Се сеќаваш ли?
Дали си го ценел читањето на последните изданија на Стражарска кула? Тогаш, види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
◻ Дали Исусовите зборови: „На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат“, значат дека христијаните можат да простуваат гревови? (Јован 20:23).
Не постои библиска основа да се заклучи дека христијаните, општо земено, или дури и наименуваните старешини во собранието имаат божествена власт да простуваат гревови. Се чини дека контекстот на Исусовите зборови покажува оти на апостолите им било дадено посебно овластување преку делувањето на духот да простуваат или да задржуваат гревови. (Види Дела 5:1—11; 2. Коринтјаните 12:12; 15. 4., страница 28.)
◻ Што е извонредно во врска со преводот на книгата Псалми од Џ. Џ. Стјуарт Пероун, прво издадена во 1864 година?
Во својот превод, Пероун се трудел да се држи „тесно за обликот на хебрејскиот јазик, како во неговиот идиом така и во структурата на споредните реченици“. Со тоа, тој бил наклонет кон враќањето на божественото име во обликот „Јехова“ (15. 4., страница 31).
◻ Какво водство им дал Исус на своите следбеници во врска со нивните постапки со владите од светот?
Исус рекол: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ (Матеј 22:21). Исто така, рекол: „Ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две“ (Матеј 5:41). Исус овде го илустрирал начелото за спремно подложување на оправданите барања, било во човечките односи или, пак, на државните барања што се во согласност со Божјиот закон (Лука 6:27—31; Јован 17:14, 15; 1. 5., страница 12).
◻ Што значи да ‚се оди во вистината‘? (Псалм 85:11).
Тоа подразбира да се придржуваме за Божјите барања и да му служиме во верност и искреност (Псалм 24:4, 5; Јован 4:23, 24; 15. 5., страница 18).
◻ Што било постигнато со тоа што Јехова го испратил Јона во Ниневија?
Како што испаднало, проповедничката активност на Јона во Ниневија ја покажала разликата помеѓу покајничките ниневијци и тврдоглавите Израелци, на кои сериозно им недостасувала вера и понизност. (Спореди 5. Мојсеева 9:6, 13, НС; Јона 3:4—10; 15. 5., страница 28.)
◻ Кој е Змијата а кој „жената“ за коишто станува збор во 1. Мојсеева 3:15?
Змијата не е ниската змија, туку оној кој се послужил со неа, Сатана Ѓаволот (Откровение 12:9). „Жената“ не е Ева, туку Јеховината небесна организација, мајката на неговите со дух помазани слуги на Земјата (Галатјаните 4:26; 1. 6., страница 9).
◻ Како може некој да излезе од Големиот Вавилон и да најде безбедност? (Откровение 18:4).
Мора потполно да се оддели од лажните религиозни организации, како и од нивните обичаи и од духот што го создаваат, а потоа треба да најде безбедност во Јеховината теократска организација (Ефесјаните 5:7—11; 1. 6., страница 18).
◻ Зошто орелот честопати се споменува во Писмото?
Библиските писатели алудирале на карактеристиките на орелот за да симболизираат такви работи како што се мудрост, божествена заштита и брзина (15. 6., страница 8).
◻ Дали Божјите денешни слуги кои имаат земна надеж, имаат исто толку Божји дух како и со дух помазаните христијани?
Во основа, одговорот е да. Божјиот дух им е достапен во еднакви мери на обете класи, а спознанието и разбирањето им се нудат подеднакво на обете, со еднакви прилики да ги впиваат (15. 6., страница 31).
◻ Зошто е корисно за нас денес да ја испитаме светата служба што ја извршувале Израеловите свештеници во храмот во Ерусалим?
Ако го правиме тоа, можеме попотполно да ја цениме милосрдната подготовка преку која грешните луѓе денес се помируваат со Бог (Евреите 10:1—7; 1. 7., страница 8).
◻ На кој начин вториот храм што бил изграден во Ерусалим, постигнал поголема слава од оној што го изградил Соломон?
Вториот храм траел 164 години подолго од Соломоновиот храм. Повеќе обожаватели од многу повеќе земји се слеале во неговите дворови. Што е уште поважно, овој втор храм ја уживал големата одлика што во неговите дворови поучувал Божјиот Син, Исус Христос (1. 7., страници 12, 13).
◻ Кога Бог го создал својот духовен храм?
Тоа било во 29 година н. е., кога Бог покажал дека ја одобрува Исусовата молитва при крштавањето (Матеј 3:16, 17). Тоа што Бог го одобрил принесувањето на Исусовото тело значело дека, во духовна смисла, почнал да дејствува еден поголем олтар отколку оној во ерусалимскиот храм (1. 7., страници 14, 15).
◻ Зошто треба да простуваме?
Да му се прости на некој престапник кој се извинил е многу битно ако сакаме да одржиме христијанско единство. Непријателството и негувањето лутина ќе ни го одземат мирот во мислите. Ако не проштаваме, ризикуваме некој ден Јехова повеќе да не ни ги прости нашите гревови (Матеј 6:14, 15; 15. 7., страница 18).
◻ Како можеле Израелците да станат свети?
Светоста била можна единствено преку нивниот близок однос со Јехова, светиот Бог, и преку нивното чисто обожавање на Јехова. Ним им требало точно спознание за „Најсветиот“ за да го обожаваат во светост, во телесна и духовна чистота (Изреки 2:1—6; 9:10; 1. 8., страница 11).