Дали постои живот после смртта?
„За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее . . . Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ (МОЈСЕЈ, ДРЕВЕН ПРОРОК).
1-3. На кој начин мнозина бараат утеха кога ќе им умре некое љубено лице?
ВО ЕДЕН погребен завод во Њујорк Сити, пријателите и семејството мирно одат во колона покрај отворениот мртовечки сандак. Вкочането гледаат во телото на едно 17-годишно момче. Неговите школски другари едвај го препознаваат. Хемотерапијата му ја проретчила косата; ракот предизвикал да изгуби од тежината. Може ли ова навистина да е нивниот пријател? Само пред неколку месеци тој беше толку полн со идеи, со прашања, со енергија — со живот! Со скршено срце, мајката на момчето се обидува да најде надеж и утеха во идејата дека нејзиниот син некако сѐ уште живее. Низ солзи, секогаш одново го повторува она за кое била поучена: „Томи сега е посреќен. Бог го сакаше Томи кај себе на небото“.
2 Околу 11.000 километри подалеку, во Јамнагар (Индија), тројцата синови на еден 58-годишен бизнисмен помагаат телото на татко им да се стави на една погребна клада. На сјајното утринско Сонце, најстариот син ја почнува процедурата на спалување, запалувајќи ги дрвените трупци со еден факел и истурајќи една мешавина од зачини со пријатен мирис и темјан врз татковото безживотно тело. Потпукнувањето на огнот е надјачано од браманските повторливи изговарања на санскритски мантри, што значат: „Душата која никогаш не умира нека продолжи во своите напори да стане едно со конечната реалност“.
3 Додека тројцата браќа го набљудуваат спалувањето, секој од нив немо се прашува: ‚Дали верувам во живот после смртта?‘ Поради тоа што биле школувани во различни делови од светот, тие даваат различни одговори. Најмладиот се чувствува уверен дека нивниот љубен татко ќе биде реинкарниран во живот со поголем статус. Средниот брат верува дека мртвите во извесна смисла се заспани, дека воопшто не се свесни за ништо. Најстариот едноставно се обидува да ја прифати реалноста на смртта, бидејќи мисли дека никој не може со сигурност да знае што ни се случува кога ќе умреме.
Едно прашање, многу одговори
4. Кое прашање со векови му задавало болка на човештвото?
4 ,Дали постои живот после смртта?‘ е прашање кое го сматувало човештвото со милениуми. „Дури и на теолозите им е непријатно кога ќе се соочат со [него]“ — вели Ханс Кинг, католички изучувач. Низ вековите, луѓето во секое општество се задлабочувале во темата, па затоа и предложените одговори се многубројни.
5-8. Што учат различни религии за животот после смртта?
5 Мнозина номинални христијани веруваат во небо и во пекол. Хиндусите, од друга страна, веруваат во реинкарнација. Коментирајќи за муслиманското гледиште, Амир Муавија, асистент во еден исламски религиозен центар, вели: „Ние веруваме дека после смртта ќе има ден на суд, кога ќе одиш пред Бога, Алах, исто како да одиш на суд. Според исламското верување, тогаш Алах ќе го процени животниот пат на секој еден и ќе го испрати лицето во рај или во пеколен оган.
6 Во Шри Ланка, кога во нивното домаќинство ќе се случи смрт, и будистите и католиците ги оставаат вратите и прозорците ширум отворени. Се пали една газиена ламба, а сандакот се става со нозете на починатиот свртени кон влезната врата. Тие веруваат дека овие мерки го олеснуваат излегувањето на духот, односно душата, на починатиот од куќата.
7 Австралиските абориџини, вели Роналд М. Бернт од Универзитетот на Западна Австралија, веруваат дека „човечките суштества се духовно неуништиви“. Извесни африкански племиња веруваат дека после смртта, обичните луѓе стануваат сеништа, додека угледните поединци — духови на предците, кои ќе бидат почитувани и молени како невидливи водачи на заедницата.
8 Во некои земји, верувањата во врска со наводните души на умрените се мешавина од локалната традиција и номиналното христијанство. На пример, кај многу католици и протестанти во Западна Африка, вообичаено е да се покриваат огледалата кога некој ќе умре за да не погледне некој и да го види духот на умреното лице. Потоа, 40 дена по смртта на љубеното лице, семејството и пријателите го прославуваат вознесувањето на душата на небото.
Заедничка тема
9, 10. По кое фундаментално верување се согласуваат повеќето религии?
9 Одговорите на прашањето во врска со тоа што се случува кога ќе умреме се исто толку разновидни колку и обичаите и верувањата на луѓето кои ги даваат. Сепак, повеќето религии се сложуваат околу една фундаментална идеја: Нешто внатре во лицето — душа, дух, сениште — е бесмртно и продолжува да живее после смртта.
10 Верувањето во бесмртноста на душата е скоро универзално во илјадниците религии и секти на христијанскиот свет. Тоа е официјална доктрина и во јудаизмот. Во хиндуизмот ова верување е самиот темел на учењето за реинкарнација. Муслиманите веруваат дека душата доаѓа во постоење со телото, но дека живее и понатаму откако телото ќе умре. Други вери — африканскиот анимизам, шинто, па дури и будизмот — учат за варијации на истата оваа тема.
11. Како гледаат некои изучувачи на идејата дека душата е бесмртна?
11 Некои го заземаат спротивното гледиште, дека свесниот живот завршува при смртта. Идејата дека емоционалниот и интелектуалниот живот продолжува во некаква безлична, сенчеста душа, одвоена од телото, ним им се чини далеку од разумот. Шпанскиот писател и изучувач од 20 век, Мигел де Унамуно, пишува: „Да веруваш во бесмртност на душата значи да посакуваш душата да биде бесмртна, но тоа да го посакуваш со толкава силина што ова сакање ќе го згази разумот под нозе и ќе помине преку него“. Меѓу оние кои одбиваат да веруваат во сопствената бесмртност се прочуените древни филозофи Аристотел и Епикур, лекарот Хипократ, шкотскиот филозоф Дејвид Хјум, арапскиот изучувач Авероес и првиот индиски премиер после независноста, Џавахарлал Нехру.
12, 13. Кои важни прашања се покренуваат во врска со учењето за бесмртност на душата?
12 Прашањето е: Дали навистина имаме бесмртна душа? Ако душата навистина не е бесмртна, тогаш како би можело едно такво лажно учење да биде составен дел од повеќето денешни религии? Каде започнала идејата? И ако душата навистина престанува да постои при смртта, каква надеж би можело да има за умрените?
13 Можеме ли да најдеме вистинити и задоволителни одговори на таквите прашања? Да! Овие и други прашања ќе бидат одговорени на следните страници. Прво, да испитаме како се родила доктрината за бесмртност на душата.