бунарот дека тој ќе ѝ даде нешто за пиење кое во неа ќе стане „извор на вода, што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4:13, 14; 17:3). Оваа животодајна вода ги опфаќа сите Божји подготовки за постигнување на живот преку Божјето Јагне, а овие подготовки се објаснети во Библијата. Како поединци кои жеднеат по таа ‚вода‘, ние ја прифаќаме поканата дадена преку духот и Христовата невеста да ‚земеме од водата на животот дарум‘ (Откровение 22:17). Пиењето на оваа вода може да значи вечен живот.
Понатаму, Библијата поставува морални и духовни мерила за вистинските христијани. Додека ги применуваме овие божествено поставени мерила, исчистени сме преку Јеховината Реч, односно ‚измиени‘ од сите обичаи кои Јехова ги мрази (1. Коринтјаните 6:9-11). Од оваа причина, вистината што е содржана во инспирираната Реч, наречена е „водна бања“ (Ефесјаните 5:26). Ако не ѝ дозволиме на Божјата вистина да нѐ исчисти на ваков начин, нашето обожавање нема да му биде прифатливо на Бог.
Интересно е што старешините кои „исправно управуваат со речта на вистината“, исто така се споредени со вода. Исаија вели дека тие се „како водни извори во степи“ (Исаија 32:1, 2). Љубезните старешини одговараат на овој опис додека ги посетуваат своите браќа како духовни пастири, кога ја користат Божјата освежителна Реч за да дадат изградувачка, утешителна духовна информација која зајакнува и зацврстува. (Спореди Матеј 11:28, 29.)a
Членовите на собранието желно ги очекуваат посетите од старешините. „Знам колку ублажувачки може да делуваат старешините и затоа сум среќна што Јехова ја направил оваа подготовка“, вели Бони. Линда, самохрана мајка, пишува: „Преку библиско охрабрување, старешините ми помогнаа успешно да се борам. Тие слушаа и покажаа сочувствителност“. Мајкл вели: „Тие ми помогнаа да се почувствувам како дел од една организација која се грижи“. „Посетите од старешините ми помогнаа да ги надминам периодите на тешка депресија“, вели една друга сестра. Една духовно изградувачка посета на еден старешина е исто како ладен и освежителен пијалак. Лицата слични на овци се утешени кога љубезните старешини им помагаат да видат на кој начин библиските начела се применуваат во нивната ситуација (Римјаните 1:11, 12; Јаков 5:14).
Користи ја Божјата Реч како огледало
Кога еден поединец зема цврста храна, неговата цел не е само да ужива во вкусот. Наместо тоа, тој очекува да земе храна која ќе му овозможи да работи. Ако е дете, очекува храната да му помогне да порасне за да стане возрасен човек. Слично е и со духовната храна. Личната библиска студија може да биде пријатна, но тоа не е единствената причина за проучување. Духовната храна треба да нѐ промени. Таа ни помага да ги препознаеме и да ги донесеме плодовите на духот и да го облечеме ‚новиот човек, кој се обновува во познанието [преку точното спознание, НС], според образот на својот Создател‘ (Колосјаните 3:10; Галатјаните 5:22-24). Духовната храна исто така ни помага да растеме кон зрелост и нѐ оспособува да ги примениме библиските начела кога се справуваме со нашите проблеми и кога им помагаме на другите да се справат со своите.
Како можеме да знаеме дали Библијата има такво дејство врз нас? Ние ја користиме Библијата како огледало. Јаков рекол: „Бидете извршители на словото, а не само слушатели . . . кој го слуша словото а не го извршува, тој прилега на човек, кој го гледа сопственото си лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување“ (Јаков 1:22-25).
Ние ‚се задлабочуваме‘ во Божјата Реч кога внимателно ја испитуваме и кога се споредуваме самите какви сме, со тоа какви треба да бидеме според Божјите мерила. Ако го правиме ова, ќе станеме „извршители на словото, а не само слушатели“. Библијата ќе има добар учинок врз нас.
Божјата Реч како меч
Најпосле, апостол Павле ни помага да видиме како можеме да ја употребиме Божјата Реч како меч. Кога нѐ предупредува на ‚началствата, властите, светските управители на темнината од овој век, на поднебесните духови на злобата‘, тој нѐ тера да ‚го земеме духовниот меч, кој е словото Божјо‘ (Ефесјаните 6:12, 17). Божјата Реч е едно нужно оружје што можеме да го употребиме за да отсечеме секакви идеи кои ‚се креваат против познавањето на [спознанието за, НС] Бога‘ (2. Коринтјаните 10:3-5).
Неоспорно, „словото Божјо е живо и дејствува“ (Евреите 4:12). Јехова му зборува на човештвото преку страниците на својата инспирирана Реч. Користи ја добро кога ги поучуваш другите и кога ги разобличуваш лажните науки. Искористи ја за да охрабруваш, да изградуваш, да освежуваш, да утешуваш, да поттикнуваш и духовно да ги зајакнуваш другите. И нека Јехова ‚те усоврши во [те опреми за, НС] секое добро дело, за да ја исполниш Неговата волја‘, така што секогаш ќе го правиш она „што Му е Нему благоугодно“ (Евреите 13:21).
[Фуснота]
a Види ја статијата со наслов „Тие сочувствително ги пасат овчичките“, во Стражарска кула од 15 септември 1993 година, страници 20-23.
[Слика на страница 31]
Старешините ги охрабруваат другите, ‚исправно управувајќи со речта на вистината‘