„Спомнувајте си за минатите дни“ — зошто?
„СПОМНУВАЈТЕ си за минатите дни.“ Оваа опомена од апостол Павле, напишана околу 61 година н. е., била упатена до еврејските христијани во Јудеја (Евреите 10:32, The New English Bible). Што ја поттикнало оваа забелешка? Зошто постоела потреба тие обожаватели на Јехова од првиот век да не го заборават минатото? Можеме ли да извлечеме корист ако внимаваме на едно слично потсетување денес?
Низ вековите, библиските писатели секогаш одново предупредувале на занемарувањето или невнимателноста спрема минатото. Поранешните времиња и настани требало да се држат на ум и да се размислува за нив. Дури и Јехова рекол: „Спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене“ (Исаија 46:9). Да испитаме три силни причини зошто да се внимава на оваа опомена.
Мотивација и охрабрување
Како прво, тоа може да биде голем извор на мотивација и охрабрување. Кога Павле го напишал своето писмо до еврејското собрание, тој пишувал до сохристијани кои секојдневно својата вера ја ставале на испит поради противењето од страна на Евреите. Признавајќи ја нивната потреба да градат истрајност, Павле рекол: „Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата“ (Евреите 10:32). Нивното потсетување на минатите дела на лојалност во духовната војна би послужило да им ја даде потребната храброст за да ја довршат трката. На сличен начин, пророкот Исаија напишал: „Спомнете си го тоа и покажете се мажи [за да можете да соберете сила, НС]“ (Исаија 46:8). Со сличен пожелен ефект на ум, Исус Христос му рекол на собранието во Ефес: „Спомни си од каде си паднал [на љубовта што ја имаше отпрвин], и покај се, и врши ги поранешните дела“ (Откровение 2:4, 5).
Поттикот да ‚се сетат на старите денови, да помислат за годините на поранешните поколенија‘, бил еден повторлив елемент во говорите што Мојсеј ги држел пред Израел, кога ја повикувал нацијата на бестрашна лојалност кон Јехова (5. Мојсеева 32:7). Забележи ги неговите зборови, запишани во 5. Мојсеева 7:18: „Не плаши се од нив [Хананејците], спомни си, што направи Господ, твојот Бог, со Фараонот и со целиот Египет“. Присетувањето за Јеховините спасувачки дела во корист на неговиот народ требало да биде поттик за нивното натамошно верно придржување за законите на Бог (5. Мојсеева 5:15; 15:15).
За жал, Израелците честопати попуштале на гревот на заборавноста. Со какви последици? „Одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израилев; не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Он ги избави од оној, што ги оскрбуваше“ (Псалм 77:41, 42). На крајот, нивната заборавност спрема Јеховините заповеди довела до тоа да бидат отфрлени од него (Матеј 21:42, 43).
Еден убав пример дал псалмистот, кој напишал: „Се сетив за делата на Господа; се сетив за Твоите први чудеса; и ќе се поучам во сите Твои дела и ќе зборувам за постапките Твои“ (Псалм 76:11, 12). Таквото медитативно потсетување за лојалната служба во минатото и за Јеховините дела полни со љубов ќе ни ја дадат потребната мотивација, охрабрување и ценење. Исто така, ‚потсетувањето на поранешните денови‘ може да послужи да се растера заморот, да нѐ подбуди да правиме сѐ што можеме, и да нѐ подбуди на верна истрајност.
Да се учи од грешките во минатото
Второ, незаборавањето може да биде средство за учење од грешките во минатото и нивните последици. Со тоа на ум, Мојсеј ги советувал Израелците: „Запомни и не заборавај, колку Го разгневивте Господа, вашиот Бог, во пустињата: од оној ден, кога излеговте од Египетската земја, па сѐ додека пристигнавте на ова место, вие не Му се покоривте на Господа“ (5. Мојсеева 9:7). Последицата од таквата непослушност на Израелците, како што истакнал Мојсеј, била тоа што ‚Господ, нивниот Бог, ги водел по пустињата четириесет години‘. Зошто биле охрабрени да си спомнат за ова? За да ги понизи и да служи за исправање на нивните бунтовни патишта, за да ‚ги почитуваат заповедите на Господа, [нивниот] Бог, одејќи по патиштата Негови и боејќи се од Него‘ (5. Мојсеева 8:2—6). Тие требало да учат, во смисла да не ги повторуваат своите грешки од минатото.
Еден писател забележал: „Разумната личност ползува од личното искуство, а мудрата — од искуството на другите“. Додека Мојсеј го повикувал народот на Израел да извлече корист преку разгледувањето на нивните сопствени поранешни грешки, апостол Павле ги советувал другите — коринтското собрание од првиот век и, во поширока смисла, нас — да ја впиеме поуката од истиот историски извештај. Тој напишал: „А овие работи им се случуваа ним [на Израелците] како примери, и беа запишани како предупредување за нас, на кои дојдоа краевите на системите на ствари“ (1. Коринтјаните 10:11, НС). Исус Христос имал на ум и еден друг древен библиски настан, како и потребата да се учи од него, кога рекол: „Сеќавајте се на Лотовата жена“ (Лука 17:32; 1. Мојсеева 19:1—26). Англискиот поет и филозоф Семјуел Тејлор Колриџ, напишал: „Да можеа луѓето да учат од историјата, какви само поуки би можела да ни даде таа!“
Скромност и благодарност
Трето, спомнувањето може во нас да ги создаде богоугодните особини на скромност и благодарност. Додека се радуваме на многуте аспекти на нашиот духовен рај ширум светот, никогаш да не заборавиме дека тој почива на извесни градежни блокови. Во нив спаѓаат лојалност, љубов, самопожртвуваност, смелост и покрај непријателство, истрајност, долготрпеливост и вера — особини што ги покажале нашите христијански браќа и сестри, кои пред многу децении го отвориле делото во разни земји. Во заклучокот од својот извештај за современата историја на Божјиот народ во Мексико, 1995 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишникот на Јеховините сведоци за 1995 година) наведе: „На лицата кои од неодамна се поврзале со Јеховините сведоци, искушенијата со кои се соочуваа оние кои учествуваа во отворањето на делото во Мексико, можат да им се чинат како нешто изненадувачко. Тие се навикнати на еден духовен рај каде што постои изобилство духовна храна, каде што има стотици илјади богобојазливи придружници и каде што службата за Бог се извршува на еден добро организиран начин“.
Тие рани пробивачи на патот честопати работеле сами или во мали изолирани групи. Се соочувале со осаменост, скудност и со други тешки испити на интегритетот додека истрајувале во објавувањето на пораката за Царството. Иако мнозина од овие слуги од поранешните времиња ја напуштиле земната сцена во смрт, колку само е пријатно да се знае дека Јехова си спомнува за нивната верна служба! Апостол Павле го потврдил тоа кога напишал: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“ (Евреите 6:10). Ако Јехова со ценење си спомнува, зарем не треба и ние да го правиме истото во дух на благодарност?
Оние кои од скоро се запознаени со вистината, можат да ја стекнат оваа историска перспектива преку публикацијата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство).a Освен тоа, ако ја имаме предноста да припаѓаме на некое семејство или на некое христијанско собрание во чиишто членови спаѓаат постари браќа или сестри кои служат долго, поттикнати сме во духот на 5. Мојсеева 32:7 да ‚се сетиме на старите денови, да помислиме за годините на поранешните поколенија; да го прашаме татка си — и тој ќе ни каже, старците свои — и тие ќе ни речат‘.
Да, сеќавањето на поранешните дела на божествена оддаденост можат да нѐ поттикнат да продолжиме радосно да истрајуваме во нашата христијанска служба. Исто така, историјата содржи поуки кои треба да ги научиме. А медитирањето за нашиот духовен рај благословен од Бог ги создава привлечните особини на скромност и благодарност. Навистина, ‚спомнувај си за минатите денови‘.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.