Посвети се на читањето
„Додека дојдам, занимавај се со [јавно, НС] читање, со утешување и со поучување“ (1. ТИМОТЕЈ 4:13).
1. Како можеме да извлечеме корист од читањето на Библијата?
ЈЕХОВА БОГ му ја дал на човештвото прекрасната способност да учи да чита и да пишува. Исто така, му ја дал својата Реч, Библијата, за да можеме да бидеме добро поучени (Исаија 30:20, 21). Всушност, нејзините страници нѐ оспособуваат да ‚одиме‘ со богобојазливите патријарси како Авраам, Исак и Јаков. Можеме да ‚гледаме‘ такви побожни жени како Сара, Ревека и лојалната Моавка Рут. Да, можеме да го ‚слушаме‘ Исус Христос како ја држи својата Проповед на гората. Сето ова задоволство и оваа величествена поука од Светото писмо можеме да ги имаме ако сме добри читатели.
2. Што покажува дека Исус и неговите апостоли умееле добро да читаат?
2 Без сомнение, совршениот човек Исус Христос поседувал извонредна способност за читање и сигурно многу добро ги познавал Хебрејските списи. Затоа, кога бил искушуван од Ѓаволот, Исус секогаш одново се осврнувал на нив и велел: „Напишано е“ (Матеј 4:4, 7, 10). Во една прилика во синагогата во Назарет, тој јавно прочитал и применил на себеси еден дел од Исаииното пророштво (Лука 4:16—21). А како е со Исусовите апостоли? Во нивните списи, тие честопати цитирале од Хебрејските списи. Иако еврејските водачи ги сметале Петар и Јован за неуки и припрости затоа што не биле образовани на еврејските школи за високо образование, нивните божествено инспирирани писма јасно докажуваат дека умееле добро да читаат и да пишуваат (Дела 4:13). Но, дали способноста за читање е навистина важна?
„Блажен е оној, кој чита [на глас, НС]“
3. Зошто е толку важно да се читаат Библијата и христијанските публикации?
3 Примањето и применувањето на точното спознание за Библијата може да доведе до вечен живот (Јован 17:3, НС). Затоа, Јеховините сведоци увидуваат дека е животоважно да ги читаат и да ги проучуваат Светото писмо и христијанските публикации што ги обезбедува Бог преку класата на верниот и разумен роб од помазани христијани (Матеј 24:45—47, НС). Всушност, користејќи ги посебно наменетите публикации на Стражарска кула, илјадници биле научени да читаат и на тој начин да стекнат животодајно спознание за Божјата Реч.
4. а) Зошто од читањето, проучувањето и применувањето на Божјата Реч произлегува среќа? б) Што му кажал Павле на Тимотеј во поглед на читањето?
4 Среќата произлегува од читањето, проучувањето и од применувањето на Божјата Реч. Ова е затоа што со тоа му угодуваме и му оддаваме чест на Бог, добиваме негов благослов и доживуваме радост. Јехова сака неговите слуги да бидат радосни. Затоа, тој им заповедал на свештениците да им го читаат неговиот Закон на луѓето од древниот Израел (5. Мојсеева 31:9—12). Кога препишувачот Ездра и другите им го читале Законот на сите луѓе кои биле собрани во Ерусалим, било објаснето неговото значење, а резултатот бил „голема радост“ (Неемија 8:6—8, 12). Христијанскиот апостол Павле подоцна му рекол на својот соработник Тимотеј: „Додека дојдам, занимавај се со [јавно, НС] читање, со утешување и со поучување“ (1. Тимотеј 4:13). Еден друг превод гласи: „Посвети се на јавното читање на Писмото“ (New International Version).
5. На кој начин Откровение 1:3 ја поврзува среќата со читањето?
5 Дека нашата среќа зависи од читањето и од применувањето на Божјата Реч, јасно се гледа од Откровение 1:3. Таму ни е речено: „Блажен [Среќен, НС] е оној, кој чита [на глас, НС], и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску“. Да, треба на глас да ги читаме и да ги слушаме Божјите пророчки зборови од Откровението и од целото Свето писмо. Навистина, среќното лице е она на кое „му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува“. А кој е резултатот? „Во сѐ што прави, напредува“ (Псалм 1:1—3). Затоа, од добри причини, Јеховината организација го поттикнува секого од нас да ја чита и да ја проучува неговата Реч поединечно, како семејства и со пријателите.
Размислувај активно и медитирај
6. Што бил поучен Исус Навин да чита, и на кој начин тоа било корисно?
6 Како можеш да извлечеш максимум од своето читање на Божјата Реч и христијанските публикации? Веројатно ќе најдеш за корисно да го правиш она што го правел Исус Навин, еден богобојазлив водач на древниот Израел. Нему му било заповедано: „Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа [ти мораш со придушен глас да читаш од неа, НС] дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш“ (Исус Навин 1:8). ‚Читањето со придушен глас‘ значи да ги изговараш зборовите со тивок глас. Тоа е една помош за помнење, бидејќи го врежува материјалот во умот. Исус Навин требало да го чита Божјиот Закон „дење и ноќе“, односно редовно. Тоа бил начинот да се биде успешен и да се постапува мудро додека се исполнуваат одговорностите што се дадени од Бог. Таквото редовно читање на Божјата Реч може на сличен начин да ти помогне и тебе.
7. Зошто не треба да се концентрираме на брзината кога ја читаме Божјата Реч?
7 Не се концентрирај на брзината кога ја читаш Божјата Реч. Ако си планирал да поминеш извесен временски период во читање на Библијата или некоја христијанска публикација, можеби ќе сакаш поспоро да читаш. Ова е особено важно кога проучуваш со цел да запомниш некои значајни точки. А кога читаш, размислувај активно. Анализирај ги изјавите на библискиот писател. Запрашај се: ‚Што е неговата поента? Како да ја применам оваа информација?‘
8. Зошто е корисно да медитираме кога го читаме Светото писмо?
8 Одвој си време да медитираш додека го читаш Светото писмо. Тоа ќе ти помогне да ги запомниш библиските извештаи и да ги примениш библиските начела. Ако медитираш за Божјата Реч и на тој начин ги запомнуваш главните библиски точки во својот ум, тоа ќе те оспособи да зборуваш од срце, давајќи им добри одговори на оние кои искрено прашуваат, а не да кажуваш нешто поради кое подоцна можеби ќе жалиш. Една божествено инспирирана изрека вели: „Срцето на праведниот медитира како да одговори“ (Изреки 15:28, НС).
Поврзувај ги новите точки со старите
9, 10. Како може да се подобри твоето читање на Библијата преку поврзување на новите библиски точки со оние што веќе ги знаеш?
9 Повеќето христијани мораат да признаат дека едно време малку знаеле за Бог, за неговата Реч и за неговите намери. Но, денес, овие христијански слуги, почнувајќи од создавањето и од човековиот пад во грев, можат да ја објаснат целта на Христовата жртва, да раскажат за уништувањето на овој зол систем на ствари и да покажат на кој начин послушното човештво ќе биде благословено со вечен живот на рајска Земја. Ова е можно главно поради тоа што овие слуги на Јехова го примале „самото спознание на Бог“ (НС) преку проучувањето на Библијата и на христијанските публикации (Изреки 2:1—5). Тие постепено ги поврзувале новонаучените точки со постарите кои веќе ги разбирале.
10 Поврзувањето на новите точки со оние што веќе ги знаеш е корисно и наградувачки (Исаија 48:17). Кога се изнесуваат библиски закони, начела или дури и некако апстрактни идеи, поврзувај ги со она што веќе го знаеш. Усклади ја информацијата со она што си го научил за „образецот на здрави зборови“ (2. Тимотеј 1:13, НС). Побарај информации што можат да ти помогнат да го зајакнеш својот однос со Бог, да ја подобриш својата христијанска личност или да ти помогнат да ги споделиш библиските вистини со другите луѓе.
11. Што би можел да сториш кога читаш нешто што Библијата го вели во врска со однесувањето? Илустрирај.
11 Кога читаш нешто што Библијата го кажува во врска со однесувањето, обиди се да го распознаеш начелото што е вклучено. Медитирај за него и одлучи што би сторил ти под слични околности. Јакововиот син Јосиф доследно одбивал да стапи во сексуален неморал со Петефриевата сопруга, прашувајќи: „Како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“ (1. Мојсеева 39:7—9). Во овој трогателен извештај можеш да најдеш едно темелно начело — сексуалниот неморал е грев против Бог. Ова начело можеш умствено да го поврзеш со други изјави во Божјата Реч и да извлечеш корист од тоа спознание кога ќе бидеш искушуван да стапиш во вакво престапување (1. Коринтјаните 6:9—11).
Претстави си ги библиските настани
12. Зошто треба да си ги претставуваш библиските извештаи додека ги читаш?
12 За да ги врежеш точките во својот ум додека читаш, претстави си го она што се одигрува. Умствено претстави си ги теренот, домовите и луѓето. Слушни ги нивните гласови. Помирисај го лебот што се пече во некоја печка. Повторно оживеј ги сцените. Тогаш твоето читање ќе биде трогателно доживување, бидејќи можеш да видиш некој древен град, да се искачиш на некоја возвишена планина, да се восхитуваш на чудата на создавањето или, пак, да се дружиш со мажи и жени кои имале голема вера.
13. Како би го опишал она што е запишано во Судиите 7:19—22?
13 Претпостави си дека го читаш извештајот од Судиите 7:19—22. Претстави си што се случува. Судијата Гедеон и триста храбри Израелци ги зазеле местата на работ од мадијамскиот табор. Часот е околу десет навечер, при почетокот на „средната стража“. Мадијамските стражари штотуку се поставени, а темнината го покрива логорот на израеловите заспани непријатели. Гледај! Гедеон и неговите луѓе се опремени со рогови. Имаат големи ќупови за вода со кои ги покриваат факелите што ги држат во левата рака. Наеднаш, секоја од трите групи од по сто души дува во роговите, ги крши ќуповите, ги крева угоре факелите и извикува: „Меч Господов и Гедеонов!“ Гледаш кон таборот. А Мадијамците бегаат и почнуваат да викаат! Додека тристоте и понатаму дуваат во своите рогови, Бог ги насочува мечовите на Мадијамците едни против други. Мадијамците се натерани во бегство, а Јехова му дава победа на Израел.
Да се учат вредни поуки
14. Како би можел да се употреби извештајот од Судиите, поглавје 9, за да го поучиш детето за потребата да биде понизно?
14 Преку читање на Божјата Реч можеме да научиме многу поуки. На пример, можеби сакаш на своите деца да им ја врежеш потребата да бидат понизни. Па, би требало да биде лесно да се претстави и да се сфати поентата на она што било речено во пророштвото за Гедеоновиот син Јотам. Почни да читаш од Судиите 9:8. „Едно време“, рекол Јотам, „тргнале дрвјата да побараат цар.“ Маслинката, смоквата и лозата одбиле да владеат. Но, ниската капинка радо сакала да стане владетел. Откако на глас ќе им го прочиташ извештајот на своите деца, би можел да објасниш дека вредните растенија ги претставувале достојните личности кои не ја сакале положбата на царување над своите сонародници Израелците. Капинката, која била корисна само за огрев, го претставувала царството на горделивиот Авимелех, еден убиец кој сакал да господари со другите, но доживеал крај, во исполнение на Јотамовото пророштво (Судии, поглавје 9). Кое дете би сакало да порасне и да стане како една капинка?
15. На кој начин во книгата Рут е истакната важноста на лојалноста?
15 Важноста на лојалноста јасно се гледа од библиската книга Рут. Претпостави си дека членовите на твоето семејство наизменично го читаат на глас тој извештај и се трудат да го впијат она што се кажува. Ја гледаш Моавката Рут на едно патување кон Витлеем со својата овдовена свекрва Ноемина, и ја слушаш Рут како вели: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рут 1:16). Се гледа како вредната Рут паберкува зад жетварите на нивата на Вооз. Го слушаш како тој ја пофалува, велејќи: „При секоја порта кај мојот народ знаат, дека ти си чесна [извонредна, НС] жена“ (Рут 3:11). Наскоро, Вооз се жени со Рут. Во склад со подготовката за левиратски брак, од Вооз таа ѝ раѓа син „на Ноемина“. Рут станува прабаба на Давид и конечно на Исус Христос. На тој начин, таа добива „полна [совршена, НС] награда“. Освен тоа, оние кои го читаат библискиот извештај, учат една вредна поука: Биди му лојален на Јехова и ќе бидеш богато благословен (Рут 2:12; 4:17—22; Изреки 10:22; Матеј 1:1, 5, 6).
16. На каков испит биле подложени тројцата Евреи, и како може овој извештај да ни помогне?
16 Извештајот за Евреите по име Седрах, Мисах и Авденаго, може да ни помогне да му бидеме верни на Бог во искушувачки ситуации. Претстави си го настанот додека се чита на глас извештајот од Даниил, поглавје 3. Еден огромен лик од злато се издига над рамницата Дура, каде што се собрани вавилонските службеници. При звукот на музичките инструменти, тие паѓаат долу и го обожаваат ликот што го поставил царот Навуходоносор. Тоа значи, сите — освен Седрах, Мисах и Авденаго — прават така. Со почит, но одлучно, тие му кажуваат на царот дека нема да им служат на неговите богови и да го обожаваат златниот лик. Овие млади Евреи се фрлени во една прекумерно вжештена печка. Но, што се случува? Погледнувајќи внатре, царот гледа четворица силни мажи, од кои едниот ‚е сличен на синот Божји [на еден син на боговите, НС]‘ (Даниил 3:92). Тројцата Евреи ги извлекуваат од печката, а Навуходоносор го благословува нивниот Бог. Наградувачки е да си го претставиме овој извештај. А каква само поука тоа дава во поглед на верноста спрема Јехова под испит!
Извлечете корист од читањето на Библијата како семејство
17. Накусо наведи некои корисни работи кои твоето семејство може да ги научи преку заедничкото читање на Библијата.
17 Вашето семејство може да ужива многу користи ако редовно поминувате време во заедничко читање на Библијата. Почнувајќи од 1. Мојсеева, можете да бидете очевидци на создавањето и да ѕирнете во првобитниот рајски дом на човекот. Можете да споделите искуства за верните патријарси и за нивните семејства и да ги следите Израелците додека со суви нозе минуваат преку Црвеното Море. Можете да го видите овчарчето Давид како го совладува џинот Голијат. Вашето семејство може да ја набљудува изградбата на Јеховиниот храм во Ерусалим, да го види неговото опустошување од страна на вавилонските орди и да ја види неговата повторна изградба под управителот Зоровавел. Заедно со понизните овчари близу Витлеем, можете да ја чуете ангелската објава на Исусовото раѓање. Можете да добиете детали за неговото крштавање и служба, можете да го видите како го дава својот човечки живот како откупнина и да ја споделите радоста од неговото воскресение. Како следно, можете да патувате со апостол Павле и да го посматрате воспоставувањето на собранија како што се шири христијанството. Потоа, твоето семејство може да се радува на величествената визија за иднината што ја имал апостол Јован во книгата Откровение, вклучувајќи го Христовото Илјадагодишно владеење.
18, 19. Кои предлози се понудени во врска со семејното читање на Библијата?
18 Ако ја читате Библијата на глас како семејство, читајте ја јасно и одушевено. Кога читате некои извадоци од Светото писмо, еден член на семејството — можеби таткото — би можел да ги чита зборовите од општиот извештај. Другите можат да ги земат улогите на библиските ликови, а вашите делови да ги читате со соодветно чувство.
19 Додека учествувате во читањето на Библијата како семејство, би можела да се подобри вашата способност за читање. Веројатно, вашето спознание за Бог ќе порасне, а тоа би требало повеќе да ве зближи со него. Асаф испеал: „Мене ми е добро да сум со [да му се приближам на, НС] Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги вознесувам сите похвали Твои“ (Псалм 72:28). Тоа ќе му помогне на вашето семејство да биде како Мојсеј, кој ‚останал постојан како да го гледа Невидливиот‘, т.е. Јехова Бог (Евреите 11:27, НС).
Читањето и христијанската служба
20, 21. На кој начин нашиот налог за проповедање е поврзан со способноста за читање?
20 Нашата желба да го обожаваме ‚Невидливиот‘ би требало да нѐ поттикне да работиме на тоа да бидеме добри читатели. Способноста за добро читање ни помага да даваме сведоштво од Божјата Реч. Таа сигурно ќе ни помогне да продолжиме во делото на проповедање за Царството, за кое Исус ги овластил своите следбеници кога рекол: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Сведочењето е главното дело на Јеховиниот народ, а способноста за читање ни помага да го извршиме.
21 Потребен е напор за да се биде добар читател и вешт учител на Божјата Реч (Ефесјаните 6:17). Затоа, ‚дај сѐ од себе за да се претставиш како признат пред Бог, и кој исправно управува со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15, НС). Зголеми го своето спознание за библиската вистина и својата способност како Јеховин сведок со тоа што ќе се посветиш на читањето.
Како гласат твоите одговори?
◻ На кој начин среќата зависи од читањето на Божјата Реч?
◻ Зошто е потребно да медитираш за она што го читаш од Библијата?
◻ Зошто при читањето на Светото писмо треба да користиме поврзување и претставување?
◻ Кои се некои поуки што може да се научат од читањето на Библијата?
◻ Зошто треба Библијата да се чита на глас како семејство, и какво влијание има читањето врз христијанската служба?
[Слики на страница 13]
Кога ја читате Библијата како семејство, претставете си ги извештаите и медитирајте за нивното значење