Објавителите на Царството известуваат
Заземањето цврст став на училиште е наградено
БИБЛИЈАТА прорекува: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа [Јехова, НС], и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13). Во поширока смисла, „сите твои синови“ може да се примени на целото тело од Божји слуги на Земјата, вклучувајќи ги и оние кои се многу млади. Денес, христијанските родители се уверуваат дека нивните деца се „научени од Јехова“ дома и на христијанските состаноци.
Меѓутоа, кога се на училиште, младите христијани се соочуваат со тешки предизвици. Често увидуваат дека е потребно да заземат цврст став кој се темели на она што го научиле од Библијата. Кога тоа го прават, резултатите можат да им користат како на учениците така и на наставниците, како што е покажано преку следново искуство од Микронезија.
На малиот западно-пацифички остров Тул, на островите Чук, наставниците во локалното училиште им кажале на сите деца да се подготват и да учествуваат на училишната прослава за Ноќта на вештерките. Учениците Сведоци биле свесни дека прославата би можела да вклучува декорации и костими кои прикажуваат сеништа, зли духови и вештерки — сѐ поврзано со спиритистички традиции. Овие деца не можеле совесно да учествуваат.a
Од нивното поучување темелено на Библијата дома и на христијанските состаноци, тие знаеле дека таквите обичаи не му се допаѓаат на Бог, дури и кога се прават чисто од забава. За да им се помогне појасно да го објаснат својот став, децата го поканиле Барак, еден од Сведоците мисионери на островот, да зборува со нивните наставници.
Откако го чуле објаснувањето, наставниците договориле втор состанок, на кој Барак можел да зборува пред целиот наставнички кадар. На тој состанок, Барак изнел факти за да ја покаже вистинската природа на Ноќта на вештерките. Тој ги извадил неговите информации од неколку публикации на Watch Tower, како и од други извори. Наставниците и управниците биле зачудени од она што го дознале во врска со потеклото, историјата и религиозната природа на прославата. Тие решиле да одржат состанок на персоналот за да одлучат како да ја решат ситуацијата.
После неколку дена била објавена неочекувана одлука. Сите подготовки за Ноќта на вештерките биле откажани. Училиштето едноставно немало да ја прославува Ноќта на вештерките таа година. Каков само поволен исход произлегол од одлучноста на овие млади Сведоци, на училиште да го прават она што е исправно! Младите никогаш не треба да се плашат или да се срамат да заземат јасен став за библиската вистина.
Ширум светот, Јеховините сведоци ги поучуваат своите деца напорно да се трудат на училиште. Исто така, младите Сведоци се поучени да живеат според библиските начела и да ја споделуваат својата надеж и верувања со другите ученици кога ќе имаат прилика. Дури и кога резултатите не се поволни или моментални како во овој случај, младите можат да ја имаат довербата и задоволството што доаѓаат од вршењето на она што е исправно. А што е уште поважно, тие можат да бидат сигурни дека нивниот небесен Татко е задоволен и ќе ги благослови за нивната верна послушност.
[Фуснота]
a За повеќе информации за Ноќта на вештерките и нејзиното спиритистичко потекло, види го изданието на Разбудете се! од 22 ноември 1993 (англ.), издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.