Објавителите на Царството известуваат
Тој нашол „зрно скапоцен бисер“
„ЦАРСТВОТО небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“ Со овие зборови, Исус ја илустрирал огромната вредност на Божјето Царство (Матеј 13:45, 46). Оние кои ја препознаваат вредноста на Царството, честопати прават огромни лични жртви за да го зграпчат. Ова е илустрирано со следново искуство од покраината Пингтунг (Тајван).
Во 1991, г-н и г-ѓа Лин почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Кога еден локален свештеник дознал, се обидел да ги натера да ѝ се придружат на неговата црква. Поради тоа што Линови воделе бизнис со продавање свинска и гускина крв на месниот пазар, одлучиле да прашаат за гледиштето на свештеникот околу таа работа. „Сѐ што создал Бог, може да служи како храна на човекот“ — одговорил тој. Сведоците, пак, ги охрабрувале да го земат во обѕир она што има да го каже Божјата Реч. Дознале дека Јехова Бог ја смета крвта за света, бидејќи „животот на телото е во крвта“ (3. Мојсеева 17:10, 11, Д-р Лујо Бакотиќ). Затоа, вистинските христијани мораат „да се воздржуваат од . . . крв“ (Дела 15:20). Како резултат на испитувањето на Писмото околу оваа тема, Линови одлучиле да престанат да продаваат крв, иако тоа претставувало голем дел од нивниот приход. Меѓутоа, за кратко време се соочиле со еден уште поголем испит.
Пред да ја дознаат вистината, Линови на својот имот имале засадено 1.300 палми со бетелов орев. Иако би биле потребни пет години додека дрвата станат профитабилни, штом би родиле со полн род, Линови би можеле да очекуваат заработка од 77.000 долари годишно. Кога се приближила првата берба, Линови морале да донесат една важна одлука. Преку нивното проучување на Библијата тие имале научено дека христијаните мораат да се исчистат „од секаква скверност на телото и на духот“, избегнувајќи ја употребата или унапредувањето на такви нечисти навики, како што е пушење тутун, злоупотребување на дрога и џвакање бетелов орев (2. Коринтјаните 7:1). Што да прават?
Под притисок на вознемирена совест, г-н Лин решил да престане со своето проучување. Во меѓувреме, г-ѓа Лин ги продала бетеловите ореви од некои нивни постари палми и направила профит од преку 3.000 долари. Тоа било само предвкус на она што наскоро би дошло доколку ги задржат своите дрвја. Меѓутоа, совеста продолжила да го гризе г-н Лин.
Тој се борел со спорното прашање сѐ додека еден ден не ги замолил локалните Сведоци да ги пресечат неговите бетелови палми наместо него. Сведоците објасниле дека таа одлука треба самиот тој да си ја донесе; затоа, ќе мора да ‚го понесе своето бреме‘ и самиот да ги пресече дрвјата (Галатјаните 6:4, 5). Го охрабриле да се сети на ветувањето од 1. Коринтјаните 10:13, кое гласи: „Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите“. Сведоците исто така резонирале со него, велејќи: „Ако ние ви ги пресечеме дрвјата, би можеле да зажалите и да нѐ обвините нас за загубата“. Кратко време потоа, г-ѓа Лин ја разбудил звук од моторна пила. Нејзиниот сопруг и децата ги сечеле бетеловите палми!
Г-н Лин увидел дека Јехова е верен на Своето ветување. Добил работа која му остава чиста совест, овозможувајќи му да стане фалител на Јехова. Се крстил на покраинскиот собир на Јеховините сведоци во април 1996.
Да, г-н Лин всушност ‚продал сѐ што имал‘ и купил „зрно скапоцен бисер“. Сега ја има непроценливата предност да има личен однос со Јехова Бог и да служи на интересите на Неговото Царство.