Тајна која христијаните не смеат да ја кријат!
„Јас му зборував на светот јавно . . . тајно ништо не сум зборувал“ (ЈОВАН 18:20).
1, 2. Кое е значењето на грчкиот збор мисте́рион како што е употребен во Писмото?
ГРЧКИОТ збор мисте́рион во New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото писмо), 25 пати е преведен како „света тајна“ и 3 пати како „мистерија“. Една тајна која е наречена света, мора да е навистина важна! Секој кој е привилегиран да стекне спознание за една таква тајна, треба да се чувствува високо почестен, бидејќи е сметан за достоен да сподели тајна со Врховниот Бог на универзумот.
2 Вајновиот Expository Dictionary of Old and New Testament Words потврдува дека, во повеќето случаи, „света тајна“ е поприкладен превод од „мистерија“. За мисте́рион тој вели: „Во [Христијанските грчки списи] тој го означува не мистериозното (како што е случај со англ[искиот] збор), туку она кое може, поради тоа што е вон обемот на природното сфаќање без никаква помош, да се објави само преку Божествено откровение и кое е објавено на начин и во време одредено од Бог, и тоа само на оние кои се просветлени од Неговиот Дух. Во обичната смисла, една мистерија подразбира задржано спознание; нејзиното библиско значење претставува откриена вистина. Затоа, термините кои се особено поврзани со темата се: ‚објавена‘, ‚манифестирана‘, ‚откриена‘, ‚проповедана‘, ‚разбере‘, ‚распределба‘ “.
3. На кој начин христијанското собрание од првиот век се разликувало од извесни мистериозни религиозни групи?
3 Ова објаснување истакнува една главна разлика помеѓу мистериозните религиозни групи кои цутеле во првиот век и новоформираното христијанско собрание. Додека оние кои биле воведувани во тајни култови честопати биле врзувани со завет на молчење за да ги заштитат верските учења, христијаните никогаш не биле ставани под некое такво ограничување. Точно е дека апостол Павле зборувал за ‚Божјата мудрост во света тајна‘ (НС), нарекувајќи ја ‚скриена мудрост‘ (НС), то ест скриена од „господарите на овој свет“. Таа не е скриена од христијаните на кои им била откриена преку Божјиот дух за да можат да ја направат јавна (1. Коринтјаните 2:7—12; спореди Изреки 1:20).
‚Светата тајна‘ идентификувана
4. На кого се сосредоточува ‚светата тајна‘, и на кој начин?
4 Јеховината „света тајна“ се сосредоточува на Исус Христос. Павле напишал: „[Јехова] ни ја објави светата тајна на својата волја. Тоа е според неговата допадливост што ја наумил самиот во себе, за управа во полна граница на одредените времиња, имено повторно да се соберат сите работи во Христос, работите кои се на небото и работите кои се на Земјата. Да, во него“ (Ефесјаните 1:9, 10, НС). Павле бил дури и уште поконкретен во врска со природата на ‚светата тајна‘ кога укажал на потребата од „точно спознание на светата тајна Божја, имено, Христос“ (Колосјаните 2:2, НС).
5. Што е вклучено во ‚светата тајна‘?
5 Меѓутоа, вклучено е уште нешто, бидејќи ‚светата тајна‘ е тајна со многу фасети. Таа не е едноставно идентификувањето на Исус како ветеното Семе или Месија; таа ја вклучува улогата што му е доделена да ја игра во Божјата намера. Таа вклучува една небесна влада, Божјето Месијанско Царство, како што Исус јасно објаснил кога на своите ученици им рекол: ‚Вам ви е дадено да ги знаете [светите, НС] тајни на царството небесно, а ним не им е дадено‘ (Матеј 13:11).
6. а) Зошто е исправно да се рече дека ‚светата тајна долги времиња била чувана во молчење‘? б) На кој начин таа прогресивно била откривана?
6 Требало да помине еден долг период од првото споменување на Божјата намера да обезбеди темел за Месијанското Царство до приведувањето на „светата тајна . . . до свршеток“ (Откровение 10:7, НС; 1. Мојсеева 3:15). Нејзиното доведување до свршеток би се случило со воспоставувањето на Царството, како што покажува една споредба на Откровение 10:7 и 11:15. Фактички, изминале околу 4.000 години откако во Едем било дадено првото ветување за Царството па до појавувањето на Наименуваниот Цар во 29 година н. е. Изминале уште 1.885 години додека било воспоставено Царството на небесата во 1914 година. На тој начин, ‚светата тајна‘ била напредно откривана низ период од скоро 6.000 години. (Види страница 16.) Павле навистина бил во право кога зборувал за „откровението на светата тајна, која долги времиња била чувана во молчење, а сега е манифестирана и објавена“ (Римјаните 16:25—27, НС; Ефесјаните 3:4—11).
7. Зошто можеме да имаме крајна доверба во класата на верниот и разборит роб?
7 За разлика од луѓето кои имаат ограничен животен век, Јехова никогаш не се чувствува притиснат од времето да ги открие своите тајни предвремено. Овој факт би требало да нѐ спречи да станеме нестрпливи кога извесни библиски прашања не можат во овој момент да бидат објаснети на наше задоволство. Скромноста од страна на класата на верниот и разборит роб, на која ѝ е наложено да го обезбедува христијанското домаќинство со храна во право време, ја спречува од вообразено истрчување и од диво шпекулирање во врска со работите кои сѐ уште се нејасни. Класата на робот се стреми да избегнува да биде догматична. Таа не е премногу горделива за да признае дека засега не може да одговори на секое прашање, имајќи го јасно на ум стихот од Изреки 4:18. Но, колку само е возбудливо да се знае дека Јехова, во свое време и на свој начин, ќе продолжи да ги открива своите тајни во поглед на своите намери! Никогаш не треба да станеме нестрпливи во поглед на Јеховината подготовка, индискретно обидувајќи се да се истрчуваме пред Откривачот на тајни. Колку само е утешно да се знае дека каналот што Јехова го користи денес, не прави така! Тој е и верен и разборит (Матеј 24:45, НС; 1. Коринтјаните 4:6).
Тајната што е откриена мора да се каже!
8. Како знаеме дека ‚светата тајна‘ треба да се објавува?
8 Јехова не им ја открил својата „света тајна“ на христијаните за тие да ја чуваат сокриена. Таа треба да се објавува, во склад со начелото што Исус го поставил за сите свои следбеници — а не само за неколкумина свештеници: „Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп [кош за мерење, НС], туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14—16; 28:19, 20).
9. Што докажува дека Исус не бил револуционер, како што тврдат некои?
9 Исус немал никаква револуционерна намера да формира некаква подземна организација од следбеници за да тежнее по тајни цели. Во книгата Early Christianity and Society, во врска со одбраната на раните христијани што ја дал Јустин Маченик, апологет од вториот век, Роберт М. Грант напишал: „Да биле христијаните револуционери, тие би останале сокриени за да ја постигнат својата цел“. Но, како можеле христијаните „да останат сокриени“ и истовремено да бидат како „град, што се наоѓа на врв планина“? Тие не смееле да ја кријат својата светлина под кош за мерење! Затоа, владата немала зошто да се плаши од нивната активност. Овој писател понатаму ги опишал како ‚најдобри сојузници на царот во интерес на мирот и добриот ред‘.
10. Зошто христијаните не треба да го чуваат својот идентитет во тајност?
10 Исус не сакал неговите ученици да го чуваат во тајност својот идентитет како членови на некаква таканаречена религиозна секта (Дела 24:14, НС; 28:22). Пропустот да пуштиме нашето светло да свети денес не би му угодило ниту на Христос ниту на неговиот Татко, Откривачот на тајни, и не би нѐ направил среќни.
11, 12. а) Зошто Јехова посакува христијанството да биде објавувано? б) На кој начин Исус го дал исправниот пример?
11 Јехова „не сака да биде уништен кој и да е, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9, НС; Језекиил 18:23; 33:11; Дела 17:30). Темелот за простување на гревовите на покајничките луѓе е верата во откупната жртва на Исус Христос, кој се дал себеси како откупнина за сите — не само за неколкумина — така што „секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Животоважно е да им се помогне на луѓето да ги преземат неопходните чекори кои би ги оквалификувале да бидат просудени како овци, а не како јарци, за време на судот кој доаѓа (Матеј 25:31—46).
12 Вистинското христијанство не треба да се крие; тоа треба да се објавува на секој можен прикладен начин. Самиот Исус го дал исправниот пример. Кога бил испрашуван од страна на главниот свештеник во врска со неговите ученици и неговото учење, тој рекол: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по зборниците и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал“ (Јован 18:19, 20). Со оглед на овој преседан, кое богобојазливо лице би се осмелило да го чува во тајност она за кое Бог изјавил дека мора да се објави? Кој би смеел да го крие „клучот на познанието“ кое води до вечен живот? Ако прави така, тоа би го направило како религиозните лицемери од првиот век (Лука 11:52; Јован 17:3, НС).
13. Зошто треба да проповедаме во секоја засебна прилика?
13 Нека никој никогаш не биде во состојба да рече дека ние, како Јеховини сведоци, сме ја чувале пораката за Божјето Царство во тајност! Сеедно дали пораката е прифатена или отфрлена, луѓето мора да знаат дека таа била проповедана. (Спореди Језекиил 2:5; 33:33.) Затоа, да ја искористиме секоја засебна прилика да им ја зборуваме пораката за вистината на сите, каде и да ги сретнеме.
Ставање куки во челуста на Сатана
14. Зошто не треба да се колебаме во поглед на отвореноста во нашето обожавање?
14 На многу места, Јеховините сведоци сѐ повеќе и повеќе стануваат центар на вниманието на медиумите. Слично на она што им се случувало на раните христијани, тие честопати се погрешно прикажувани и ставани во истата категорија како сомнителните религиозни култови и тајни организации (Дела 28:22). Дали би можела нашата отвореност во проповедањето да нѐ направи уште поподложни на напад? Секако, би било немудро и не би било во склад со Исусовиот совет непотребно да се буткаме во центарот на контроверзите (Изреки 26:17; Матеј 10:16). Меѓутоа, корисното дело на проповедањето на Царството и на помагањето на луѓето да го подобрат својот живот, не треба да се крие. Тоа го слави Јехова, подигајќи го високо и свртувајќи го вниманието кон него и кон неговото воспоставено Царство. Неодамнешниот радосен одѕив на библиската вистина во Источна Европа и во делови од Африка, делумно беше поради зголемената отвореност со која вистината сега може да се проповеда таму.
15, 16. а) За кои цели послужиле нашата отвореност и духовниот просперитет, но дали тоа е причина за загриженост? б) Зошто Јехова става куки во челуста на Сатана?
15 Точно е дека отвореноста со која Јеховините сведоци проповедаат, духовниот рај што го уживаат, како и нивниот просперитет — како на човечките богатства така и на материјалниот имот — не поминуваат незабележани. Додека ги привлекуваат лицата со чесни срца, овие фактори би можеле да ги одбијат противниците (2. Коринтјаните 2:14—17). Всушност, ова би можело конечно да послужи да ги намами Сатановите сили да го нападнат Божјиот народ.
16 Дали ова треба да биде причина за загриженост? Не, според Јеховиното пророштво што се наоѓа во Језекиил, поглавје 38. Тоа претскажува дека Гог од Магог, кој го опишува Сатана Ѓаволот од неговото понижување во близината на Земјата после воспоставувањето на Царството во 1914 година, ќе води еден напад врз Божјиот народ (Откровение 12:7—9). Јехова му кажува на Гог: „Ќе речеш: ‚ќе се кренам против неоградена земја, ќе појдам против мирните кои живеат безгрижно — сите тие живеат без ѕидови и при нив нема ни резиња, ни порти, за да грабаш и да насобереш плен, да ставиш рака врз одново населените урнатини и врз народ собран од кај народите, што се занимаваа со стопанство и трговија, кој живее во папокот на земјата‘ “ (Језекиил 38:11, 12). Меѓутоа, стих 4 покажува дека Божјиот народ не треба да се плаши од овој напад, бидејќи тоа е Јеховино дело. Но, зошто Бог би дозволил — да, дури и би предизвикал — еден тотален напад врз својот народ? Во стих 23 го читаме Јеховиниот одговор: „Ќе го покажам Моето величие и Мојата светост и ќе се појавам пред очите на многу народи — и тие ќе познаат, дека Јас сум Господ“.
17. Како треба да гледаме на Гоговиот претстоен напад?
17 Според тоа, наместо да живее во трепет од Гоговиот напад, Јеховиниот народ со радосно исчекување гледа кон ова натамошно исполнување на библиското пророштво. Колку само возбудливо е да се знае дека со тоа што прави да напредува и ја благословува својата видлива организација, Јехова става куки во челуста на Сатана и го влече него и неговите воени сили кон нивниот пораз! (Језекиил 38:4).
Сега повеќе од кога и да е!
18. а) До какво сфаќање сега доаѓаат многу луѓе, и зошто? б) На кој начин реакцијата на проповедањето на Царството служи како силна мотивација?
18 Во денешно време, Јеховините сведоци се многу отворени во изразувањето на своите библиски темелени гледишта, иако ова не било популарно. Со децении, тие предупредувале на опасностите од пушењето и злоупотребата на дрога, на кратковидоста од попустливото воспитување на децата, на лошите последици од забавата заситена со недозволен секс и насилство, како и на ризиците од трансфузија на крв. Исто така, тие ги истакнувале недоследностите на теоријата на еволуцијата. Сѐ повеќе и повеќе луѓе сега велат: „На крајот на краиштата, можеби Јеховините сведоци и не се во грешка“. Да не сме биле толку отворени во објавувањето на нашите гледишта, тие не би можеле да реагираат вака. И да не го превидиме фактот дека со давањето на една таква изјава, како да велат: „Сатана, ти си лажго; на крајот на краиштата, Јехова е во право“. Каква само силна мотивација за нас да продолжиме да го следиме Исусовиот пример, јавно зборувајќи ја речта на вистината! (Изреки 27:11).
19, 20. а) Каква решеност изразил Јеховиниот народ во 1922 година, и дали овие зборови сѐ уште важат? б) Како треба да гледаме на Јеховината „света тајна“?
19 Јеховиниот народ одамна ја сфатил својата обврска во овој поглед. На еден значаен конгрес во 1922 година, Џ. Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, ја восхити својата публика велејќи: „Бидете трезни, бидете будни, бидете активни, бидете јуначни. Бидете верни и вистинити сведоци за Господ. Одете напред во борбата сѐ додека не биде опустошена секоја трага од Вавилон. Разгласете ја пораката надалеку и нашироко. Светот мора да знае дека Јехова е Бог и дека Исус Христос е Цар над царевите и Господар над господарите. Ова е ден над сите денови. Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото царство“.
20 Како што овие зборови биле важни во 1922 година, колку само поважни се 75 години подоцна, кога откривањето на Христос како Судија и Одмаздник е многу поблиску! Пораката за Јеховиното воспоставено Царство и за духовниот рај што го ужива Божјиот народ е „света тајна“ која едноставно е премногу величествена за да се чува. Како што самиот Исус јасно навел, неговите следбеници мораат, со помошта на светиот дух, да бидат сведоци „до крајот на земјата“ во врска со неговото клучно место во Јеховината вечна намера (Дела 1:8; Ефесјаните 3:8—12). Всушност, како слуги на Јехова, Богот кој открива тајни, ние не смееме да ја чуваме за себе оваа тајна!
Како би одговорил?
◻ Што е ‚светата тајна‘?
◻ Од каде знаеме дека таа треба да биде публикувана?
◻ Што го предизвикува Гоговиот напад врз Јеховиниот народ, и како треба да гледаме на тоа?
◻ Што треба секој од нас одлучно да прави?
[Рамка на страница 16]
Една „света тајна“ прогресивно е откривана
◻ После 4026 пр. н. е.: Бог ветува дека ќе подигне едно Семе за да го уништи Сатана (1. Мојсеева 3:15, НС).
◻ 1943 пр. н. е.: Станува полноважен авраамскиот сојуз, кој ветува дека Семето ќе дојде преку Авраам (1. Мојсеева 12:1—7).
◻ 1918 пр. н. е.: Се раѓа Исак како наследник на сојузот (1. Мојсеева 17:19; 21:1—5).
◻ Околу 1761 пр. н. е.: Јехова потврдува дека Семето ќе дојде преку Исаковиот син Јаков (1. Мојсеева 28:10—15).
◻ 1711 пр. н. е.: Јаков покажува дека Семето ќе дојде преку неговиот син Јуда (1. Мојсеева 49:10).
◻ 1070—1038 пр. н. е.: Цар Давид дознава дека Семето ќе биде негов потомок и дека засекогаш ќе владее како Цар (2. Царства 7:13—16; Псалм 88:35, 36).
◻ 29—33 н. е.: Исус е идентификуван дека тој е Семето, Месијата, идниот судија и Наименуваниот Цар (Јован 1:17; 4:25, 26; Дела 10:42, 43; 2. Коринтјаните 1:20; 1. Тимотеј 3:16, НС).
◻ Исус открива дека тој ќе има совладетели и судии, дека небесното Царство ќе има земни поданици и дека сите негови следбеници треба да бидат проповедници на Царството (Матеј 5:3—5; 6:10; 28:19, 20; Лука 10:1—9; 12:32; 22:29, 30; Јован 10:16; 14:2, 3).
◻ Исус открива дека Царството ќе биде воспоставено во одредено време, како што е потврдено преку светските настани (Матеј 24:3—22; Лука 21:24).
◻ 36 н. е.: Петар дознава дека не-Евреите исто така ќе бидат придружни наследници на Царството (Дела 10:30—48).
◻ 55 н. е.: Павле објаснува дека придружните наследници на Царството ќе бидат воскреснати во бесмртност и нераспадливост за време на Христовата присутност (1. Коринтјаните 15:51—54).
◻ 96 н. е.: Исус, кој веќе владее над своите помазани следбеници, открива дека нивниот конечен број ќе биде 144.000 (Ефесјаните 5:32; Колосјаните 1:13—20; Откровение 1:1; 14:1—3).
◻ 1879 н. е.: Zion’s Watch Tower укажува на 1914 година како на година од огромна важност во остварувањето на Божјата „света тајна“.
◻ 1925 н. е.: The Watch Tower објаснува дека Царството било родено во 1914 година; ‚светата тајна‘ во врска со Царството мора да се публикува (Откровение 12:1—5, 10, 17).
[Слики на страница 15]
Како и нивниот Водач, Исус, Јеховините сведоци јавно го објавуваат Јеховиното Царство