Гамалиил — тој го поучувал Савле од Тарс
МЕЃУ мноштвото завладеала мртва тишина. Само неколку моменти пред тоа, тие само што не го убиле апостол Павле. Познат и како Савле од Тарс, тој бил ослободен од римските трупи и сега, стоејќи на скалите близу до храмот во Ерусалим, се соочил со народот.
Замавнувајќи со раката во знак на тишина, Павле почнал да зборува на хебрејски, велејќи: „Мажи браќа и отци! Чујте го сега моето оправдание пред вас . . . Јас сум човек Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град при нозете Гамалиилови, изучен точно според Законот на татковците и исполнет со ревност кон Бога, како што сте и вие сите денес“ (Дела 22:1—3).
Зошто Павле, кога му бил животот во опасност, ја започнал својата одбрана велејќи дека бил школуван од Гамалиил? Кој бил Гамалиил и што вклучувало да се биде поучуван од него? Дали ова поучување влијаело на Савле дури и откако станал христијански апостол Павле?
Кој бил Гамалиил?
Гамалиил бил добро познат фарисеј. Тој бил внук на Хилел Постариот, кој ја основал едната од двете прочуени школи на мислење во фарисејскиот јудаизам.a За пристапот на Хилел се сметало дека е потолерантен отколку пристапот на неговиот ривал Шамаи. По уништувањето на ерусалимскиот храм во 70 г. н. е., Бет Хилел (Домот на Хилел) бил поомилен отколку Бет Шамаи (Домот на Шамаи). Домот на Хилел станал службен израз на јудаизмот, со оглед на тоа што со уништувањето на храмот исчезнале сите други секти. Одлуките на Бет Хилел често се основа на еврејскиот закон во Мишната, која станала темел на Талмудот, а влијанието на Гамалиил очигледно било главен фактор за неговата доминантност.
Гамалиил бил толку почитуван што бил првиот кој бил наречен рабан, што е повисока титула од рабин. Всушност, Гамалиил станал толку високо почитуван поединец што за него Мишната вели: „Кога умре Рабан Гамалиил постариот, славата на Тората престана, а чистотата и светоста [буквално „одвоеноста“] изумреа“ (Сота 9:15).
Поучуван од Гамалиил — како?
Што значело тоа што апостол Павле му кажал на мноштвото во Ерусалим дека бил ‚воспитан при нозете Гамалиилови‘? Што било вклучено во тоа да се биде ученик на учител како Гамалиил?
Во врска со таквото поучување, професорот Дов Злотник од еврејскиот теолошки семинар на Америка, пишува: „Точноста на усниот закон, па оттука и неговата веродостојност, скоро во потполност зависи од односот учител—ученик: преземената грижа од страна на учителот во поучувањето на законот и спремноста на ученикот да го научи . . . Затоа, на учениците им било нагласувано да седат покрај нозете на учените луѓе . . . ‚и жедно да ги пијат нивните зборови‘“ (Авот 1:4, Мишна).
Во својата книга History of the Jewish People in the Time of Jesus (Историјата на еврејскиот народ во времето на Исус Христос), Емил Ширер ги осветлува методите на рабинските учители од првиот век. Тој пишува: „Попознатите рабини често собирале околу себе голем број млади луѓе кои биле желни за поука, со цел во потполност да ги запознаат со многу поделениот и обилен ‚устен закон‘. . . . Поуката се состоела од неуморно, постојано вежбање на меморијата . . . Учителот ќе им изнесел на учениците да одлучат за неколку правни прашања, а потоа ќе им дозволел да ги одговорат или самиот ги одговарал. И на учениците им било дозволено да му поставуваат прашања на учителот“.
Од гледна точка на рабините, за учениците имало нешто многу поважно отколку само да добијат преодна оценка. Оние кои учеле кај такви учители биле предупредени: „Ако некој заборави макар една единствена работа од она што го учел — Писмото му го смета тоа како да станува одговорен за својот живот“ (Авот 3:8). Најголемата награда му била доделувана на оној студент кој бил како „цементиран бунар кој не пропушта ниту една капка вода“ (Авот 2:8). Такво било поучувањето кое Павле, тогаш познат по своето хебрејско име Савле од Тарс, го примил од Гамалиил.
Духот на Гамалииловите учења
Во согласност со фарисејското учење, Гамалиил унапредувал верба во усниот закон. Така, тој ставил поголем нагласок на рабинските традиции отколку на инспирираното Писмо (Матеј 15:3—9). Мишната го цитира Гамалиил како вели: „Обезбеди си учител [рабин] и ослободи се од сомневање, за да не даваш дополнителен десеток отприлика“ (Авот 1:16). Тоа значело дека кога Хебрејските списи не кажувале јасно што да се прави, лицето не смеело да го користи сопственото расудување или да ја следи својата совест за да донесе одлука. Наместо тоа, тој морал да најде оспособен рабин кој требало да донесе одлука за него. Според Гамалиил, само на тој начин некој поединец ќе избегнел да греши. (Спореди Римјаните 14:1—12.)
Меѓутоа, Гамалиил главно е познат по потолерантниот, широкограден став во неговите религиозно-правни прописи. На пример, тој покажал обзир кон жените со тоа што донел пропис со кој „дозволувал некоја жена повторно да се омажи врз основа на сведоштвото од само еден сведок [за смртта на нејзиниот сопруг]“ (Јевамот 16:7, Мишна). Освен тоа, за да го заштити оној кој е разведен, Гамалиил вовел бројни ограничувања при издавањето разводно писмо.
Тој дух се гледа и во Гамалииловите постапки со раните следбеници на Исус Христос. Книгата Дела раскажува дека кога еврејските водачи сакале да ги убијат Исусовите апостоли кои ги имале затворено поради проповедање, „во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор, а ним им рече: ‚Луѓе Израилци, помислете си добро што ќе правите со овие луѓе! . . И сега ви велам — оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; . . . внимавајте да не станете борци против Бога!‘“ Советот на Гамалиил бил земен предвид и апостолите биле ослободени (Дела 5:34—40).
Што значело тоа за Павле?
Павле бил поучуван и школуван од еден од најголемите рабински учители во првиот век н. е. Без сомнение, тоа што апостолот укажал на Гамалиил, предизвикало мноштвото во Ерусалим да обрне посебно внимание на неговиот говор. Но, тој им зборувал за еден Учител кој бил далеку поголем од Гамалиил — Исус, Месијата. Сега Павле му се обратил на мноштвото како ученик на Исус, а не на Гамалиил (Дела 22:4—21).
Дали тоа што Павле бил поучуван од Гамалиил влијаело на тоа како Павле поучувал како христијанин? Веројатно, строгата поука од Писмото и од еврејскиот закон се покажале корисни за Павле како христијански учител. Сепак, Павловите божествено инспирирани писма кои се наоѓаат во Библијата, јасно покажуваат дека тој ја отфрлил суштината на Гамалииловата фарисејска вера. Своите сонародници и сите други луѓе Павле не ги упатил кон рабините на јудаизмот или кон човечките традиции, туку кон Исус Христос (Римјаните 10:1—4).
Ако Павле продолжел да биде ученик на Гамалиил, тој ќе уживал голем углед. Другите од рангот на Гамалиил помогнале да се обликува иднината на јудаизмот. На пример, Гамалииловиот син Симеон, можеби соученик на Павле, одиграл главна улога во еврејскиот бунт против Рим. После уништувањето на храмот, Гамалииловиот внук Гамалиил II го обновил авторитетот на Синедрионот преместувајќи го во Јавне. Јуда Ха-Наси, внукот на Гамалиил II, бил составувач на Мишната која, пак, станала камен-темелник на еврејската мисла до ден-денес.
Како ученик на Гамалиил, Савле од Тарс можел да стане многу истакнат во јудаизмот. Сепак, во врска со таквата кариера, Павле напишал: „Тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета. Затоа сметам дека и сѐ друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да го придобијам Христа“ (Филипјаните 3:7, 8).
Оставајќи ја својата кариера како фарисеј зад себе и станувајќи следбеник на Исус Христос, Павле практично го применил советот од својот поранешен учител — да внимава да не стане ‚борец против Бог‘. Со тоа што прекинал да ги прогонува Исусовите ученици, Павле престанал да се бори со Бог. Наместо тоа, станувајќи следбеник на Исус, тој станал еден од оние кои се „соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9).
Јеховините сведоци продолжуваат да ја објавуваат пораката на вистинитото христијанство во наше време. Слично на Павле, многумина од нив направиле драстични промени во своите животи. Некои дури се откажале од надежни кариери за да имаат поголемо учество во активноста на проповедањето на Царството, навистина дело ‚од Бог‘ (Дела 5:39). Колку само се среќни поради тоа што го следат Павловиот пример наместо примерот на неговиот поранешен учител Гамалиил!
[Фуснота]
a Некои извори велат дека Гамалиил бил син на Хилел. Талмудот не е баш јасен во врска со таа работа.
[Слика на страница 28]
Како апостол Павле, Савле од Тарс им ја објавувал добрата вест на луѓето од нациите