„Господ нема да го отфрли својот народ“
„Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави“ (ПСАЛМ 33:19).
1, 2. а) На кој начин Јехова го благословува својот народ денес? б) Со што се соочени многу христијани денес, и кои прашања се покренуваат?
ВО ИСПОЛНУВАЊЕ на библиското пророштво, Јеховините обожаватели живеат во еден духовен рај (2. Коринтјаните 12:1—4). Јеховините сведоци припаѓаат на едно меѓународно другарство кое се карактеризира со љубов и обединетост (Јован 13:35). Тие уживаат длабоко и детално спознание за библиските вистини (Исаија 54:13). Колку само му се благодарни на Јехова што им ја дава предноста да бидат гости во неговиот духовен шатор! (Псалм 15:1, НС).
2 Иако сите во Јеховината организација уживаат духовен просперитет, се чини дека некои живеат во релативен мир и спокојство додека други доживуваат мачења од еден или друг вид. Многу христијани долг временски период се наоѓаат во некоја бедна положба и без никакво олеснување на повидок. Обесхрабрувањето е природно под такви околности (Изреки 13:12). Дали несреќите се доказ за Божјето незадоволство? Дали Јехова обезбедува посебна заштита за некои христијани додека, пак, се одречува од други?
3. а) Дали Јехова е одговорен за неволјите што ги доживува неговиот народ? б) Зошто дури и верните обожаватели на Јехова доживуваат човечко страдање?
3 Библијата одговара: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: ‚Бог ме искушава‘, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува“ (Јаков 1:13). Јехова е Заштитник и Поддржувач на својот народ (Псалм 90:2—6). „Господ нема да го отфрли Својот народ“ (Псалм 93:14). Ова не значи дека верните обожаватели нема да доживеат страдање. Сегашниот светски систем на ствари е управуван од поединци кои по природа се несовршени. Мнозина се расипани, а неколкумина се и отворено злобни. Ниеден од нив не бара мудрост од Јехова. Ова доведува до големо човечко страдање. Библијата јасно покажува дека Јеховиниот народ не може секогаш да ги избегне жалосните последици од човечката несовршеност и злоба (Дела 14:22).
Лојалните христијани очекуваат дека ќе страдаат
4. Што можат да очекуваат сите христијани сѐ додека живеат во овој зол систем на ствари, и зошто?
4 Иако не се дел од светот, Исусовите следбеници живеат среде овој систем на ствари (Јован 17:15, 16). Сатана е изложен во Библијата како доминантна сила што стои зад овој свет (1. Јованово 5:10, НС). Затоа, сите христијани можат да очекуваат дека, порано или подоцна, мораат да се соочат со сериозни проблеми. Со тоа на ум, апостол Петар вели: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот“ (1. Петрово 5:8, 9). Да, целото здружение од христијани може да очекува страдања.
5. Како Исус јасно покажал дека верните христијани ќе доживеат жалосни работи во животот?
5 Дури и ако длабоко го љубиме Јехова и сме лојални на неговите начела, ќе доживееме жалосни работи во животот. Исус јасно го покажал ова во својата илустрација, забележана во Матеј 7:24—27, каде што направил контраст меѓу оние кои ги слушаат неговите зборови и оние кои не го прават тоа. Послушните ученици ги споредил со еден разборит човек кој гради куќа на тврда карпеста маса. Оние кои не ги слушаат неговите зборови, ги споредил со еден глупав човек кој ја гради својата куќа на песок. После една силна бура, преживува само куќата изградена на карпеста маса. Забележи дека во случајот со куќата на разборитиот човек, ‚заврнал дожд, и надошле реки, и дувнале ветрови, и навалиле на таа куќа, но таа не паднала‘. Исус не ветил дека разборитиот човек секогаш ќе ужива мир и спокојство. Напротив, разборитоста на тој човек би го подготвила да ја издржи бурата. Слична мисла е пренесена во илустрацијата за сејачот. Во неа, Исус објаснува дека дури и послушните обожаватели ‚со добро и чисто срце‘ ќе ‚принесуваат плод со трпение‘ (Лука 8:4—15).
6. Кој во Павловата илустрација за огноотпорните материјали подлежи на огнен испит?
6 Пишувајќи им на коринтјаните, апостол Павле употребил метафоричен јазик за да ја илустрира потребата од трајни особини кои можат да ни помогнат да се соочиме со испити. Таквите огноотпорни материјали како што се злато, сребро и скапоцени камења, одговараат на побожните особини. (Спореди Изреки 3:13—15; 1. Петрово 1:6, 7.) Од друга страна, телесните обележја се споредени со запаливи материјали. Потоа Павле вели: „Делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого. И, ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда“ (1. Коринтјаните 3:10—14). Овде повторно Библијата објаснува дека сите ние неизбежно ќе се соочиме со некој облик на огнен испит.
7. Според Римјаните 15:4, како може Писмото да ни помогне да поднесеме испити?
7 Во Библијата има бројни извештаи за лојални Божји слуги кои морале да поднесат несреќи, понекогаш дури и долг период. Па сепак, Јехова не се одрекол од нив. Апостол Павле веројатно имал такви примери на ум кога рекол: „Сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмото да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Разгледај ги примерите на тројца мажи кои, иако уживале близок однос со Бог, страдале од многу несреќи.
Што учиме од библиските извештаи
8. Што Јехова дозволил во случајот на Јосиф, и колку долго?
8 Јакововиот син Јосиф бил повластен од Јехова уште од млада возраст. Па сепак, иако не по негова грешка, тој пострадал од низа несреќи. Неговите сопствени браќа го киднапирале и сурово постапиле со него. Бил продаден како роб во странска земја, каде што бил лажно обвинет и ставен в „затвор“ (1. Мојсеева 40:15). Таму ‚ги стегнале во вериги нозете негови; железо ја измачувало душата негова‘ (Псалм 104:17, 18). За време на неговото ропство и затвор, несомнено, Јосиф секогаш одново го молел Јехова за ослободување. Па сепак, околу 13 години, иако зајакнуван од Јехова на различни начини, тој секое утро се будел сѐ уште како роб или затвореник (1. Мојсеева 37:2; 41:46).
9. Што морал да поднесува Давид повеќе години?
9 Сличен е случајот на Давид. Кога Јехова избирал квалификуван човек кој ќе владее со Израел, рекол: „Најдов маж по срцето Свое, Давида, синот Јесеев“ (Дела 13:22). И покрај неговиот повластен положај во Јеховини очи, Давид многу пострадал. Во смртна опасност, тој повеќе години се криел во пустината, во пештери, во пукнатини и на странско тло. Ловен како некое диво животно, страдал од обесхрабрување и страв. Меѓутоа, со Јеховина сила издржал. Давид со право можел од свое лично искуство да рече: „Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави“ (Псалм 33:19).
10. Каква екстремна несреќа ги снашла Навутеј и неговото семејство?
10 Во времето на пророкот Илија, имало само околу 7.000 души во Израел кои не ги свиткале колената пред лажниот бог Ваал (3. Царства 19:18; Римјаните 11:4). Навутеј, кој веројатно бил еден од нив, станал жртва на ужасна неправда. Тој пострадал од понижувањето да биде обвинет за хулење. Прогласен за виновен, тој бил осуден и казнет со кралска одлука да умре со каменување, а неговата крв ја излижале кучиња. Дури и неговите синови биле убиени! Сепак, тој бил невин во поглед на обвинението. Сведоците против него биле лажговци. Целата работа била една завера скована од царицата Езавела за да може царот да го приграби лозјето на Навутеј (3. Царства 21:1—19; 4. Царства 9:26).
11. Што ни кажува апостол Павле во врска со верните мажи и жени од библиската историја?
11 Јосиф, Давид и Навутеј се само тројца од многуте верни мажи и жени споменати во Библијата, кои страдале од несреќи. Апостол Павле напишал еден историски преглед на Јеховини слуги низ вековите. Во него зборувал за оние кои ‚поднеле подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; со камења биле отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умирале убивани од меч, скитале во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам — оние, за кои светот бил недостоен — скитале по пустињи, по ридови, по пештери и земни бездни‘ (Евреите 11:36—38). Но, Јехова не се одрекол од нив.
Јехова се грижи за оние кои страдаат
12. Кои се некои од маките што ги доживуваат Јеховините сведоци денес?
12 А како е со Јеховиниот народ денес? Како организација, ние можеме да сметаме на божествена заштита и безбедно поминување низ последните денови и низ големата неволја (Исаија 54:17; Откровение 7:9—17). Меѓутоа, како поединци, признаваме дека „времето и непредвидениот настан“ ги погаѓаат сите луѓе (Проповедник 9:11, НС). Денес постојат мнозина верни христијани кои страдаат од несреќи. Некои поднесуваат крајна сиромаштија. Библијата зборува за христијански „сираци и вдовици“ кои трпат неволји (Јаков 1:27). Други, пак, страдаат како резултат на природни катастрофи, војни, криминал, злоупотреба на моќ, болест и смрт.
13. Какви тешки доживувања неодамна биле известени?
13 На пример, во своите извештаи до Водечкото тело на Јеховините сведоци за 1996 година, канцелариите на подружниците на Watch Tower раскажаа дека некои од нашите браќа и сестри страдаат од затворање во бедни услови поради тоа што се придржуваат кон библиските начела. Три собранија во една јужноамериканска земја беа распуштени кога герилски групи присилија стотици Сведоци да го евакуираат подрачјето. Во една западноафриканска земја, некои Сведоци, затекнати во една престрелка на граѓанската војна, беа убиени. Во една централноамериканска земја, и онака критичната финансиска ситуација на некои браќа беше влошена со налетот на еден ураган. Во други места, каде што сиромаштијата и оскудицата на храна можеби не претставуваат сериозни проблеми, негативните влијанија може да ја задушуваат радоста на некои. Други се оптоварени од притисоците на современото живеење. Трети, пак, поради рамнодушноста на јавноста, можат да се чувствуваат обесхрабрени кога ја проповедаат добрата вест за Царството.
14. а) Што учиме од Јововиот пример? б) Наместо да размислуваме негативно, што треба да правиме кога доживуваме мака?
14 Овие ситуации не треба да се толкуваат како доказ за Божје незадоволство. Сети се на случајот со Јов и на многуте неволји од кои пострадал. Тој бил „човек непорочен, праведен“ (Јов 1:8). Колку само обесхрабрен мора да бил Јов кога Елифаз го обвинил за неисправно постапување! (Јов, поглавја 4, 5, 22). Ние не сакаме брзо да заклучиме дека доживуваме несреќи затоа што на некој начин сме го разочарале Јехова или, пак, затоа што Јехова го повлекол својот благослов. Негативното размислување кога сме соочени со неволја би можело да ни ја ослаби верата (1. Солунјаните 3:1—3, 5). Кога доживуваме мака, најдобро е да медитираме за фактот дека Јехова и Исус се блиску до праведните, без оглед на она што се случува.
15. Од каде знаеме дека Јехова е длабоко загрижен за несреќите од кои страда неговиот народ?
15 Апостол Павле нѐ уверува кога вели: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја: тага ли, невола ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? . . Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 8:35, 38, 39). Јехова е длабоко загрижен за нас и е свесен за нашето страдање. Уште додека бил бегалец, Давид напишал: „Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови — кон молитвите нивни. Блиску е Господ до оние со скрушено срце“ (Псалм 33:15, 18; Матеј 18:6, 14). Нашиот небесен Татко се грижи за нас и чувствува сожалување спрема оние кои страдаат (1. Петрово 5:6, 7). Тој го обезбедува она што ни е потребно за да издржиме, сеедно какво страдање можеби доживуваме.
Јеховините дарови нѐ одржуваат
16. Која подготовка од Јехова ни помага да издржиме, и на кој начин?
16 Иако не можеме да очекуваме живот без неволји во овој стар систем на ствари, ние не сме „оставени на цедило“ (2. Коринтјаните 4:8, 9, НС). Исус ветил дека на своите следбеници ќе им обезбеди помошник. Рекол: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител [помошник, НС], за да биде со вас довека, Духот на вистината“ (Јован 14:16, 17). На Пентакост 33 н. е., апостол Петар им кажал на своите слушатели дека би можеле да го добијат ‚дарот од Светиот Дух‘ (Дела 2:38). Дали светиот дух ни помага нам денес? Да! Јеховината активна сила ни дава прекрасни плодови: „Љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатјаните 5:22, 23, НС). Сите овие претставуваат непроценливи особини кои ни помагаат да издржиме.
17. Кои се некои библиски вистини кои ја зајакнуваат нашата вера и решеност да чекаме стрпливо на Јехова?
17 Светиот дух исто така ни помага да разбереме дека сегашните неволји се ‚моментални и лесни‘ кога ќе се споредат со наградата вечен живот (2. Коринтјаните 4:16—18, НС). Уверени сме дека Бог нема да ги заборави нашите дела и љубовта што ја покажуваме кон него (Евреите 6:9—12). Читајќи ги инспирираните зборови од Библијата, утешени сме од примерите на верните Божји слуги од старо време кои поднеле многу несреќи, но кои биле прогласени за среќни. Јаков пишува: „Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово. Ете, блажени се [ги прогласуваме за среќни, НС] оние што претрпеа“ (Јаков 5:10, 11). Библијата ветува ‚сила која е над она што е нормално‘ за да ни помогне да ги поднесеме испитите. Јехова нѐ благословува и со надежта во воскресение (2. Коринтјаните 1:8—10; 4:7, НС). Со секојдневно читање на Библијата и медитирање за овие ветувања, ќе ја зајакнеме нашата вера и нашата решеност стрпливо да чекаме на Бога (Псалм 41:5).
18. а) Што сме охрабрени да правиме според 2. Коринтјаните 1:3, 4? б) Како можат христијанските надгледници да докажат дека се извори на утеха и освежување?
18 Освен тоа, Јехова ни го дал духовниот рај во кој можеме да се радуваме на вистинска љубов од нашите христијански браќа и сестри. Сите ние играме улога во меѓусебното утешување (2. Коринтјаните 1:3, 4). Особено христијанските надгледници можат да бидат еден главен извор на утеха и освежување (Исаија 32:2). Како „дарови во облик на луѓе“, тие имаат налог да ги изградуваат оние кои страдаат, да ‚ги утешуваат малодушните‘, да ‚ги поткрепуваат слабите‘ (Ефесјаните 4:8, 11, 12, НС; 1. Солунјаните 5:14). Старешините се охрабрени добро да ги користат списанијата Стражарска кула и Разбудете се! како и другите публикации обезбедени од ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Тие содржат богатство од совети темелени на Библијата, кои можат да ни помогнат да решиме — па дури и да спречиме — некои од проблемите кои ни создаваат загриженост. Да го имитираме Јехова со тоа што меѓусебно ќе се утешуваме и охрабруваме во тешките времиња!
19. а) Што ни помага да избегнеме некои неволји? б) На крајот, во кого мораме да имаме доверба, и што ќе нѐ оспособи да се соочиме со испитите?
19 Додека навлегуваме сѐ подлабоко во последните денови и додека условите во сегашниов систем сѐ повеќе се влошуваат, христијаните го прават она што можат за да избегнат несреќи (Изреки 22:3). Доброто просудување, здравите мисли и спознанието за библиските начела можат да ни помогнат да донесуваме мудри одлуки (Изреки 3:21, 22). Ние ја слушаме Јеховината Реч и сме ѝ послушни за да избегнуваме да правиме непотребни грешки (Псалм 37:4). Меѓутоа, увидуваме дека никаков напор од наша страна не може потполно да го елиминира страдањето од нашиот живот. Во овој систем на ствари, мнозина праведни лица се соочуваат со тешки неволји. Меѓутоа, можеме да се справиме со нашите испити со потполна доверба дека „Господ нема да го отфрли Својот народ“ (Псалм 93:14). И знаеме дека овој систем на ствари и неговите мачења наскоро ќе поминат. Затоа, да одлучиме да „не попуштаме да го правиме она што е добро, зашто во свое време ќе жнееме ако не се умориме“ (Галатјаните 6:9, НС).
Што научивме?
◻ Какви испити доживува целото здружение од христијани?
◻ Кои библиски примери ни помагаат да разбереме дека несреќите не се доказ за Јеховино незадоволство?
◻ Како се чувствува Јехова во врска со неволјите од кои страда неговиот народ?
◻ Кои се некои од даровите од Јехова кои ни помагаат да ги поднесеме испитите?
[Слики на страница 10]
Давид, Навутеј и Јосиф се тројца кои страдале од несреќи