ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 15/11 стр. 25-28
  • Мишната и Божјиот закон до Мојсеј

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мишната и Божјиот закон до Мојсеј
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јудаизмот без храм
  • Консолидирање на усниот закон
  • Составување на Мишната
  • Усниот закон — зошто бил изнесен на писмено?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Што е Талмудот?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Дали Библијата е вдахновена од Бог?
    Ќе постои ли некогаш свет без војни?
  • Законот пред Христа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 15/11 стр. 25-28

Мишната и Божјиот закон до Мојсеј

„ПОЧНУВАМЕ со впечатокот дека се приклучуваме кон некој разговор кој веќе долго време се одвива за теми кои никогаш не можеме да ги сфатиме . . . Се чувствуваме како да се наоѓаме во некоја транзитна чекална на некој далечен аеродром. Ги разбираме зборовите што ги кажуваат луѓето, но збунети сме од нивното значење и грижи, а над сѐ од итноста на нивните гласови“. На ваков начин еврејскиот научник Јаков Ноиснер ги опишува чувствата што можеби ги имаат читателите кога првпат ќе се свртат кон Мишната. Ноиснер додава: „Мишната не започнува никаде. Таа завршува нагло“.

Во A History of Judaism, Даниел Џереми Силвер ја нарекува Мишната „суштински текст на рабинскиот јудаизам“. Всушност, тој понатаму коментира: „Мишната ја заменила Библијата како суштински наставен план на континуирано [еврејско] образование“. Зошто една книга со таков нејасен стил би станала толку важна?

Дел од одговорот лежи во оваа изјава дадена во Мишната: „Мојсеј ја прими Тората на Синај и му ја предаде на Исус Навин, Исус Навин на старешините, а старешините на пророците. А пророците им ја предадоа на мажите од големиот собир“ (Авот 1:1). Мишната тврди дека во неа станува збор за информации кои му се предадени на Мојсеј на планината Синај — непишан дел од Божјиот закон за Израел. Мажите од големиот собир (подоцна наречен Синедрион) се сметале за дел од една долга редица мудри научници, односно мудреци, кои усно пренесувале извесни учења од генерација на генерација сѐ додека конечно не биле запишани во Мишната. Но, дали тоа се заснова на факти? Кој, всушност, ја напишал Мишната и зошто? Дали нејзината содржина потекнува од Мојсеј на Синај? Дали таа има значење за нас денес?

Јудаизмот без храм

Верувањето во божествен устен закон даден покрај пишаниот Мојсеев закон, не било познато кога Писмото се пишувало под инспирацијаa (2. Мојсеева 34:27). Многу векови подоцна, фарисеите биле група во рамките на јудаизмот, кои го развиле и го промовирале овој концепт. Во текот на првиот век н. е., садукеите и другите Евреи се противеле на ова небиблиско учење. Меѓутоа, сѐ додека храмот во Ерусалим бил центар на еврејското обожавање, спорното прашање за усниот закон било секундарно. Обожавањето во храмот му дало структура и одреден степен на стабилност на постоењето на секој Евреин.

Но, во 70 н. е., еврејската нација се соочила со религиозна криза од незамисливи размери. Ерусалим бил уништен од римските легии и биле убиени повеќе од еден милион Евреи. Храмот, центарот на нивниот духовен живот, повеќе го немало. Било невозможно да се живее според Мозаитскиот закон, кој барал жртвување и свештеничка служба во храмот. Повеќе го немало камен-темелникот на јудаизмот. Талмудскиот научник Адин Стаинсолц пишува: „Уништувањето . . . во 70 н. е. направило да стане итна потребата од реконструкција на целокупната структура на религиозниот живот“. И тој навистина бил реконструиран.

Дури и пред да биде уништен храмот, Јоханан бен Закаи, почитуван ученик на фарисејскиот водач Хилел, добил дозвола од Веспазијан (кој наскоро требало да стане император) да го премести духовниот центар на јудаизмот и Синедрионот од Ерусалим во Јавнех. Како што објаснува Стаинсолц, после уништувањето на Ерусалим, Јоханан бен Закаи „се соочил со предизвикот да воспостави нов центар за луѓето и да им помогне да се приспособат кон новите околности според кои религиозниот жар требало да биде свртен кон една друга жаришна точка сега кога Храмот повеќе не постоел“. Оваа нова жаришна точка бил усниот закон.

Храмот бил во урнатини, а садукеите и другите еврејски секти не нуделе никаква убедлива алтернатива. Фарисеите станале еврејска матица, интегрирајќи ја опозицијата. Нагласувајќи го единството, водечките рабини престанале да се нарекуваат фарисеи, термин кој е полн со секташки и приврзанички импликации. Тие станале познати едноставно како рабини, „мудреците на Израел“. Овие мудреци сакале да изградат некакво здание за да го сместат својот концепт на усниот закон. Тоа би била една духовна структура која е далеку понеподложна на човечки напад отколку храмот.

Консолидирање на усниот закон

Иако рабинската академија во Јавнех (40 километри западно од Ерусалим) сега била главен центар, други академии кои го учеле усниот закон почнале да се појавуваат низ Израел, па дури и толку далеку како во Вавилон и во Рим. Меѓутоа, ова создало еден проблем. Стаинсолц објаснува: „Сѐ додека сите мудреци биле собрани заедно и главната работа на школувањето ја извршувала една група мажи [во Ерусалим], се зачувала еднообразноста на традицијата. Но, умножувањето на учителите и основањето на одвоени школи создало . . . презаситеност од формули и методи на изразување“.

Учителите на усниот закон биле наречени танаими, термин изведен од арамејскиот корен со значење „да проучува“, „да повторува“ или „да поучува“. Ова ја нагласило нивната метода за учење и поучување на усниот закон преку интензивно повторување и меморирање. За да се олесни меморирањето на усните традиции, секоја одредба или традиција била сведена на кратка, концизна фраза. Колку помалку зборови, толку подобро. Се барал стилизиран, поетски облик, а фразите честопати се повторувале, односно се пееле. Сепак, овие одредби биле дезорганизирани и многу варирале од учител до учител.

Првиот рабин кој дал специфична форма и структура на многуте различни орални традиции бил Акиба бен Јосиф (о. 50—135 н. е.). Во врска со него, Стаинсолц пишува: „Неговите современици ја споредиле неговата активност со делото на еден работник кој излегува на полето и во својата кошница става сѐ што ќе најде случајно, потоа се враќа дома и секој вид го средува одвоено. Акиба проучил голем број дезорганизирани предмети и ги класифицирал во засебни категории“.

Во вториот век н. е. — повеќе од 60 години по уништувањето на Ерусалим — Бар Кокба го предводел вториот голем еврејски бунт против Рим. И овојпат побуната довела до катастрофа. Акиба и многу од неговите ученици биле меѓу оние речиси еден милион еврејски жртви. Секакви надежи за повторно изградување на храмот биле разбиени додека римскиот император Адријан им забранил на Евреите пристап во Ерусалим, освен на годишнината на уништувањето на храмот.

Танаимот кој живеел после Акиба, никогаш не го видел храмот во Ерусалим. Но, структурниот шаблон на проучување во традициите на усниот закон станал нивни „храм“, односно центар на обожавање. Работата што Акиба и неговите ученици ја започнале за зацврстување на оваа структура на усниот закон, ја презел последниот танаим, Јуда ха⁠-​Наси.

Составување на Мишната

Јуда ха⁠-​Наси бил потомок на Хилел и Гамалиил.b Роден во периодот на бунтот на Бар Кокба, тој станал глава на еврејската заедница во Израел кон крајот на вториот век и на почетокот на третиот век н. е. Називот ха⁠-​Наси значи „принц“, укажувајќи на статусот што го поседувал во очите на со⁠-​Евреите. На него често се укажува едноставно како на Раби. Јуда ха⁠-​Наси исто така ја водел својата сопствена академија, како и Синедрионот, најнапред во Бет Ше’арим и подоцна во Сефорис во Галилеја.

Согледувајќи дека идните конфликти со Рим би можеле да го загрозат самото пренесување на усниот закон, Јуда ха⁠-​Наси одлучил да му даде една структура која би го осигурала неговото зачувување. Во својата академија ги собрал најистакнатите научници од своето време. Се дебатирало за секоја точка и традиција од усниот закон. Резимеата од овие дискусии биле консолидирани во неверојатно збиени фрази кои го следеле крутиот образец на еврејската поетска проза.

Овие резимеа биле организирани во шест главни поделби, односно Редови, според главните теми. Јуда понатаму ги поделил во 63 групи, односно студии. Сега духовното здание било завршено. Дотогаш, таквите традиции секогаш се пренесувале усно. Но, како една дополнителна заштита бил преземен последниот револуционерен чекор — сѐ да се стави во писмена форма. Оваа импресивна нова пишана структура која го сместила усниот закон била наречена Мишна. Името Мишна доаѓа од хебрејскиот корен шана́х, што значи „да повторува“, „да проучува“ или „да поучува“. Тој е еквивалент на арамејскиот тена́, од кој доаѓа тана́им, термин кој се применува на учителите на Мишната.

Целта на Мишната не била да утврди некаков дефинитивен кодекс. Во неа повеќе станувало збор за исклучоци, под претпоставка дека читателот ги знае основните начела. Всушност, таа го резимирала она што се дискутирало и се поучувало во рабинските академии во периодот на Јуда ха⁠-​Наси. Мишната требала да биде еден нацрт на усниот закон за понатамошно дебатирање, еден скелетен облик, односно основна структура на која ќе се гради.

Наместо да открие нешто што му било дадено на Мојсеј на планината Синај, Мишната дава увид во развитокот на усниот закон, концепт кој започнал со фарисеите. Информациите што се запишани во Мишната фрлаат некаква светлина врз изјавите во Христијанските грчки списи и врз извесни дискусии помеѓу Исус Христос и фарисеите. Меѓутоа, потребна е претпазливост затоа што идеите што се наоѓаат во Мишната ги одразуваат еврејските гледишта од вториот век н. е. Мишната е мост помеѓу периодот на вториот храм и Талмудот.

[Фусноти]

a За дополнителни информации види страници 8—11 од брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

b Види ја статијата „Гамалиил — Тој го поучувал Савле од Тарс“, во Стражарска кула од 15 јули 1996.

[Рамка на страница 26]

Поделбите на Мишната

Мишната е поделена на шест Редови. Тие се состојат од 63 помали книги, односно студии, поделени на поглавја и мишни, односно пасуси (не стихови).

1. ЗЕРАИМ (Земјоделски закони)

Овие студии вклучуваат дискусии за молитви кажани за храната и во врска со земјоделството. Тие вклучуваат и правила за десеток, свештенички делови, паберкување и сабатни години.

2. МОЕД (Свети прилики, празници)

Студиите во овој Ред дискутираат за закони во врска со Сабатот, Денот на помирувањето и другите празници.

3. НАШИМ (Жени, закон за бракот)

Ова се студии кои дискутираат за бракот и за разводот, за завети, Назиреи и случаи на сомневање во прељуба.

4. НЕЗИКИН (Штети и граѓански закон)

Студиите во овој Ред обработуваат теми во врска со граѓанскиот закон и законот за сопственост, за судови и казни, за функционирањето на Синедрионот, за идолопоклонството, за заветите и за етиката на Отците (Авот).

5. КОДАШИМ (Жртви)

Овие студии дискутираат за одредби во врска со животински и зрнести приноси, како и за димензиите на храмот.

6. ТОХАРОТ (Ритуали за прочистување)

Овој Ред се состои од студии кои дискутираат за ритуалната чистота, за капењето, миењето раце, кожните болести и за нечистота на различни предмети.

[Рамка на страница 28]

Мишната и христијанските грчки списи

Матеј 12:1, 2: „Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: ‚Ете, учениците Твои прават, што не треба да се прави во сабота‘ “. Хебрејските списи не го забрануваат она што го направиле Исусовите ученици. Но, во Мишната наоѓаме список од 39 активности кои рабините ги забрануваат на сабат (Шабат 7:2).

Матеј 15:3: „А [Исус] им одговори и рече: ‚Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?‘ “ Мишната го потврдува ваквиот став (Синедрион 11:3). Читаме: „Поголема строгост му припаѓа на [придржувањето кон] зборовите на книжниците отколку на [придржувањето кон] зборовите на [пишаниот] закон. Ако некој човек речел: ‚Не постои обврзаност да се носат филактерии‘ и со тоа ги прекрши зборовите на законот, тој не сноси вина, [но ако речел]: ‚Во нив треба да има пет прегради‘, така што додаде кон зборовите на книжниците, тој сноси вина“ (The Mishnah од Херберт Данби, страница 400).

Ефесјаните 2:14: „Он [Исус] е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив“. Мишната вели: „На храмското брдо имало решеткаста ограда (Сорег), висока десет ширини на рацете“ (Мидот 2:3). На не⁠-​Евреите им било забрането да минуваат зад ова место и да влезат во внатрешните дворови. Апостол Павле можеби укажувал на овој ѕид на еден симболичен начин кога им пишувал на ефесјаните во 60 или 61 н. е., кога сѐ уште стоел. Симболичниот ѕид бил сојузот на законот, кој долго време ги одвојувал Евреите од народите. Меѓутоа, на темел на Христовата смрт во 33 н. е., тој ѕид бил поништен.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели