Дали богатството на цар Соломон е преувеличено?
„Златото, што му доаѓаше на Соломона секоја година, тежеше шестотини шеесет и шест таланти“ (3. Царства 10:14).
СПОРЕД тој библиски стих, цар Соломон стекнувал над 25 тони злато за само една година! Денес тоа би било проценето на 240.000.000 долари. Тоа е скоро двапати повеќе од златото што било ископано низ целиот свет во 1800-тата година. Дали е можно тоа? Што покажуваат археолошките докази? Тие укажуваат дека библискиот извештај за Соломоновото богатство сигурно е веродостоен. Biblical Archaeology Review (Библиската археолошка ревија) вели:
◻ Крал Тутмос III од Египет (втор милениум пр. н. е.), подарил приближно 13,5 тони златни предмети на храмот на Амон-Ра во Карнак — а тоа било само дел од подарокот.
◻ Египетските натписи известуваат за подароци што изнесувале отприлика 383 тони злато и сребро, што крал Осоркон I (почеток на првиот милениум пр. н. е.) им ги принел на боговите.
Понатаму, книгата Classical Greece (Класична Грција) од серијата Great Ages of Man (Големите епохи на човекот) известува:
◻ Рудниците на Пангеум во Тракија секоја година давале по повеќе од 37 тони злато за крал Филип II (359—336 пр. н. е.).
◻ Кога Филиповиот син Александар Велики (336—323 пр. н. е.) ја освоил Суза, главниот град на Персиското Царство, биле пронајдени скапоцености што изнесувале околу 1.200 тони злато.
Затоа, библискиот опис на богатството на цар Соломон не е претеран. Исто така, сети се дека во тоа време Соломон ‚ги надминувал сите земни цареви по богатството и мудроста‘ (3. Царства 10:23).
Како го употребил Соломон своето богатство? Неговиот престол бил обложен со „чисто злато“, неговите садови за пиење биле „златни“ и поседувал 200 големи и 300 мали штитови од „ковано злато“ (3. Царства 10:16—21). Пред сѐ, Соломоновото злато било употребено за Јеховиниот храм во Ерусалим. Храмските светилници и светиот прибор, како што се виљушки, чинии, бокали и леѓени, биле изработени од злато и сребро. Херувимите во Најсветата светиња, високи 4,5 метри, олтарот за кадење, па дури и целата внатрешност на куќата, биле обложени со злато (3. Царства 6:20—22; 7:48—50; 1. Летописи 28:17).
А што да се рече за еден позлатен храм? Интересно е што ваквата употреба на злато воопшто не била невообичаена во древниот свет. Biblical Archaeology Review забележува дека Аменофис III од Египет „му оддал чест на великиот бог Амун со еден храм кај Теба, што бил ‚целосно позлатен, подот му бил украсен со сребро, [а] сите негови портали со електрум‘“ — легура од злато и сребро. Освен тоа, Есархадон од Асирија (седми век пр. н. е.), ги позлатил вратите и ги обложил со злато ѕидовите на светилиштето на Асур. Во врска со храмот на Син кај Харан, Набонид од Вавилон (шести век пр. н. е.), запишал: „Ги облеков неговите ѕидови со злато и сребро, и ги направив да светат како сонцето“.
Според тоа, историските записи укажуваат дека библискиот извештај за богатството на цар Соломон не е преувеличен.