Зошто вистинското обожавање добива Божји благослов
„Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни“ (ОТКРОВЕНИЕ 19:1, 2).
1. На кој начин Големиот Вавилон ќе дојде до својот крај?
„ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН“ паднал во Божји очи и сега се соочува со уништување. Библиското пророштво покажува дека оваа светска религиозна блудница наскоро ќе доживее погубување од рацете на своите политички прељубници; нејзиниот крај ќе биде ненадеен и брз. Исусовото откровение до Јован ги содржело следниве пророчки зборови: „Еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘“ (Откровение 18:2, 21).
2. Како ќе реагираат Јеховините слуги на уништувањето на Вавилон?
2 Уништувањето на Големиот Вавилон ќе биде оплакувано од некои елементи на Сатановиот свет, но сигурно не и од Божјите слуги, било небесни или земни. Нивниот радосен повик до Бог ќе биде: „,Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина‘“ (Откровение 18:9, 10; 19:1, 2).
Каков плод мора да дава вистинската религија?
3. Кои прашања бараат одговор?
3 Поради тоа што Земјата треба да биде исчистена од лажната религија, кој вид обожавање ќе остане? Како можеме денес да одредиме која религиозна група ќе го преживее уништувањето на Сатановото светско царство на лажната религија? Кој е праведниот плод што мора да го дава таа група? Има најмалку десет критериуми за разликување на Јеховиното вистинско обожавање (Малахија 3:18; Матеј 13:43).
4. Кое е првото барање на вистинското обожавање, и како Исус дал пример во овој поглед?
4 Пред сѐ, вистинските христијани мораат да го поддржуваат суверенитетот за којшто умрел Исус — суверенитетот на неговиот Татко. Исус не го дал својот живот за некаква политичка, племенска, етничка или социјална цел. Тој го ставил Царството на својот Татко пред сите еврејски политички или револуционерни аспирации. Кога Сатана му понудил светска власт, Исус одговорил со зборовите: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ На темел на Хебрејските списи, тој знаел дека Јехова е вистинскиот Суверен над целата Земја. Која религиозна група недвосмислено го поддржува Јеховиното владетелство, а не политичките системи на овој свет? (Матеј 4:10; Псалм 83:18, НС).
5. а) Како треба вистинските обожаватели да гледаат на Божјето име? б) По што се гледа дека Јеховините сведоци го почитуваат тоа име?
5 Второ барање е вистинското обожавање да го велича и да го свети Божјето име. Семоќниот му го открил на својот народ Израел, своето име Јехова (во некои библиски верзии преведено како Јахве), кое е употребено илјадници пати во Хебрејските списи. Дури и пред тоа, Адам, Ева и други поединци го знаеле името, иако тие не го почитувале секогаш (1. Мојсеева 4:1; 9:26; 22:14; 2. Мојсеева 6:2, сите НС). Додека преведувачите на христијанството и на Евреите обично го испуштале божественото име од своите Библии, во New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото писмо), Јеховините сведоци му го дале неговото соодветно место и почит. Тие го почитуваат тоа име, исто како раните христијани. Јаков посведочил: „Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име; и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците . . . ‚за да Го побараат Господа [Јехова, НС] и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ [Јехова, НС], Кој го прави сето ова‘“ (Дела 15:14-17; Амос 9:11, 12, НС).
6. а) Кое е третото барање на вистинското обожавање? б) На кој начин Исус и Даниил го истакнале владетелството на Царството? (Лука 17:20, 21).
6 Трето барање на вистинското обожавање е да го возвишува Божјето Царство како единствено легитимно и способно решение за проблемите на човештвото во врска со владетелството. Исус јасно ги поучил своите следбеници да се молат да дојде тоа Царство за Божјето владетелство да ја преземе контролата над Земјата. Даниил бил инспириран за последните денови да прорече: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, . . . тоа ќе ги победи и разруши сите [световни, политички] царства, а само тоа ќе остане вечно“. Кој во овој XX век покажал со својот начин на постапување дека му дава неподелена поддршка на тоа Царство — религиите на Големиот Вавилон или Јеховините сведоци? (Даниил 2:44; Матеј 6:10; 24:14).
7. Како вистинските обожаватели гледаат на Библијата?
7 Четврто барање за да се добие Божје одобрување е вистинските Божји слуги да ја поддржуваат Библијата како Божја инспирирана Реч. На тој начин, не би станале жртви на вишата критика, која се обидува да ја сведе Библијата на обично човечко литературно дело со сите пропусти што тоа би ги подразбирало. Јеховините сведоци веруваат дека Библијата е Божја инспирирана Реч, исто како што Павле му напишал на Тимотеј: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен [потполно опремен, НС] и годен за секое добро дело“.a Затоа, Јеховините сведоци ја земаат Библијата како свој водич, свој прирачник за секојдневното живеење и како свој извор на надеж за иднината (2. Тимотеј 3:16, 17).
Религија на љубов, а не на омраза
8. Кое е петтото барање на вистинското обожавање?
8 Како ги разликувал Исус своите вистински следбеници? Неговиот одговор нѐ доведува до еден витален, петти знак за препознавање на вистинското обожавање. Исус рекол: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:34, 35). Како Исус ја покажал својата љубов? Со тоа што го дал својот живот како откупна жртва (Матеј 20:28; Јован 3:16). Зошто искрената љубов претставува една суштинска особина за вистинските христијани? Јован објаснил: „Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога . . . кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов“ (1. Јованово 4:7, 8).
9. Кој покажува вистинска љубов и на кој начин?
9 Кој во нашево време покажува ваков вид љубов, дури и покрај расната, националната или етничката омраза? Кој го положил врховниот испит дури до смрт за да победи неговата љубов? Можеме ли да речеме дека тоа се католичките свештеници и калуѓерки кои, како што е познато, сносат дел од одговорноста за геноцидот што се случи во Руанда во 1994 година? Дали се тоа православците од Србија или католиците од Хрватска, кои се вмешани во „етничко чистење“ и во други нехристијански постапки во таа граѓанска војна на Балканот? Или, пак, католичкото или протестантското свештенство, кое во последниве децении во Северна Ирска го распалуваше пламенот на предрасуда и омраза? Се разбира дека Јеховините сведоци не можат да бидат обвинети за учество во некои такви конфликти. Наместо да ја изневерат својата христијанска љубов, тие страдале во затвори и во концентрациони логори дури до смрт (Јован 15:17).
10. Зошто вистинските христијани остануваат неутрални?
10 Шестото барање на обожавањето кое му е прифатливо на Бог е неутралниот став во поглед на политичките работи од овој свет. Зошто треба христијаните да останат неутрални во политиката? Павле, Јаков и Јован ни даваат здрава причина за овој став. Апостол Павле напишал дека Сатана е „богот од овој свет“, кој им ги заслепил умовите на неверниците преку секое можно средство, вклучувајќи ја и раздорната политика. Ученикот Јаков навел дека „пријателството од овој свет е непријателство на Бога“, а апостол Јован рекол дека „целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“. Затоа, еден вистински христијанин не може да ја компромитира својата оддаденост на Бог со мешање во Сатановиот расипан свет на политика и моќ (2. Коринтјаните 4:4; Јаков 4:4; 1. Јованово 5:19).
11. а) Како гледаат христијаните на војната? б) Каква библиска основа постои за ваквиот став? (2. Коринтјаните 10:3-5).
11 Со оглед на претходните две барања, станува очигледно седмото барање, имено дека вистинските христијански обожаватели не треба да учествуваат во војни. Поради тоа што вистинската религија е едно светско братство темелено на љубов, тогаш ништо не може да го подели или да го поткопа тоа ‚цело братство во светот‘. Исус поучувал за љубов, а не за омраза; за мир, а не за војна (1. Петрово 5:9, НС; Матеј 26:51, 52). Истиот ‚злобен‘, Сатана, кој го навел Каин да го убие Авел, продолжува да сее омраза меѓу човештвото и да предизвикува конфликти и крвопролевање врз основа на политички, верски и етнички поделби. Вистинските христијани ‚повеќе не се учат на војна‘, без оглед на цената што треба да се плати. Во симболична смисла, тие веќе ‚ги прековале мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови‘. Тие го дават мирољубивиот плод на Божјиот дух (1. Јованово 3:10-12; Исаија 2:2-4; Галатјаните 5:22, 23).
Бог ја благословува чистотата во однесувањето и во науките
12. а) Кое е осмото барање, но какви религиозни поделби можеш да наведеш? б) На кој начин Павле го истакнал ова осмо барање?
12 Христијанското единство е осмото барање на вистинското обожавање. Меѓутоа, раздорните религии на христијанскиот свет не помогнале во овој поглед. Многу т. н. главни деноминации се расцепиле на различни секти, што довело до збрка. Земи ја за пример баптистичката религија во Соединетите Држави, која е поделена на Северни (Американски баптистички цркви во САД) и Јужни баптисти (Јужен баптистички конгрес), како и десетици други баптистички групи кои произлегле од расколи (World Christian Encyclopedia, страница 714). Многу поделби произлегле од разликите во доктрините или во црковната власт (на пример, презвитеријанска, епископална, конгрегационална). Поделбите во христијанскиот свет се паралелни со поделбите во религиите што се вон христијанскиот свет — било будизмот, исламот или хиндуизмот. Што им советувал апостол Павле на раните христијани? „Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух [во истиот ум, НС] и во една мисла“ (1. Коринтјаните 1:10; 2. Коринтјаните 13:11).
13, 14. а) Што е мислено со тоа ‚да се биде свет‘? б) На кој начин вистинското обожавање се одржува чисто?
13 Кое е деветтото барање за религијата која има одобрување од Бог? Во 3. Мојсеева 11:45 е изразено едно библиско начело: „Бидете свети, зашто Јас сум свет“. Апостол Петар го повторил ова барање кога напишал: „Во согласност со Светиот кој ве повика, и вие самите станете свети во сето ваше однесување“ (1. Петрово 1:15, НС).
14 Што подразбира ова барање да се биде свет? Дека Јеховините обожаватели треба да бидат духовно и морално чисти (2. Петрово 3:14). Нема место за непокајнички, намерни грешници, кои со своето однесување покажуваат презир кон Христовата откупна жртва (Евреите 6:4-6). Јехова бара христијанското собрание да се одржува чисто и свето. Како се постигнува тоа? Делумно, преку судската постапка на исклучување на оние кои би го извалкале собранието (1. Коринтјаните 5:9-13).
15, 16. Какви промени направиле многу христијани во својот живот?
15 Пред да ја запознаат христијанската вистина, многумина воделе распуштен, хедонистички, себичен живот. Но, речта за Христа ги изменила и тие добиле проштавање на своите гревови. Павле на силен начин го изразил тоа кога напишал: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте“ (1. Коринтјаните 6:9-11).
16 Очигледно е дека Јехова ги одобрува оние кои се каат за своето небиблиско однесување, се свртуваат и стануваат вистински следбеници на Христос и на неговите науки. Тие навистина ги сакаат своите ближни како самите себе и тоа го покажуваат на многу начини, како на пример преку истрајување во една служба која им нуди порака на живот на сите оние кои ќе ја чујат (2. Тимотеј 4:5).
„Вистината ќе ве ослободи“
17. Кое е десеттото барање на вистинското обожавање? Наведи примери.
17 Постои и десетто барање што Јехова го има за оние кои го обожаваат во дух и вистина — чистата наука (Јован 4:23, 24). На своите следбеници Исус им рекол: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Вистината од Библијата нѐ ослободува од доктрините што го обесчестуваат Бог, како што е бесмртната душа, пеколниот оган и чистилиштето (Проповедник 9:5, 6, 10; Језекиил 18:4, 20). Таа нѐ ослободува од вавилонската мистерија на „Најсветото Тројство“ на христијанскиот свет (5. Мојсеева 4:35; 6:4; 1. Коринтјаните 15:27, 28). Послушноста кон библиската вистина создава грижливи, љубезни, милостиви луѓе кои се полни со љубов. Вистинското христијанство никогаш не создавало осветољубиви, нетолерантни инквизитори, како што е Томас де Торкемада, или, пак, потстрекнувачи на војна полни со омраза, како што се папските предводници на крстоносните војни. Па сепак, низ историјата Големиот Вавилон давал ваков вид на плод, и тоа од времето на Нимрод па сѐ досега (1. Мојсеева 10:8, 9).
Име кое е карактеристично
18. а) Кој ги задоволува десетте барања на вистинско обожавање и на кој начин? б)Што мораме поединечно да правиме за да го наследиме благословот што лежи пред нас?
18 Кој денес навистина ги исполнува овие десет барања на вистинското обожавање? Кој во минатото бил познат и признат од другите по својата беспрекорност и мирољубивост? Ширум Земјината топка, Јеховините сведоци се забележани по тоа што „не се [дел, НС] од светот“ (Јован 15:19; 17:14, 16; 18:36). Припадниците на Јеховиниот народ ја имаат честа да го носат неговото име и да бидат негови Сведоци, исто како што Исус Христос бил верен сведок за својот Татко. Ние го носиме тоа свето име свесни за нашата одговорност да живееме според неговото значење. А како негови Сведоци, каков само величествен изглед лежи пред нас — да бидеме дел од едно послушно, обединето човечко семејство кое го обожава Универзалниот Суверен во еден обновен рај овде на Земјата. За да добиеме таков благослов, да продолжиме јасно да се идентификуваме со вистинското обожавање и гордо да го носиме името Јеховини сведоци, „зашто пресудите Негови се вистинити и праведни“ (Откровение 19:2; Исаија 43:10-12; Језекиил 3:11, НС).
[Фуснота]
a Библиските преводи, сами по себе, не се инспирирани од Бог. Преводите, по самата своја природа, можат да одразуваат варирања во разбирањето на оригиналните јазици на кои била напишана Библијата.
Како би одговорил?
◻ Како гледаат Јеховините слуги на уништувањето на Големиот Вавилон?
◻ Кои се клучните барања на вистинското обожавање?
◻ На кој начин вистинската религија те ослободува тебе?
◻ Која посебна чест ја имаме како Јеховини сведоци?
[Слики на страница 17]
Јеховините сведоци проповедаат и поучуваат за добрата вест за Божјето Царство
[Слика на страница 18]
Вистинските христијани секогаш остануваат неутрални во поглед на световната политика и војните
[Извор на слика]
Авион: Со љубезна дозвола од Министерството за одбрана, Лондон