Законот на Христа
„[Јас] сум под Законот на Христа“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 9:21).
1, 2. а) Како можеле да се спречат многу грешки на човештвото? б) Што не успеал христијанскиот свет да научи од историјата на јудаизмот?
„ЛУЃЕТО и владите никогаш не научиле ништо од историјата ниту, пак, постапувале според начелата изведени од неа.“ Така рекол еден германски филозоф од XIX век. Навистина, патот на човечката историја е опишан како „марш на лудоста“, низа од грозни заблуди и кризи, од кои многу можеле да бидат спречени само човештвото да било спремно да учи од минатите грешки.
2 Истото одбивање да учи од минатите грешки фигурира во оваа дискусија за божествениот закон. Јехова Бог го заменил Мозаитскиот Закон со еден уште подобар — законот на Христа. Па сепак, водачите на христијанскиот свет, кои тврдат дека го поучуваат и живеат според овој закон, не успеале да научат нешто од ужасната лудост на фарисеите. Затоа, христијанскиот свет го искривил и го злоупотребил законот на Христа исто како што сторил јудаизмот со Мојсеевиот Закон. Како можело да се случи тоа? Првин да подискутираме за самиот овој закон — што претставува тој, кого управува и како, и што го разликува од Мозаитскиот Закон. Потоа ќе испитаме како христијанскиот свет го злоупотребил. На тој начин, да учиме од историјата и да извлечеме корист од неа!
Новиот сојуз
3. Какво ветување дал Јехова во врска со еден нов сојуз?
3 Кој друг освен Јехова Бог би можел да подобри еден совршен Закон? Сојузот на Мозаитскиот Закон бил совршен (Псалм 19:7, НС). И покрај тоа, Јехова ветил: „Ете настапуваат дни . . . и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет [сојуз, НС]. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни“. Десетте заповеди — јадрото на Мозаитскиот Закон — биле запишани на камени плочи. Но, за новиот сојуз Јехова рекол: „Ќе го вложам Мојот завет [закон, НС] во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни“ (Јеремија 31:31—34).
4. а) Кој Израел е вклучен во новиот сојуз? б) Кој друг, освен духовните Израелци, исто така е под законот на Христа?
4 Кој би бил земен во овој нов сојуз? Секако, не дословниот ‚дом Израилев‘, кој го отфрлил Посредникот на овој сојуз (Евреите 9:15). Не, овој нов „Израел“ требало да биде ‚Израил Божји‘, нација од духовни Израелци (Галатјаните 6:16; Римјаните 2:28, 29). На оваа мала, со дух помазана група христијани подоцна би ѝ се придружило едно „големо мноштво“ од сите нации, кое исто така ќе бара да го обожава Јехова (Откровение 7:9, 10; Захарија 8:23). Иако не учествуваат во новиот сојуз, овие исто така требало да бидат врзани со закон. (Спореди 3. Мојсеева 24:22; 4. Мојсеева 15:15.) Како што напишал Павле, како „едно стадо“ под „еден пастир“, сите би биле „под Законот на Христа“ (Јован 10:16; 1. Коринтјаните 9:21). Овој нов сојуз Павле го нарекол „подобар завет [сојуз, НС]“. Зошто? Како прво, тој се темели на исполнети ветувања, а не на сенки од работи што ќе дојдат (Евреите 8:6; 9:11—14).
5. Која е целта на новиот сојуз, и зошто ќе успее?
5 Која е целта на овој сојуз? Да создаде една нација од цареви и свештеници за да го благословат целото човештво (2. Мојсеева 19:6; 1. Петрово 2:9; Откровение 5:10, НС). Мозаитскиот сојуз на Законот никогаш не ја создал оваа нација во најпотполна смисла, затоа што Израел како целина се побунил и ја изгубил својата прилика. (Спореди Римјаните 11:17—21.) Меѓутоа, новиот сојуз сигурно ќе успее, затоа што е поврзан со еден многу поинаков вид закон. На кои начини поинаков?
Законот што ѝ припаѓа на слободата
6, 7. На кој начин законот на Христа нуди поголема слобода отколку што нудел Мозаитскиот Закон?
6 Законот на Христа секогаш одново е поврзуван со слободата (Јован 8:31, 32). На него се укажува како на ‚закон на слободниот народ‘ и како на ‚совршен закон кој ѝ припаѓа на слободата‘ (Јаков 1:25; 2:12, обата НС). Се разбира, секоја слобода меѓу луѓето е релативна. Па сепак, овој закон нуди една далеку поголема слобода отколку неговиот претходник, Мозаитскиот Закон. Како тоа?
7 Како прво, никој не е роден под законот на Христа. Таквите фактори, како што се раса и место на раѓање, се небитни. Вистинските христијани слободно избираат во своите срца да го прифатат јаремот на послушност кон овој закон. Правејќи го тоа, тие наоѓаат дека тоа е еден љубезен јарем, едно лесно бреме (Матеј 11:28—30). Всушност, Мозаитскиот Закон бил исто така наменет да го поучи човекот дека е грешен и дека е во крајна потреба од откупна жртва за да го откупи (Галатјаните 3:19). Законот на Христа поучува дека дошол Месијата, ја платил откупната цена со својот живот и ни го отворил патот да бидеме ослободени од ужасното угнетување на гревот и смртта! (Римјаните 5:20, 21). За да извлечеме корист, треба да ‚практикуваме вера‘ во таа жртва (Јован 3:16, НС).
8. Што вклучува законот на Христа, но зошто живеењето според него не бара да се учат напамет стотици законски уредби?
8 ,Практикувањето вера‘ подразбира да се живее според законот на Христа. Тоа вклучува да се слушаат сите Христови заповеди. Дали ова значи да се научат напамет стотици закони и уредби? Не. Иако Мојсеј, посредникот на стариот сојуз, го запишал Мозаитскиот Закон, Исус, Посредникот на новиот сојуз, никогаш не запишал ниту еден единствен закон. Наместо тоа, тој живеел според овој закон. Преку својот совршен начин на живот, поставил модел што треба сите да го следат (1. Петрово 2:21). Можеби затоа на обожавањето на раните христијани се укажувало како на „Патот“ (Дела 9:2; 19:9, 23; 22:4, НС; 24:22, НС). За нив, законот на Христа бил покажан со пример преку животот на Христос. Да се имитира Исус значело да се слуша овој закон. Нивната силна љубов кон него значела дека овој закон навистина бил запишан на нивните срца, како што било проречено (Јеремија 31:33; 1. Петрово 4:8). А оној кој е послушен поради љубов, никогаш не се чувствува угнетен — уште една причина зошто законот на Христа може да се нарече ‚закон на слободниот народ‘.
9. Која е самата суштина на законот на Христа, и на кој начин овој закон вклучува една нова заповед?
9 Ако љубовта била важна во Мозаитскиот Закон, таа ја претставува самата суштина на христијанскиот закон. Според тоа, законот на Христа вклучува една нова заповед — христијаните треба да имаат самопожртвувана љубов еден кон друг. Тие треба да сакаат како што сакал Христос; тој спремно го положил својот живот во корист на своите пријатели (Јован 13:34, 35; 15:13). Затоа, би можело да се рече дека законот на Христа претставува уште повозвишен израз на теократија отколку што бил Мојсеевиот Закон. Како што претходно истакнало ова списание: „Теократија е владеење на Бог; Бог е љубов; според тоа, теократијата е владеење на љубов“.
Исус и фарисеите
10. На кој начин Исусовото учење се разликува од она на фарисеите?
10 Според тоа, едвај е изненадувачки тоа што Исус дошол во конфликт со еврејските верски водачи од своето време. Еден ‚совршен закон кој ѝ припаѓа на слободата‘ бил толку далеку од умовите на книжевниците и фарисеите како ништо друго. Тие се обидувале да ги контролираат луѓето преку правила поставени од луѓе. Нивното учење станало угнетувачко, осудувачко, негативно. Во остар контраст, Исусовото учење на надмоќен начин било изградувачко и позитивно! Тој бил практичен и се обраќал на реалните потреби и грижи на луѓето. Тој поучувал едноставно и со искрено чувство, користејќи илустрации од секојдневниот живот и црпејќи од авторитетот на Божјата Реч. Затоа, ‚народот се чудел на Неговото учење‘ (Матеј 7:28). Да, Исусовото поучување ги достигало нивните срца!
11. Како покажал Исус дека Мозаитскиот Закон требало да се применува со разумност и со милост?
11 Наместо да додава уште правила кон Мозаитскиот Закон, Исус покажал како требало Евреите цело време да го применуваат тој Закон — со разумност и милост. Сети се, на пример, на приликата кога му пристапила една жена која страдала од течење крв. Според Мозаитскиот Закон, секој кого таа би го допрела би станал нечист, па затоа секако дека не требало да се меша со мноштво од луѓе! (3. Мојсеева 15:25—27). Но, таа толку очајно посакувала да биде излечена што се пробила низ толпата и ја допрела Исусовата надворешна облека. Крварењето веднаш престанало. Дали тој ја укорил поради повредување на Законот? Не; место тоа, ја разбрал нејзината очајна околност и го покажал најголемото правило на Законот — љубовта. Сочувствително ѝ рекол: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“ (Марко 5:25—34).
Дали законот на Христа е попустлив?
12. а) Зошто не треба да си претпоставиме дека Христос е попустлив? б) Што покажува дека создавањето многу закони доведува до создавање многу дупки?
12 Тогаш, дали треба да заклучиме дека, поради тоа што „ѝ припаѓа на слободата“, законот на Христа е попустлив, додека, пак, фарисеите, со сите нивни усни преданија, барем го држеле однесувањето на луѓето во строги граници? Не. Денешните правни системи илустрираат дека, честопати, колку повеќе закони има толку повеќе дупки наоѓаат луѓето во нив.a Во Исусово време, мноштвото фарисејски правила поттикнувало на барање дупки, на механичкото извршување дела лишени од љубов и на негувањето самоправедна надворешност за да се маскира внатрешната расипаност (Матеј 23:23, 24).
13. Зошто законот на Христа доведува до едно повисоко мерило на однесување отколку каква и да е пишана збирка закони?
13 За разлика од тоа, законот на Христа не негува такви ставови. Всушност, слушањето на еден закон што се темели на љубов кон Јехова и што е слушан со тоа што се имитира Христовата самопожртвувана љубов кон другите, доведува до едно многу повисоко мерило на однесување отколку следењето на некаков формален законски зборник. Љубовта не бара дупки; таа нѐ чува од вршењето штетни работи што еден зборник од закони можеби не ги забранува изрично. (Види Матеј 5:27, 28.) На тој начин, законот на Христа ќе нѐ поттикне да правиме нешто за другите — да покажуваме дарежливост, гостољубие и љубов — на начини на коишто ниеден формален закон не би можел да нѐ натера (Дела 20:35; 2. Коринтјаните 9:7; Евреите 13:16).
14. Каков ефект врз христијанското собрание од првиот век имало живеењето според законот на Христа?
14 До онаа мерка до која неговите членови живееле според законот на Христа, раното христијанско собрание уживало срдечна атмосфера полна со љубов, релативно ослободено од крутите, осудувачки и лицемерни ставови што толку преовладувале во синагогите во тоа време. Членовите на овие почетни собранија сигурно вистински чувствувале дека живеат според ‚законот на слободниот народ‘!
15. Кои биле некои од Сатановите први обиди да го расипе христијанското собрание?
15 Меѓутоа, Сатана бил желен да го расипе христијанското собрание однатре, исто како што ја расипал нацијата Израел. Апостол Павле предупредил на мажи слични на волци кои ќе „зборуваат изопачено“ и ќе го угнетуваат Божјето стадо (Дела 20:29, 30). Тој морал да се бори против јудаистите кои сакале релативната слобода од законот на Христа да ја заменат за ропството на Мозаитскиот Закон што бил исполнет во Христа (Матеј 5:17; Дела 15:1; Римјаните 10:4). Откако умрел и последниот од апостолите, повеќе немало ограничување против таквиот отпад. Затоа, расипаноста зела замав (2. Солунјаните 2:6, 7).
Христијанскиот свет го загадува законот на Христа
16, 17. а) Какви облици примила расипаноста во христијанскиот свет? б) На кој начин законите на Католичката црква унапредувале искривено гледиште за сексот?
16 Како со јудаизмот, расипаноста во христијанскиот свет зела повеќе од еден облик. И тој паднал како плен на лажни доктрини и лабав морал. А неговите напори да го заштити своето стадо од надворешни влијанија, честопати се покажувале корозивни за какви и да било преостанати трошки од чистото обожавање. Крутите и небиблиски закони се размножувале.
17 Католичката црква била најистакната во создавањето огромни мноштва од црковни закони. Овие закони биле особено искривени во врска со работите што се однесуваат на сексот. Според книгата Sexuality and Catholicism (Сексуалноста и католицизмот), црквата ја впивала грчката филозофија на стоицизмот, кој се сомневал во сите видови задоволства. Црквата почнала да учи дека секое сексуално задоволство, вклучувајќи ги и нормалните брачни односи, било грешно. (Спореди Изреки 5:18, 19.) Се тврдело дека сексот е за раѓање и ништо друго. Со тоа, црковниот закон го осудувал секој облик на контрацепција како многу сериозен грев, и понекогаш барала долги години испаштање. Освен тоа, на свештенството му било забрането да се жени — указ што во голема мера покренал недозволен секс, вклучувајќи ја и злоупотребата на деца (1. Тимотеј 4:1—3).
18. Што произлегло од умножувањето црковни закони?
18 Како што црковните закони се намножувале, тие биле организирани во книги. Овие, пак, почнале да ја замаглуваат и истиснуваат Библијата. (Спореди Матеј 15:3, 9.) Како јудаизмот, и католицизмот се сомневал во световното пишување и голем дел од него го сметал за закана. Ова гледиште наскоро отишло многу подалеку од разумното предупредување на Библијата во врска со оваа работа (Проповедник 12:12; Колосјаните 2:8). Ероним, црковен писател од четвртиот век н. е., извикал: „О Господи, ако некогаш повторно поседувам световни книги или ги читам, сум се одрекол од тебе“. Со текот на времето, црквата почнала да цензурира книги — дури и оние за световни теми. Така, астрономот од XVII век, Галилео, бил цензуриран што напишал дека Земјата се врти околу Сонцето. Инсистирањето на црквата дека е конечен авторитет за сѐ — па дури и по прашањата од астрономијата — на крајот предизвикало поткопување на верата во Библијата.
19. На кој начин манастирите унапредувале крут авторитаризам?
19 Поставувањето правила од страна на црквата цутело во манастирите, каде што калуѓерите се одвојувале од овој свет за да живеат во самооткажување. Повеќето католички манастири се придржувале за „Правилото на св. Бенедикт“. Опатот (термин изведен од арамејскиот збор за „татко“) владеел со апсолутен авторитет. (Спореди Матеј 23:9.) Ако некој калуѓер добиел подарок од своите родители, опатот би одлучил дали треба да го добие тој калуѓер или некој друг. Освен тоа што ги осудувало вулгарностите, едно правило ги забранувало сите празни муабети и шеги, велејќи: „Ниеден ученик не смее да зборува такви работи“.
20. Што покажува дека протестантизмот исто така се покажал вешт во небиблискиот авторитаризам?
20 Протестантизмот, кој барал да го реформира небиблиското претерување на католицизмот, набргу станал еднакво вешт во поставувањето авторитативни правила кои немаат основа во законот на Христа. На пример, водечкиот реформатор Жан Калвин бил наречен „законодавец на обновената Црква“. Тој ја управувал Женева со едно мноштво строги правила спроведувани од „старешини“ чија „служба“, забележал Калвин, „е да го надгледуваат животот на секого“. (Спореди 2. Коринтјаните 1:24.) Црквата ги контролирала гостилниците и регулирала кои теми за разговор биле допуштливи. Имало строги казни за таквите прекршоци како што е пеењето несериозни песни или танцување.b
Да се учи од грешките на христијанскиот свет
21. Кои биле севкупните последици од склоноста на христијанскиот свет да ‚оди над она што е напишано‘?
21 Дали сите овие правила и закони делувале кон тоа да се заштити христијанскиот свет од расипаност? Баш спротивно! Денес христијанскиот свет се расцепкал на стотици секти, кои се движат од претерано строги па до упадливо попустливи. Сите тие, на еден или на друг начин, отишле „повеќе од [над, НС] она, што е напишано“, дозволувајќи му на човечкото размислување да го управува стадото и да се меша во божествениот закон (1. Коринтјаните 4:6).
22. Зошто изневерата на христијанскиот свет не значела крај на законот на Христа?
22 Меѓутоа, историјата на законот на Христа не е трагедија. Јехова Бог нема никогаш да им дозволи на ништожните луѓе да го избришат божествениот закон. Христијанскиот закон денес во голема мера е во сила меѓу вистинските христијани, а тие ја имаат големата предност да живеат според него. Но, откако испитавме што сториле јудаизмот и христијанскиот свет со божествениот закон, би можеле со право да се запрашаме: ‚Како живееме според законот на Христа додека ја избегнуваме замката на валкање на Божјата Реч со човечко резонирање и со правила што го поткопуваат самиот дух на божествениот закон? Какво урамнотежено гледиште треба да ни влее денес законот на Христа?‘ На овие прашања ќе се сосредоточи следната статија.
[Фусноти]
a Фарисеите биле главно одговорни за обликот на јудаизам што постои денес, и затоа не е изненадувачки тоа што јудаизмот сѐ уште бара дупки во своите бројни додадени ограничувања на Сабатот. На пример, посетителот во некоја ортодоксна еврејска болница на Сабат може да забележи дека лифтот автоматски запира на секој кат за патниците да можат да го избегнат вршењето на грешната „работа“ со притискање на копчето од лифтот. Некои ортодоксни лекари пишуваат рецепти со мастило што ќе исчезне за неколку дена. Зошто? Мишната го класификува пишувањето како „работа“, а „пишувањето“ го дефинира како оставање траен белег.
b Серветус, кој оспорувал некои од теолошките гледишта на Калвин, бил запален на клада како еретик.
Како би одговорил?
◻ Која е самата суштина на законот на Христа?
◻ На кој начин Исусовиот начин на поучување се разликувал од оној на фарисеите?
◻ На кој начин Сатана користел еден крут дух на поставување правила за да го расипе христијанскиот свет?
◻ Кои се некои позитивни резултати од живеењето според законот на Христа?
[Слика на страница 16]
Исус го применувал Мозаитскиот Закон разумно и милостиво