‚Грижа за своите домашни‘ — соочување со предизвикот во земјите во развој
„АКО некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник.“ Така рекол апостол Павле (1. Тимотеј 5:8). Додека подигањето семејство станува сѐ потешко во богатите земји, да се прави тоа во една земја во развој, честопати претставува уште пострашен предизвик.
На пример, во Африка економската тешкотија честопати е правило, а не исклучок. Работните места се ретки, а и кога се достапни, можеби треба да работат и сопругот и сопругата за да обезбедат гола издршка. Можеби семејните поглавари мораат да патуваат големи растојанија за да најдат работа, оставајќи ги сами своите брачни партнери и децата со месеци — или со години. Може исто така да биде тешко да се дојде до адекватно сместување. Многу африкански семејства се големи; затоа, станбените простории имаат тенденција да бидат стеснети, без основни удобности. Честопати преовладуваат нездрави услови.
Освен тоа, локалните обичаи, долготрајните традиции и популарните гледишта може да се во спротивност со духот на Божјата Реч, Библијата. Разгледај некои преовладувачки ставови во врска со бракот и децата. Некои семејни поглавари мислат дека тие се одговорни само за плаќањето на станарината и за задолжителната школарина. Нивните сопруги — а понекогаш дури и постарите деца — се оставени да работат за да ги обезбедат основните работи, како храна и облека.
Освен тоа, некои сопрузи го имаат гледиштето: „Моите пари се мои пари, но и твоите пари се мои пари“. Ова честопати поттикнува огорченост кај сопругите кои донесуваат приход. Една Танзанијка се жалела: „Парите се трошат на пиење, а не на нас или на децата. Работата ја делиме, или дури го вршиме поголемиот дел од неа, но тој ги зема сите пари, велејќи ни дека се негови — дека тој ги заработил“.
Меѓутоа, христијаните ја ставаат Божјата Реч пред локалната култура или популарното мислење. Библијата дава корисно упатство во врска со грижата за семејството. На пример, таа вели дека „децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата“ (2. Коринтјаните 12:14). Затоа, богобојазливите мажи кои се способни да работат, не оставаат поради мрзливост храната и облеката за семејството да ја набавуваат нивните сопруги или постарите деца; таа одговорност јасно паѓа врз рамењата на семејниот поглавар (1. Коринтјаните 11:3).
Вистина, приходот на еден сопруг можеби не е адекватен за да се згрижат сите потреби на неговото семејство. Но, ако неговата сопруга заработува пари надвор од домот, еден христијанин нема да биде непријателски настроен. Наместо тоа, ќе постапува спрема неа како со почитувана „партнерка“ (Малахија 2:14, НС). Така, тој нема бесчувствително да ѝ ги зема тешко заработените пари и да ги троши со мала почит спрема нејзините чувства. Напротив, тој и неговата сопруга ќе ‚се советуваат‘ и ќе одлучат како може најдобро да се употребат нивните средства за корист на целото семејство (Изреки 13:10). Таму каде што е можно, сопругот дури ѝ дозволува на својата сопруга извесна мера на економска слобода, како што уживала ‚способната жена‘ (НС) во библиски времиња (Изреки 31:10, 11, 16). Следењето на библискиот совет во таквите работи ја унапредува семејната среќа и задоволство.
Соочување со предизвикот на невработеноста
Размисли за проблемот на невработеноста. Кога работните места се малку а платата е мала, многу африкански семејни поглавари бараат работа далеку од домот — во рудници, во фабрики, на фарми и на плантажи. Ако еден христијанин би бил во ваква ситуација, би можел да се најде себеси изолиран од сообожавателите и изложен на многу лошо друштво (Изреки 18:1; 1. Коринтјаните 15:33, обата НС). Иако неговото семејство би можело да настојува да го направи најдоброто во дадената ситуација, тие веројатно би страдале поради тоа што дома немаат татко кој ќе го преземе водството во духовен поглед или ќе дава емоционална поддршка. Иронично е што долгото отсуствување може исто така да доведе токму до она кое требало да се спречи — финансиска тешкотија.
Една мајка вели: „Мојот сопруг замина да копа злато. Планираше да се врати по еден месец или најмногу два. Испадна цела година! Бев оставена да се грижам за шест деца. Потоа, требаше да се плаќа кирија. Поради тоа што моето здравје не беше добро, морав да плаќам болнички сметки. Ни беше потребна облека и моравме да јадеме секој ден. Немав работа. Беше тешко. Најтешкиот дел беше грижењето за децата во духовен поглед — семејна студија, состаноци и делото на проповедање. Со Јеховина поддршка некако испливавме“.
Дури некои мајки се чувствувале обврзани без прекин со месеци да ги напуштаат своите семејства за да работат. Некои заработуваат како патувачки трговци и ретко може да се видат дома. На тој начин, постарите деца се присилени да ја преземат родителската улога и да се грижат за оброците, за секојдневните работи, па дури и за стегата на помладите братчиња и сестрички. Учеството во духовните активности страда. Да, притисокот врз семејството може да биде огромен!
Секако, кога економските услови се тешки, родителот можеби нема друг начин да се грижи за своето семејство освен да бара вработување некаде далеку. Во библиски времиња, синовите на Јаков очигледно морале да ги остават своите семејства зад себе за да набават резерви храна во Египет (1. Мојсеева 42:1—5). Според тоа, кога денес ќе настанат слични ситуации, семејните поглавари мораат да одмерат какви материјални користи би можела да донесе некоја работа што е далеку, наспроти духовната и емоционалната штета поради долгата одвоеност. Многу семејства претпочитаат да поднесат економска тешкотија отколку да се одделат за подолг временски период. Тие ги имаат на ум Павловите зборови што се наоѓаат во 1. Тимотеј 6:8: „Кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“. (Спореди Изреки 15:17.)
Честопати, има алтернативи во однос на патувањето. Покажувајќи иницијатива и досетливост, некои биле во можност да создадат вработување со тоа што нудат корисни услуги.a (Спореди Изреки 31:24.) Или, пак, би можело да станува збор за прифаќање понизни работни места што другите ги сметаат за ниски (Ефесјаните 4:28). Апостол Павле и самиот ‚работел со труд и мака дење и ноќе‘ за да избегне да биде финансиски товар за другите (2. Солунјаните 3:8). Денешните христијански мажи можат да го следат тој пример.
Проблемите со школувањето
Во еден друг проблем е вклучено школувањето. Во некои оддалечени подрачја, за родителите е вообичаено да ги испраќаат децата да живеат со роднини подолги временски периоди, со цел да им дадат на децата адекватно школување. Одвоени од своите родители, таквите деца честопати имаат тешкотија да присуствуваат на состаноците или да учествуваат во службата на подрачјето. Лишени од неопходната стега, тие лесно стануваат плен на лошите друштва. Како последица од тоа, извесен број го имаат напуштено христијанскиот начин на живот.
Нема дилема околу тоа дека световното образование има свои предности. Но, Библијата му дава повисока вредност на духовното образование, а Бог им ја дал на родителите одговорноста да се грижат за таквата поука (5. Мојсеева 11:18, 19; Изреки 3:13, 14). Меѓутоа, ако го испраќа детето на подолги временски периоди, тоа веројатно ќе ги поткопа напорите на родителот да го подига „во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, НС).b
Кога локалните прилики за образование изгледаат неадекватни, родителите можеби немаат друг избор освен да го направат она што можат да го сторат сами за да ги поучат своите деца за основните вештини. Помош обезбедува и нашиот „Голем Учител“, Јехова (Исаија 30:20, НС). Локалните собранија на Јеховините сведоци нудат извесен број образовни подготовки. Многу собранија водат класови за описменување. Теократската школа за проповедање на сличен начин претставува една корисна подготовка што може да ја изостри способноста на детето да чита и да зборува јасно.
Урамнотежено гледиште за одгледувањето деца
Грижата за децата може да биде особено тешка кога тие се многубројни. Африканските родители често ќе речат дека ги сакаат децата; затоа, ги имаат колку што може повеќе! Иако децата може да се сметаат за економски средства, многу родители се неспособни да се грижат адекватно за голем број деца.
Се разбира, Библијата вели дека ‚синовите се наследство Господово‘ (Псалм 126:3). Меѓутоа, забележи дека тие зборови биле запишани во текот на еден период на поволни услови во Израел. Подоцна, тешкиот глад и војната го направиле одгледувањето деца искушувачко (Плач 2:11, 20; 4:10). Со оглед на тешката ситуација што преовладува во бројни земји во развој, одговорните христијани треба сериозно да размислат за тоа колку деца можат реалистично да нахранат, да облечат, да сместат и да воспитуваат. Откако го пресметале трошокот, многу двојки одлучуваат дека би било најдобро да одат против традицијата и да го ограничат бројот на децата што ги имаат.c (Спореди Лука 14:28.)
Јасно е дека ова се ‚тешки времиња‘ (2. Тимотеј 3:1—5). Додека овој систем на ствари се стрмоглавува кон својот неизбежен крај, притисоците врз семејствата во земјите во развој, без сомнение, ќе растат. Сепак, со тесното придржување за начелата од Божјата Реч, семејните поглавари можат да успеат во грижата и за телесните и за духовните потреби на своите семејства, бидејќи на оние кои лојално му служат, Јехова им го дава следново ветување: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5). Да, дури и во осиромашените земји, христијаните можат успешно да се соочат со предизвикот да се грижат за своите домаќинства!
[Фусноти]
a Види ја статијата „Создавање работа во земјите во развој“ во нашето придружно списание Разбудете се! од 22 октомври 1994 година (англ.).
b За натамошни детали, види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 декември 1982 година.
c Корисна информација беше дадена во серијата „Планирање на семејството — глобално спорно прашање“, што се појави во Разбудете се! од 22 февруари 1993 година (англ.).