Објавителите на Царството известуваат
Бегање во Јеховината теократска организација
ОДАМНА, пророкот Исаија бил потстрекнат да изјави: ‚Славете го Господа по островите морски‘ (Исаија 24:15). Јеховините сведоци ги сметаат морските острови за дел од ‚населената Земја‘ на која Исус рекол дека ‚мора да биде проповедана добрата вест‘ (Матеј 24:14, НС; Марко 13:10).
Маркиските Острови се сместени на околу 1.400 километри североисточно од Тахити. Тие се дел од една оддалечена група острови во Јужниот Пацифик, наречена Француска Полинезија. Со богата, вулканска почва и топла, влажна клима, на овие острови вегетацијата бујно расте. Меѓутоа, Маркиските Острови даваат и еден друг вид плодови. Разгледај го случајот на едно семејство кое се одѕва на пораката за Царството на островот Хива Оа.
Жан и неговата сопруга Надин, биле незадоволни од таканареченото цивилизирано општество во Западна Европа каде што живееле. Затоа, одлучиле да го остават зад себе тој трескав начин на живот и со своето дете да се преселат на Маркиските Острови. Нивната нова куќа изградена од бамбусова трска, била удобно сместена во една оддалечена долина. За да стигнат до нивните најблиски соседи, морале да пешачат два часа долж една карпеста планинска патека. Најблиското село со лекар, училиште и бакалница било оддалечено три часа со џип.
Жан и Надин не биле заинтересирани за религија. Меѓутоа, се впуштале во дискусии за потеклото на животот. Честопати, опширно анализирале сложени теории за еволуцијата. Но, ниедна од нивните теории не им донела задоволство.
Откако шест години живееле во осаменост, биле изненадени кога добиле посета од двајца Јеховини сведоци. За живеалиштето на Жан и Надин Сведоците дознале од блиските селани. Нормално, разговорот довел до дискусија за теоријата за еволуција. На задоволство на двојката, Сведоците носеле еден примерок од книгата Life—How Did It Get Here? By Evolution or by Creation? (Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање?), издадена од Јеховините сведоци. На Жан и на Надин им било драго да имаат книга која изнесува едно темелно испитување за тоа како настанал животот.
По кратко време, била започната библиска студија. За период од околу три години, Жан и Надин постојано напредувале. Станале уверени дека наскоро целата Земја ќе биде претворена во рај. Откако семејството им се зголемило на три деца, четиричасовното патување за да присуствуваат на христијанските состаноци во Салата на Царството станало вистински предизвик. Меѓутоа, тоа не ги спречило да присуствуваат. Конечно, Жан и Надин го симболизирале своето предание на Јехова преку крштавање во вода. Ова го сториле на еден конгрес што се одржал во главното село, каде што најголемиот број присутни изнесувал 38 луѓе!
За да ѝ помогне на малата група објавители на Царството, семејството одлучило да го напушти својот изолиран дом. Се преселиле во едно село со околу илјада жители, каде што Жан сега служи како слуга помошник во локалното собрание на Јеховини сведоци. Ова семејство, кое порано побегнало на островите за да ја избегне цивилизацијата, смета дека е предност што го пронашло единственото вистинско прибежиште, Јеховината теократска организација.