Дали си Божји пријател? Што откриваат твоите молитви
ДАЛИ случајно си наслушувал двајца луѓе кои разговараат? Несомнено, не ти требало многу време за да ја одредиш природата на нивниот однос — дали биле присни пријатели или странци, обични познаници или блиски, доверливи пријатели. На сличен начин, нашите молитви можат да го откријат нашиот однос со Бог.
Библијата нѐ уверува дека Бог „не е далеку од секого меѓу нас“ (Дела 17:27). Всушност, тој нѐ повикува да го познаваме. Можеме да бидеме дури и негови пријатели (Псалм 33:8; Јаков 2:23). Можеме да се радуваме на вистинска присност со него! (Псалм 24:14). Очигледно, нашиот однос со Бог е најскапоценото нешто што ние, несовршените луѓе, би можеле да го поседуваме. А Јехова го цени нашето пријателство. Тоа е очигледно, бидејќи нашето пријателство со него се темели на нашата вера во неговиот единороден Син, кој го дал својот живот во наша полза (Колосјаните 1:19, 20).
Затоа, нашите молитви би требало да одразуваат длабока љубов и ценење за Јехова. Сепак, дали некогаш си почувствувал дека на твоите молитви, иако полни со почит, некако им недостига вистински длабоко чувство? Тоа не е нешто невообичаено. Кој е клучот за подобрување на работите? Да го потхрануваш твоето пријателство со Јехова Бог.
Да се најде време за молитва
Пред сѐ, потребно е време за да се потхранува и негува едно пријателство. Можеби секојдневно поздравуваш или дури и разговараш со доста луѓе — соседи, колеги, возачи на автобус и дуќанџии. Па сепак, ова не би значело баш дека си вистински пријател со таквите лица. Пријателството расте додека подробно зборуваш со некого, започнувајќи со површно муабетење па сѐ до изразување на своите внатрешни чувства и мисли.
На сличен начин, молитвата ни помага да му се приближиме на Јехова. Но, мора да ѝ се посвети адекватно време; потребно е повеќе отколку едно брзо ‚фала ти‘ при оброците. Колку повеќе му зборуваш на Јехова толку повеќе си во можност да ги сортираш твоите сопствени чувства, мотиви и постапки. Решенијата на тешките проблеми почнуваат да се пројавуваат додека Божјиот дух те потсетува на начелата од неговата Реч (Псалм 142:10; Јован 14:26). Понатаму, додека се молиш, Јехова ти станува сѐ пореален, а ти стануваш посвесен за неговиот интерес полн со љубов и за грижата за тебе.
Ова е особено случај кога ќе доживееш одговор на твоите молитви. Па, Јехова може „да изврши изобилно сѐ, што бараме или помислиме“! (Ефесјаните 3:20). Ова не значи дека Бог извршува чуда во твоја полза. Меѓутоа, преку неговата пишана Реч, публикациите од класата на верниот роб или устите на браќата и сестрите полни со љубов, Тој може да ти го обезбеди потребниот совет или упатство. Или, пак, може да ти ја даде потребната сила за да издржиш или да се спротивставиш на некое искушение (Матеј 24:45, НС; 2. Тимотеј 4:17). Таквите искуства ги исполнуваат нашите срца со ценење спрема нашиот небесен Пријател!
Затоа, човек мора да одвои време за молитва. Вистина, не преостанува многу време во овие стресни денови. Но, кога навистина се интересираш за некого, обично наоѓаш време кое ќе го поминеш со тоа лице. Забележи го начинот на кој се изразил псалмистот: „Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе! Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?“ (Псалм 41:1, 2). Дали ти имаш сличен копнеж да разговараш со Бог? Тогаш, откупи си време за да го правиш тоа! (Спореди Ефесјаните 5:16, НС.)
На пример, би можел да се обидеш да станеш рано наутро за да имаш малку приватно време да се молиш (Псалм 118:147). Дали понекогаш доживуваш бессонени ноќи? Тогаш, како псалмистот, таквите вознемирувачки времиња можеш да ги сметаш како прилика да ги изразиш своите грижи до Бог (Псалм 62:6). Или, пак, може да се работи едноставно за принесување повеќе кратки молитви во текот на денот. Псалмистот му рекол на Бог: „Кон тебе викам по цел ден“ (Псалм 86:3, НС).
Подобрување на квалитетот на нашите молитви
Исто така, повремено, ќе утврдиш дека е корисно да ја зголемиш должината на своите молитви. Во текот на една кратка молитва, можеби си склон да зборуваш за површни прашања. Но, кога изговараш подолги и подлабоки молитви, ти поспремно ги изразуваш своите мисли и внатрешни чувства. Исус најмалку еднаш ја поминал цела ноќ во молитва (Лука 6:12). Несомнено, ќе утврдиш дека твоите сопствени молитви стануваат поприсни и посмисловни доколку избегнуваш да брзаш во нив.
Тоа не значи, пак, да дрдориш кога имаш малку да кажеш; ниту, да прибегнуваш кон бесмислено повторување. Исус предупредил: „Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле“ (Матеј 6:7, 8).
Молитвата е посмисловна кога однапред ќе размислиш за кои теми сакаш да дискутираш. Можностите се бескрајни — нашите радости во службата, нашите слабости и неуспеси, нашите разочарувања, нашите економски грижи, притисоците на работа или в училиште, благосостојбата на нашето семејство и духовната состојба на нашето локално собрание, да наведеме само неколку.
Дали понекогаш си склон да талкаш со умот кога се молиш? Тогаш, вложи поголем напор да се сконцентрираш. Впрочем, Јехова е спремен да ‚го чуе гласот на молбата наша‘ (Псалм 16:1). Зарем не треба да бидеме спремни да вложиме сериозен напор да им обрнеме внимание на нашите сопствени молитви? Да, ‚мисли за духовното‘ и не дозволувај да талкаш со умот (Римјаните 8:5).
Начинот на кој му се обраќаме на Јехова исто така е важен. Иако тој сака да го сметаме за пријател, никогаш не смееме да заборавиме дека зборуваме со Суверенот на универзумот. Прочитај ја и медитирај за сцената која влева стравопочитување, опишана во Откровение, поглавја 4 и 5. Таму Јован во визија ја видел величественоста на Оној кому му пристапуваме во молитва. Колкава само предност имаме што сме во можност да му се приближуваме и да добиеме пристап кај ‚Оној, кој седи на престолот‘! Никогаш не сакаме нашиот јазик да стане премногу фамилијарен или недостоинствен. Наместо тоа, треба да вложуваме здружен напор да ги направиме ‚зборовите на устата наша и помислите на срцето наше благоугодни пред Господ‘ (Псалм 18:14).
Сепак, сфати дека ние не го импресионираме Јехова со речит говор. Нему му се угодни нашите срдечни изрази полни со почит, сеедно колку едноставно се изразени (Псалм 61:8).
Утеха и разбирање во времиња на потреба
Кога ни е потребна помош и утеха, честопати се свртуваме кон некој близок пријател за поддршка и сочувство. Па, ниеден пријател не е попристаплив од Јехова. Тој е „помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Псалм 45:1). Како „Бог на секоја утеха“, тој разбира низ што сѐ поминуваме, и тоа подобро од кој и да е друг (2. Коринтјаните 1:3, 4; Псалм 5:1; 30:7). И има вистинско соживување и сочувство за оние кои се во теснец (Исаија 63:9; Лука 1:77, 78). Согледувајќи дека Јехова е пријател кој нѐ разбира, ние се чувствуваме слободни со него да зборуваме горливо, страстно. Трогнати сме да ги изразиме нашите најдлабоки стравови и грижи. На тој начин, од прва рака доживуваме како Јеховината ‚утеха ја развеселува душата наша‘ (Псалм 93:18, 19).
Понекогаш можеби се чувствуваме недостојни да му пристапиме на Бог поради нашите грешки. Но, што ако некој твој близок пријател ти згрешил и молел за простување? Зарем не би бил трогнат да го утешиш и да го смириш таквиот? Тогаш, зошто треба да очекуваш нешто помалку од Јехова? Тој дарежливо им простува на своите пријатели кои грешат како последица на човечката несовршеност (Псалм 86:5, НС; 102:3, 8—11). Знаејќи го ова, ние не се воздржуваме слободно да му ги исповедаме своите грешки; можеме да бидеме уверени во неговата љубов и милост (Псалм 50:17). Ако сме депримирани поради своите недостатоци, можеме да се утешиме со зборовите од 1. Јованово 3:19, 20 (НС): „По ова ќе знаеме дека потекнуваме од вистината, и ќе го уверуваме своето срце пред него со оглед на она за кое нашето срце може да нѐ осудува, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и ги знае сите работи“.
Меѓутоа, не треба да бидеме во некаков теснец за да ја уживаме Божјата грижа полна со љубов. Јехова е заинтересиран за сѐ што би можело да влијае врз нашата духовна и емоционална благосостојба. Да, никогаш не треба да мислиме дека нашите чувства, мисли и грижи се премногу тривијални за да бидат споменати во молитва (Филипјаните 4:6). Кога си со некој близок пријател, дали дискутираш само за големите настани во својот живот? Зарем не ги споделуваш и релативно незначителните грижи? На сличен начин, можеш да се чувствуваш слободен да зборуваш со Јехова за која и да било фасета од својот живот, знаејќи дека ‚Он се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7).
Секако, едно пријателство веројатно нема да трае долго ако сѐ за што зборуваш си самиот ти. На сличен начин, нашите молитви не треба да бидат себични. Исто така, треба да ја изразуваме својата љубов и грижа за Јехова и за неговите интереси (Матеј 6:9, 10). Молитвата не е само прилика да бараме помош од Бог туку и шанса да искажеме благодарност и фалба (Псалм 33:1; 94:2). ‚Примањето спознание‘ преку редовна лична студија ќе ни помогне во овој поглед, бидејќи тоа ни помага подобро да се запознаеме со Јехова и со неговите патишта (Јован 17:3, НС). Можеби ќе утврдиш дека е особено корисно да ја читаш книгата Псалми, и притоа забележи како други верни слуги се изразиле кон Јехова.
Јеховиното пријателство навистина претставува скапоцен дар. Да покажеме дека го цениме со тоа што нашите молитви ќе ги направиме уште поприсни, посрдечни и полични. Тогаш ќе се радуваме на среќата што ја изразил псалмистот, кој изјавил: „Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил“ (Псалм 64:4).
[Слики на страница 28]
Можеме да му се молиме на Бог преку денот кога ќе се укаже случај