Местото на музиката во современото обожавање
ПЕЕЊЕТО е дар од Бог. Кревањето на нашите гласови во песна може да ни донесе задоволство и нам и на нашиот Творец. Преку пеењето можеме да ги изразиме своите чувства — и тагите и радостите. Дури и повеќе, можеме да ја искажеме својата љубов, обожавање и фалба за Основачот на песната — Јехова.
Повеќето од околу триста библиски осврнувања на музиката се поврзани со обожавањето на Јехова. Пеењето исто така е придружено со радост — не само радоста на оние кои пеат туку и радоста на Јехова. Псалмистот напишал: „Нека Го слават [нека му пеат мелодија, НС], зашто Господ го сака Својот народ“ (Псалм 149:3, 4).
Но, колку е важно пеењето во современото обожавање? Како може Јеховиниот народ денес да Му угоди со кревање на своите гласови во песна? Какво место треба да има музиката во вистинското обожавање? Ако ја испитаме историјата на музиката во обожавањето, тоа ќе ни помогне да одговориме на овие прашања.
Историското место на музиката во обожавањето
Првото библиско осврнување на музиката не се однесува посебно на обожавањето на Јехова. Во 1. Мојсеева 4:21, на Јувал му се припишува она што може да се нарече пронаоѓање на првите музички инструменти или можеби воведување на некој вид музичка професија. Меѓутоа, музиката била дел од обожавањето на Јехова уште пред создавањето на луѓето. Извесен број библиски преводи ги опишуваат ангелите како пеат. Јов 38:7 кажува како ангелите радосно ликувале и ‚извикувале со аплауз‘. Според тоа, постои библиска основа да се верува дека пеењето при обожавањето на Јехова било обичај долго време пред човекот да се појави на сцената.
Некои историчари аргументирале дека древната еврејска музика била само мелодија, без никаква хармонска позадина. Меѓутоа, на една харфа, инструмент кој на истакнат начин се споменува во Библијата, истовремено можело да се отсвири повеќе од една нота. Харфистите сигурно ја забележале хармонијата што можела да се произведе со комбинација на тоновите на инструментот. Наместо примитивна, нивната музика несомнено била доста напредна. А судејќи според поезијата и прозата на Хебрејските списи, можеме да заклучиме дека израелската музика била од висок квалитет. Секако, инспирацијата за музички композиции била многу повозвишена отколку онаа на соседните народи.
Древната организација во храмовите овозможувала сложени аранжмани од инструментација и гласови при храмското обожавање (2. Летописи 29:27, 28). Постоеле „управници“, „стручњаци“, ‚ученици‘ и „главни певци“ (1. Летописи 15:21, НС; 25:7, 8, НС; Неемија 12:46). Коментирајќи за нивните напредни музички вештини, историчарот Курт Закс напишал: „Хоровите и оркестрите во врска со Храмот во Ерусалим укажуваат на еден висок стандард на музичко образование, вештина и знаење . . . Иако ние не знаеме како звучела таа древна музика, имаме доволно докази за нејзината моќ, возвишеност и мајсторство“ (The Rise of Music in the Ancient World: East and West — Подемот на музиката во древниот свет: Исток и Запад, 1943, страници 48, 101, 102). Соломоновата песна претставува пример за креативноста и квалитетот на еврејските композиции. Тоа е приказна во песна, слична на либретото, односно текстот за опера. Во Хебрејскиот текст песната е наречена „Песна над песните“, т. е. највозвишена песна.
За древните Евреи, пеењето било составен дел од обожавањето. А тоа овозможувало позитивен емоционален израз во нивната фалба на Јехова.
Пеењето на христијаните од првиот век
Музиката продолжила да биде редовен дел од обожавањето кај раните христијани. Освен што ги имале инспирираните Псалми, очигледно тие компонирале оригинална музика и текстови за обожавање, со што го поставиле преседанот за современото компонирање на христијански песни (Ефесјаните 5:19). Книгата The History of Music (Историја на музиката) од Валдо Селден Прат објаснува: „Пеењето при јавното и приватното обожавање било вообичаено за раните христијани. За еврејските преобратеници тоа било продолжување на обичаите од синагогата . . . Покрај еврејските Псалми . . . новата вера постојано тежнеела кон создавање нови химни, отпрвин очигледно во вид на рапсодии“.a
Истакнувајќи ја вредноста на пеењето кога ја воспоставил Господовата вечера, Исус и апостолите веројатно ги пееле Халелите (Матеј 26:26—30). Тоа биле песни на фалба на Јехова што биле запишани во Псалмите и се пееле на прославата на Пасхата (Псалм 112—117).
Влијанието на лажното обожавање
До таканаречениот среден век, религиозната музика била сведена на тажно црковно пеење. Околу 200-тата година н. е., Климент Александриски рекол: „Потребен ни е еден инструмент: мирољубивиот збор на обожавање, а не харфи или тапани или гајди или труби“. Биле воведени рестрикции кои ја ограничувале црковната музика само на вокали. Овој стил станал познат како црковно пеење или редење. „По помалку од четириесет години од подигањето на Константинопол, Советот од Лаодикија (А.Д. 367) забранил во литургијата да учествуваат и инструменти и собранија. Православната музика била чисто вокална“ — вели книгата Our Musical Heritage (Нашето музичко наследство; нагласено од нас). Овие рестрикции немале никаква основа во раното христијанство.
Во текот на средниот век, Библијата била недостапна книга за обичниот народ. Христијаните кои се осмелувале да поседуваат или да читаат Библија, биле прогонувани, па дури и убивани. Затоа, не е ни чудо што обичајот да се пеат фалби на Бог во голема мера исчезнал во текот на тој мрачен период. Впрочем, ако обичните луѓе немале пристап до Писмото, како би можеле да знаат дека една десетина од целата Библија се песни? Кој би им кажал дека Бог им заповедал на своите обожаватели да ‚Му пеат на Господа нова песна, похвала за Него во храмот на светиите‘? (Псалм 149:1).
Враќање на музиката на нејзиното исправно место во обожавањето
Јеховината организација сторила многу за да ги врати музиката и пеењето на нивното исправно место во обожавањето. На пример, изданието на Zion’s Watch Tower (Сионска стражарска кула) од 1 февруари 1896 година, се состоеше само од песни. Беше насловено како „Сионски весели утрински песни“.
Во 1938 година, на собраниските состаноци скоро воопшто не се пееше. Меѓутоа, наскоро преовлада мудроста од следењето на апостолскиот пример и водство. На обласниот конгрес во 1944 година, Ф. В. Франц го одржа предавањето „Песна за службата на Царството“. Тој покажа дека небесните суштества пееле песни на фалба на Јехова долго време пред создавањето на човекот, и рече: „За Бог е исправно и угодно Неговите земни слуги да ги кренат своите гласови во дословна песна“. Откако го разработи аргументот за пеењето при обожавањето, тој го објави излегувањето на Kingdom Service Song Book (Песнарката за служба на Царството) за користење на седмичните состаноци за служба.b Потоа, декемврискиот Informant од 1944 (Информатор, сега наречен Наша служба за Царството), извести дека и другите состаноци ќе вклучуваат уводни и заклучни песни. Пеењето повторно стана дел од Јеховиното обожавање.
‚Пеејќи му во своите срца на Јехова‘
Вредноста на пеењето од срце ја илустрираа нашите браќа во Источна Европа и Африка, кои доживеале години на неволја и прогонство. Лотар Вагнер поминал седум години во самица. Како издржал? Тој вели: „Повеќе седмици се концентрирав на враќањето на моето сеќавање на песните на Царството. Кога не го знаев текстот точно, едноставно составував една или две строфи . . . Какво само изобилство охрабрувачки и изградувачки мисли содржат нашите песни на Царството!“ (1974 Yearbook of Jehovah’s Witnesses — Годишник на Јеховините сведоци за 1974, страници 226—228).
Во текот на петте години самица поради неговиот верен став, Харолд Кинг нашол утеха во компонирање и пеење песни на фалба на Јехова. Неколку од неговите композиции Јеховините сведоци сега ги користат при своето обожавање. Радоста што е поврзана со пеењето е радост која одржува. Но, не е потребно некакво прогонство за да се увериме во вредноста на пеењето фалби на Бог.
Сите од Јеховиниот народ можат да најдат радост во песната. Иако можеби имаме некои пречки во нашето вербално изразување, нашите чувства кон Јехова можат да бидат слободни кога ги искажуваме во песна. Апостол Павле покажал како можеме да најдеме радост во пеењето фалби, кога ги опоменал христијаните да продолжат ‚да се усовршуваат [да си говорат еден на друг, НС] со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата свои‘ (Ефесјаните 5:19). Кога нашите срца се исполнети со духовни работи, можеме тоа силно да го изразиме во песна. Затоа, клучот за подобрено пеење е исправниот став на срцето.
Ако се има добар однос со Јехова, тоа придонесува за радосен дух, мотивирајќи нѐ да зборуваме, да пееме и да извикуваме фалби на Јехова (Псалм 145:2, 5). Ние пееме срдечно за работите во кои уживаме. И ако ни се допаѓа песната или чувствата на песната, најверојатно ќе ја пееме со вистинско чувство.
Не мора да се пее многу гласно за да се пее со чувство. Не мора да значи дека е добро пеење ако некој пее многу гласно ниту, пак, е пеење ако не може да се чуе никаков звук. Некои гласови со природна резонанца може да се истакнуваат иако пеењето е меко. Дел од предизвикот да пееме добро во група е да научиме да се слееме. Сеедно дали пееш во хармонија или едногласно, ако ја погодиш јачината на гласот со оние покрај тебе, тоа ќе придонесе за една пријатна и обединета песна. Христијанската скромност и увото кое слуша ќе ти помогнат да ја стекнеш рамнотежата да пееш со занес, а сепак да не ги надјачуваш другите со својот глас. Меѓутоа, оние кои пеат вешто или кои имаат вонредно убави гласови, не треба никогаш да се обесхрабрат да пеат. Еден прекрасен глас може да му даде силна поддршка на собраниското пеење фалби на Јехова.
Пеењето на нашите состаноци исто така обезбедува еден прикладен амбиент за пеење на хармонски делови од мелодиите. Оние кои имаат слух за хармонија или, пак, кои можат да го читаат петолинието во песнарката и да го отпеат, охрабрени се да се слеат со пеењето и да придонесат за убавината на музиката.c
Некои може да тврдат: ‚Не можам да ја погодам мелодијата‘ или: ‚Имам ужасен глас; ми откажува при високите ноти‘. Затоа тие се плашливи кога пеат, дури и во Салата на Царството. Факт е дека ниеден глас подигнат во фалба на Јехова не е „ужасен“ од негова гледна точка. Исто како што нечиј говорен глас може да се подобри со вежбање и со следење на корисните предлози што се даваат во Теократска школа за проповедање, така може да се подобри и нечие пеење. Некои го подобриле својот глас така што едноставно потпевнувале додека ги обавувале секојдневните куќни работи. Потпевнувањето помага да се изглади тонот на гласот. А во погодни времиња, додека сме сами или работиме таму каде што нема да ги вознемируваме другите, пеењето на мелодиите на Царството претставува извонредно вежбање за гласот и средство кое нѐ доведува во радосно, опуштено расположение.
Исто така, можеме да охрабриме да се отпеат неколку песни на Царството и при дружењата. Таквото пеење, придружено со некој инструмент, како на пример гитара или пијано или, пак, снимките на Друштвото со пијано, им дава духовен тон на нашите дружења. Тоа исто така дава помош да ги научиме и добро да ги пееме песните на собраниските состаноци.
За да им помогне на собранијата да бидат внесени во пеењето на состаноците, Друштвото обезбедило снимени музички придружби. Кога ќе се пуштат, оној кој ракува со системот за озвучување треба да биде свесен за јачината. Ако музиката не е доволно гласна, собранието може да се плаши да пее. Додека братот, кој го регулира системот за озвучување, пее заедно со собранието, ќе може да одреди дали музиката дава поткрепувачко водство или не.
Свирете му мелодија на Јехова
Пеењето ни дава прилика да ги изразиме нашите чувства спрема нашиот Творец (Псалм 149:1, 3). Тоа не е само емоционален излив туку и контролирано, разумно и радосно изразување на нашата фалба. Ако ги излееме срцата во собраниското пеење, тоа може да нѐ доведе во исправно расположение на умот и срцето за програмата што следи и да нѐ поттикне на поголемо учество во обожавањето на Јехова. Иако пеењето има емоционален учинок, зборовите на песните можат да послужат и за да нѐ поучат. Изразувајќи се на таков начин едногласно и во хармонија, ние кротко и понизно ги подготвуваме нашите срца за да можеме да учиме заедно како насобран народ. (Спореди Псалм 9:37.)
Пеењето секогаш ќе биде дел од обожавањето на Јехова. Затоа, го имаме изгледот засекогаш да ги делиме чувствата на псалмистот: „Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам“ (Псалм 145:2).
[Фусноти]
a Рапсодија е музичко дело кое е составено од различни делови со еден дух на слобода. Честопати, рапсодиите величале херојски настани или ликови.
b Се чини дека 1. Коринтјаните 14:15 укажува оти пеењето било редовна одлика на христијанското обожавање во првиот век.
c Некои од песните во нашата сегашна песнарка Пејте му фалби на Јехова го задржуваат четириделниот хармонски стил во полза на оние кои уживаат во пеењето хармонски делови. Меѓутоа, многу од песните се аранжирани за придружба на пијано и дадена им е музичка обработка која настојува да го сочува интернационалното потекло на мелодиите. Импровизирањето хармонски ноти за песните што се напишани без строги четириделни хармонии, може да придонесе за едно пријатно разубавување на нашето пеење на состаноците.
[Рамка на страница 27]
Некои предлози за подобро пеење
1. Кога пееш, држи ја песнарката високо. Тоа ти помага да дишиш поприродно.
2. Длабоко вдиши на почетокот од секоја строфа.
3. Ако отпрвин ја отвораш устата малку повеќе од вообичаено, тоа природно ќе ја зголеми јачината и резонанцата на гласот.
4. Пред сѐ, биди сосредоточен на чувствата на песната што се пее.