Благослови или проклетства — примери за нас денес
„Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 10:11).
1. Исто како што некој испитува некое орудие, какво испитување треба да правиме ние?
НЕВИДЛИВА под слојот од боја, ’рѓата може да почне да нагризува некое орудие од железо. Може да помине некое време додека ’рѓата стане видлива на површината. На сличен начин, ставовите и желбите на нечие срце може да почнат да се расипуваат долго пред тоа да доведе до сериозни последици или уште пред да биде забележано од другите. Како што мудро би испитале некое орудие за да видиме дали ’рѓосува, така и темелното испитување на нашето срце и навременото одржување може да ја сочува нашата христијанска неподеленост. Со други зборови, можеме да добиеме Божји благослови и да избегнеме божествени проклетства. Некои може да помислат дека благословите и проклетствата што биле објавени врз древниот Израел, имаат мало значење за оние кои се соочуваат со завршетокот на овој систем на ствари (Исус Навин 8:34, 35; Матеј 13:49, 50; 24:3). Меѓутоа, не е така. Можеме да извлечеме голема корист од предупредувачките примери во кои е вклучен Израел, како што е изложено во 1. Коринтјаните, поглавје 10.
2. Што стои во 1. Коринтјаните 10:5, 6 за доживувањата на Израел во пустината?
2 Апостол Павле прави споредба меѓу Израелците под Мојсеј и христијаните под Христос (1. Коринтјаните 10:1—4). Иако народот на Израел можел да влезе во Ветената земја, ‚повеќето од нив не биле по волјата Божја, бидејќи загинале во пустињата‘. Затоа, на сохристијаните Павле им рекол: „А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи на злото, како што тие беа похотливи“ (1. Коринтјаните 10:5, 6). Желбите се негуваат во срцето, и затоа треба да ги послушаме предупредувачките примери што ги наведува Павле.
Предупредување против идолопоклонството
3. На кој начин Израелците згрешиле во врска со златното теле?
3 Првото Павлово предупредување е: „Не станувајте ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: ‚Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра‘“ (1. Коринтјаните 10:7). Овој предупредувачки пример е во врска со тоа кога Израелците се вратиле на египетските навики и кога направиле идолопоклоничко златно теле (2. Мојсеева, поглавје 32). Ученикот Стефан укажал на основниот проблем: „И кому [на Мојсеј, Божјиот претставник] нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет, откако му рекоа на Арона: ‚Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нѐ изведе од Египетската земја.‘ И во оние дни направија теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце“ (Дела 7:39—41). Забележи дека ‚во своите срца‘ своеглавите Израелци негувале неисправни желби кои довеле до идолопоклонство. ‚Направиле теле, и му принеле жртви на идолот.‘ Уште повеќе, ‚се веселеле пред делото на своите раце‘. Имало музика, пеење, танцување, јадење и пиење. Очигледно, идолопоклонството било заводливо и забавно.
4, 5. Какви идолопоклонички постапки треба да избегнуваме?
4 Современата слика на Египет — Сатановиот свет — всушност ја обожава забавата (1. Јованово 5:19, НС; Откровение 11:8). Тој ги идолизира артистите, пеачите и спортските ѕвезди, како и нивната игра, нивната музика, нивните сфаќања за забавен и пријатен помин. Многумина биле искушувани да станат обземени од забава а сѐ уште да тврдат дека го обожаваат Јехова. Кога некој христијанин мора да биде укорен поради престапување, неговата ослабната духовна состојба може често пати да води потекло од пиење алкохолни пијалоци, танцување и разонодување на некој начин што би можел да се граничи со идолопоклонство (2. Мојсеева 32:5, 6, 17, 18). Некоја забава е здрава и пријатна. Па сепак, денес поголемиот дел од световната музика, танцувањето, играните и видеофилмовите ги задоволуваат расипаните телесни желби.
5 Вистинските христијани не подлегнуваат на обожавањето идоли (2. Коринтјаните 6:16; 1. Јованово 5:21). Нека секој од нас биде подеднакво внимателен да не стане оддаден на идолопоклоничка забава и да ризикува да пострада од штетните последици така што ќе биде обземен во некакво забавување на световен начин. Ако се подложиме на световните влијанија, штетните желби и ставови можат скоро незабележително да се сместат во умот и во срцето. Ако не се исправат, тие на крајот може да доведат до тоа да ‚загинеме во пустињата‘ на Сатановиот систем.
6. Каква позитивна акција можеби ќе треба да преземеме во врска со забавата?
6 Како Мојсеј во времето на инцидентот со златното теле, ‚верниот и разумен роб‘ всушност вели: „Кој е Господов, нека дојде при мене!“ Преземањето позитивна акција за да покажеме дека цврсто стоиме за вистинското обожавање, може да биде животоспасувачко. Мојсеевото племе на Леви брзо дејствувало за да ги расчисти расипувачките влијанија (Матеј 24:45—47, НС; 2. Мојсеева 32:26—28). Затоа, внимателно испитај го својот избор на забава, музика, видеофилмови и слично. Ако на некој начин е расипан, заземи став за Јехова. Со побожна доверба во Јехова, направи промени во својот избор на забава и музика и уништи го духовно штетниот материјал, исто како што Мојсеј го уништил златното теле (2. Мојсеева 32:20; 5. Мојсеева 9:21).
7. Како можеме да го заштитиме симболичното срце?
7 Како можеме да ја спречиме корозијата на срцето? Така што марливо ќе ја проучуваме Божјата Реч, дозволувајќи нејзините вистини да продрат во нашиот ум и срце (Римјаните 12:1, 2). Секако, треба редовно да присуствуваме на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25). Пасивното присуствување на состаноците би можело да се спореди со префарбување на некое ’рѓосано место. Тоа би можело да нѐ разведри за кратко, но не го решава основниот проблем. Место тоа, со претходна подготовка, медитирање и активно учествување на состаноците, можеме одлучно да ги отстраниме корозивните елементи кои можеби се задржуваат во длабнатините на нашето симболично срце. Тоа ќе ни помогне да се придржуваме за Божјата Реч и ќе нѐ зајакне да ги поднесеме испитите на верата и да бидеме „здрави во секој поглед“ (Јаков 1:3, 4, НС; Изреки 15:28а).
Предупредување против блудот
8-10. а) На кој предупредувачки пример се осврнува 1. Коринтјаните 10:8? б) Како можат корисно да се применат Исусовите зборови од Матеј 5:27, 28?
8 Во следниот Павлов пример сме советувани: „Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади“a (1. Коринтјаните 10:8). Апостолот се осврнал на времето кога Израелците се клањале на лажни богови и ‚преку блуд се осквернувале со ќерките на Моав‘ (4. Мојсеева 25:1—9). Сексуалниот неморал се казнува со смрт! Да дозволиш неконтролирано да ти минуваат неморални мисли и желби, е како да дозволиш да ти „’рѓосува“ срцето. Исус навел: „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба [постојано гледа на некоја жена за да се распали со страст по неа, НС], тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:27, 28).
9 За последиците од ‚гледањето за да се распалат со страст по некоја жена‘, сведочи резултатот од расипаното размислување на непослушните ангели пред потопот од времето на Ное (1. Мојсеева 6:1, 2). Исто така, сети се дека еден од најтрагичните настани во животот на цар Давид бил потпален со тоа што продолжил непристојно да гледа во една жена (2. Царства 11:1—4). За разлика од тоа, праведниот оженет човек Јов ‚направил завет со очите свои, за да не погледне на девица‘, со што избегнувал неморал и докажал дека е чувар на чесноста (Јов 31:1—3, 6—11). Очите би можеле да се споредат со прозорци на срцето. А токму од едно расипано срце излегуваат многубројни зли работи (Марко 7:20—23).
10 Ако ги применуваме Исусовите зборови, нема да им даваме оддишка на погрешните мисли со тоа што ќе гледаме порнографски материјал или ќе негуваме неморални мисли во врска со некој сохристијанин, колега од работа или кој и да е друг. ’Рѓата не се отстранува од металот ако само ја исчеткаме корозијата. Затоа, немој површно да ги исчеткаш неморалните идеи и склоности како да се од мало значење. Преземи остри мерки за да се ослободиш од неморалните тежнеења. (Спореди Матеј 5:29, 30.) Павле ги советува соверниците: „Умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта [сексуалната желба, НС], лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство! Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста“. Да, поради таквите работи како што е сексуалниот неморал, „иде гневот Божји“ како израз на неговото проклетство. Затоа, треба да ги ‚умртвиме‘ своите телесни органи во поглед на овие работи (Колосјаните 3:5, 6).
Предупредување против бунтовните негодувања
11, 12. а) Какво предупредување е дадено во 1. Коринтјаните 10:9, и на кој настан се осврнува тоа? б) Како треба да влијае врз нас Павловото предупредување?
11 Павле понатаму предупредува: „Ни, пак, да Го искушуваме Христа [Јехова, НС], како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии“ (1. Коринтјаните 10:9). Додека патувале низ пустината близу границата со Едом, Израелците ‚возроптале против Бога и против Мојсеја: „Зошто нѐ изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша [презрива, НС] храна?“‘ — маната што била обезбедена на чудесен начин (4. Мојсеева 21:4, 5). Само замисли си! Тие Израелци ‚роптале против Бога‘, нарекувајќи ги неговите подготовки презриви!
12 Со своите негодувања Израелците ја искушувале Јеховината трпеливост. Не останале без казна, бидејќи Јехова испратил отровни змии меѓу нив и мнозина умреле од змиските касања. Откако луѓето се покајале а Мојсеј посредувал во нивна корист, поморот бил запрен (4. Мојсеева 21:6—9). Секако дека овој настан би требало да служи како предупредување за нас да не покажуваме бунтовен, негодувачки дух, особено против Бог и неговите теократски подготовки.
Предупредување против мрморењето
13. На што нѐ предупредува 1. Коринтјаните 10:10, и која побуна ја имал Павле на ум?
13 Наведувајќи го својот последен пример во врска со Израелците во пустината, Павле пишува: „Не роптајте, како што некои од нив роптаа, па загинаа од Истребителот“ (1. Коринтјаните 10:10). Побуната избувнала кога Кореј, Датан и Авирон и нивните придружници постапиле нетеократски и го оспориле авторитетот на Мојсеј и на Арон (4. Мојсеева 16:1—3). По уништувањето на бунтовниците, Израелците почнале да мрморат. Тоа било поради тоа што почнале да резонираат дека уништувањето на бунтовниците било неправедно. Во 4. Мојсеева 16:41 е наведено: „На вториот ден целото општество на синовите Израилеви возропта против Мојсеја и Арона и рече: ‚Вие го уништивте народот Господов‘“. Како последица на нивното наоѓање грешки во врска со начинот на кој била извршена правда во таа прилика, од една божествено испратена казна погинале 14.700 Израелци (4. Мојсеева 16:49).
14, 15. а) Кој бил еден од гревовите на ‚безбожниците‘ кои се вовлекле во собранието? б) Што може да се научи од инцидентот во кој бил вклучен Кореј?
14 Во првиот век н. е., „безбожници“ кои се вовлекле во христијанското собрание, се покажале како лажни учители и како мрморковци. Овие луѓе ‚го презирале господството и зборувале навредливо за славните‘ (НС), т.е. помазаниците на кои тогаш им било доверено духовното надгледување на собранието. Во врска со безбожните отпадници, ученикот Јуда исто така рекол: „Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби“ (Јуда 3, 4, 8, 16). Денес, некои поединци стануваат мрморковци затоа што дозволуваат во нивното срце да се развие духовно корозивен став. Честопати, тие се концентрираат на несовршеностите на оние кои се на положба да го надгледуваат собранието и почнуваат да мрморат против нив. Нивното мрморење и негодување може да се прошири до критизирање дури и на публикациите на ‚верниот роб‘.
15 Во ред е да се поставуваат искрени прашања на некоја библиска тема. Но, што ако развиеме негативен став кој се манифестира при критичките дискусии во еден присен круг од пријатели? Би било добро да се запрашаме: ‚До каде ќе доведе ова? Зарем не би било многу подобро да престанеме да мрмориме и понизно да се молиме за мудрост?‘ (Јаков 1:5—8; Јуда 17—21). Кореј и неговите поддржувачи кои се побуниле против авторитетот на Мојсеј и на Арон, можеби биле толку уверени дека нивното гледиште е исправно, што не ги испитале своите мотиви. Па сепак, воопшто не биле во право. А не биле во право ниту Израелците кои мрмореле во врска со уништувањето на Кореј и останатите бунтовници. Колку само е мудро да дозволиме таквите примери да нѐ поттикнат да ги испитаме своите мотиви, да го отстраниме мрморењето или негодувањето и да му дозволиме на Јехова да нѐ прочисти! (Псалм 16:1—3).
Учи и уживај ги благословите
16. Која е суштината на опомената од 1. Коринтјаните 10:11, 12?
16 Под божествена инспирација, Павле го завршува списокот од предупредувачки пораки со опомената: „Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите. Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:11, 12). Да не ја земаме здраво за готово нашата положба во христијанското собрание.
17. Што треба да сториме ако почувствуваме некој неисправен мотив во своето срце?
17 Како што железото е склоно да ’рѓосува, на сличен начин и ние потомците на грешниот Адам сме наследиле склоност кон расипаност (1. Мојсеева 8:21; Римјаните 5:12). Затоа, не треба да бидеме обесхрабрени ако почувствуваме некаков неисправен мотив во своето срце. Наместо тоа, да преземеме одлучна акција. Кога железото е изложено на влажен воздух или на нагризувачка околина, неговата корозија е многу забрзана. Треба да избегнуваме да се изложуваме на ‚воздухот‘ од Сатановиот свет со неговата расипана забава, раширен неморал и негативна склоност на умот (Ефесјаните 2:1, 2).
18. Што сторил Јехова во врска со погрешните склоности на човештвото?
18 Јехова го обезбедил човештвото со средство за сузбивање на неисправните склоности што сме ги наследиле. Го дал својот единороден Син така што оние кои покажуваат вера во него да можат да имаат вечен живот (Јован 3:16). Ако тесно ги следиме Исусовите стапки и покажуваме личност како Христовата, ќе бидеме благослов за другите (1. Петрово 2:21). Исто така, ќе добиеме не проклетства, туку божествени благослови.
19. Како можеме да извлечеме корист од разгледувањето на библиските примери?
19 Иако денес сме подложни на грешки, како што биле и Израелците од старо време, ја имаме Божјата комплетна пишана Реч за да нѐ води. Од нејзините страници учиме за Јеховините постапки со човештвото, како и за неговите особини што се покажани со пример преку Исус, ‚отсјајот на Божјата слава и точниот отпечаток на самото Негово битие‘ (Евреите 1:1—3, НС; Јован 14:9, 10). Преку молитва и марливо проучување на Светото писмо, ние можеме да го имаме ‚умот Христов‘ (1. Коринтјаните 2:16). Кога сме соочени со искушенија и со други испити на нашата вера, можеме да извлечеме корист ако разгледаме некои древни библиски примери, а особено ненадминливиот пример на Исус Христос. Ако правиме така, не ќе мораме да го доживееме исполнувањето на божествени проклетства. Место тоа, ќе се радуваме на Јеховината милост денес и на неговите благослови засекогаш.
[Фуснота]
Како би одговорил?
◻ Како можеме да го примениме Павловиот совет да не станеме идолопоклоници?
◻ Што можеме да сториме за да го послушаме предупредувањето од апостолот против блудот?
◻ Зошто треба да избегнуваме мрморење и негодување?
◻ Како можеме да добиеме божествени благослови, а не проклетства?
[Слика на страница 18]
Ако сакаме божествени благослови, мораме да избегнуваме идолопоклонство
[Слики на страница 20]
Исто како што треба да се отстрани ’рѓата, да преземеме позитивна акција за да ги отстраниме неисправните желби од своето срце