Откажување од многу работи за нешто поголемо
РАСКАЖАЛ ЏУЛИУС ОВО БЕЛО
Цели 32 години јас бев аладура.a Верував дека лечењето со вера и молитвите ќе ги решат сите мои проблеми и ќе ги излечат сите болести. Никогаш не бев купил никакви лекарства, дури ни ублажувачки средства. Во текот на тие години, никој од моето семејство никогаш не беше однесен в болница. Кога некое од моите деца ќе се разболеше, се молев за него ден и ноќ сѐ додека не се опоравеше. Верував дека Бог одговараше на моите молитви и дека ме благословува.
ПРИПАЃАВ на Егбе Џоли, најугледниот друштвен клуб во Акуре, град во западна Нигерија. Моите пријатели беа најбогатите и највлијателните луѓе во нашата општина. Деџи, царот на Акуре, честопати ме посетуваше во мојот дом.
Бев и полигамист, имав шест жени и многу конкубини. Мојот бизнис цутеше. Сѐ ми одеше добро. Па сепак, како патувачкиот трговец во Исусовата илустрација за бисерот, најдов нешто толку скапоцено заради кое се откажав од пет мои жени, од моите конкубини, од црквата, од друштвениот клуб и од световниот углед (Матеј 13:45, 46).
Како станав аладура
За аладурите првпат чув во 1936 година, кога имав 13 години. Еден пријател по име Габриел, ми рече: „Ако ја посетиш Христовата апостолска црква, ќе го чуеш Бог како зборува“.
„Како зборува Бог?“ — го прашав.
Рече: „Дојди, па ќе видиш“.
Бев желен да го слушнам Бог. И така, таа ноќ отидов со Габриел во црквата. Малата зграда беше исполнета со обожаватели. Верниците почнаа да пеат: „Дојдете, луѓе! Овдека е Исус!“
Во текот на ова пеење, некој вресна: „Слези, свет духу!“ Некој друг удри во ѕвоно, а верниците замолкнаа. Потоа, една жена возбудено почна да брбори на некој странски јазик. Одеднаш, таа извика: „Луѓе, послушајте ја Божјата порака! Вака рече Бог: ‚Молете се за ловците да не убиваат луѓе!‘“ Атмосферата беше набиена со емоции.
Верував дека Бог зборуваше преку неа, па така следната година се крстив како член на Христовата апостолска црква.
Рани контакти со Јеховините сведоци
Во 1951 година, од еден Сведок по име Адедеџи Бобоје зедов еден примерок од списанието Стражарска кула. Списанието беше интересно, па така се претплатив на него и редовно го читав. Во 1952 година, во Адо Екити присуствував на еден четиридневен обласен конгрес на Јеховините сведоци.
Она што го видов на конгресот, ме воодушеви. Размислував сериозно да станам Јеховин сведок, но ја отфрлив таа идеја. Мојот проблем беше што во тоа време имав три жени и една конкубина. Мислев дека не постои начин на кој би можел да живеам само со една жена.
Кога се вратив во Акуре, му реков на Адедеџи да престане да ме посетува, и не ја обновив мојата претплата на Стражарска кула. Станав поактивен во мојата црква. Впрочем, си резонирав: Бог ме благослови откако се придружив на Христовата апостолска црква. Си зедов три жени и создадов многу деца. Изградив своја куќа. Никогаш не сум бил носен во болница. Со оглед на тоа што се чинеше дека Бог ги услишува моите молитви, зошто да ја менувам својата религија?
Сѐ поголем углед и разочарување
Давав многу пари како прилог во црквата. Кратко потоа ме направија црковен старешина — положај што ми овозможи да ги видам внатрешните дејности на црквата. Она што го видов, ме вознемири. Пасторот и „пророците“ ги сакаа парите; нивната алчност ме стаписа.
На пример, во март 1967 година, од различни жени ми се родија три деца. Беше обичај во црквата да се одржи церемонија за крстење на детето. Затоа, во подготвувањето за церемонијата, кај пасторот донесов дарови — риба, лимонада и флаширани безалкохолни пијалаци.
На денот на црковната служба, пред сите верници пасторот рече: „Богатите луѓе во оваа црква ме изненадија. Сакаат церемонија на крстење, а сѐ што донесуваат се безалкохолни пијалаци и риба. Без месо! Без јарец! Замислете си! Каин му принел на Бога жртва од големи слатки компири, ама Бог не ја прифатил таа жртва, бидејќи во нив немало крв. Бог сака да има крв во стварите. Авел донел животно, и неговата жртва била прифатена“.
На тоа, станав и бесно излетав надвор. Меѓутоа, сѐ уште ја посетував црквата. Поминував сѐ повеќе време во дружење и присуствување на состаноците во мојот клуб. Понекогаш присуствував и на состаноците во Салата на Царството и ја обновив мојата претплата на Стражарска кула. Меѓутоа, сѐ уште не бев спремен да станам Јеховин сведок.
Одлука да му служам на Јехова
Пресвртницата за мене се случи во 1968 година. Еден ден почнав да читам една статија во Стражарска кула која го опишуваше бруталното прогонување на Јеховините сведоци во Малави. Се работеше за едно 15-годишно девојче кое било врзано за едно дрво и шестпати силувано поради тоа што одбивало да ја компромитира својата вера. Длабоко потресен, го испуштив списанието, но продолжив да размислувам за тоа. Увидов дека ниедно девојче во мојата црква не би покажало таква вера. Подоцна таа вечер, го зедов списанието и повторно ја прочитав страницата.
Почнав сериозно да ја проучувам Библијата. Додека растев во спознанието, почнав да увидувам колку многу црквата нѐ заведувала. Како што било случај во стари времиња, нашите свештеници ‚вршеа лоши работи‘ (Осија 6:9). Таквите луѓе спаѓале во лажните пророци на кои предупредил Исус! (Матеј 24:24). Повеќе не верував во нивните визии и моќни дела. Одлучив да се ослободам од лажната религија и да им помагам на другите да го сторат истото.
Напори да ме задржат во црквата
Кога црковните старешини сфатија дека бев одлучен да ја напуштам црквата, испратија една делегација за да ме моли. Не сакаа да изгубат еден важен извор на приход. Понудија да ме направат Баба Егбе, патронот на една од Христовите апостолски цркви во Акуре.
Јас ги одбив и им кажав зошто. „Црквата нѐ лажеше“ — реков. „Тие велат дека сите добри луѓе ќе одат на небо. Но, јас ја прочитав Библијата и уверен сум дека само 144.000 лица ќе одат на небо. Другите праведни луѓе ќе живеат на рајска Земја“ (Матеј 5:5; Откровение 14:1, 3).
Пасторот на црквата се обиде да ги сврти моите жени против мене. Им рече да ги спречат Јеховините сведоци да доаѓаат во нашиот дом. Една од моите жени ми ја затру храната. Две од нив ме предупредија на една визија што ја виделе в црква. Визијата покажувала дека ќе умрам ако ја напуштам црквата. И покрај тоа, продолжив да им сведочам на моите жени, канејќи ги да дојдат со мене на состаноците. „Таму ќе си најдете други сопрузи“ — велев. Меѓутоа, ниедна од нив не покажа никаков интерес, и продолжија да се обидуваат да ме обесхрабрат.
Најпосле, на 2 февруари 1970 година, кога се вратив дома од едно патување во еден соседен град, ја најдов куќата празна. Сите мои жени беа побегнале сосе децата.
Прилепен за една жена
‚Сега можам да ја размрсам мојата брачна ситуација‘ — си мислев. Ја повикав мојата прва жена, Џанет, да се врати дома. Таа се согласи. Меѓутоа, нејзиното семејство остро се спротивстави на таа идеја. Кога моите други жени дознале дека сум ја замолил Џанет да се врати, отишле во домот на татко ѝ и се обиделе да ја натепаат. Потоа нејзиното семејство ме викна на еден состанок.
На состанокот беа присутни околу 80 лица. Стрикото на Џанет, кој беше глава на семејството, рече: „Ако сакаш повторно да ја земеш нашата ќерка, тогаш мораш да ги вратиш другите жени. Но, ако сакаш да ја практикуваш твојата нова религија и да останеш со една сопруга, тогаш мораш да си најдеш друга жена. Ако ја земеш назад Џанет, твоите други жени ќе ја убијат, а ние не сакаме нашата ќерка да умре“.
После многу разговарање, семејството сфати дека бев одлучен да имам само една жена. Најпосле смекнаа. Стрикото рече: „Нема да ти ја земеме жената. Можеш да си ја земеш со себе“.
На 21 мај 1970 година, Џанет и јас законски се венчавме. Девет дена подоцна, јас се крстив како Јеховин сведок. Во декември истата година, се крсти и Џанет.
Уживам Јеховин благослов
Нашите поранешни црковни членови беа прорекле дека, ако станеме Сведоци, ќе умреме. Тоа беше пред скоро 30 години. Дури и ако умрам сега, дали тоа би било затоа што станав Јеховин сведок? Ако сега умре мојата сопруга, може ли некој да рече дека тоа е затоа што стана Јеховин сведок?
Се борев на моите 17 деца да им го покажам патот на вистината. Иако многу од нив беа возрасни во времето кога јас станав Сведок, ги храбрев да ја проучуваат Библијата и ги водев на состаноците и на конгресите. Радост ми е што пет од нив му служат на Јехова со мене. Еден служи со мене како старешина во собранието. Друг е слуга помошник во едно соседно собрание. Две од моите деца служат како општи пионери.
Кога ќе погледнам наназад, се восхитувам на Јеховината незаслужена љубезност што ми помогна да станам негов слуга. Колку само се вистинити Исусовите зборови: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:44).
[Фуснота]
a Од еден збор на јазикот јоруба, што значи „оној кој се моли“. Се однесува на член на некоја африканска црква кој практикува духовно лечење.