Давај јавна изјава за спасение
„Секој кој го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (РИМЈАНИТЕ 10:13, НС).
1. Какви предупредувања биле разгласувани низ историјата?
ИСТОРИЈАТА опишува повеќе ‚Јеховини денови‘. Потопот од времето на Ное, разорувањето на Содом и Гомор, како и уништувањето на Ерусалим во 607 пр. н. е. и во 70 н. е. биле големи Јеховини денови што влевале страв. Тоа биле денови на одмерување правда врз оние кои се побуниле против Јехова (Малахија 4:5; Лука 21:22). Во текот на тие денови, мнозина загинале поради својата злоба. Но, некои преживеале. Јехова предизвикал да бидат разгласени предупредувања, известувајќи ги злобните за претстојната катаклизма и давајќи им прилика на лицата со исправни срца да најдат спасение.
2, 3. а) Какво пророчко предупредување било цитирано на Пентакост? б) Што се барало во повикувањето на името Јеховино од Пентакост 33 н. е. па наваму?
2 Уништувањето на Ерусалим во 70 н. е. е еден истакнат пример за ова. Претскажувајќи го тој настан скоро 900 години однапред, пророкот Јоил напишал: „Ќе дадам предзнаци на небесата и на земјата, крв и оган и столбови од чад. Самото сонце ќе биде претворено во темнина, а месечината во крв пред доаѓањето на големиот Јеховин ден што влева страв“. Како би можел некој да преживее едно такво застрашувачко време? Под вдахновение, Јоил напишал: „Мора да се случи дека, секој кој го повикува името Јеховино, ќе побегне на безбедно; зашто, ќе се покаже дека на гората Сион и во Ерусалим ќе бидат побегнатите, токму како што зборувал Јехова, и меѓу преживеаните, коишто Јехова ги повикува“ (Јоил 2:30—32, НС).
3 На Пентакост 33 н. е., апостол Петар му се обратил на едно мноштво Евреи и прозелити во Ерусалим и го цитирал Јоиловото пророштво, покажувајќи дека неговите слушатели можат да очекуваат едно исполнување во нивно време: „Ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов [Јеховин, НС]. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“ (Дела 2:16—21). Сите од мноштвата кои го слушале Петар биле под Мозаитскиот Закон, и затоа го знаеле Јеховиното име. Петар објаснил дека, отсега па натаму, повикувањето на Јеховиното име ќе вклучува нешто повеќе. Извонредно е тоа што ова вклучувало крштавање во името на Исус — оној кој бил убиен и потоа воскреснат во бесмртен небесен живот (Дела 2:37, 38).
4. Каква порака објавувале надалеку христијаните?
4 Од Пентакост па натаму, христијаните ја ширеле речта за воскреснатиот Исус (1. Коринтјаните 1:23). Тие објавувале дека луѓето би можеле да бидат усвоени како духовни синови на Јехова Бог и да станат дел од еден нов ‚Израил Божји‘ — една духовна нација која ќе ‚ги возвестува Божјите совршености‘ (Галатјаните 6:16; 1. Петрово 2:9). Оние кои останале верни до смртта би наследиле бесмртен небесен живот како сонаследници со Исус во неговото небесно Царство (Матеј 24:13; Римјаните 8:15, 16; 1. Коринтјаните 15:50—54). Освен тоа, овие христијани требало да го објавуваат доаѓањето на големиот Јеховин ден што влева страв. Морале да го предупредат еврејскиот свет дека ќе доживее неволја која надминува сѐ што до тоа време го снашло Ерусалим и народот кој тврдел дека е Божји. Меѓутоа, би имало преживеани. Кои? Оние кои го повикувале Јеховиното име.
„Во последните денови“
5. Какви исполнувања на пророштвото се случуваат денес?
5 На многу начини, условите во тоа време го предочувале она што ние го гледаме денес. Од 1914 наваму, човештвото живее во еден посебен временски период на кој Библијата се осврнува како на ‚последно време‘, „свршетокот на светот“ и ‚последни денови‘ (Даниил 12:1, 4; Матеј 24:3—8; 2. Тимотеј 3:1—5, 13). Во нашиов век, суровите војни, необузданото насилство и руинирањето на општеството и на природната средина дале забележително исполнување на библиското пророштво. Сето тоа е дел од знакот проречен од Исус, кој покажува дека човештвото само што не го доживеало конечниот, одлучувачки Јеховин ден што влева страв. Ова ќе кулминира во битката од Армагедон, кулминацијата на ‚маката [големата неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде‘ (Матеј 24:21; Откровение 16:16).
6. а) Како дејствувал Јехова за да ги спаси кротките? б) Каде го наоѓаме Павловиот совет за тоа како да преживееме?
6 Додека денот на опустошувањето се приближува сѐ поблиску, Јехова дејствува за спасение на кротките. Во текот на ова ‚последно време‘, тој ги собрал последните од духовниот Израел Божји и од 1930-тите наваму им го свртел вниманието на своите земни слуги кон собирање на едно ‚големо мноштво, кое што никој не може да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици‘. Како група, овие ‚доаѓаат од големи маки [од големата неволја, НС]‘ живи (Откровение 7:9, 14). Но, како може секој поединец да го осигура своето преживување? Апостол Павле одговара на тоа прашање. Во Римјаните, поглавје 10, тој дава добар совет за преживување — совет што важел во негово време и што повторно важи во нашево.
Молитва за спасение
7. а) Каква надеж е идентификувана во Римјаните 10:1, 2? б) Зошто можел Јехова сега да даде „Евангелието“ да се објавува пообемно?
7 Кога Павле ја напишал книгата до Римјаните, Јехова веќе го имал отфрлено Израел како нација. Па сепак, апостолот потврдил: „Желбата на моето срце и на мојата молитва кон Бога е да се спаси Израилот“. Негова надеж била поединечните Евреи да можат да стекнат точно спознание за Божјата волја, која води до тоа да бидат спасени (Римјаните 10:1, 2). Освен тоа, Јехова би сакал спасение за оние од целиот свет на човештвото кои практикуваат вера, како што е покажано во Јован 3:16: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Исусовата откупна жртва го отворила патот за тоа грандиозно спасение. Како во времето на Ное и во другите денови на осуда што следеле, Јехова дал да се проповеда „Евангелието“, укажувајќи на патот за спасение (Марко 13:10, 19, 20).
8. По Павловиот пример, до кого вистинските христијани денес упатуваат добронамерност, и на кој начин?
8 Покажувајќи ја својата добронамерност и спрема Евреите и спрема не-Израелците, Павле проповедал во секоја прилика. Тој ‚ги убедувал Јудејците и Елините‘. На старешините од Ефес им рекол: „Не пропуштив ништо полезно да не ви кажам и да не ве поучам пред народот и по куќите, проповедајќи им и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос“ (Дела 18:4; 20:20, 21). На сличен начин, Јеховините сведоци денес се трошат во проповедање не само на луѓето кои тврдат дека се христијани туку на сите луѓе, дури до „крајот на земјата“ (Дела 1:8; 18:5).
Исповедување на „словото на верата“
9. а) На каква вера охрабрува Римјаните 10:8, 9? б) Кога и како треба да ја исповедуваме својата вера?
9 За спасение е потребна истрајна вера. Цитирајќи ја 5. Мојсеева 30:14, Павле изјавил: „ ,Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце‘, односно словото на верата, што го проповедаме“ (Римјаните 10:8). Додека го проповедаме тоа ‚слово на верата‘, тоа станува сѐ подлабоко и подлабоко врежано во нашите срца. Така било со Павле, а неговите натамошни зборови можат да ја зајакнат нашата решеност да бидеме како него во споделувањето на таа вера со другите: „Ако со устата Го исповедаш Господа Исуса [тој ‚збор во сопствената уста‘ дека Исус е Господ, НС] и со срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш“ (Римјаните 10:9). Ова исповедување не се прави пред другите само во времето на крштавањето туку тоа мора да биде едно континуирано исповедување, ревносно јавно сведоштво во врска со сите грандиозни фасети на вистината. Таквата вистина се сосредоточува на скапоценото име на Суверениот Господ Јехова; на нашиот Месијански Цар и Откупител, Господ Исус Христос, како и на величествените ветувања за Царството.
10. Во склад со Римјаните 10:10, 11, како мораме да ракуваме со ова ‚слово на верата‘?
10 Нема спасение за ниеден кој не го прифаќа и не го применува ова ‚слово на верата‘, како што понатаму наведува апостолот: „Со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение. Пак и Писмото вели: ‚Секој, кој верува во Него, нема да се посрами [разочара, НС]‘ “ (Римјаните 10:10, 11). Мораме да стекнеме точно спознание за ова ‚слово на верата‘ и да продолжиме да го потхрануваме во своите срца за да бидеме мотивирани да им го кажуваме на другите. Самиот Исус нѐ потсетува: „Кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели“ (Марко 8:38).
11. Колку обемно мора да се проповеда добрата вест, и зошто?
11 Како што претскажал пророкот Даниил, во ова време на крајот „оние кои имаат увид“ (НС) се видени како светлат „како светилата на небото“, додека сведочењето за Царството се шири до краевите на Земјата. Тие ‚повратуваат мнозина кон правда‘, а вистинското спознание навистина станало изобилно, бидејќи Јехова фрла сѐ посјајна светлина врз пророштвата во врска со ова време на крајот (Даниил 12:3, 4). Ова е една порака на спасение која е животоважна за преживувањето на сите оние кои ја љубат вистината и праведноста.
12. На кој начин Римјаните 10:12 се поврзува со ангелскиот налог, опишан во Откровение 14:6?
12 Апостол Павле продолжува: „Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите, кои Го призовуваат“ (Римјаните 10:12). ‚Евангелието‘ мора да се проповеда денес во уште пошироки глобални размери — до сите народи, до самите краеви на Земјата. Ангелот од Откровение 14:6 продолжува да лета среде небото, доверувајќи ни го ‚вечното Евангелие, за да им благовестиме на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ‘. На кој начин ова ќе им користи на оние кои се оѕвиваат?
Повикување на Јеховиното име
13. а) Кој е нашиот годишен стих за 1998? б) Зошто овој годишен стих е многу соодветен денес?
13 Цитирајќи го Јоил 2:32, Павле изјавува: „Секој кој го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13, НС). Колку само е прикладно што тие зборови се избрани за годишен стих на Јеховините сведоци за 1998 година! Никогаш порано не било поважно да се оди напред со доверба во Јехова, објавувајќи го неговото име и величествените намери што тоа ги претставува! Како што било во првиот век, така и во последните денови од сегашниов расипан систем на ствари, се разлева одекнувачкиот повик: „Спасувајте се од овој пакостен род!“ (Дела 2:40). Тоа е еден повик сличен на труба до сите богобојазливи луѓе да го повикуваат Јехова за да им подари спасение, како и до оние кои го слушаат нивното јавно објавување на добрата вест (1. Тимотеј 4:16).
14. Која Карпа мораме да ја повикуваме за спасение?
14 Што ќе се случи кога на оваа Земја ќе избувне големиот Јеховин ден? Повеќето нема да бараат спасение од Јехова. Општо земено, човештвото ќе им вели „на планините и на карпите: ‚Паднете врз нас и сокријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот‘ “ (Откровение 6:15, 16). Нивната надеж ќе биде во организациите и институциите од овој систем на ствари, кои се слични на планини. Сепак, колку само е подобро да ја стават довербата во Карпата која е најголема од сите, Јехова Бог! (5. Мојсеева 32:3, 4, НС). За него, цар Давид рекол: „Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител“. Јехова е „нашата Карпа на спасението“ (Псалм 17:2; 95:1, НС). Неговото име е „цврста кула“, единствената „кула“ што е доволно цврста за да нѐ заштити во текот на идната криза (Изреки 18:11). Затоа, животоважно е колку што е можно повеќе од скоро шесте милијарди луѓе кои живеат денес, да бидат поучени да го повикуваат Јеховиното име во верност и во искреност.
15. Што покажува Римјаните 10:14 во врска со верата?
15 Соодветно, апостол Павле понатаму прашува: „Но како ќе го призоват Оној, во Кого не поверувале?“ (Римјаните 10:14). Има мноштва на кои допрва би можело да им се помогне да го направат „словото на верата“ своја своина за да го повикуваат Јехова за спасение. Верата е животоважна. Во едно друго писмо, Павле наведува: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Сепак, како ќе поверуваат во Бога уште милиони лица? Во писмото до Римјаните, Павле прашува: „Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле?“ (Римјаните 10:14). Дали Јехова го обезбедува начинот за да чујат? Секако, да! Слушни ги Павловите натамошни зборови: „А како ќе чујат без проповедник?“
16. Зошто се неопходни проповедници во божествената подготовка?
16 Од Павловиот аргумент е кристално јасно дека се потребни проповедници. Исус покажал дека ова ќе биде така сѐ до „свршетокот на светот“ (Матеј 24:14; 28:18—20). Проповедањето е суштински дел од божествената подготовка да им се помогне на луѓето да го повикуваат името на Јехова за да побегнат на безбедно. Дури и во христијанскиот свет, мнозинството не прави ништо за да му оддаде чест на Божјето скапоцено име. Многумина безнадежно го помешале Јехова со два други идентитета во една необјаснива догма за тројство. Исто така, мнозина спаѓаат во класата за која се зборува во Псалм 13:1 и 53:1: „Рече безумниот во срцето свое: ‚Нема Бог [Јехова, НС]‘ “. Тие треба да знаат дека Јехова е живиот Бог и мораат да разберат што сѐ претставува неговото име за да побегнат на безбедно во претстојната голема неволја.
‚Убавите нозе‘ на проповедниците
17. а) Зошто е соодветно тоа што Павле цитира едно пророштво на обнова? б) Што е вклучено во тоа да се има ‚убави нозе‘?
17 Апостол Павле има уште едно битно прашање: „И како ќе проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: ‚Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто‘ “ (Римјаните 10:15). Павле овде го цитира Исаија 52:7, што е дел од едно пророштво за обнова кое важи од 1919 наваму. Денес, повторно, Јехова го испраќа „благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение“. Послушно, Божјиот помазан ‚стражар‘ и неговите придружници продолжуваат да извикуваат радосно (Исаија 52:7, 8). Нозете на оние кои денес објавуваат спасение може да станат уморни, па дури и правливи, додека одат од куќа до куќа, но колку само нивните лица блескаат од радост! Тие знаат дека се овластени од Јехова да објавуваат добра вест на мир и да ги утешуваат ужалените, помагајќи им да го повикуваат Јеховиното име со изглед за спасение.
18. Што вели Римјаните 10:16—18 во поглед на конечниот резултат од разгласувањето на добрата вест?
18 Без разлика дали луѓето ‚веруваат во проповедањето‘ или, пак, избираат да не го послушаат, вистинито звучат Павловите зборови: „Зар тие не чуја? Напротив, ‚Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни — до краиштата на вселената‘ “ (Римјаните 10:16—18). Исто како што „небесата ја објавуваат славата на Бога“, како што е покажано во неговите дела на создавањето, така и неговите Сведоци на Земјата мораат да ја објавуваат ‚благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог, да ги утешуваат сите оние што тагуваат‘ (Псалм 18:1—4; Исаија 61:2).
19. Каков ќе биде резултатот за оние кои денес го ‚повикуваат името Јеховино‘?
19 Големиот Јеховин ден што влева страв сѐ повеќе се приближува. „О каков ден! Оти денот Господен е близу, и ќе дојде како запустување од Сесилниот“ (Јоил 1:15; 2:31). Наша молитва е уште мноштва да се оѕвијат со итност на добрата вест, собирајќи се во јато во Јеховината организација (Исаија 60:8; Авакум 2:3). Сети се дека и други Јеховини денови им донеле уништување на злобните — во времето на Ное, во времето на Лот и во времето на отпадничките Израел и Јуда. Ние сега стоиме на прагот од најголемата од сите неволји, кога Јеховиниот луњен ветар ќе ја исчисти злобата од лицето на оваа Земја, расчистувајќи го патот за рај во вечен мир. Дали ти ќе бидеш еден од оние кои ‚го повикуваат името Јеховино‘ во верност? Ако да, радувај се! Го имаш Божјето лично ветување дека ќе бидеш спасен (Римјаните 10:13).
Како би одговорил?
◻ Кои нови работи биле објавувани после Пентакост 33 н. е.?
◻ Како треба христијаните да му обрнат внимание на „словото на верата“?
◻ Што е мислено со ‚повикувањето на Јеховиното име‘?
◻ Во која смисла објавителите на Царството имаат „убави нозе“?
[Слики на страница 18]
Божјиот народ ги објавува Неговите извонредности во Порторико, Сенегал, Перу, Папуа Нова Гвинеја — да, ширум Земјината топка