Чувај ја сјајна својата ‚надеж за спасение‘!
‚Да ја облечеме . . . како шлем надежта за спасение‘ (1. СОЛУЊАНИТЕ 5:8, NW).
1. Како „надежта за спасение“ ни помага во истрајноста?
НАДЕЖТА дека ќе биде спасен може да помогне човек да не потклекне дури и под најстрашни околности. Една жртва на бродолом која плови на сплав за спасување може да истрае многу подолго ако знае дека помошта е на пат. На сличен начин, со илјадници години надежта во „спасението од Јехова“ (NW) ги поддржувала мажите и жените од вера во времиња на неволја, и оваа надеж никогаш не довела до разочарување (2. Мојсеева 14:13; Псалм 3:8; Римјаните 5:5; 9:33). Апостол Павле ја споредил „надежта за спасение“ со „шлемот“ од христијанската духовна воена опрема (1. Солуњаните 5:8; Ефесјаните 6:17). Да, довербата дека Бог ќе нѐ спаси ја штити нашата способност за размислување и ни помага да бидеме трезвени и покрај неволји, противење и искушенија.
2. На кои начини „надежта за спасение“ е основна во вистинското обожавање?
2 „Надежта во поглед на иднината не била карактеристика на паганскиот свет“, светот кој ги опкружувал христијаните од првиот век, наведува The International Standard Bible Encyclopedia (Ефесјаните 2:12; 1. Солуњаните 4:13). Сепак, „надежта за спасение“ е основен елемент на вистинското обожавање. Како? Прво, спасението на Јеховините слуги е поврзано со неговото сопствено име. Псалмистот Асаф се молел: „Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нѐ“ (Псалм 78:9; Језекиил 20:9). Освен тоа, за да имаме добар однос со Јехова неопходно е да имаме доверба во благословите што ги ветил. Павле го изнел тоа вака: „А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Понатаму, Павле објаснил дека спасението на оние кои се каат било една клучна причина за Исусовото доаѓање на Земјата. Тој изјавил: „Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците“ (1. Тимотеј 1:15). А апостол Петар укажал на спасението како на ‚крајот [или резултатот] на нашата вера‘ (1. Петрово 1:9). Очигледно, исправно е да се надеваме на спасение. Но, што е спасение, всушност? И што е потребно за да се постигне?
Што е спасение?
3. Какво спасение доживувале Јеховините слуги од древни времиња?
3 Во Хебрејските списи „спасение“ обично значи „спасување“ или „избавување“ од угнетување или од насилничка, предвремена смрт. На пример, нарекувајќи го Јехова „мој спасител“, Давид рекол: „Мојот Бог е моја карпа . . . мое прибежиште; Спасителе мој; Ти ме спаси од непријатели. Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам“ (2. Царства 22:2—4). Давид знаел дека Јехова слуша кога Неговите верни слуги викаат за помош (Псалм 30:22, 23; 144:19).
4. Каква надеж за иден живот негувале претхристијанските Јеховини слуги?
4 Претхристијанските Јеховини слуги исто така негувале надеж за иден живот (Јов 14:13—15; Исаија 25:8; Даниил 12:13). Всушност, многу од ветувањата за спасување кои се наоѓаат во Хебрејските списи пророчки се однесувале на едно поголемо спасение — спасението кое води до вечен живот (Исаија 49:6, 8; Дела 13:47; 2. Коринтјаните 6:2). Во времето на Исус многу Евреи се надевале на вечен живот, но одбиле да го прифатат Исус како клучот за остварување на својата надеж. На верските водачи од своето време Исус им рекол: „Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене“ (Јован 5:39).
5. Што значи спасението, всушност?
5 Бог преку Исус ги открил сите нијанси на значење на спасението. Тоа вклучува избавување од власта на гревот, од ропството на лажната религија, од светот кој е под контрола на Сатана, од стравот од човек, па дури и од стравот од смрт (Јован 17:16; Римјаните 8:2; Колосјаните 1:13; Откровение 18:2, 4). Конечно, за Божјите верни слуги спасението од Бог не значи само избавување од угнетувањето и од маките туку е и прилика да се добие вечен живот (Јован 6:40; 17:3). Исус поучувал дека за едно „мало стадо“ спасението значи да биде воскреснато за небесен живот за да учествува со Христос во владата на Царството (Лука 12:32). За останатиот дел од човештвото, спасението значи обновување до совршен живот и однос со Бог каков што уживале Адам и Ева во градината Едем пред да згрешат (Дела 3:21; Ефесјаните 1:10). Вечен живот под такви рајски околности била Божјата првобитна намера за човештвото (1. Мојсеева 1:28; Марко 10:30). Но, како е можно обновување до такви околности?
Темелот за спасение — откупнината
6, 7. Каква е улогата на Исус во нашето спасение?
6 Вечното спасение е можно само преку Христовата откупна жртва. Зошто? Библијата објаснува дека кога Адам згрешил, тој се ‚продал‘ себеси и сите свои идни потомци, вклучувајќи нѐ и нас, во грев — наложувајќи на тој начин потреба од откупнина за да има човештвото цврсто втемелена надеж (Римјаните 5:14, 15; 7:14). Животинските жртви под Мозаитскиот закон навестувале дека Бог ќе обезбеди откупнина за целото човештво (Евреите 10:1—10; 1. Јованово 2:2). Исус бил тој чија жртва ги исполнила тие пророчки слики. Пред да се роди Исус, Јеховиниот ангел објавил: „Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови“ (Матеј 1:21; Евреите 2:10).
7 Исус на чудесен начин го родила девицата Марија, и како Божји Син не наследил смрт од Адам. Овој факт, како и неговиот пат на совршена верност му ја дале на неговиот живот вредноста која била потребна за да се откупи човештвото од гревот и смртта (Јован 8:36; 1. Коринтјаните 15:22). За разлика од сите други луѓе, Исус не бил осуден да умре поради грев. Тој намерно дошол на Земјата за „да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Бидејќи веќе го сторил тоа, сега воскреснатиот и востоличен Исус е во состојба да им даде спасение на сите кои ги задоволуваат Божјите барања (Откровение 12:10).
Што се бара за да се добие спасение?
8, 9. а) Како одговорил Исус на прашањето на богатиот млад владетел во врска со спасението? б) Како Исус ја искористил таа прилика за да ги поучи своите ученици?
8 Еднаш, еден богат млад израелски владетел го прашал Исус: „Што треба да направам, за да наследам вечен живот?“ (Марко 10:17). Неговото прашање можеби го одразувало размислувањето кое преовладувало меѓу Евреите во негово време — дека Бог бара извесни добри дела и дека ако во доволна мера се прават тие дела може да се заработи спасение од Бог. Но, таквата формална оддаденост можела да потекнува од себични мотиви. Таквите дела не успеале да обезбедат сигурна надеж за спасение, бидејќи ниеден несовршен човек не би можел навистина да одговара на Божјите мерила.
9 Како одговор на прашањето на тој човек, Исус едноставно го потсетил дека треба да биде послушен на Божјите заповеди. Младиот владетел брзо го уверил Исус дека ги држи уште од својата младост. Неговиот одговор предизвикал Исус да почувствува љубов кон него. Исус му рекол: „Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене“. Меѓутоа, младичот си заминал нажален ‚зашто имал големо богатство‘. После тоа Исус им подвлекол на своите ученици дека претераната приврзаност кон материјалните добра на овој свет спречува да се постигне спасение. Тој додал дека никој не може да добие спасение со сопствени напори. Но, Исус продолжил да ги уверува: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“ (Марко 10:18—27; Лука 18:18—23). Како е можно спасението?
10. Кои услови мора да ги исполниме за да постигнеме спасение?
10 Спасението е дар од Бог, но тој не доаѓа автоматски (Римјаните 6:23). Постојат некои основни услови кои мора да ги исполни секој поединец за да се квалификува за тој дар. Исус рекол: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. А апостол Јован додал: „Кој верува во Синот, има живот вечен; а кој не верува во Синот, нема да види живот“ (Јован 3:16, 36). Јасно, од секој поединец кој се надева да добие вечно спасение Бог бара вера и послушност. Секој мора да донесе одлука да ја прифати откупнината и да ги следи Исусовите стапки.
11. Како може еден несовршен човек да добие Јеховино одобрување?
11 Со оглед на тоа што сме несовршени, по природа не сме склони да бидеме послушни и не е возможно да бидеме совршено послушни. Затоа Јехова обезбедил откупнина која ќе ги покрие нашите гревови. Сепак, мораме постојано да настојуваме да живееме во склад со Божјите патишта. Како што му рекол Исус на богатиот млад владетел, мораме да ги држиме Божјите заповеди. Тоа донесува не само Божје одобрување туку и голема радост, зашто „Неговите заповеди не се тешки“; тие се „освежување“ (1. Јованово 5:3; Изреки 3:1, 8, NW). Сепак, не е лесно да се држиме за надежта за спасение.
‚Да водиме тешка борба за верата‘
12. Како надежта за спасение го зајакнува христијанинот да се спротивстави на неморалните искушенија?
12 Ученикот Јуда сакал да им напише на раните христијани за ‚општото [заедничко] спасение‘. Меѓутоа, лошата морална клима која преовладувала тогаш го принудила да ги советува своите браќа ‚да водат тешка борба за верата‘. Да, за да се добие спасение не е доволно човек само да има вера, да се прилепи кон вистинската христијанска вера и да биде послушен кога сѐ оди добро. Нашата оддаденост кон Јехова мора да биде доволно силна за да ни помогне да се спротивставиме на искушенијата и на неморалните влијанија. Сепак, сексуалната неумереност и перверзии, непочитувањето на авторитет, поделбите и сомневањата го земале својот данок во духот на собранието од првиот век. За да им помогне да се борат со таквите тенденции, Јуда ги поттикнал сохристијаните јасно да ја задржат на ум својата цел: „Вие, љубени, изградувајќи се на својата најсвета вера и молејќи се со свет дух, зачувајте се во Божјата љубов, додека ја чекате милоста на нашиот Господ Исус Христос со изглед за вечен живот“ (Јуда 3, 4, 8, 19—21, NW). Надежта за постигнување спасение можела да ги зајакне во нивната борба да останат морално чисти.
13. Како можеме да покажеме дека не сме ја промашиле целта на Божјата незаслужена љубезност?
13 Јехова Бог очекува примерно морално однесување од страна на оние на кои ќе им даде спасение (1. Коринтјаните 6:9, 10). Меѓутоа, држењето за Божјите морални мерила не значи да се биде осудувачки настроен кон другите. Ние не сме тие кои ја одредуваат вечната судбина на другите луѓе. Напротив, Бог ќе го стори тоа, како што Павле им рекол на Грците во Атина: „Зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек“ — Исус Христос (Дела 17:31; Јован 5:22). Ако живееме со вера во Исусовата откупнина не треба да се плашиме од претстојниот ден на суд (Евреите 10:38, 39). Важно е тоа што ние никогаш не смееме да ја ‚прифатиме Божјата незаслужена љубезност [нашето помирување со него преку откупнината], а потоа да ја промашиме нејзината цел‘, дозволувајќи да бидеме искушани со погрешно размислување и однесување (2. Коринтјаните 6:1, NW). Освен тоа, помагајќи им на другите да стекнат спасение, покажуваме дека не сме ја промашиле целта на Божјата милост. Како можеме да им помогнеме?
Споделување на надежта за спасение
14, 15. Кому Исус му доделил да ја објавува добрата вест за спасение?
14 Цитирајќи го пророкот Јоил, Павле напишал: „Бидејќи, секој, кој го призове името Господово [на Јехова, NW], ќе се спаси“. Потоа, додал: „Но како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник?“ Неколку стиха понатаму, Павле истакнува дека верата не доаѓа спонтано; напротив, таа „доаѓа од слушање“ т.е. „од словото Божјо [речта за Христос, NW]“ (Римјаните 10:13, 14, 17; Јоил 2:32).
15 Кој ќе им ја пренесе „речта за Христос“ на нациите? Исус им го доделил тоа дело на своите ученици — оние кои веќе биле поучени за „речта“ (Матеј 24:14; 28:19, 20; Јован 17:20). Кога учествуваме во делото на проповедање на Царството и на правење ученици, го правиме токму она за кое пишувал апостол Павле, цитирајќи го овојпат Исаија: „Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто“! Дури и ако многумина не ја прифаќаат добрата вест која им ја носиме, нашите нозе сепак се „убави“ за Јехова (Римјаните 10:15; Исаија 52:7).
16, 17. За која двострука цел служи нашето дело на проповедање?
16 Исполнувањето на овој налог служи за две важни цели. Прво, добрата вест мора да се проповеда за да се велича Божјето име и за да знаат каде да се обратат оние кои сакаат спасение. Павле го разбрал овој аспект од налогот. Тој рекол: „Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“. Според тоа, како ученици на Христос, секој од нас мора да има удел во пренесувањето на пораката за спасение до луѓето (Дела 13:47; Исаија 49:6).
17 Второ, со проповедањето на добрата вест се полага темелот за Божјиот праведен суд. Во врска со тој суд, Исус рекол: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите“. Иако судењето и одвојувањето ќе се врши „кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава“, делото на проповедање денес им дава на луѓето прилика да ги препознаат Христовите духовни браќа и да работат на тоа да ги поддржуваат заради сопствено вечно спасение (Матеј 25:31—46).
Задржи ‚потполна сигурност во надежта‘
18. Како можеме да ја одржиме сјајна нашата ‚надеж за спасение‘?
18 Нашето активно учество во делото на проповедање е и средство кое ни помага да ја одржиме сјајна нашата надеж. Павле напишал: „Но сакаме секој од вас да ја покажува истата трудољубивост за да ја имате потполната сигурност во надежта сѐ до крајот“ (Евреите 6:11, NW). Тогаш, нека секој од нас ја облече „како шлем надежта за спасение“, спомнувајќи си на тој начин дека „Бог не нѐ одредил за гнев, туку за постигнување на спасение преку нашиот Господ Исус Христос“ (1. Солуњаните 5:8, 9, NW). Да го земеме при срце и силниот поттик на Петар: „Затоа, опашајте го својот ум за активност, бидете потполно трезвени; положете ја својата надеж во незаслужената љубезност која ќе ви биде донесена“ (1. Петрово 1:13, NW). Сите кои го прават тоа ќе го доживеат исполнувањето на нивната ‚надеж за спасение‘ во потполност!
19. Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Во меѓувреме, какво треба да биде нашето гледиште за времето кое му преостанува на овој систем? Како можеме да го искористиме времето за да постигнеме спасение за себеси и за другите? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто мора да ја одржуваме сјајна нашата ‚надеж за спасение‘?
• Што вклучува спасението?
• Што мора да правиме за да го добиеме дарот спасение?
• Што се постигнува со нашето дело на проповедање во склад со Божјата намера?
[Слики на страница 10]
Спасението значи повеќе отколку само избавување од уништување