‚Давидовиот дом‘ — факт или измислица?
ДАВИД, младото овчарче кое станало музичар, поет, војник, пророк и цар, во Библијата е истакнат со огромна важност. Неговото име се споменува 1.138 пати; изразот ‚Давидовиот дом‘ — честопати осврнувајќи се на Давидовата династија — е употребен 25 пати (1. Царства 20:16). Дали цар Давид и неговата династија биле само измислица? Што открива археологијата? За едно неодамнешно значајно откритие во една археолошка ископина кај Тел Дан во северна Галилеја, се известува дека го поддржува историското значење на Давид и на неговата династија.
Во летото 1993 година, еден археолошки тим, предводен од професор Авраам Биран, чистел едно подрачје вон надворешната порта на древниот Дан. Тие откриле еден поплочен плоштад. Еден црн базалтен камен што стрчел од земјата бил лесно отстранет. Кога каменот бил превртен спрема попладневното сонце, оживеале буквите. „О Боже мој, имаме натпис!“ — извикал професор Биран.
Професор Биран и неговиот колега, професор Јозеф Навех од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, брзо напишале еден научен извештај за натписот. Темелена на овој извештај, една статија во списанието Biblical Archaeology Review од март/април 1994 година, гласела: „Не се случува често едно археолошко откритие да се најде на насловната страница на New York Times (а камоли во магазинот Time). Но, токму тоа се случи минатото лето со едно откритие кај Тел Дан, едно прекрасно ритче во северна Галилеја, во подножјето на планината Хермон, покрај горниот тек на реката Јордан.
Таму Авраам Биран и неговиот тим од археолози пронајдоа еден значаен натпис од деветтиот век пр. н. е. што се осврнува и на ‚Давидовиот дом‘ и на ‚Израелскиот цар‘. Ова е првпат името Давид да е најдено во каков и да е древен натпис надвор од Библијата. Дури уште позначајно е тоа што натписот не се осврнува едноставно на некојси ‚Давид‘, туку на Давидовиот дом, на династијата на големиот израелски цар.
‚Израелски цар‘ е израз што често се наоѓа во Библијата, особено во Книгата на Царевите. Меѓутоа, ова може да е најстарото вонбиблиско осврнување на Израел со семитско писмо. Доколку овој натпис докажува нешто, тој покажува дека и Израел и Јуда, спротивно на тврдењата на некои учени потценувачи на Библијата, биле важни царства во тоа време“.
Датирањето е темелено на обликот на буквите, на анализата на грнчаријата што е пронајдена близу камениот фрагмент, како и на содржината на натписот. Сите три методи укажуваат на истиот временски период — на деветтиот век пр. н. е. — нешто повеќе од сто години после цар Давид. Научниците веруваат дека натписот бил дел од некој победнички споменик подигнат во Дан од страна на некој арамејски противник и на ‚Израелскиот цар‘ и на ‚[Царот на] Давидовиот дом‘. Арамејците, кои обожавале еден популарен бог на бурата, Хадад, живееле на исток.
Во текот на летото 1994 година, беа пронајдени уште два фрагмента од оваа плоча. Професор Биран известува: „Во овие два фрагмента се наоѓа името на арамејскиот бог Хадад, како и едно осврнување на една битка меѓу Израелците и Арамејците“.
Главниот фрагмент откриен во 1993 година содржеше 13 делумно видливи редови, напишани со старо хебрејско писмо. Во тоа време се користеле точки како делители на зборовите за да ги одвојуваат зборовите во еден текст. Меѓутоа, ‚Давидовиот дом‘ е испишан како еден збор со буквите „битдвд“ (транслитерирано со кирилски букви), наместо со „бит“ (дом), точка и потоа „двд“ (Давид). Разбирливо е што беа покренати прашања во врска со толкувањето на „битдвд“.
Лингвистичкиот експерт Ансон Рејни објаснува: „Јозеф Навех и Авраам Биран не го објаснија натписот детално, можеби поради тоа што примија здраво за готово дека читателите ќе знаат дека честопати се испушта делителот на зборот меѓу две компоненти во една таква конструкција, особено ако комбинацијата е добро утврдено лично име. ‚Давидовиот дом‘ сигурно бил такво лично политичко и географско име во средината на деветтиот век пр. н. е.“.
Друго археолошко сведоштво
По тоа откритие, еден експерт за плочата Меша (наречена и Моавски камен), професор Андре Лемер, извести дека и таа се осврнува на ‚Давидовиот дом‘.a Плочата Меша, откриена во 1868 година, има многу заеднички нешта со плочата Тел Дан. Обете датираат од деветти век пр. н. е., од ист материјал се, слични се по величина и се испишани со скоро идентично семитско писмо.
Што се однесува до некаква нова реконструкција на еден оштетен ред на плочата Меша, професор Лемер напишал: „Скоро две години пред откривањето на фрагментот Тел Дан, заклучив дека плочата Меша содржи едно осврнување на ‚Давидовиот дом‘ . . . Причината што ова осврнување на ‚Давидовиот дом‘ не била забележана никогаш порано, може со право да се должи на фактот што плочата Меша никогаш немала соодветен editio princeps [прво издание]. Токму тоа јас го подготвувам, 125 години после откривањето на плочата Меша“.
Таквата археолошка информација е од интерес затоа што еден ангел, самиот Исус, неговите ученици и луѓето, општо земено, посведочиле за историското значење на Давид (Матеј 1:1; 12:3; 21:9; Лука 1:32; Дела 2:29). Археолошките откритија очигледно се сложуваат дека тој и неговата династија — ‚Давидовиот дом‘ — се факт, а не измислица.
[Фуснота]
a Плочата Меша ѝ е позната на читателите на литературата на Watch Tower Society. (Види Стражарска кула од 1 септември 1990, страници 29, 30.) Изложена е во музејот Лувр во Париз.
[Слика на страница 31]
Фрагментот Тел Дан,* откриен во 1993 година кај градот Дан, северна Галилеја
* Цртежот се темели на една фотографија што се појави во Israel Exploration Journal.