ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/8 стр. 26-30
  • Мајкл Фарадеј — научник и човек од вера

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мајкл Фарадеј — научник и човек од вера
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Сандеманците
  • Сандеманизмот се шири
  • Фарадеевите религиозни верувања
  • Фарадеј сандеманецот
  • Човекот што го променил светот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Кој е архангелот Михаел?
    Одговор на библиски прашања
  • Кој е архангелот Михаел?
    Што навистина учи Библијата?
  • Дали Исус е архангелот Михаел?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/8 стр. 26-30

Мајкл Фарадеј — научник и човек од вера

„Татко на електрицитетот.“ „Најголем експериментален научник кој некогаш живеел.“ Ова се два описа за Мајкл Фарадеј, роден 1791 година во Англија, чие откритие на електромагнетната индукција доведе до развиток на електричните мотори и на производството на енергија.

ФАРАДЕЈ држел опширни предавања по хемија и физика на Ројал институтот во Лондон. Неговите предавања за популаризирање на науката им помогнале на младите луѓе да сфатат комплицирани идеи. Добил признанија од бројни универзитети. Па сепак, избегнувал публицитет. Бил длабоко религиозен човек, најсреќен во приватноста на својот трисобен стан и во друштвото на своето семејство и соверниците. Фарадеј припаѓал на она што тој го нарекувал „една многу мала и презрена секта од христијани, позната . . . како сандеманци“. Кои биле тие? Што верувале? И како тоа влијаело врз Фарадеј?

Сандеманците

„Почетната врска помеѓу семејството Фарадеј и Сандеманската црква ја запечатија дедото и бабата на Мајкл Фарадеј“ — забележува Џефри Кантор, автор на Michael Faraday: Sandemanian and Scientist (Мајкл Фарадеј — сандеманец и научник). Тие се дружеле со следбениците на еден патувачки нонконформистички свештеник чии приврзаници ги поддржувале верувањата на сандеманците.

Роберт Сандеман (1718—1771) бил универзитетски студент во Единбург кој студирал математика, грчки и други јазици, кога еден ден го слушнал поранешниот презвитеријански свештеник Џон Глас како проповеда. Она што го чул го натерало да прекине со универзитетот, да се врати дома во Перт и да му се придружи на Глас и на неговите придружници.

Во 1720-тите, Џон Глас почнал да се сомнева во некои учења на Шкотската црква. Неговото проучување на Божјата Реч го довело до заклучокот дека библиската нација Израел предочувала една духовна нација, чии граѓани потекнувале од многу националности. Тој никаде на нашол оправдување за одделена црква за секоја нација.

Поради тоа што повеќе не бил спокоен во својата црква во Тилинг, близу Данди (Шкотска), Глас се повлекол од Шкотската црква и организирал свои состаноци. Му се придружиле стотина луѓе и, од самиот почеток, тие ја чувствувале потребата да одржат единство во своите редови. Одлучиле да ги следат Христовите упатства запишани во Матеј, поглавје 18, стихови 15 до 17, за да решат какви и да било разлики што би можеле да ги имаат. Подоцна одржувале седмични состаноци каде што оние со слична вера се собирале за молитва и поттикнување.

Кога на состаноците на различните групи почнале да присуствуваат значителен број луѓе, биле потребни одговорни мажи за да го надгледуваат нивното обожавање. Но, кој ги исполнувал условите? Џон Глас и неговите придружници обрнале особено внимание на она што го напишал апостол Павле во врска со оваа тема (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9). Тие никаде не нашле дека се спомнува универзитетско образование или потреба од разбирање на хебрејски или грчки. И така, после размислување во молитва за библиските упатства, тие наименувале квалификувани мажи за да станат старешини. Оние кои ѝ биле лојални на Шкотската црква, сметале дека е „скоро хулење“ необразовани мажи „пораснати со разбој, игла или плуг“ да си замислуваат дека ја разбираат Библијата и да ја проповедаат нејзината порака. Во 1733 година, кога Глас и неговите соверници изградиле своја сала за состанување во градот Перт, локалното свештенство се обидело да изврши притисок врз магистратите да ги избркаат од градот. Но, не успеале, и движењето растело.

Роберт Сандеман се оженил со најстарата ќерка на Глас и, на возраст од 26 години, станал старешина во собранието на гласистите во Перт. Неговите должности како старешина толку многу го притискале што одлучил сето свое време да го посвети на пастирското дело. Подоцна, откако умрела неговата сопруга, Роберт „весело се согласил да му служи на Господ секаде каде што ќе му се падне жрепката“ — забележува една биографска скица.

Сандеманизмот се шири

Сандеман ревносно ја проширил својата служба од Шкотска до Англија, каде што растеле нови групи на соверници. Во тоа време, меѓу англиските калвинисти владеела полемика. Некои од нив верувале дека се предодредени за спасение. Сандеман, од друга страна, се здружил со оние кои мислеле дека верата претставува неопходен предуслов. Во поддршка на ова гледиште, тој издал една книга што била преиздавана четири пати и што се појавила и во две американски изданија. Според Џефри Кантор, издавањето на овој том било „единствениот најважен настан што ја подигнал [сандеманската] секта над нејзините прилично парохиски шкотски почетоци“.

Во 1764 година, Сандеман, придружуван од други гласистички старешини, отпатувал за Америка, во една посета што предизвикала голема полемика и противење. Меѓутоа, тоа довело до основање на една група од истомислени христијани во Данбери (Конектикат).a Таму во 1771 година умрел Сандеман.

Фарадеевите религиозни верувања

Младиот Мајкл ги впивал сандеманските учења од своите родители. Тој дознал дека сандеманците се држат одвоено од оние кои не го практикуваат она што го учи Библијата. На пример, одбивале да учествуваат во англиканска венчална служба и повеќе сакале да ги ограничат своите свадбени церемонии на она што било законски неопходно.

Подложноста на владите и неутралноста во политиката биле карактеристични за сандеманците. Иако биле почитувани членови на заедницата, тие ретко прифаќале граѓански положаи. Но, во малкуте случаи каде што го сториле тоа, избегнувале партиска политика. Заземањето ваков положај им донело прекор. (Спореди Јован 17:14.) Сандеманците мислеле дека Божјето небесно Царство претставува совршена подготовка за влада. Политиката ја сметале за „тривијална, валкана игра, лишена од моралност“ — забележува Кантор.

Иако биле одвоени од другите, не прифаќале фарисејски ставови. Изјавувале: „Просудуваме дека е апсолутно неопходно да го избегнуваме Духот и Праксата на древните фарисеи, во наметнување на повеќе Гревови или Должности отколку што наметнало Писмото, и да ги правиме неважечки божествените Прописи преку човечки Традиции или логични Избегнувања“.

Тие ја присвоиле библиската практика да го исклучуваат секој нивни член кој станал пијаница, уценувач, блудник или кој практикувал други сериозни гревови. Доколку грешникот вистински се каел, тие се обидувале да го доведат назад. Инаку, го следеле библискиот налог да ‚го исфрлат лошиот‘ (1. Коринтјаните 5:5, 11, 13).

Сандеманците ја слушале библиската заповед да се воздржуваат од крв (Дела 15:29). Џон Глас аргументирал дека Божјиот народ е под обврска да го слуша ограничувањето за крвта, исто како што Бог им заповедал на првите луѓе да се воздржуваат од јадење плодови од дрвото на спознанието на доброто и злото (1. Мојсеева 2:16, 17). Непослушноста спрема заповедта за крвта била рамна на отфрлање на исправната цел на Христовата крв, имено искупување од грев. Глас заклучил: „Оваа забрана за јадење крв била секогаш и сѐ уште е од најголема и највисока важност“.

Резонирањето на темел на Писмото им помогнало на сандеманците да избегнат многу замки. На пример, во врска со забавата, за водство ги земале Христовите упатства. „Ние не смееме да поставуваме закони таму каде што Христос не поставил никаков закон“ — велеле тие — „ниту, пак, да отфрлиме некој што тој ни го дал. Затоа, бидејќи не можеме да најдеме каде Забавата — јавна или приватна — е забранета, ние ја сметаме за законска секоја Разонода што не е поврзана со Околности кои навистина се грешни.“

Иако сандеманците на тој начин имале многу гледишта што биле точно темелени на Писмото, тие не ја сфатиле важноста на самата активност која ги карактеризира вистинските христијани, имено дека секој треба на другите да им ја проповеда добрата вест за Царството (Матеј 24:14). Сепак, нивните состаноци биле отворени за сите и таму настојувале на сите кои ги прашувале да им наведат причина за својата надеж (1. Петрово 3:15).

Како влијаел овој модел на верувања врз научникот Мајкл Фарадеј?

Фарадеј сандеманецот

Иако одликуван, славен, високо почитуван поради своите значајни откритија, Мајкл Фарадеј водел едноставен живот. Кога ќе умреле славни луѓе и кога се очекувало оние од јавниот живот да присуствуваат на нивните погреби, Фарадеј бил отсутна видна личност, бидејќи совеста не му дозволувала да присуствува и да се меша во некаква служба на Англиканската црква.

Како научник, Фарадеј тесно се држел за она што можел да го покаже како факти. На тој начин, избегнувал тесно дружење со учени луѓе кои изнесувале свои лични хипотези и кои заземале страна околу спорните прашања. Како што рекол еднаш пред една публика, ‚еден фундаментален факт никогаш не нѐ изневерува, неговиот доказ секогаш е точен‘. Науката ја опишал како зависна ‚од внимателно посматраните факти‘. Заклучувајќи една презентација за основните сили на природата, Фарадеј ја охрабрил својата публика да размислува за „Оној, кој ги создал“. Потоа го цитирал христијанскиот апостол Павле: „Неговите невидливи ствари јасно се гледаат од создавањето на светот, бидејќи се разбираат преку стварите што се создадени, дури и Неговата вечна моќ и Божество“ (Римјаните 1:20, King James Version).

Она што толку многу го издвојувало Фарадеј како поинаков од многу други научници била неговата желба да учи од Божјата инспирирана Книга, како и од книгата на природата. „Преку неговиот сандеманизам, тој го откри начинот да се живее послушно на Божјиот морален закон и со ветување за вечен живот“ — забележува Кантор. „Преку својата наука, тој дојде во близок контакт со физичките закони што ги избрал Бог за да го управуваат универзумот.“ Фарадеј верувал дека „апсолутниот авторитет на Библијата не би можел да биде поткопан со науката, туку науката, ако се практикува на вистински христијански начин, може да ја расветли другата Божја книга“.

Фарадеј понизно отфрлил многу од почестите што другите сакале да му ги доделат. Доследно изразувал незаинтересираност за витешка чест. Сакал да остане ‚обичен господин Фарадеј‘. Посветувал многу време на своите активности како старешина, вклучувајќи и редовно патување од главниот град до едно село во Норфолк за да се грижи за една мала група од истомислени верници кои живееле таму.

Мајкл Фарадеј умрел на 25 август 1867 година и закопан е на гробиштата Хајгејт во северен Лондон. Биографот Џон Томас ни кажува дека Фарадеј „на потомството му оставил во наследство поголем број чисти научни достигнувања од кој и да е друг физички научник, а практичните последици од неговите откритија извршиле длабоко влијание врз природата на цивилизираниот живот“. Фарадеевата вдовица, Сара, напишала: „Можам само да укажам на Новиот Завет како на негов водич и правило; зашто, тој него го сметаше за Реч Божја . . . која подеднакво ги обврзува христијаните денес како во времето кога била пишувана“ — елоквентно сведоштво за еден еминентен научник кој побожно живеел според својата вера.

[Фуснота]

a Последниот преостанат од групата на сандеманците или гласистите во Соединетите Држави престанал да постои најдоцна во почетокот на столетиево.

[Рамка на страница 29]

На должноста предавач на британскиот Ројал институт, Мајкл Фарадеј ја популаризирал науката на начин на кој можеле да ја разберат дури и младите. Неговиот совет до колегите предавачи содржи практични предлози за коишто современите христијани кои поучуваат јавно, треба да размислат.

◻ „Изговорот не треба да биде рапиден, забрзан и поради тоа неразбирлив, туку бавен и промислен.“

◻ Говорникот треба да настојува да го покрене интересот на својата публика „на почетокот од предавањето и преку серија неосетни градации, незабележани од страна на публиката, да го задржи жив сѐ додека тоа го бара темата“.

◻ „Предавачот паѓа длабоко под достоинството на својот карактер кога се спушта толку ниско што изнудува аплаузи и бара пофалби.“

◻ За употребата на нацрт: „Секогаш се чувствувам обврзан . . . да составам на хартија еден план за [темата] и да ги пополнам деловите така што ќе се сетам на нив, било преку асоцијација или на друг начин . . . Имам подредено серија од важни и помалку важни заглавја и од нив ја разработувам својата тема“.

[Извор на слика на страница 26]

Обете слики: Со љубезна дозвола од Ројал институтот

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели