Да се преживее ‚Јеховиниот ден‘
„Денот Јеховин е велик и многу влева страв, и кој може да го издржи?“ (ЈОИЛ 2:11, НС).
1. Зошто ‚Јеховиниот ден што влева страв‘ треба да биде прилика за радост?
„ВЛЕВА страв“! Така пророкот Јоил го опишува големиот ‚Јеховин ден‘. Меѓутоа, ние кои го љубиме Јехова и кои сме дошле кај него со предание на темел на Исусовата откупна жртва, не треба да се грчиме од страв додека се приближува Јеховиниот ден. Тоа навистина ќе биде ден кој влева стравопочитување, но и ден на грандиозно спасение, ден на ослободување од еден зол систем на ствари што го измачувал човештвото со милениуми. Во очекување на тој ден, Јоил го повикува Божјиот народ да ‚се радува и весели, зашто Господ може да го направи тоа [ќе стори нешто големо, НС]‘ и го додава уверувањето: „Секој, што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“. Потоа, во уредувањето на Божјето Царство, „ќе има спасение [побегнати, НС], како што вели Господ, а и по другите места [и меѓу преживеаните, НС], што ќе ги повика Господ“ (Јоил 2:11, 21, 22, 32).
2. Во исполнувањето на Божјите намери, што се случува а) во „Господовиот ден“ б) во ‚Јеховиниот ден‘?
2 Јеховиниот ден што влева страв не треба да се брка со „Господовиот ден“ од Откровение 1:10 (НС). Овој вториов ден го вклучува исполнувањето на 16-те визии опишани во Откровение, поглавја 1 до 22. Тој го вклучува времето на исполнувањето на сите настани што Исус ги претскажал како одговор на прашањето од неговите ученици: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ Исусовото небесно присуство било обележано на Земјата со застрашувачки ‚војни, глад, омраза, помор и беззаконие‘. Како што овие таги се намножувале, Исус обезбедил утеха за богобојазливите луѓе со тоа што ги испратил своите современи ученици да го проповедаат „ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“. Потоа, како врвна точка на Господовиот ден, ќе избувне „крајот“ на сегашниот систем на ствари, Јеховиниот ден што влева страв (Матеј 24:3—14; Лука 21:11). Тоа ќе биде Јеховин ден за извршување на брза осуда над Сатановиот расипан свет. „Ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ“ (Јоил 3:16).
Јехова дејствува во времето на Ное
3. На кој начин денешните услови се слични со оние од времето на Ное?
3 Денешните светски услови се слични со условите од „Ноевите дни“ пред повеќе од 4.000 години (Лука 17:26, 27). Во 1. Мојсеева 6:5, читаме: „Виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“. Колку само слично со денешниот свет! Злобата, алчноста и недостигот на љубов изобилуваат насекаде. Понекогаш, можеби мислиме дека расипаноста на човештвото го достигнала дното. Но, пророштвото на апостол Павле во врска со „последните денови“ едноставно продолжува да се исполнува: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото [од лошо на полошо, НС], заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тимотеј 3:1, 13).
4. Каков ефект имало лажното обожавање во раните времиња?
4 Дали можела религијата да му донесе олеснување на човештвото во времето на Ное? Напротив, отпадничката религија каква што постоела тогаш, би придонела многу за погубните услови. Нашите прародители подлегнале на лажното учење на „старата змија, наречена ѓавол и сатана“. Во втората генерација од Адам, ‚почнало да се призовува името на Господа Бога‘, очигледно на хулнички начин (Откровение 12:9; 1. Мојсеева 3:3—6; 4:26). Подоцна, бунтовните ангели кои се одрекле од исклучителната оддаденост на Бог, се материјализирале во човечки тела за да имаат недозволени сексуални односи со згодните човечки ќерки. Овие жени родиле хибридни џинови, наречени нефилими, кои го угнетувале и тиранизирале човештвото. Под ова демонско влијание, ‚секоја плот се отклонила од својот пат на земјата‘ (1. Мојсеева 6:1—12).
5. Каков предупредувачки силен поттик ни дава Исус во врска со настаните од времето на Ное?
5 Сепак, едно семејство задржало интегритет спрема Јехова. Затоа Бог, ‚кога нанел потоп на безбожниот свет, го запазил осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата‘ (2. Петрово 2:5). Тој потоп го предочувал Јеховиниот ден што влева страв, кој го обележува крајот на овој систем на ствари и за кој Исус прорекол: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец; но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа додека не дојде потопот и истреби сѐ, — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:36—39). Ние денес сме во една слична ситуација и затоа Исус силно нѐ поттикнува да ‚се пазиме, да бидеме будни и да се молиме, за да го избегнеме сето она, што ќе настане‘ (Лука 21:34—36).
Јеховината судска казна за Содом и Гомор
6, 7. а) Што е предочено со настаните во времето на Лот? б) Какво јасно предупредување ни дава ова нам?
6 Неколку стотини години после потопот, кога Ноевите потомци се намножиле на Земјата, верниот Авраам и неговиот внук Лот биле очевидци на уште еден Јеховин ден што влева страв. Лот и неговото семејство живееле во градот Содом. Заедно со соседниот Гомор, овој град бил проголтан од одвратен сексуален неморал. Исто така, првенствена средишна точка бил материјализмот, кој на крајот се одразил дури и врз Лотовата сопруга. Јехова му рекол на Авраам: „Голем повик е против Содом и Гомор, и гревовите нивни се претешки“ (1. Мојсеева 18:20). Авраам го молел Јехова да ги поштеди тие градови поради праведниците во нив, но Јехова изјавил дека таму не можел да најде ниту десет праведници. Ангели од Бог му помогнале на Лот и на неговите две ќерки да побегнат во блискиот град Сигор.
7 Што уследило? Споредувајќи ги нашиве ‚последни денови‘ со деновите на Лот, Лука 17:28—30 известува: „Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите; така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки“. Погубниот исход на Содом и Гомор во тој Јеховин ден што влева страв пренесува едно јасно предупредување за нас во ова време од Исусовата присутност. Денешната генерација на човештвото исто така ‚блудствува и налетува на друга плот [за неприродна употреба, НС]‘ (Јуда 7). Освен тоа, неморалните сексуални ставови од нашево време биле одговорни за многу ‚помори‘ што ги прорекол Исус за ова време (Лука 21:11).
Израел ја жнее ‚бурата‘
8. До кој обем Израел го држел сојузот со Јехова?
8 Во свое време, Јехова го избрал Израел да биде негов „народ избран меѓу сите народи . . . царство на свештеници и народ свет“. Но, ова зависело од нивното ‚слушање на Неговиот глас и од пазењето на неговиот завет‘ (2. Мојсеева 19:5, 6). Дали тие ја почитувале оваа величествена предност? Далеку од тоа! Вистина, верни поединци од таа нација му служеле лојално — Мојсеј, Самуил, Давид, Јозафат, Језекиј, Јосија, како и оддадени пророци и пророчици. Меѓутоа, нацијата како целина била неверна. Со текот на времето, царството се поделило надве — Израел и Јуда. Општо земено, обете нации се вплеткале во паганско обожавање и во други обичаи на соседните нации, кои го обесчестувале Бог (Језекиил 23:49).
9. Како Јехова го осудил бунтовничкото десетплеменско царство?
9 Како ги просудил Јехова работите? Како и секогаш, тој разгласил едно предупредување, во склад со начелото наведено од Амос: „Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги — пророците“. Самиот Амос прогласил лелек за северното царство Израел: „Зашто ви е тој ден Господен? [Тогаш, што ќе значи за вас денот Јеховин?, НС] Тој е темнина, а не е светлина“ (Амос 3:7; 5:18). Понатаму, Амосовиот сопророк Осија, изјавил: „Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат“ (Осија 8:7). Во 740 пр. н. е., Јехова ја употребил асирската војска за да го опустоши северното царство Израел еднаш засекогаш.
Јеховината пресметка со отпадничката Јуда
10, 11. а) Зошто Јехова не се согласил да ѝ прости на Јуда? б) Кои одвратни работи ја расипале нацијата?
10 Јехова испратил свои пророци и до јужното царство Јуда. Сепак, таквите цареви на Јуда, како Манасиј и неговиот наследник Амон, продолжиле да го прават она што било лошо во Неговите очи, пролевајќи ‚мошне многу невина крв и служејќи им на идолите и клањајќи им се‘. Иако Амоновиот син Јосија го правел она што било исправно во Јеховините очи, царевите кои следеле, како и народот, повторно длабоко загазиле во злоба, така што ‚Господ не сакал да прости‘ (4. Царства 21:16—21; 24:3, 4).
11 Преку својот пророк Јеремија, Јехова изјавил: „Нешто исклучително и ужасно, станува во таа земја: пророците пророкуваат лага, свештениците господарат преку нив — и Мојот народ го сака тоа. Што всушност ќе правите по сето тоа?“ Нацијата од Јуда станала виновна за крв до крајност, а нејзиниот народ бил расипан преку крадење, убивање, вршење прељуба, лажно колнење, одење по други богови, како и други одвратни работи. Божјиот храм станал „разбојничко гнездо“ (Јеремија 2:34; 5:30, 31; 7:8—12).
12. На кој начин Јехова фатил да го казнува отпадничкиот Ерусалим?
12 Јехова изјавил: „Јас ќе донесам од север [Халдеја] зло и голема погибел“ (Јеремија 4:6). Така, тој ја донел вавилонската светска сила — во тоа време ‚чекан по целата земја‘ — за да ги удри отпадничкиот Ерусалим и неговиот храм (Јеремија 50:23). Во 607 пр. н. е. по една горка опсада, градот паднал пред моќната војска на Навуходоносор. „Вавилонскиот цар во Ривла ги закла синовите на [царот] Седекија пред неговите очи; вавилонскиот цар ги закла и сите велможи јудејски; а на Седекија му ги извади очите и го опкова во окови, за да го одведе во Вавилон. Домот на царот и домовите на народот Халдејците ги изгореа со оган и ѕидовите ерусалимски ги срушија. А остатокот од народот, што остана во градот, како и одметниците, кои му се придружија, и другиот народ Навузардан, началникот на телохранителите, ги пресели во Вавилон“ (Јеремија 39:6—9).
13. Кој бил спасен во Јеховиниот ден од 607 пр. н. е., и зошто?
13 Навистина ден што влева страв! Сепак, неколку души кои го послушале Јехова биле меѓу оние кои биле избавени од таа огнена пресуда. Во нив спаѓале неизраелските Рехавовци кои, за разлика од Јудејците, покажале понизен и послушен дух. Исто така, бил спасен и верниот евнух Авдемелех, кој го имал спасено Јеремија од смрт во еден каллив резервоар, како и Јеремииниот верен писар, Варух (Јеремија 35:18, 19; 38:7—13; 39:15—18; 45:1—5). Токму на таквите Јехова им изјавил: „Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас . . . замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж“. Тоа ветување имало минијатурно исполнување во 539 пр. н. е., кога богобојазливите Евреи биле ослободени од страна на освојувачот на Вавилон, царот Кир, и се вратиле за да го обноват ерусалимскиот ѕид и храм. Денес, оние кои излегуваат од вавилонската религија и кои се обновени во Јеховиното чисто обожавање, можат на сличен начин радосно да исчекуваат една славна иднина на вечен мир во Јеховиниот обновен рај (Јеремија 29:11; Псалм 36:34; Откровение 18:2, 4).
‚Големата неволја‘ од првиот век
14. Зошто Јехова трајно го отфрлил Израел?
14 Да продолжиме кон првиот век н. е. До тоа време, обновените Евреи повторно биле западнати во отпад. Јехова го испратил својот единороден Син на Земјата за да биде негов Помазаник, односно Месија. Во текот на годините 29 до 33 н. е., Исус проповедал ширум израелската земја, велејќи: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4:17). Понатаму, ги собрал и ги обучил учениците за да учествуваат со него во објавувањето на добрата вест за Царството. Како се оѕвале владетелите на Евреите? Тие го наклеветиле Исус и на крајот го извршиле гнасното злосторство, со тоа што го предале на агониска смрт на маченички столб. Јехова ги отфрлил Евреите како свој народ. Сега, отфрлањето на таа нација било трајно.
15. Што биле привилегирани да постигнат покајничките Евреи?
15 На ден Пентакост 33 н. е., воскреснатиот Исус го излеал светиот дух, што ги овластило неговите ученици да им зборуваат на јазици на Евреите и на прозелитите кои брзо се насобрале. Обраќајќи му се на мноштвото, апостол Петар изјавил: „Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци . . . И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“. Како одреагирале чесните Евреи? ‚Биле прободени в срце‘ (НС), се покајале за своите гревови и се крстиле (Дела 2:32—41). Објавувањето на Царството се забрзало, и во рок од 30 години се проширило до ‚секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23).
16. На кој начин Јехова маневрирал со настаните што довеле до тоа да изврши осуда над природниот Израел?
16 Сега било право време Јехова да изврши пресуда врз својот отфрлен народ, природниот Израел. Многу илјади, од нациите ширум тогаш познатиот свет, се собрале во јата во христијанското собрание и биле помазани како духовен ‚Израил Божји‘ (Галатјаните 6:16). Сепак, еврејството од тоа време било западнато во начин на живеење со омраза и секташко насилство. Спротивно на она што го имал напишано Павле за ‚потчинувањето на претпоставените власти‘, тие отворено се побуниле против римската власт што владеела над нив (Римјаните 13:1). Очигледно, Јехова маневрирал со настаните кои уследиле. Во 66 н. е. римските легионери под генерал Гал напредувале за да го опседнат Ерусалим. Напаѓачките Римјани толку се пробиле во градот што го поткопале храмскиот ѕид. Како што забележува историјата на Јосиф, навистина имало неволја врз градот и врз луѓето.a Но, одеднаш, напаѓачките војници почнале да бегаат. Ова им овозможило на Исусовите ученици „да бегаат по планините“, како што биле опоменати во неговото пророштво, забележано во Матеј 24:15, 16.
17, 18. а) Преку која неволја Јехова му одмерил правда на еврејството? б) Кое тело се спасило, и за што било тоа сенка?
17 Меѓутоа, допрва требало да дојде целосното извршување на Јеховината осуда како кулминација на неволјата. Во 70 н. е., римските легиони, сега под генерал Тит, повторно нападнале. Овојпат, битката била одлучувачка! Евреите, кои војувале дури и меѓусебно, не им биле рамни на Римјаните. Градот и неговиот храм биле срамнети со земја. Повеќе од милион исцрпени Евреи пострадале и умреле, околу 600.000 лешеви биле исфрлени од градската порта. Откако градот паднал, 97.000 Евреи биле одведени како заробеници, мнозина за да умрат во гладијаторските спектакли. Навистина, единственото тело што било спасено во годините од таа неволја било телото од послушните христијани кое побегнало во планините отаде Јордан (Матеј 24:21, 22; Лука 21:20—22).
18 На тој начин, Исусовото големо пророштво во врска со „свршетокот на светот“ го имало своето прво исполнување, кое кулминирало во Јеховиниот ден за одмерување правда врз бунтовната еврејска нација во 66—70 н. е. (Матеј 24:3—22). Сепак, тоа било само сенка на ‚доаѓањето на големиот Јеховин ден што влева страв‘ — конечната неволја која само што не го опфатила целиот свет (Јоил 2:31, НС). Како можеш ти ‚да се спасиш‘? Тоа ќе ни го каже следната статија.
[Фуснота]
a Јосиф раскажува дека напаѓачките Римјани го опколиле градот, поткопале дел од ѕидот и само што не ја запалиле портата од Јеховиниот храм. Ова предизвикало ужасен страв меѓу многуте Евреи кои биле фатени во стапица внатре, бидејќи можеле да гледаат како се приближува смртта (Wars of the Jews, книга II, поглавје 19).
Прашања за повторување
◻ На кој начин „Господовиот ден“ е поврзан со ‚Јеховиниот ден‘?
◻ Кога го разгледуваме Ноевото време, на кое предупредување треба да внимаваме?
◻ На кој начин Содом и Гомор даваат една силна лекција?
◻ Кој бил спасен во ‚големата неволја‘ од првиот век?
[Слики на страница 15]
Јехова обезбедил бегство за семејствата на Ное и Лот, а исто така и во 607 пр. н. е. и 70 н. е.