ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 2/12 стр. 22-25
  • Треба ли да џвакаш бетелов орев?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Треба ли да џвакаш бетелов орев?
  • Разбудете се! 2012
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е бетелов орев?
  • Лажен пријател!
  • Што вели Библијата?
  • Три чекори да ја оставиш навиката
  • Тој нашол „зрно скапоцен бисер“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Содржина
    Разбудете се! 2012
  • Како може да бидеме чисти во Божји очи?
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
  • Покажување почит спрема животот и крвта
    Што бара Бог од нас?
Повеќе
Разбудете се! 2012
g 2/12 стр. 22-25

Треба ли да џвакаш бетелов орев?

НА ЕДНА улица во Југоисточна Азија поминува човек кој пријателски ти се насмевнува. Забележуваш дека забите му се поцрнети, а устата му е полна со крвавоцрвена плунка. Плукнува на тротоарот и остава грда црвена дамка. Очигледно, џвака бетелов орев.

Од Источна Африка, Пакистан и Индија, преку Југоисточна Азија, па сѐ до Папуа Нова Гвинеја и Микронезија, стотици милиони луѓе џвакаат бетелов орев — околу 10 отсто од светското население. На пазарите и по улиците може да се видат тезги на кои продавачите, понекогаш заедно со своите деца, продаваат бетелов орев. Други, пак, се трудат да привлечат муштерии со сјајни неонски реклами или скудно облечени девојки.

Низ целиот свет, продажбата на бетелов орев носи заработка од милијарди долари годишно. Но, што е бетелов орев? Зошто толку многу луѓе го џвакаат овој плод? Како оваа навика влијае врз здравјето? Што вели Библијата за неа? И како можат корисниците да прекинат со оваа навика?

Што е бетелов орев?

Она што обично што се нарекува бетелов орев е, всушност, месестиот плод од палмата арека (бетелова палма), тропско растение што вирее во Океанија и во Југоисточна Азија. Името „бетелов“ доаѓа од бетеловиот лист, растение со кое палмата арека не е сродна. Лицата што џвакаат бетелов орев виткаат плод од палмата арека во бетелов лист и додаваат малку вар. Варта помага да се ослободат алкалоидните стимуланти. За да го подобрат вкусот, некои додаваат и зачини, тутун или засладувачи.

Ваквата комбинација поттикнува лачење на плунка и ја прави црвена како крв. Затоа, оние што џвакаат бетелов орев често плукаат, дури и од возила, за несреќа на минувачите!

Лажен пријател!

„Плодот од палмата арека се користи од памтивек и е поврзан со општествениот, културниот и религиозниот живот“, стои во еден извештај во списанието Oral Health. „Повеќето корисници сметаат дека е сосема безопасен и велат дека предизвикува убаво чувство, еуфорија [и] топлина низ телото... Меѓутоа, доказите покажуваат дека не е ни малку безопасен.“ Во која смисла?

Стручњаци од агенциите за борба против дрогата сметаат дека еден од алкалоидите присутни во бетеловиот орев може да предизвика зависност. Всушност, некои џвакаат и до 50 бетелови ореви дневно! По кратко време, настануваат дамки на забите, а може да дојде и до болест на непцата. Според Oral Health, кај луѓето кои редовно го користат може да дојде до заболување на слузницата, при што се појавуваат кафеаво-црвени дамки, а честопати доаѓа и до набрчкување на слузницата во устата. Кај таквите лица може да настанат „хронични, прогресивни лузни... на слузницата во устата“, состојба која е позната како орална субмукозна фиброза.

Џвакањето бетелов орев се поврзува и со еден вид рак на устата наречен орален сквамозен карцином, кој може да се појави и во задниот дел од грлото. Ова го потврдува и големиот број на заболени од рак на устата меѓу возрасните во Југоисточна Азија. Во Тајван, околу 85 отсто од случаите на рак на устата се лица кои џвакаат бетелов орев. Освен тоа, „стапката на заболени од рак на устата — една од 10-те најчести причини за смртност во Тајван — се зголеми речиси четири пати во изминативе 40 години“, вели The China Post.

Ситуацијата е слична и на други места. Во весникот Papua New Guinea Post-Courier се вели: „Според Медицинското здружение на Папуа Нова Гвинеја, бетеловиот орев, омилено средство за џвакање во оваа земја, убива најмалку 2.000 лица годишно и е причина за многу здравствени проблеми“. Еден лекар и автор на медицински трудови вели: „Последиците од хроничната употреба на бетелов орев се речиси исто толку бројни колку и оние од пушењето“, а во нив спаѓаат и кардиоваскуларните болести.

Што вели Библијата?

Библијата не е медицински прирачник и не го спомнува директно џвакањето бетелов орев. Меѓутоа, содржи голем број начела што можат да ни помогнат да водиме почист, поздрав и подобар живот. Разгледај ги следниве библиски стихови и прашањата што тие ги наметнуваат.

„Сакани да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). „Ве молам... да ги дадете своите тела како жртва... света, прифатлива за Бог“ (Римјаните 12:1). Би можел ли некој да биде свет, т.е. чист во Божји очи ако си го труе телото џвакајќи бетелов орев?

„Преку [Бог] имаме живот“ (Дела 17:28). „Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора“ (Јаков 1:17). Животот е скапоцен дар од Бог. Дали некој што има навики кои може да предизвикаат болести покажува почит кон овој дар?

„Никој не може да им робува на двајца господари“ (Матеј 6:24). „Нема да дозволам нешто да завладее со мене“ (1. Коринќаните 6:12). Треба ли некој што сака да му угоди на Бог да си дозволи да стане роб на нечиста навика што ќе му го контролира животот?

„Сакај го својот ближен како себеси“ (Марко 12:31). „Љубовта не му прави зло на ближниот“ (Римјаните 13:10). Дали би било израз на вистинска љубов да плукаме грда — и нехигиенска — црвена плунка на улица, на тротоар и на други места?

Неизбежно е еден ден ‚да си го пожнееме тоа што ќе си го посееме‘ (Галатите 6:7, 8). Тоа е основен природен закон. Затоа, ако сееме лоши навики, ќе пожнееме лоши последици. Но, ако живееме онака како што замислил Бог, што значи и да имаме добри навики, не само што ќе пожнееме добро туку и ќе најдеме вистинска и трајна среќа. Ако имаш навика да џвакаш бетелов орев, а сакаш да водиш подобар и поисполнет живот правејќи го она што е добро во Божји очи, како можеш да ја оставиш оваа навика? Разгледај ги под молитва следниве три проверени чекори.

Три чекори да ја оставиш навиката

1. Биди мотивиран. За да престанеш со некоја лоша навика, не е доволно само да знаеш дека ти штети на здравјето. На крајот на краиштата, многу луѓе продолжуваат да џвакаат бетелов орев, да пушат цигари и да злоупотребуваат дрога, иако се сосема свесни дека нивната навика може да им ги загрози здравјето и животот. Својата мотивација би можел да ја зајакнеш со тоа што ќе дознаеш нешто повеќе за твојот Творец и за неговата длабока љубов кон тебе преку проучување на Библијата. Во Евреите 4:12 се вели: „Речта Божја е жива и делотворна“.

2. Барај помош од Бог. Исус рекол: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Лука 11:9, 10). Кога вистинскиот Бог, Јехова, ќе види дека го молиш и искрено бараш поддршка и сила од него, нема да ја занемари твојата молитва. „Бог е љубов“, стои во 1. Јованово 4:8. Апостол Павле и самиот ја почувствувал таа љубов. Тој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).

3. Барај поддршка од другите. Луѓето со кои си близок може да имаат големо влијание врз тебе, сеедно дали позитивно или негативно. „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“, стои во Изреки 13:20. Затоа, мудро избирај ги твоите пријатели! Меѓу Јеховините сведоци има многумина кои некогаш џвакале бетелов орев. Но, дружејќи се со соверниците и проучувајќи ја Библијата, ја добиле помошта која им била потребна за да ја победат својата нечиста навика.

[Рамка/слики на страници 24 и 25]

ТИЕ ЈА ОСТАВИЛЕ НАВИКАТА

Разбудете се! интервјуираше пет лица кои некогаш џвакале бетелов орев, но успеале да прекинат со таа навика. Прочитај што велат тие.

Зошто почнавте да џвакате бетелов орев?

Полин: Моите родители ми даваа бетелов орев уште како мала. Тоа беше обичај во моето село на еден остров во Папуа Нова Гвинеја.

Бети: Татко ми ми даде да пробам бетелов орев кога имав две години. Како тинејџерка, имав навика да си носам толку многу бетелови ореви што личев на бетелова палма! Толку бев зависна што ставав орев в уста веднаш штом ќе станев од спиење.

Вен-Џунг: Бетелов орев почнав да џвакам на 16 години. Тоа се сметаше за нешто кул и зрело, а јас сакав да бидам прифатен.

Џиел-Лиан: Продавав бетелов орев за да се издржувам. Сметав дека, за да успеам, мојот производ треба да биде со врвен квалитет, па затоа почнав да го пробувам. Тоа водеше до зависност.

Како оваа навика се одрази на вашето здравје?

Џиел-Лиан: Во устата, на забите и на усните ми се појавија крвавоцрвени дамки. Се срамам кога ќе видам моја слика од тоа време. Сѐ уште имам чиреви на усните.

Полин: Порано имав чиреви на устата, мачнина и пролив.

Бети: Имав само 35 килограми, што беше многу малку за мојата висина и возраст. Забите ми изгледаа грозно и често ги миев и ги триев со челична волна.

Сем: Честопати имав пролив и болест на непцата. Сега имам само уште еден заб во устата! Очигледно, тоа што си ги триев забите со челична волна не ми помогна многу.

Зошто ја оставивте оваа навика?

Полин: Во Библијата, во 2. Коринќаните 7:1, прочитав дека Бог сака „да се исчистиме од секоја валканост на телото“. Решив да дадам сѐ од себе за да му угодам на мојот Творец.

Сем: Сакав светиот дух од Јехова Бог да дејствува во мојот живот, па затоа го молев Јехова да ми помогне да одолеам на искушението да џвакам бетелов орев. Тој одговори на моите молитви. Веќе 30 години не користам бетелов орев.

Џиел-Лиан: Читајќи ја Библијата, наидов на зборовите: „Исчистете ги рацете, грешници!“ (Јаков 4:8). Таа заповед многу ме погоди. Како можев да користам и да продавам бетелов орев кога знаев колку е штетен? Во тој момент решив да ги ‚исчистам рацете‘ од оваа навика која е нечиста и во физички и во духовен поглед.

Како ви користеше тоа што прекинавте со оваа навика?

Вен-Џунг: Бетелов орев почнав да џвакам за да ме прифатат врсниците. Сега имам многу поскапоцени пријателства, и со Јехова и со моите духовни браќа и сестри.

Сем: Имам многу подобро здравје — и во физички и во духовен поглед. А бидејќи не си ги фрлам парите на штетни навики, можам подобро да се грижам за семејството.

Полин: Се чувствувам слободна и чиста. Забите ми се бели и цврсти. А низ куќата и во градината немам лушпи од бетелов орев и одвратни црвени дамки.

Бети: Имам чиста совест и многу подобро здравје. Всушност, можам да работам како учителка, а истовремено да служам и како полновремен проповедник.

[Слики]

Бети

Полин

Вен-Џунг

Џиел-Лиан

Сем

[Графикон/слики на страница 23]

(Види во публикацијата)

Редовното џвакање бетелов орев може да предизвика сериозни болести

Дамки на забите и болести на непцата

Орална субмукозна фиброза

Орален сквамозен карцином

[Слика на страница 22]

Бетелови ореви завиткани во бетелов лист

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели