Терциј — Павловиот верен секретар
ТЕРЦИЈ се соочил со еден предизвик. Апостол Павле сакал да го употреби како свој секретар кога пишувал едно долго писмо до сохристијаните во Рим. Тоа би било тешка работа.
Зошто било толку тешко да се биде секретар во првиот век н. е.? Како се вршела таквата работа? Какви материјали за пишување тогаш биле во употреба?
Секретари во дамнина
Во древното грчко-римско општество постоеле разни видови секретари. Некои мажи служеле како државни секретари — јавни функционери кои работеле во седиштата на канцеларите. Имало и јавни секретари кои им ги нуделе своите услуги на граѓаните по пазариштата. Богатите луѓе држеле приватни секретари (честопати робови). Потоа, имало и спремни пријатели на кои им било задоволство да пишуваат писма за другите. Според научникот Е. Рандолф Ричардс, вештините на овие неофицијални секретари „можеле да рангираат од минимална компетенција во јазикот и/или процедурите на пишување, па до највисока умешност во брзо произведување на точно, исправно и прекрасно писмо“.
Кој би употребил секретари? Како прво, оние кои не знаеле да читаат и да пишуваат. Бројни древни договори и деловни писма биле направени со забелешки во кои секретарот потврдил дека тој го има напишано документот поради неспособноста на лицето кое му ја доверило работата. Втората причина за вработување на секретар е илустрирана со едно древно писмо од Теба (Египет). Запишано за некојси Асклепијад, во заклучокот се вели: „Евмел, син на Херма, пишуваше за него . . . бидејќи тој пишува некако бавно“.
Сепак, знаењето да се чита и пишува изгледа дека не било решавачкиот фактор во употребата на секретар. Според библискиот толкувач Џон Л. Мекензи, „веројатно не била ниту грижата за читливоста, туку грижата за убавината, или барем уредноста, која ги наведувала луѓето да прибегнуваат кон услугите на некој секретар“. Дури и за образованите, пишувањето било заморно, особено кога се работело за долги и разработени текстови. Научникот Џ. А. Ешлиман вели дека секој кој можел да го стори тоа, „радо ја избегнувал оваа заморна задача, доверувајќи им ја на грижата на робовите, професионални писари“. Освен тоа, лесно е да се разбере зошто луѓето не сакале да ги пишуваат своите сопствени писма кога ќе се земат во обѕир материјалите што се користеле, како и работните услови.
Материјалот за пишување што обично се користел во првиот век н. е. бил папирус. Од ова растение се добивале тенки ленти, така што јадровитата срж од неговите стебленца се режела по должината. Се поставувал еден слој од ленти. Врз првиот слој се ставал друг слој под прав агол. Двата биле спојувани со пресување, создавајќи лист „хартија“.
Не било лесно да се пишува по оваа површина. Таа била рапава и влакнеста. Според научникот Анџело Пена, „порозните влакна на папирусот придонесувале за ширење на мастилото, особено долж ситните каналчиња што останувале помеѓу тенките ленти“. Секретарот можел да работи седејќи со скрстени нозе наземи и држејќи го листот на една табла со едната рака. Ако не бил искусен или ако материјалите не биле од најдобар квалитет, неговиот шамак, односно молив од трска, можел да се закачи во папирусот, листот можел да се искине или, пак, пишувањето можело да биде нечитливо.
Мастилото се правело од една мешавина од саѓи и каучук. Поради тоа што било продавано во облик на шипки, морало да се раствори со вода во мастилница пред да може да се употреби за пишување. Меѓу другите средства што еден секретар како Терциј веројатно би ги имал со себе, спаѓал еден нож за острење на моливот од трска, како и еден влажен сунѓер за да ги брише своите грешки. Секоја буква морала да биде напишана со грижливост. Затоа, пишувањето се одвивало бавно и со извесна тешкотија.
‚Ве поздравувам и јас, Терциј‘
Меѓу поздравите што се вклучени на крајот од писмото до Римјаните е и оној од Павловиот секретар, кој напишал: „Ве поздравувам во Господа и јас, Терциј, кој го напиша ова послание“ (Римјаните 16:22). Ова е единствениот случај во списите на Павле каде што отворено се укажува на еден од неговите секретари.
За Терциј знаеме малку. Од неговиот поздрав „во Господа“ можеме да заклучиме дека тој бил верен христијанин. Веројатно бил член на собранието во Коринт и можеби познавал многу христијани во Рим. Библискиот научник Џузепе Барбалјо сугерира дека Терциј бил роб или ослободен. Зошто? Прво, затоа што „писарите обично ѝ припаѓале на оваа класа; потоа, затоа што неговото латинско име . . . било крајно вообичаено меѓу робовите и слободните“. „Затоа“ — вели Барбалјо — „тој не бил некаков ‚неутрален‘ професионален пишувач, туку соработник кој на овој начин му помогнал на Павле да го состави својот најдолг и најартикулиран спис: скапоцена услуга која му овозможила на Павла да заштеди време и замор“.
Ова дело на Терциј сигурно е скапоцено. Варух направил слична работа за Јеремија, исто како што сторил и Силуан за Петар (Јеремија 36:4; 1. Петрово 5:12). Колкава само привилегија имале таквите соработници!
Им пишува на Римјаните
Писмото до Римјаните било пишувано додека Павле бил гостин на Гај, веројатно во Коринт. Тоа било околу 56 година н. е., за време на третото мисионерско патување на апостолот (Римјаните 16:23). Иако знаеме со сигурност дека Павле го употребил Терциј како свој секретар за да го напише ова писмо, ние не знаеме како точно го употребил. Сеедно која метода била употребена, работата сигурно не била лесно направена. Но, можеме да бидеме сигурни во следново: Како и остатокот од Библијата, Павловото писмо до Римјаните било „од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
Кога ова писмо било завршено, Терциј и Павле имале напишано илјадници зборови, користејќи повеќе листови папирус. Откако биле залепени еден со друг долж маргината, овие листови сочинувале свиток, веројатно долг околу 3—4 метри. Писмото било внимателно свиткано и запечатено. Потоа, изгледа дека Павле ѝ го доверил на Фива, една сестра од Кенхреа, која се спремала да тргне на патување за Рим (Римјаните 16:1, 2).
Од првиот век па наваму, методите што се користеле за произведување пишан материјал, енормно се измениле. Но, низ вековите, писмото до римските христијани било сочувано од Бог. Колку само благодарни можеме да бидеме за овој дел од Јеховината Реч, запишан со помош на Павловиот верен и марлив секретар Терциј!