Божиќ — световен празник или религиозен свет ден?
ВО Кина го викаат Божиќен Старец. Во Обединетото Кралство е познат како Татко Божиќ. Луѓето во Русија го користат името Дедо Мраз, а во Соединетите Држави му даваат прекар Санта Клаус.
Овој весел старец, кој се истакнува со голем стомак и со снежно бела брада, мнозина го сметаат за самото олицетворение на Божиќ. Но, општо е и сознанието дека Санта Клаус претставува мит, легенда темелена на традиции поврзани со еден бискуп од четвртиот век од Мира (во денешна Турција).
Обичаите и традициите секогаш вршеле силно влијание врз прославите, а Божиќ не е ништо поинаков. Митот за Дедо Мраз е само еден пример за фолклорот што е поврзан со некој популарен празник. Иако некои луѓе тврдат дека божиќните обичаи се темелат на настани што се запишани во Библијата, во реалноста повеќето од овие обичаи имаат пагански извори.
Натамошен пример е божиќната елка. The New Encyclopædia Britannica вели: „Обожавањето дрво, што е вообичаено меѓу паганските Европјани, преживеало после нивното преобраќање на христијанството во скандинавските обичаи на украсување на куќата и амбарот со зимзелен на Нова година за да го избркаат ѓаволот, како и поставување дрво за птиците за време на Божиќ“.
Правењето венци од божиковина или од други зимзелени, е уште една популарна божиќна традиција. И ова е длабоко вкоренето во паганското обожавање. Древните Римјани користеле гранчиња од зеленика за украсување на храмовите за време на Сатурналии — седумдневен празник во средината на зимата, посветен на Сатурн, богот на земјоделието. Овој пагански празник бил особено забележан по неговото необуздано лумпување и развратност.
Божиќниот обичај на бакнување под гранче од глог (прикажано овде) на некои може да им изгледа романтично, но тоа претставува враќање во средниот век. Друидите од древна Британија верувале дека глогот поседува магични сили; затоа, се користел како заштита од демони, магии и други видови зло. Со текот на времето, се појавило суеверието дека бакнувањето под глогот ќе доведе до брак. Оваа практика сѐ уште е популарна меѓу некои луѓе во времето на Божиќ.
Ова се само неколку од современите божиќни традиции врз кои паганските учења извршиле влијание или, пак, целосно потекнале од нив. Сепак, можеби се прашуваш како дошло сево ова. На кој начин еден празник, кој тврди дека му оддава почит на Христовото раѓање, станал толку вплеткан во нехристијански обичаи? Што е уште поважно, како гледа Бог на тоа?
[Извори на слики на страница 2]
Страница 3: Дедо Мраз: Томас Наст/Dover Publications, Inc., 1978; глог на страница 3 и илустрацијата на страница 4: Discovering Christmas Customs and Folklore од Маргарет Бејкер, издадено од Shire Publications, 1994