Благослови или проклетства — постои избор!
„Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. МОЈСЕЕВА 30:19).
1. Со каква способност биле надарени луѓето?
ЈЕХОВА БОГ нѐ обликувал нас — неговите интелигентни човечки суштества — да бидеме застапници со слободна волја. Ние не сме биле создадени како обични автомати, односно роботи, туку ни била дадена предноста и одговорноста да правиме избори (Псалм 99:3). Првите луѓе — Адам и Ева — имале слобода да изберат свој начин на постапување и биле одговорни пред Бог за својот избор.
2. Каков избор направил Адам и со каква последица?
2 Творецот обезбедил многу работи за човечки живот во вечни благослови на рајска Земја. Зошто таа цел сѐ уште не е постигната? Затоа што Адам направил погрешен избор. Јехова ја дал следнава заповед за човекот: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Да избрал Адам да послуша, нашите прародители би биле благословени. Непослушноста донела смрт (1. Мојсеева 3:6, 18, 19). Затоа, гревот и смртта се пренесени на сето Адамово потомство (Римјаните 5:12).
Овозможени се благослови
3. На кој начин Бог дал уверување дека неговата намера со човештвото ќе се исполни?
3 Јехова Бог воспоставил средство преку кое конечно би се исполнила Неговата намера за благословување на човештвото. Тој самиот прорекол едно семе, кога во Едем претскажал: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, НС). Бог подоцна ветил благослови за послушното човештво преку ова Семе, потомок на Авраам (1. Мојсеева 22:15—18).
4. Каква подготовка направил Јехова за благословување на човештвото?
4 Тоа ветено Семе на благослов се покажало дека е Исус Христос. Во врска со Исусовата улога во Јеховината подготовка за благословување на човештвото, христијанскиот апостол Павле напишал: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Благословите ќе ги уживаат оние од грешното човештво кои го слушаат Бог и кои ја искористуваат заслугата на откупната жртва на Исус Христос (Дела 4:12). Дали ти ќе избереш послушност и благослови? Непослушноста ќе доведе до нешто многу поинакво.
Што е со проклетствата?
5. Кое е значењето на зборот „проклетство“?
5 Спротивно на благослов е проклетство. Зборот „проклетство“ значи да се зборува лошо за некого или да се изговори зло против него. Хебрејскиот збор келала́ е изведен од коренскиот глагол кала́л, што дословно значи „да биде лесен“. Меѓутоа, кога е употребен во симболична смисла, значи ‚да се привикува зло врз некого‘ или да се ‚постапува со презир‘ (3. Мојсеева 20:9; 2. Царства 19:43, обата НС).
6. Каков настан со Јелисеј се случил близу древниот Ветил?
6 Разгледај еден драматичен пример за брзо дејствување во кој се работело за проклетство. Тоа се случило кога Божјиот пророк Јелисеј одел од Јерихон кон Ветил. Извештајот гласи: „Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: ‚Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!‘ Тој се сврти, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца“ (4. Царства 2:23, 24). Што точно рекол Јелисеј кога го изрекол тоа проклетство привикувајќи зло врз тие деца шегобијци, не е откриено. Меѓутоа, таа усна изјава донела резултати, затоа што била изговорена во името на Јехова преку еден Божји пророк кој дејствувал во склад со божествената волја.
7. Што им се случило на децата кои му се подбивале на Јелисеј, и зошто?
7 Главната причина за подбивањето изгледа била таа што Јелисеј ја носел познатата службена облека на Илија, а децата не сакале наоколу да има никаков наследник на тој пророк (4. Царства 2:13). За да одговори на предизвикот да биде наследник на Илија и да ги научи тие млади луѓе и нивните родители исправно да го почитуваат Јеховиниот пророк, Јелисеј во името на Илииниот Бог повикал зло врз толпата што се подбивала. Јехова покажал дека го одобрува Јелисеј како свој пророк со тоа што предизвикал од шумите да излезат две мечки и да раскинат на парчиња 42-ца од овие шегобијци. Јехова постапил одлучно поради нивниот дрзок недостиг на почит спрема каналот на комуникација што тој го користел на Земјата во тоа време.
8. Што се согласиле да прават луѓето од Израел, и со какви изгледи?
8 Со години пред тоа, Израелците покажале сличен недостиг на почит спрема Божјите подготовки. Еве како се случило тоа: Во 1513 година пр. н. е., Јехова покажал милост кон израелскиот народ со тоа што ги ослободил од египетско ропство како „на крилја орлови“. Набргу потоа, тие се заветувале дека ќе го слушаат Бог. Забележи на кој начин послушноста била нераздвојно поврзана со добивањето Божје одобрување. Преку Мојсеј, Јехова рекол: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела“. Потоа, народот одговорил потврдно, велејќи: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме и ќе послушаме“ (2. Мојсеева 19:4, 5, 8; 24:3). Израелците тврделе дека го сакаат Јехова, му биле предадени и се заветувале дека ќе го слушаат неговиот глас. Тоа би им донело големи благослови.
9, 10. Што сториле Израелците додека Мојсеј бил на гората Синај, и со какви последици?
9 Сепак, пред да бидат основните начела на таа согласност врежани во камен со „прст Божји“, биле неопходни божествени проклетства (2. Мојсеева 31:18). Зошто биле заслужени такви трагични последици? Зарем Израелците не покажале желба да направат сѐ што рекол Јехова? Да, со зборови тие барале благослов, но со своите дела избрале пат што заслужил проклетства.
10 За време на еден 40-дневен период кога Мојсеј бил на гората Синај за да ги добие Десетте заповеди, Израелците го прекршиле своето поранешно ветување за лојалност спрема Јехова. „А народот“, вели извештајот, „кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арона, и му рече: ‚Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек — со Мојсеја, кој нѐ изведе од земјата Египетска‘“ (2. Мојсеева 32:1). Тоа е уште еден пример за став на непочитување спрема човечкото застапништво што Јехова тогаш го користел за да го води и насочува својот народ. Израелците биле намамени да го имитираат идолопоклонството на Египќаните и пожнеале ужасни последици кога околу 3.000 од нив паднале од меч во еден ден (2. Мојсеева 32:2—6, 25—29).
Објава за благослови и проклетства
11. Какви упатства изнел Исус Навин во врска со благословите и проклетствата?
11 При крајот на 40-годишното патување на Израел низ пустината, Мојсеј ги наброил благословите што ќе ги пожнеат ако изберат правец на послушност спрема Бог. Тој ги наброил и проклетствата што Израелците би ги доживеале доколку изберат да не го слушаат Јехова (5. Мојсеева 27:11—28:10). Кратко по влегувањето на Израелците во Ветената земја, Исус Навин ги изнел Мојсеевите упатства во врска со овие благослови и проклетства. Шест израелски племиња стоеле на подножјето од гората Гевал, а другите шест зазеле позиции пред гората Гаризим. Левитите стоеле во долината што се наоѓала во средината. Очигледно, племињата што биле сместени пред гората Евал рекле „Амин!“ за проклетствата, односно за клетвите што биле прочитани во тој правец. Другите одговориле на благословите што левитите ги прочитале во нивниот правец во подножјето на гората Гаризим (Исус Навин 8:30—35).
12. Кои биле некои од проклетствата што ги објавиле левитите?
12 Замисли си дека ги слушаш левитите како велат: „Проклет да е оној човек, што ќе направи изрезан или излиен идол, одвратност пред Господа, работа на уметнички раце, па го става на скришно место! . . . Проклет да е оној, што го навредува таткото свој или мајката своја! . . . Проклет да е оној, кој ја поместува меѓата на ближниот свој! . . . Проклет да е оној, кој отстранува слеп човек од патот! . . . Проклет да е оној, кој криво суди придојден, сиромав или вдовица! . . . Проклет да е оној, кој ќе легне со жената на таткото свој, зашто тој го открил крајот од покривката на таткото свој! . . . Проклет да е оној, кој ќе легне со каков и да било добиток! . . . Проклет да е оној, кој ќе легне со сестрата своја, со татковата ќерка, или со мајкината ќерка! . . . Проклет да е оној, кој ќе легне со тештата своја! . . . Проклет да е оној, што ќе го убие тајно ближниот свој! . . . Проклет да е оној, што зема поткуп, за да погуби душа и да пролее крв невина! . . . Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од овој закон и не ќе постапи според нив!“ После секое проклетство, племињата пред гората Гевал велат: „амин!“ (5. Мојсеева 27:15—26).
13. Како би ги изразил со свои зборови некои од благословите што ги објавиле левитите?
13 Сега замисли си дека ги слушаш оние пред гората Гаризим како одговараат на секој благослов додека левитите извикуваат: „Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој, и плодот на воловите твои, и плодот на овците твои. Благословени ќе бидат житниците твои и оставите твои. Благословен ќе бидеш, кога влегуваш, и благословен — кога излегуваш“ (5. Мојсеева 28:3—6).
14. На која основа Израелците би добиле благослови?
14 Кој бил темелот за добивање на овие благослови? Извештајот вели: „Ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, ги пазиш и ги извршуваш сите заповеди Негови, кои денес ти ги заповедам, тогаш Господ, твојот Бог, ќе те постави погоре од сите народи на земјава; и ќе се пренесат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог“ (5. Мојсеева 28:1, 2). Да, клучот за уживање на божествените благослови бил послушност спрема Бог. А како е со нас денес? Дали ние како поединци ќе избереме благослов и живот со тоа што ќе продолжиме да ‚го слушаме гласот на Господа [на Јехова, НС]“? (5. Мојсеева 30:19, 20).
Поглед одблиску
15. Што било истакнато како важно во благословот што е запишан во 5. Мојсеева 28:3, и како можеме да извлечеме корист од него?
15 Да размислиме за извесни благослови што еден Израелец можел да ги ужива поради послушноста кон Јехова. На пример, 5. Мојсеева 28:3 вели: „Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето“. Благословот од Бог не зависи од локацијата или од доделбата. Некои можеби се чувствуваат фатени во стапицата на своите околности, можеби затоа што живеат во материјално загрозено подрачје или во некоја земја погодена од војна. Други можеби копнеат да му служат на Јехова на друга локација. Некои христијански мажи можеби се обесхрабрени поради тоа што не биле наименувани за слуги помошници или за старешини во собранието. Повремено, христијанките се чувствуваат обесхрабрени поради тоа што не се во состојба да се ангажираат во полновремената служба како пионерки или мисионерки. Сепак, секој кој ‚го слуша гласот на Господа и кој пази да извршува сѐ што тој бара‘, ќе биде благословен сега и во сета вечност.
16. На кој начин денешната Јеховина организација го доживува начелото од 5. Мојсеева 28:4?
16 Во 5. Мојсеева 28:4 стои: „Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој, и плодот на воловите твои, и плодот на овците твои“. Употребата на хебрејската именка преведена со „твој“ во еднина покажува дека еден послушен Израелец би го доживеал тоа лично. А како е со Јеховините послушни слуги денес? Порастот ширум светот и експанзијата што е во тек во организацијата на Јеховините сведоци, се резултат на Божјиот благослов врз сериозните напори на преку 5.000.000 објавители на добрата вест на Царството (Марко 13:10). А потенцијалот за поголем пораст е очигледен, затоа што на прославата на Господовата вечера во 1995 година присуствуваа над 13.000.000 лица. Дали ти уживаш во благословите на Царството?
Изборот на Израел бил многу важен
17. Од што зависело дали ќе се „збиднат“ благослови или проклетства?
17 Всушност, секој послушен Израелец би го следеле благослови. Било ветено: „Ќе се пренесат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат“ (5. Мојсеева 28:2). На сличен начин, за проклетствата било речено: „Ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства“ (5. Мојсеева 28:15). Да си бил ти Израелец во старо време, дали би ти се ‚збиднале‘ благослови или проклетства? Тоа би зависело од фактот дали си го слушал Бог или не.
18. Како можеле Израелците да ги избегнат проклетствата?
18 Во 5. Мојсеева 28:15—68, како проклетства се изложени болните последици од непослушноста. Некои се токму спротивното од благословите за послушноста што се наброени во 5. Мојсеева 28:3—14. Честопати, луѓето на Израел ги жнееле суровите последици од проклетствата, затоа што избирале да се впуштаат во лажно обожавање (1. Ездра 9:7; Јеремија 6:6—8; 44:2—6). Колку трагично! Таквите последици можеле да се избегнат ако се направел исправен избор, изборот да се слушаат Јеховините здрави закони и начела кои јасно го дефинираат доброто и злото. Многумина денес поднесуваат болка и трагедија поради тоа што избрале да постапуваат спротивно на библиските начела со тоа што практикувале лажна религија, се впуштале во сексуален неморал, користеле недозволена дрога, прекумерно се оддавале на алкохолни пијалаци и слично. Како во древните Израел и Јуда, правењето на такви лоши избори доведува до божествено неодобрување и непотребна болка во срцето (Исаија 65:12—14).
19. Опиши ги условите што владееле кога Јуда и Израел избрале да го слушаат Јехова.
19 Благословите биле изобилни, а спокојството преовладувало само тогаш кога Израел го слушал Јехова. На пример, за деновите на цар Соломон читаме: „Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа. . . . И живееја Јудејците и Израил спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја, од Дан до Вирсавија, преку сите Соломонови дни“ (3. Царства 4:20—25). Дури и во времето на цар Давид, кое било обележано со многу противење од Божјите непријатели, нацијата чувствувала Јеховина поддршка и благослов кога тие избирале да го слушаат Богот на вистината (2. Царства 7:28, 29; 8:1—15).
20. Во што е уверен Бог во врска со луѓето?
20 Дали ти ќе го слушаш Бог или нема да го слушаш? Израелците стоеле пред избор. Иако сите ние од Адам сме наследиле грешна склоност, исто така сме го добиле и дарот на слободен избор. И покрај Сатана, овој зол свет и нашите несовршености, ние можеме да направиме исправен избор. Освен тоа, нашиот Творец е уверен дека и покрај секој испит и искушение, ќе има такви кои ќе направат исправен избор, и тоа не само со зборови туку и со дела (1. Петрово 5:8—10). Дали ти ќе бидеш еден од нив?
21. Што ќе биде испитано во следната статија?
21 Во следната статија ќе можеме да ги одмериме нашите ставови и постапки во светлината на примерите од минатото. Нека секој од нас благодарно се оѕвие на Божјите зборови преку Мојсеј: „Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш“ (5. Мојсеева 30:19).
Како би одговорил?
◻ На кој начин Јехова овозможил благослови за грешните луѓе?
◻ Што се проклетства?
◻ Како можеле Израелците да добијат благослови наместо проклетства?
◻ Какви благослови уживал Израел поради тоа што го слушал Бог?
[Слика на страница 15]
Израелците се собрале пред гората Гаризим и гората Гевал
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.