Дали копнееш да служиш во попотполна мера?
„МУ БЕВ лута на Јехова“ — вели Лора. „Се молев и молев да ни помогне да ги решиме нашите финансиски проблеми за да можам да продолжам да пионерам — но залудно. Најпосле, морав да ја напуштам листата на пионери. Исто така, морам да признаам дека им бев љубоморна на оние кои можеа да продолжат.“
Размисли и за случајот на Мајкл, слуга помошник во едно собрание на Јеховините сведоци. Тој тежнеел по службата на надгледник (1. Тимотеј 3:1). Кога неговото копнеење останало неисполнето повеќе години, толку се огорчил што повеќе не сакал да биде земан предвид за оваа предност. „Едноставно не можев повторно да ја поднесам болката на разочарувањето“ — вели тој.
Дали ти си имал слично искуство? Дали си морал да се откажеш од некоја сакана теократска предност? На пример, дали си морал да престанеш да служиш како пионер, полновремен објавител на Царството? Или, дали копнееш по извесни собраниски одговорности што им се доверени на други? Можеби дури желно посакуваш да служиш во Бетел или како мисионер, но твоите околности не ти дозволуваат.
„Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“ — признава книгата Изреки (Изреки 13:12). Ова може да е случај особено тогаш кога другите ги добиваат токму оние предности на коишто се надеваш ти. Дали Божјата Реч дава увид, утеха и надеж за секој што доживува такви разочарувања? Да, дава. Всушност, 83. Псалм ги изразува чувствата на еден Јеховин слуга кој имал слични неисполнети желби во врска со Јеховината служба.
Ценењето на еден левит
Композиторите на 83. Псалм биле синовите на Кореј, левити кои служеле во Јеховиниот храм и кои високо ги ценеле своите предности на службата. „Колку се мили Твоите живеалишта [твојот величествен табернакул, НС], Господи на силите!“ — воскликнува еден од нив. „Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог“ (Псалм 83:1, 2).
Овој левит имал толку голем копнеж да служи во Јеховиниот храм што дури и обичната глетка долж патот до Ерусалим му се чинела привлечна. „Преминувајќи ја долината на плачот“ — вели тој — „тие наоѓаат извори во неа“ (Псалм 83:6). Да, едно обично суво подрачје изгледало како добро наводнувана област.
Поради тоа што псалмистот бил несвештенички левит, тој можел да служи во храмот само една седмица на секои шест месеци (1. Летописи 24:1—19; 2. Летописи 23:8; Лука 1:5, 8, 9). Остатокот од своето време го поминувал дома во еден од левитските градови. Затоа тој отпеал: „Дури и птицата си нашла дом. И ластовицата гнездо за себеси, каде што ги положила своите малечки — твојот величествен олтар, о Јехова над војските, Цару мој и Боже мој!“ (Псалм 84:3, НС). Колку само би бил среќен левитот да бил како птиците кои имале подолготрајно живеалиште во храмот!
Левитот можел лесно да се предаде на огорченост поради тоа што не можел почесто да служи во храмот. Меѓутоа, тој бил задоволен да служи онолку колку што можел, и сигурно сфаќал дека оддаденоста на Јехова со цело срце е вредна за секаков труд. Што му помогнало на овој верен левит да остане задоволен со своите предности на службата?
Научи да бидеш задоволен
„Еден ден во Твоите дворови е подобар отколку — илјада дни надвор“ — вели левитот. „Повеќе сакам да бидам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во населбите на грешниците“ (Псалм 83:10). Тој ја сметал за непроценлива предност можноста да помине барем еден ден во Јеховиниот дом. А левитот служел во храмот далеку повеќе од еден ден. Неговата задоволност од своите предности го натерале да пее од радост.
А како е со нас? Дали ги земаме во обѕир нашите благослови или, пак, сме склони да ги заборавиме и оние што веќе ги имаме во Јеховината служба? Поради оддаденоста кон Него, Јехова му доверил на својот народ еден широк круг предности и должности. Во нив спаѓаат потешките одговорности на надгледување, пастирење, поучување и различни одлики на полновремената служба. Но, во нив спаѓаат и други скапоцени работи кои се поврзани со Јеховиното обожавање.
На пример, размисли за христијанската служба. Апостол Павле ја споредува нашата предност да ја проповедаме добрата вест со нашето поседување ‚ризница во глинени садови‘ (2. Коринтјаните 4:7). Дали таквата служба ја сметаш за непроценлива ризница? Исус Христос, кој предводел во активноста на проповедање на Царството, ја сметал за таква и со тоа дал пример (Матеј 4:17). „Имајќи го . . . ова служење, ние со духот не паѓаме“ — рекол Павле (2. Коринтјаните 4:1).
Христијанските состаноци исто така претставуваат света подготовка која не треба да се зема за лесно. На нашите состаноци добиваме животоважна поука и уживаме во неопходното дружење. Исто така, на состаноците можеме да дадеме јавна изјава за нашата вера и надеж преку редовно коментирање и преку учествување во програмата на други начини (Евреите 10:23—25). Навистина, нашите состаноци претставуваат една подготовка што треба да се цени!
Мајкл, споменат претходно, високо ги почитувал овие благослови и длабоко ги ценел. Но, неговото разочарување поради тоа што не бил во можност да служи како старешина, привремено го потиснале неговото ценење спрема нив. Со тоа што повторно се сосредоточил на нив, тој бил во можност одново да ја поврати својата рамнотежа и стрпливо да чека на Јехова.
Наместо да се чувствуваме незадоволни поради тоа што немаме извесна предност, ќе направиме добро ако ги преиспитаме начините на кои Јехова нѐ благословува, како што сторил и псалмистот.a Ако не успееме да видиме многу, треба повторно да погледнеме, молејќи го Јехова да ни ги отвори очите за да ги видиме нашите предности и начините на кои тој нѐ благословува и нѐ користи за негова фалба (Изреки 10:22).
Исто така, важно е да сфатиме дека посебните предности, како што е службата на надгледник, изискуваат специфични квалификации (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9). Затоа, треба да се испитаме себеси, барајќи какви и да било подрачја на кои е потребно подобрување и потоа да вложиме сериозен напор да се подобриме (1. Тимотеј 4:12—15).
Немој да се обесхрабруваш
Ако не добиеме извесна предност на службата, не треба да заклучиме дека Јехова има повеќе љубов кон оние кои ја уживаат истата или, пак, дека ни ускратува некакво добро. Секако, не треба завидливо да претпоставуваме дека другите незаслужено ги добиле своите предности преку човечко фаворитизирање наместо преку теократско наименување. Негативното размислување за таквите идеи може да доведе до љубомора, препирка, па дури и до целосно откажување (1. Коринтјаните 3:3; Јаков 3:14—16).
Лора, спомената на почетокот, не се откажала. Таа најпосле се фатила во костец со своите чувства на гнев и љубомора. Лора секогаш одново му се молела на Бог за помош за да ја совлада својата негативна реакција на тоа што не била во состојба да пионери. Исто така, барала помош од оспособени мажи во собранието и повторно се уверила во Божјата љубов. „Јехова ми даде мир во мислите“ — рекла таа. „Иако мојот сопруг и јас сега не можеме да пионериме, ние го цениме времето кога го можевме тоа и црпиме сила од искуствата што ги имавме. Исто така, му помагаме на нашиот пораснат син во неговото пионерење.“ Задоволна, Лора сега е во состојба да ‚се радува со радосните‘ во нивната пионерска служба (Римјаните 12:15).
Постави си достижни цели
Ако сме задоволни со сегашните предности на службата, не значи дека треба да престанеме да си поставуваме натамошни теократски цели. Дискутирајќи за небесното воскресение, Павле зборувал за ‚стремењето кон она што е пред него‘. Исто така, тој рекол: „До мерата до која сме напредувале, да одиме и понатаму уредно по истата рутина“ (Филипјаните 3:13—16, НС). Теократските цели можат да ни помогнат да се стремиме напред. Меѓутоа, предизвикот е да ги задржиме реални.
Реалните цели се разумни и достижни (Филипјаните 4:5, НС). Ова не значи дека една цел која бара повеќегодишна напорна работа, е нереална. Таквата долгорочна цел може да се достигне постепено со поставување серија посредни цели, односно чекори. Тие можат да служат како меѓници за духовниот напредок. Успешното завршување на секој чекор ќе даде попатно чувство на задоволство, наместо на разочарување.
Добра рамнотежа
Меѓутоа, важно е да се признае дека, поради нашите околности и ограничувања, некои предности можеби нема да ги добиеме. Ако си ги поставиме како цел, тоа ќе доведе само до разочарување и фрустрираност. Таквите цели треба да се отстранат, барем засега. Нема да ни биде тешко да го направиме тоа ако се молиме за божествена задоволност и ако вршењето на Јеховината волја го направиме наш главен интерес. Кога тежнееме по предности, важна е Јеховината слава, а не признавањето на нашите лични достигнувања (Псалм 15:5, 6; Матеј 6:33). Библијата соодветно ни кажува: „Предај ги своите дела на Господа, и твоите намери ќе се исполнат“ (Изреки 16:3).
Додека го разгледуваме 83. Псалм, можеме да видиме дека псалмистот покажувал токму таков став спрема предностите на службата, а Јехова богато го благословил. Освен тоа, овој псалм продолжил да му користи на Јеховиниот народ до денешен ден.
Со ослонување на Јехова во молитва, ти можеш твоето копнеење по додатни предности да го урамнотежиш со задоволноста од предностите што ги уживаш сега. Никогаш не дозволувај желбата да направиш повеќе да ти го одземе ценењето за она што го имаш сега, како и радоста да му служиш на Јехова засекогаш. Имај доверба во Јехова, бидејќи тоа доведува до среќа, како што е покажано во зборовите на левитот: „Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе!“ (Псалм 83:12).
[Фуснота]
a Молиме, види ја статијата „Дали ги цениш светите работи?“ во изданието на Стражарска кула од 1 октомври 1988 година.
[Рамка на страница 11]
Цели кои би можеле да си ги поставиме
Секојдневно читање на Библијата (Исус Навин 1:8; Матеј 4:4).
Подобрување на нашата моќ за согледување преку библиско обучување (Евреите 5:14, НС).
Развивање поблизок однос со Бог (Псалм 73:28, НС).
Негување на секој од плодовите на духот (Галатјаните 5:22, 23).
Подобрување на квалитетот на нашите молитви (Филипјаните 4:6, 7).
Станување поделотворни во проповедањето и поучувањето (1. Тимотеј 4:15, 16).
Читање и медитирање за секое издание на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! (Псалм 48:3).
[Слики на страница 9]
Кога поставуваш лични цели, вршењето на Божјата волја стави го на прво место