Обединети во Божјата служба во добри и лоши времиња
Раскажале Мишел и Бабет Милер
„ИМАМ лоши вести за вас“, рече лекарот. „Можете да го заборавите вашиот мисионерски живот во Африка.“ Погледнувајќи во мојата сопруга, Бабет, тој рече: „Имате рак на дојката“.
Останавме без зборови. Низ умот ни прелетаа многу работи. Мислевме дека таа посета кај лекарот ќе биде последен преглед. Нашите повратни билети за Бенин (Западна Африка) веќе беа купени. Се надевавме дека уште истата седмица ќе се вратиме таму. Во текот на нашите 23 години брак имавме доживеано добри и лоши времиња. Збунети и исплашени, се подготвивме за битка против ракот.
Да почнеме од почеток. Мишел е роден во септември 1947, а Бабет во август 1945 година. Пораснавме во Франција и се венчавме во 1967 година. Живеевме во Париз. Едно утро, во почетокот на 1968 година, Бабет задоцни на работа. На вратата дојде една госпоѓа и ѝ понуди една религиозна брошура; таа ја зеде. Потоа госпоѓата рече: „Дали можам да навратам со мојот сопруг за да поразговараме со Вас и Вашиот сопруг?“
Бабет мислеше на својата работа. Сакаше жената да си замине, па рече: „Добро, добро“.
Мишел раскажува: „Не бев заинтересиран за религијата, но брошурата ми го привлече вниманието и ја прочитав. По неколку дена, госпоѓа Жослин Лемоан наврати со својот сопруг Клод. Тој многу вешто ракуваше со Библијата. Имаше одговори на сите мои прашања. Бев импресиониран“.
Бабет беше добра католичка, но немаше Библија, што не беше необично за католиците. Таа беше многу восхитена што можеше да ја види и да ја чита Речта Божја. Од нашата студија научивме дека многу од религиозните идеи, за кои бевме поучувани, се лажни. Почнавме да разговараме со нашите роднини и пријатели за работите кои ги учевме. Во јануари 1969 година станавме крстени Сведоци на Јехова. Кратко после тоа се крстија деветмина наши роднини и пријатели.
Служење таму каде што беа потребни проповедници
Наскоро по нашето крштавање, размислувавме: ‚Немаме деца. Зошто да не стапиме во полновремена служба?‘ И така, во 1970 година ги напуштивме работните места, се пријавивме како општи пионери и се преселивме во гратчето Мањи-Лорм, близу Невер, во централна Франција.
Тоа беше тешка доделба. Беше тешко да се пронајдат луѓе кои сакаат да ја проучуваат Библијата. Не можевме да најдеме световно вработување и затоа имавме малку пари. Понекогаш имавме само компири за јадење. Во текот на зимата температурите се спуштаа доста под нулата. Времето што го поминавме таму го нарековме време на седумте слаби крави (1. Мојсеева 41:3).
Но, Јехова нѐ одржа. Еден ден, кога останавме скоро без храна, поштарот ни донесе една голема кутија со сирење од сестра ѝ на Бабет. Друг ден кога си дојдовме дома после проповедање, најдовме некои пријатели кои возеле 500 километри за да нѐ видат. Откако чуле колку е тешка ситуацијата, овие браќа ги натовариле своите два автомобила со храна за нас.
По година и пол, Друштвото нѐ наименува за специјални пионери. Следните четири години служевме во Невер, па во Троје и најпосле во Монтињи-ле-Мец. Во 1976 година, Мишел беше наименуван да служи како покраински надгледник во југозападна Франција.
Две години подоцна, за време на една школа за покраински надгледници, добивме писмо од Друштвото Стражарска кула во кое бевме поканети да одиме во странство како мисионери; во писмото стоеше дека можеме да бираме помеѓу Чад и Буркина Фасо (тогашна Горна Волта). Го избравме Чад. Наскоро добивме и друго писмо, во кое бевме доделени да работиме под подружницата на Тахити. Ја баравме Африка, еден огромен континент, а наскоро се најдовме на еден мал остров!
Служење во Јужниот Пацифик
Тахити е прекрасен тропски остров во Јужниот Пацифик. Кога пристигнавме, на аеродромот нѐ пречекаа околу стотина браќа. Ни изразија добредојде со цветни венци и, иако бевме уморни по долгото патување од Франција, бевме многу среќни.
По четири месеци откако пристигнавме на Тахити, се качивме на една мала едрилица, натоварена со суви кокосови ореви. По пет дена, пристигнавме на нашата нова доделба — островот Нуку Хива во Маркиските Острови. На островот живееја околу 1.500 луѓе, но немаше браќа. Бевме само ние.
Во тоа време условите беа примитивни. Живеевме во една куќичка од бетон и бамбус. Струја немаше. Имавме една славина за вода која повремено работеше, но водата беше матна. Поголемиот дел од времето користевме дождовница која се собираше во една цистерна. Немаше асфалтирани патишта, туку само прашливи патеки.
За да стигнеме до оддалечените делови од островот, моравме да изнајмуваме коњи. Седлата беа од дрво — многу неудобни, особено за Бабет, која никогаш порано немаше јавано на коњ. Носевме една мачета за сечење на бамбусите што беа паднале преку патеката. Беше тоа голема промена за разлика од животот во Франција.
Состаноците ги одржувавме во недела, иако бевме присутни само ние двајцата. Во почетокот ги немавме другите состаноци, затоа што бевме само двајца. Наместо тоа, заедно го читавме материјалот за состанок.
По неколку месеци, заклучивме дека не е добро да продолжиме вака. Мишел раскажува: „Ѝ реков на Бабет: ‚Мораме да се облекуваме пристојно. Ти седни таму, а јас ќе седнам овде. Јас ќе почнам со молитва, а потоа ќе имаме Теократска школа за проповедање и Состанок за служба. Јас ќе ги поставувам прашањата а одговарај ти, бидејќи си единственото лице во собава‘. Беше добро што го правевме тоа, бидејќи е лесно да се стане духовно млитав кога нема собрание“.
Беше потребно време за да се доведат луѓето на нашите христијански состаноци. Во првите осум месеци, ние двајцата бевме единствените. Подоцна ни се придружуваа по еден, двајца или понекогаш и по тројца други. Една година, само ние двајцата бевме кога ја започнавме годишната прослава на Господовата вечера. По десет минути дојдоа некои луѓе, па затоа прекинав и го почнав говорот одново.
Денес, на Маркиските Острови има 42 објавители и 3 собранија. Иако најголемиот дел од делото го извршија нашите наследници, некои луѓе со кои контактиравме тогаш, сега се крстени.
Нашите браќа се скапоцени
На островот Нуку Хива се научивме на стрпливост. Моравме да чекаме на сѐ, освен на најосновните потреби. На пример, ако сакаш некоја книга, мораш да пишеш за неа, а потоа да чекаш два или три месеци додека стигне.
Една друга лекција што ја научивме беше тоа дека нашите браќа се скапоцени. Кога го посетивме Тахити, присуствувавме на еден состанок и кога ги чувме браќата како пеат, бевме трогнати до солзи. Може да е точно тоа дека со некои браќа тешко можеш да се сложиш, но кога си сам, сфаќаш колку е добро да бидеш со братството. Во 1980-тите години, Друштвото одлучи да се вратиме на Тахити и да служиме во покраинското дело. Таму бевме многу охрабрени од срдечната гостољубивост на браќата и од нивната љубов кон делото на проповедање. Во покраинското дело на Тахити поминавме три години.
Од остров до остров
Потоа бевме испратени во еден мисионерски дом на еден друг пацифички остров — Рајатеа, и таму останавме околу две години. После Рајатеа, бевме доделени во покраинското дело на островската група Туамоту. Со чамец посетивме 25 од 80-те острови. За Бабет тоа беше тешко. Секојпат кога патувавме со чамец, таа добиваше морска болест.
Бабет вели: „Беше страшно! За сето време што го поминувавме во чамецот, јас бев болна. Ако бевме на море пет дена, јас бев болна пет дена. Никакви лекарства не делуваа на мене. Сепак, и покрај мојата болест, мислам дека океанот беше прекрасен. Тоа беше прекрасна глетка. Делфините се тркаа со чамецот. Честопати скокаа од водата, доколку плеснеш со рацете!“
По пет години во покраинското дело, одново бевме доделени на Тахити на две години, и повторно имавме убав период во делото на проповедање. Нашето собрание за година и пол се удвои од 35 на 70 објавители. Дванаесет од оние со кои ја проучувавме Библијата, се крстија пред самото наше заминување. Некои од нив сега се старешини во собранието.
Сѐ на сѐ, во Јужниот Пацифик поминавме 12 години. По тоа добивме писмо од Друштвото во кое пишуваше дека повеќе не им требаат мисионери на островот, бидејќи собранијата сега се јаки. Кога пристигнавме на Тахити, имаше 450 објавители, а кога заминавме — преку 1.000.
Најпосле Африка!
Се вративме во Франција, и по месец и пол, Друштвото ни даде нова доделба — Бенин (Западна Африка). Сакавме да одиме во Африка уште пред 13 години и затоа сега бевме пресреќни.
Во Бенин пристигнавме на 3 ноември 1990 година и бевме меѓу првите мисионери кои пристигнаа откако беше укината 14-годишната забрана на активноста за проповедање на Царството. Беше многу возбудливо. Немавме проблем околу навикнувањето, бидејќи животот е сличен со оној на пацифичките острови. Луѓето се многу пријателски настроени и гостољубиви. На улица можеш секого да сопреш и да разговараш.
Само неколку седмици по нашето пристигнување во Бенин, Бабет забележа грутка во едната града. Затоа отидовме во една мала клиника близу новоотворената канцеларија на подружницата. Лекарот ја прегледа и рече дека многу скоро ќе треба да се оперира. Следниот ден отидовме во една друга клиника каде што се видовме со една лекарка од Европа, гинеколог од Франција. И таа исто така ни рече дека мораме веднаш да одиме за Франција за да може Бабет да се оперира. По два дена веќе бевме во авионот за Франција.
Ни беше жал што заминуваме од Бенин. Поради обновената религиозна слобода во земјата, браќата беа одушевени што имаат нови мисионери, а нам ни беше драго што бевме таму. Затоа, бевме вознемирени што моравме да заминеме само по неколку седмици откако пристигнавме во земјата.
Кога стигнавме во Франција, хирургот ја прегледа Бабет и потврди дека треба да се оперира. Лекарите дејствуваа брзо, направија мала операција и следниот ден Бабет беше пуштена од болницата. Мислевме дека работата беше завршена.
По осум дена, се сретнавме со хирургот. Тоа беше токму тој момент кога ни ја соопшти веста дека Бабет има рак на дојката.
Размислувајќи како се чувствувала во тоа време, Бабет вели: „Отпрвин, јас бев помалку вознемирена отколку Мишел. Но, дента после лошата вест, не чувствував ништо. Не можев да плачам. Не можев да се насмеам. Мислев дека ќе умрам. За мене ракот беше еднаков на смрт. Мојот став беше: Мораме да го сториме тоа што го мораме“.
Битката против ракот
Лошата вест ја чувме во петок, а Бабет беше предвидена за втора операција во вторник. Престојувавме кај сестра ѝ на Бабет, но и таа беше болна, па не можевме да останеме и понатаму во нејзиниот мал стан.
Се прашувавме каде би можеле да одиме. Тогаш се сетивме на Ив и Брижит Мерда, една двојка кај која бевме престојувале порано. Оваа двојка беше многу гостољубива спрема нас. Затоа, му телефониравме на Ив и му кажавме дека Бабет треба да се оперира и оти не знаеме каде да отседнеме. Исто така, му рековме дека на Мишел му е потребна работа.
Ив му даде на Мишел да работи околу неговата куќа. Браќата нѐ поддржуваа и нѐ храбреа со бројни љубезни дела. Исто така, ни помагаа и финансиски. Медицинските сметки на Бабет ги плати Друштвото.
Операцијата беше тешка. Лекарите мораа да ги отстранат лимфните јазли и градата. Веднаш почнаа со хемотерапија. По една седмица, Бабет можеше да ја напушти болницата, но мораше да навраќа секои три седмици за продолжителна терапија.
Додека Бабет примаше терапија, браќата од собранието ни беа од голема помош. Една сестра која исто така имала рак на дојката, многу нѐ охрабри. Таа ѝ кажа на Бабет што да очекува и многу ја утеши.
И покрај сѐ, бевме загрижени за нашата иднина. Увидувајќи го тоа, Мишел и Жанет Селерие нѐ одведоа во еден ресторан на јадење.
Им кажавме дека моравме да прекинеме со мисионерската служба и дека никогаш повеќе не би можеле да се вратиме во Африка. Меѓутоа, брат Селерие рече: „Што? Кој вели дека морате да прекинете? Водечкото тело? Браќата од Франција? Кој го рече тоа?“
„Никој не го рече тоа“, одговорив. „Јас го велам.“
„Не, не!“, рече брат Селерие. „Вие ќе се вратите!“
По хемотерапијата следеше зрачење, кое заврши до крајот на август 1991 година. Лекарите рекоа дека не гледаат никаков проблем да се вратиме во Африка, под услов Бабет да оди во Франција на редовни прегледи.
Назад во Бенин
И така, пишавме до главното седиште во Бруклин, барајќи дозвола да се вратиме во мисионерската служба. Бевме нестрпливи да го чуеме нивниот одговор. Деновите бавно минуваа. Најпосле, Мишел повеќе не можеше да чека, па телефонираше во Бруклин и праша дали го добиле нашето писмо. Тие рекоа дека го разгледале — дека можеме да се вратиме во Бенин! Колку само му бевме благодарни на Јехова!
Семејството Мерда организираше еден прекрасен собир за да се прослави веста. Во ноември 1991 година се вративме во Бенин, а браќата ни изразија добредојде со една гозба!
Бабет сега изгледа добро. Одвреме навреме се враќаме во Франција заради комплетни медицински прегледи, а лекарите не наоѓаат никаква трага од рак. Се радуваме што сме повторно на нашата мисионерска доделба. Се чувствуваме потребни во Бенин, а Јехова го благослови нашето дело. Откако се вративме, им помогнавме на 14 лица да дојдат до крштавање. Петмина од нив сега се општи пионери, а едно е наименувано за слуга помошник. Видовме исто така како нашето мало собрание порасна, а потоа се подели на две собранија.
Низ годините, му служевме на Јехова како сопруг и сопруга и уживавме многу благослови, а запознавме голем број прекрасни луѓе. Исто така, бевме обучени и зајакнати од Јехова успешно да ги поднесуваме тешкотиите. Како Јов, не разбиравме баш секогаш зошто се случуваат некои работи, но знаевме дека Јехова секогаш беше тука за да ни помогне. Токму како што вели Божјата Реч: „Ете, раката на Господа не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша“ (Исаија 59:1).
[Слика на страница 23]
Мишел и Бабет Милер, облечени во традиционална носија од Бенин
[Слики на страница 25]
Мисионерско дело меѓу Полинезијци на тропскиот Тахити