Дали душата е бесмртна?
ПРИЈАТЕЛИТЕ и семејството мирно одат во колона покрај отворениот мртовечки сандак. Се загледуваат во телото на еден 17-годишен младич. Неговите школски другари едвај го препознаваат. Хемотерапијата му ја проретчила косата; ракот предизвикал да изгуби многу од тежината. Може ли ова навистина да е нивниот пријател? Само пред неколку седмици тој беше толку полн со идеи, со прашања, со енергија — со живот! Мајката на момчето низ солзи секогаш одново повторува: „Томи сега е посреќен. Бог го сакаше Томи кај себе на небото“.
Оваа мајка со скршено срце наоѓа извесна мера на надеж и утеха во идејата дека некако нејзиниот син сѐ уште живее. Во црквата била поучувана дека душата е бесмртна, дека таа е седиште на личноста, мислите, сеќавањата — на своето „јас“. Душата на нејзиниот син, верува таа, воопшто не умрела; како живо духовно суштество, таа го напуштила неговото тело при смртта и отишла на небото за да биде со Бог и со ангелите.
Во време на трагедија, човечкото срце очајнички се фаќа за каков и да е зрак на надеж, па затоа не е тешко да се види зошто ова верување е многу привлечно. На пример, размисли за начинот на кој се изразил теологот Џ. Патерсон — Смајт во The Gospel of the Hereafter (Евангелието за другиот свет): „Смртта е нешто што е многу мало во споредба со она што доаѓа потоа — тој прекрасен, прекрасен, прекрасен свет во кој нѐ воведува Смртта“.
Ширум светот и во многу религии и култури, луѓето веруваат дека човекот во себе има душа која не умира, свесен дух кој продолжува да живее откако телото ќе умре. Верувањето е скоро универзално во илјадниците религии и секти на христијанскиот свет. Тоа е официјална доктрина и во јудаизмот. Хиндусите веруваат дека атманот, односно душата, била создадена на почетокот од времето, дека е затворена при раѓањето и дека при смртта се преселува во друго тело во еден постојан циклус од реинкарнации. Муслиманите веруваат дека душата доаѓа во постоење со телото и дека живее понатаму откако телото ќе умре. Другите вери — африканските анимисти, шинтоистите, донекаде дури и будистите — учат за варијации на истата оваа тема.
Некои вознемирувачки прашања
Иако идејата за бесмртна душа има неоспорна и скоро универзална привлечност, таа сепак покренува некои вознемирувачки прашања. На пример, луѓето се прашуваат каде оди душата на некој сакан умрен, доколку таквиот не водел примерен живот. Дали ќе биде реинкарнирана како некаков нижи облик на живот? Или, пак, е испратена во чистилиште, каде што ќе биде прочистувана преку некаков огнен процес, сѐ додека не биде просудена за достојна да оди на небо? Што е уште полошо, дали ќе биде мачена засекогаш во некаков огнен пекол? Или, пак, како што поучуваат многу анимистички религии, таа е дух кој мора да биде смирен?
Таквите сфаќања создаваат тегобни изгледи за живите. Дали треба да ги смируваме духовите на нашите сакани кои умреле за да не излеат одмазда врз нас? Дали се очекува од нас да им помогнеме да излезат од некакво ужасно чистилиште? Или треба само да трепериме во беспомошен ужас при помислата за нивното страдање во пеколот? Или, пак, спрема некои живи суштества да се однесуваме како тие да ги носат душите на починатите луѓе?
Прашањата што се покренуваат во врска со самиот Бог не се ништо поутешни. На пример, многу родители, како мајката спомената на почетокот, првин се утешени со идејата дека Бог ја „зел“ на небото бесмртната душа на нивното дете за да биде со него. Сепак, за многумина е само прашање на времето додека почнат да се прашуваат каков е тој Бог кој би му нанел некаква одвратна болест на едно невино дете, грабнувајќи им го тоа скапоцено лице на родителите со скршено срце, само за предвреме да го пресели детето на небо. Каде е правдата, љубовта и милосрдноста кај еден таков Бог? Некои дури ја доведуваат во прашање и мудроста на таквиот Бог. Зошто, прашуваат тие, еден мудар Бог би ги поставил сите овие души на Земјата уште на почетокот ако се очекува сите тие и онака да завршат на небото? Зарем тоа не би значело дека создавањето на Земјата навистина било една огромна залудност? (Спореди 5. Мојсеева 32:4; Псалм 102:8; Исаија 45:18; 1. Јованово 4:8.)
Според тоа, јасно е дека доктрината за бесмртноста на човечката душа, без разлика во кој облик се поучува, донесува збунувачки прашања, па дури и противречности? Зошто? Повеќето од проблемите се однесуваат на потеклото на ова учење. Може ќе биде просветлувачки накратко да ги испиташ овие корења; и може да бидеш изненаден кога ќе дознаеш што вели самата Библија за душата. Таа нуди една далеку подобра надеж за живот после смртта отколку она што го учат религиите на светот општо.