Велигден или спомен — што треба да славиш?
ДОДЕКА зората на 7 април го шири своето руменило над хоризонтот, милиони луѓе ќе му изразат добредојде на својот најсвет ден во годината — Велигден. Некогаш ова име се однесувало на еден 120-дневен период од гозби и пости, кој започнувал со еден празник наречен Седумдесетница, а завршувал на денот наречен Троица. Денес името се применува само на еден ден на кој се слави споменот на Исусовото воскресение — Света Недела.
Меѓутоа, во една од претходните вечери истата седмица, други милиони ќе се состанат за да го прослават Споменот на Христовата смрт, познат и како Господова вечера. Тоа е обичај којшто самиот Исус го воспоставил во својата последна ноќ на Земјата. Тогаш им рекол на своите ученици: „Правете го ова за Мој спомен!“ (Лука 22:19).
Што треба да славиш?
Потеклото на Велигден
Името Истер [Велигден] кое се користи во многу земји, не се наоѓа во Библијата. Книгата Medieval Holidays and Festivals (Средновековни празници и свечености), ни кажува дека „празникот го добил името според Еостра, паганската Божица на зората и на пролетта“. А која била оваа божица? „Еостра била таа која, според легендата, му ги отворила портите на Валхала за да го прими Балдур, наречен Белиот Бог, поради неговата чистота, како и Сонце-бог, затоа што неговото чело му давало светлина на човештвото“, одговара The American Book of Days (Американска книга на денови). Таа додава: „Нема сомнение дека Црквата во своите почетни денови ги присвоила старите пагански обичаи и им дала христијанско значење. Со оглед на тоа дека празникот на Еостра се славел поради обновувањето на животот на пролет, било лесно тој да се претвори во прослава на воскресението од смртта на Исус, чиешто евангелие тие го проповедале“.
Ова присвојување на паганските обичаи објаснува откаде во некои земји потекнуваат велигденските обичаи, како што се велигденски јајца, велигденски зајак и топли колачиња со крст. Во врска со обичајот да се прават топли колачиња со крст, „со нивните сјајни испечени врвови означени со . . . крст“, книгата Easter and Its Customs (Велигден и неговите обичаи) наведува: „Крстот бил пагански симбол долго пред да добие вечно значење поради настаните на првиот Велики Петок, а во претхристијански времиња со него понекогаш биле означувани лебот и колачињата“.
Во Светото писмо никаде не наоѓаме споменување на овие работи ниту, пак, постои некаков доказ дека првите ученици на Исус имале доверба во нив. Всушност, апостол Петар ни вели да ‚развиваме копнеж по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта, за преку него да можеме да пораснеме до спасение‘ (1. Петрово 2:2, НС). Тогаш, зошто црквите на христијанскиот свет присвоиле такви очигледно пагански симболи во своите верувања и постапки?
Книгата Curiosities of Popular Customs (Куриозитети на популарните обичаи) одговара: „Раната Црква имала непроменлива политика на таквите постоечки пагански церемонии да им дава христијанско значење што не можело да се искорени. Во случајот со Велигден, преобраќањето било необично лесно. Радоста при изгревањето на природното сонце и будењето на природата од зимската смрт станале радост при изгревањето на Сонцето на праведноста, при воскресението на Христос од гробот. Некои пагански слави кои се паѓале околу 1 мај, исто така биле поместени за да се совпаднат со славењето на Велигден“. Наместо да ги избегнуваат популарните пагански обичаи и магични ритуали, верските водачи ги одобрувале и им придавале „христијанско значење“.
‚Но, дали има нешто лошо во тоа?‘, можеби се прашуваш. Некои мислат дека нема. „Кога една религија како што е христијанството, ќе дојде до народ од друга култура, тој присвојува и ‚крштава‘ некои од народните обичаи кои потекнуваат од постарите религии“, рекол Алан В. Вотс, епископален капелан, во својата книга Easter—Its Story and Meaning (Велигден — Неговата приказна и значење). „Христијанството избира и вткајува во својата литургија народни слави кои се чини дека ги означуваат истите вечни начела што ги учи и Црквата.“ За многумина, фактот што нивната црква ги одобрила овие слави и ги третирала како свети, е доволна причина да ги прифатат. Но, се превидуваат некои важни прашања. Што мисли Бог за ваквите обичаи? Дали тој ни дал некакви упатства што треба да се следат при тоа?
Да се има Божјето гледиште
„Велигден, Празникот на Воскресението на Нашиот Господ, е најголемата од сите свечености на христијанската Црква“, рекла Кристина Хол во својата книга Easter and Its Customs (Велигден и неговите обичаи). И други автори се сложуваат со тоа. „Ниеден свет ден или свеченост во христијанската година не може да се спореди по важност со Света Недела“, забележува Роберт Џ. Маерс во книгата Celebrations (Прослави). Меѓутоа, ова покренува некои прашања. Ако славењето на Велигден е толку важно, зошто тогаш тоа не е посебно заповедано во Библијата? Дали постои некаков запис дека Исусовите први ученици ја славеле Света Недела?
Не се работи за тоа дека Библијата пропуштила да даде упатства околу тоа што треба или што не треба да се слави. Бог бил многу конкретен кога ѝ го рекол тоа на древната нација Израел а, како што беше забележано порано, на христијаните им биле дадени јасни упатства да продолжат да го слават Споменот на Христовата смрт (1. Коринтјаните 11:23-26; Колосјаните 2:16, 17). Едно рано издание на The Encyclopædia Britannica ни кажува: „Никаде во Новиот Завет не се укажува на тоа дека се славел празникот Велигден ниту, пак, во списите на апостолските Отци. Светоста на посебни времиња била идеја која воопшто не постоела во умовите на првите христијани. . . . Ниту Господ ниту неговите апостоли не наложиле да се држи оваа или која и да е друга свеченост“.
Некои мислат дека веселоста на таквите свечености, како и среќата што ја донесуваат, се доволно оправдување за нивното славење. Меѓутоа, можеме да учиме од приликата кога Израелците присвоиле една египетска религиозна постапка и ја преименувале во „празник на Господа [на Јехова, НС]“. И тие ‚испоседнале да јадат и да пијат‘ и ‚потоа станале да играат‘. Но, нивните постапки многу го разгневиле Јехова Бог и тој остро ги казнил (2. Мојсеева 32:1-10, 25-28, 35).
Божјата Реч е многу јасна. Не може да постои ништо заедничко помеѓу „светлината“ на вистинитите верувања и „темнината“ на Сатановиот свет; не може да има „согласие“ меѓу Христос и паганското обожавање. Речено ни е: „,Затоа излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринтјаните 6:14-18).
Со оглед на тоа дека во Библијата за христијаните е заповедана само Спомен-прославата — а не Велигден — таа треба да се слави. Тогаш, како можеме да ја славиме на достоинствен начин?
[Слика на страница 5]
Со својот „Празник на Јехова“, Израелците многу го разгневиле Бог
[Извор на слика на страница 2]
Насловна страница: M. Thonig/H. Armstrong Roberts