Што можат да нѐ научат ‚инстинктивно мудрите‘ суштества
КЛИМА-УРЕДИТЕ, антифризот, десалинизацијата и сонарот се пронајдоци кои станале нашироко познати за човештвото во XX век. Сепак, тие постоеле во животинскиот свет илјадници години порано. Да, човештвото извлекува корист од проучувањето на ваквите „инстинктивно мудри“ суштества (Изреки 30:24—28, НС; Јов 12:7—9). Се чини дека извесни животни станале неми тутори на човештвото, а за нас може да биде многу интересно да ги проучуваме.
Дали можеме да извлечеме корист од разгледувањето на обележјата на извесни животни? Па, Исус Христос ги споредил своите следбеници со овци, змии, гулаби, дури и со скакулци. Што имал тој на ум кога ги споредил своите следбеници со овие суштества? Да видиме.
„Моите овци го слушаат Мојот глас“
Во Библијата, овците се споменати преку 200 пати. Како што објаснува Smith’s Bible Dictionary (Смитовиот библиски речник), „овцата е симбол на кротост, стрпливост и подложност“. Во Исаија, поглавје 53, и самиот Исус пророчки бил спореден со овца. Колку само е прикладно што своите следбеници ги споредил со истото животно! Но, кои особени карактеристики на овцата ги имал Исус на ум?
„Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене“ (Јован 10:27). На тој начин, ја истакнал кротоста на своите ученици и нивната ревност да го следат. Дословните овци го слушаат својот овчар и спремно го следат. Овчарот исто така има блиска приврзаност со стадото.
Стадото може да биде раштркано низ некоја ливада додека пасе, но секоја овца одржува контакт со групата како целина. На тој начин, кога животните се чувствуваат несигурни или заплашени, „тие можат брзо да се соберат заедно“ — наведува книгата Alles für das Schaf (Сѐ за овцата). Ако овците трчаат за да избегнат некаква опасност, тоа го прават како стадо, повремено запирајќи за да ја преиспитаат ситуацијата. „Бегањето во етапи им овозможува на јагнињата и на послабите животни да држат чекор. Стадото им нуди дури и посебна заштита.“ Што можеме да научиме од ваквото однесување?
Вистинските христијани денес не се раштркани меѓу деноминациите и сектите на христијанскиот свет. Наместо тоа, собрани се во едно стадо. Секој христијанин чувствува лична приврзаност кон ова Божје стадо, а тоа придонесува за единството на организацијата на Јеховините сведоци. Секогаш кога ќе настане некаква криза — било да е сериозна болест, војна или природна катастрофа — каде бара водство и заштита секој обожавател? Во Јеховината организација која нуди духовна сигурност.
Како се става на располагање библискиот совет? Преку публикациите како што е Стражарска кула и нејзиното придружно списание Разбудете се! Овие списанија и христијанските состаноци им нудат дури и посебна помош на оние на кои им е потребна додатна нега, како јагнињата и послабите овци во едно стадо. На пример, им се обрнува внимание на самохраните родители и на оние кои страдаат од депресија. Затоа, колку само е мудро да се чита секое списание, да се присуствува на секој состанок на собранието и да се применува она што го учиме! Со тоа покажуваме кротост и цврста приврзаност кон Божјето стадо (1. Петрово 5:2).
‚Претпазливи како змии и невини како гулаби‘
Смитовиот библиски речник наведува: „По целиот Исток змијата била користена како симбол за принципот на злото, за духот на непослушноста“. Од друга страна, „гулабице моја“ бил израз на нежност (Песна над песните 5:2). Тогаш, што имал Исус на ум кога ги охрабрил своите следбеници да бидат „мудри [претпазливи, НС] како змии и незлобни [невини, НС] како гулаби“? (Матеј 10:16).
Исус давал упатства за проповедањето и поучувањето. Неговите ученици можеле да очекуваат разновиден прием. Малкумина би покажале интерес, додека другите би ја отфрлиле добрата вест. Некои дури и би ги прогонувале овие вистински Божји слуги (Матеј 10:17—23). Како требало учениците да реагираат на прогонството?
Во Das Evangelium des Matthäus (Евангелието по Матеј), во врска со Матеј 10:16, Фриц Ринекер вели: „Остроумноста . . . мора да се комбинира со интегритетот, искреноста и отвореноста за да не се случи ништо што на непријателите би им дало оправдани причини за поплака. Исусовите амбасадори се наоѓаат меѓу немилосрдни противници кои не покажуваат никаков обѕир и безмилосно ги напаѓаат апостолите дури и при најмала прилика. Затоа, неопходно е — исто како една змија — противниците претпазливо да се држат на око и ситуацијата да се одмери со будни очи и чувства; да се остане господар на ситуацијата без трикови или измама, да се биде чист и вистинит на збор и на дело и така човек да се докаже како гулаб“.
Што можат да научат Божјите современи слуги од Исусовите зборови што се наоѓаат во Матеј 10:16? Денес, луѓето реагираат на добрата вест на истиот начин како во првиот век. Кога се соочени со прогонство, вистинските христијани треба да ја комбинираат остроумноста на змијата со чистотата на гулабот. Христијаните никогаш не користат измама или нечесност, туку се нерасипани, искрени и чесни кога на другите им ја објавуваат пораката за Царството.
Да илустрираме: Колегите на работа, младите в училиште, па дури и членовите на твоето семејство може да даваат зајадливи забелешки во врска со твоите верувања како Сведок на Јехова. Првата реакција би можела да биде да одговориш на ист начин така што ќе бидеш подеднакво остар во поглед на нивната вера. Но, дали тоа е невино? Тешко. Ако на своите критизери им покажеш дека нивните коментари немаат никакво влијание врз твоето пријатно однесување, тие баш би можеле да се променат на подобро. Така ќе бидеш и остроумен и беспрекорен — претпазлив како змија, а сепак невин како гулаб.
„Скакулците личеа на коњи приготвени за војна“
Списанието GEO известува дека во 1784 година, Јужна Африка била погодена од „најголемиот рој [од скакулци] што некогаш бил регистриран во пишаната историја“. Ројот покрил подрачје од 5.200 квадратни километри, што е за околу пет пати повеќе од големината на Хонгконг. Смитовиот библиски речник вели дека скакулецот „причинува ужасна пустош врз вегетацијата во земјите што ги посетува“.
Во своето од Бог дадено откровение за работите што требало да се случат за време на „Господовиот ден“, Исус употребил визија за еден рој од скакулци. Во врска со нив, било речено: „Скакулците личеа на коњи приготвени за војна“ (Откровение 1:1, 10, НС; 9:3—7). Какво било значењето на оваа симболика?
Јеховините сведоци одамна разбрале дека со скакулците од Откровение, поглавје 9, се опишани помазаните Божји слуги на Земјата во овој век.a На овие христијани им била доделена една посебна работа — да ја проповедаат пораката за Царството ширум Земјата и да прават ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Ова бара од нив да совладуваат препреки и да се држат за своето дело. Што би можело подобро да го илустрира ова од несовладливите скакулци?
Иако е долг нешто повеќе од 5 сантиметри, скакулецот обично патува помеѓу 100—200 километри на ден. Пустинскиот скакулец може дури да го продолжи тоа и до 1.000 километри. GEO објаснува дека „неговите крилја замавнуваат 18 пати во секунда и до 17 часа на ден — нешто што ниеден друг инсект не успева да го стори“. Колку само огромна задача за едно такво ситно суштество!
Како група, Јеховините сведоци се непоколебливи во ширењето на добрата вест за Царството. Тие сега проповедаат во преку 230 земји. Овие слуги на Бог совладуваат многу потешкотии со цел да имаат удел во извршувањето на делото. Со какви проблеми се соочуваат тие? Предрасудите, законските ограничувања, болеста, обесхрабрувањето и противењето од роднините се само некои. Но, ништо не може да го запре нивното напредување. Тие цврсто се држат за нивното дело што им е дадено од Бог.
Продолжи да покажуваш христијански особини
Да, Исус ги споредил своите следбеници со овци, змии, гулаби и со скакулци. Тоа навистина е соодветно за нашево време. Зошто? Затоа што претстои крајот на овој систем на ствари, а проблемите се покритични од кога и да било.
Имајќи ги на ум Исусовите илустративни зборови, вистинските христијани цврсто се држат за Божјето стадо и кротко го прифаќаат советот од Јеховината организација. Тие и понатаму бдеат и се будни на ситуациите кои би можеле да ги попречат нивните христијански активности, додека остануваат без приговор во сите работи. Освен тоа, и покрај препреките истрајуваат во вршењето на Божјата волја. И продолжуваат да учат од некои ‚инстинктивно мудри‘ суштества.
[Фуснота]
a Види Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), издадено од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк., поглавје 22.