Кој ќе го избегне ‚времето на неволја‘?
„Секој кој го повикува името Јеховино ќе се избави“ (ЈОЕЛ 2:32, NW).
1. Според Даниел и Малахија, што ги карактеризира оние кои чекаат спасение во текот на претстојното ‚време на неволја‘?
ЧЕКАЈЌИ го нашето време, пророкот Даниел напишал: „Ќе се случи време на неволја какво што никогаш не се случило откако настанала некоја нација до тоа време. И во тоа време твојот народ ќе се избави, секој кој ќе се најде запишан во книгата“ (Даниел 12:1, NW). Навистина утешни зборови! Јехова ќе се сети на својот признат народ, токму како што изјавува Малахија 3:16, Ст: „Но кога разговараа оние кои се плашеа од Бог, Јахве внимава, ги слуша, и тоа се пишува пред нив во книгата споменица во корист на оние кои се плашат од Јахве и го почитуваат неговото Име“.
2. Кој е резултатот ако се размислува за Јеховиното име?
2 Размислувањето за Јеховиното име води до точно спознание за него, за неговиот Христос и за сите негови величествени намери за Царството. На тој начин, неговиот народ учи длабоко да го почитува, да стапи во присен предаден однос со него, и да го љуби ‚со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила‘ (Марко 12:33; Откровение 4:11). Јехова ја направил милосрдната подготовка, преку жртвата на Исус Христос, за кротките на Земјата да најдат бескраен живот. Затоа, тие можат со доверба да ги повторат зборовите на небесната војска која го фалела Бог кога се родил Исус, велејќи: „Слава на Бог горе на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:14, NW).
3. Која постапка од Јехова мора да се случи пред да дојде мир на Земјава?
3 Тој мир е многу поблиску отколку што многу луѓе мислат. Но првин мора да дојде извршување на Јеховината осуда над расипаниот свет. Неговиот пророк Софонија објавува: „Големиот ден Јеховин е близу. Близу е и многу ита“. Каков ден е тоа? Пророштвото продолжува: „Звукот на денот Јеховин е горчлив. Таму и силниот човек испушта крик. Тој ден е ден на гневот, ден на неволја и на тескоба, ден на бура и опустошување, ден на темнина и на мрак, ден на облаци и на густа мрачнина, ден на труба и на знак за тревога, против утврдените градови и против високите аглести кули. И ќе создадам неволја за човештвото, и сигурно ќе одат како слепи луѓе; зашто згрешиле против Јехова“ (Зефанија 1:14-17, NW; види и Авакум 2:3; 3:1-6, 16-19).
4. Кој денес одговара на повикот да го запознае и да му служи на Бог?
4 За среќа, милиони денес одговараат на повикот да го запознаат и да му служат на Бог. За помазаните христијани, кои се земени во новиот сојуз, било проречено: „Сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ“ (Јеремија 31:34). Тие предводеле во современото дело на сведочење. А сега, додека сѐ повеќе и повеќе членови на помазаниот остаток го завршуваат својот земски пат, ‚големото мноштво‘ „други овци“ дошле да ‚Му служат и дење и ноќе‘ во неговото уредување налик на храм (Откровение 7:9, 15; Јован 10:16). Дали си ти еден од оние кои се радуваат на таа непроценлива предност?
Како доаѓаат „пожелните работи“
5, 6. Кое дело на спасување се одвива пред сите нации да бидат разнишани во уништување?
5 Да свртиме сега во Агеј 2:7, (NW), кадешто Јехова пророкува за неговиот духовен дом на обожавање. Тој вели: „Ќе ги потресам сите нации, и мора да дојдат пожелните работи од сите нации; и оваа куќа ќе ја наполнам со слава“. Библиските пророштва покажуваат дека ‚разнишувањето на нациите‘ се однесува на Јеховиното извршување на осуда над нив (Наум 1:5, 6; Откровение 6:12-17). Според тоа, постапката на Јехова проречена во Агеј 2:7, ќе достигне кулминација така што нациите ќе бидат изнишани од постоење — уништени. Но што е со „пожелните работи од сите нации“? Дали и тие мораат да го чекаат тоа конечно уништувачко нишање за да бидат доведени? Тешко.
6 Јоел 2:32 (NW) вели дека „секој кој го повикува името Јеховино, сигурно ќе се избави; зашто на гората Сионска и во Ерусалим ќе бидат избавените, токму како што рекол Јехова, и помеѓу преживеаните, кои Јехова ги повикува“. Јехова ги извлекува, а тие го повикуваат неговото име со вера во Исусовата жртва пред жестокото тресење во големата неволја. (Спореди Јован 6:44; Дела на св. апостоли 2:38, 39.) Драгоценото големо мноштво, кое сега брои повеќе од четири милиони, среќно ‚доаѓа во‘ Јеховината куќа на обожавање очекувајќи го неговото ‚нишање на сите нации‘ во Армагедон (Откровение 7:9, 10, 14).
7. Што е вклучено во ‚повикувањето на името Јеховино‘?
7 Како овие преживеани го повикуваат името Јеховино? Јаков 4:8, (NW) ни покажува како: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам. Исчистете ги рацете, грешници, и исчистете ги срцата, вие кои сте неодлучни“. По примерот на помазаниот остаток кој предводел, оние кои се надеваат да бидат дел од големото мноштво преживеани од Армагедон, мораат да постапуваат одлучно. Ако се надеваш да преживееш, мораш обилно да пиеш од Јеховината прочистувачка Реч и да ги применуваш неговите праведни мерила во својот живот. Мораш да бидеш одлучен во тоа да му го предадеш својот живот на Јехова и тоа да го симболизираш со крштение во вода. Твоето повикување на Јехова со вера вклучува и сведочење за него. Затоа, во Римјаните 10. поглавје, стихови 9 и 10, (NW), Павле пишува: „Ако јавно го објавиш тој ‚збор во твојата уста‘, дека Исус е Господ, и покажуваш вера во своето срце дека Бог го подигнал од мртвите, ќе бидеш спасен. Зашто со срцето се покажува вера за праведност, но со устата се дава јавна изјава за спасение“. Потоа, во стих 13, апостолот го цитира Јоиловото пророштво, нагласувајќи дека „секој кој го повикува името Јеховино, ќе биде спасен“.
‚Барајте, барајте, барајте‘
8. (а) Што бара Јехова за спасение, според пророкот Софонија? (б) Какво предупредување ни пренесува зборот „можеби“ во Софонија 2:3?
8 Ако свртиме во библиската книга Софонија, 2. поглавје, стихови 2 и 3, (NW), ќе прочитаме што Јехова бара за спасение: „Пред законската одредба да роди нешто, пред да помине денот како плева, пред да дојде на вас разгорениот гнев Јеховин, пред да дојде на вас денот на Јеховиниот гнев, барајте го Јехова, сите кротки на земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте праведност, барајте кроткост. Можеби ќе бидете сокриени на денот на Јеховиниот гнев“. Забележи го зборот „можеби“. Тоа не е еднаш спасен–засекогаш спасен. Дали ќе бидеме сокриени тој ден, зависи од тоа дали ќе продолжиме да ги правиме тие три работи. Мораме да го бараме Јехова, да бараме праведност и да бараме кроткост.
9. Како се наградени оние кои бараат кроткост?
9 Навистина е прекрасна наградата кога се бара кроткоста! Во Псалм 36, стихови 9 до 11, читаме: „Оние, кои се надеваат на Господа [Јехова, NW], ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“. А што со барањето на праведност? Стих 29 наведува: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. За барањето на Јехова, стиховите 39 и 40 ни кажуваат: „Спасението, пак, на праведниците доаѓа од Господа [Јехова, NW] и Он е нивни заштитник во тешко време; и ќе им помага Господ и ќе ги избави; ќе ги одбере од грешниците и ќе ги запази, зашто на него се надеваат“.
10. Кои се познати по тоа што одбиваат да го бараат Јехова и да бараат кроткост?
10 Сектите на т.н. христијанство промашиле во барањето на Јехова. Нивните свештеници дури и го отфрлуваат неговото драгоцено име, дрско отстранувајќи го од своите библиски преводи. Повеќе сакаат да обожаваат безимен Господ или Бог и да му оддаваат почит на паганско Тројство. Освен тоа, т.н. христијанство не бара праведност. Многу од неговите следбеници го присвојуваат или го поддржуваат премногу слободниот начин на живот. Наместо да ја бараат кроткоста како Исус, тие, на пример, се фалат на телевизија со раскошното и често неморално живеење. Свештениците се гојат на сметка на стадата. Според зборовите од Јаков 5:5 (NW), тие „живееле на земјата во луксуз и ги сакале телесните задоволства“. Како што Јеховиниот ден се приближува, сигурно ќе сфатат дека инспирираните зборови се однесуваат на нив: „Богатството нема да помогне во денот на гневот“ (Соломонови изреки 11:4).
11. Кој е човекот на беззаконието и како тој натрупал огромна вина за крв?
11 Во првиот век н. е., како што апостол Павле кажува во своето второ писмо до Солунјаните, некои христијани биле вознемирени и мислеле дека Јеховиниот ден дошол над нив. Но Павле ги предупредил дека прво требало да дојде големиот отпад, и требало да се открие „човекот на беззаконието“ (2. Солуњанима 2:1-3, Бакотиќ). Сега, во 20. век, можеме да ја увидиме огромната раширеност на тоа отпадништво и колку свештенството на т.н. христијанство е беззаконо во Божји очи. Од 1914, во овие последни денови, свештенството натрупало огромна вина за крв со тоа што го поддржува ‚прековувањето на плуговите во мечеви‘ (Јоил 3:10). Тие продолжиле да учат и лажни науки, како што се наследна бесмртност на човечката душа, чистилиште, измачување во пеколен оган, крштевање на мали деца, Тројство и слично. Каде ќе се најдат кога Јехова ќе ги изврши своите судски одлуки? Во Соломоновите изреки 19:5 стои: „Кој говори лага, нема да се спаси“.
12. (а) Што претставуваат човечкото „небо“ и „земја“ коишто наскоро ќе бидат уништени? (б) Што учиме од претстојното уништување на овој злобен свет?
12 Во 2. Петрово 3:10, (NW) читаме: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец, во кој ден небото ќе помине со пискот, а елементите ќе се растопат од усвитеност, и земјата и делата на неа ќе бидат откриени“. Расипаните владетелства кои како небо го покриле човештвото, заедно со сите елементи кои го сочинуваат денешното декадентно човечко општество, ќе бидат избришани од Божјата Земја. Производителите и трговците на оружјето за страшниот суд, измамниците, лицемерните религионисти и нивните свештеници, оние кои го унапредуваат расипништвото, насилството и криминалот — сите тие ќе исчезнат. Ќе бидат растопени во Јеховиниот гнев. Но во 11. и 12. стих, Петар го додава тоа предупредување за христијаните: „Бидејќи сите овие работи ќе се растопат, какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на оддаденост на Бог, очекувајќи го присуството на Јеховиниот ден и цврсто задржувајќи го на ум“ (NW).
Михаил стапува во акција!
13, 14. Кој е големиот Бранител на Јеховиното владетелство, и како тој бил активен од 1914?
13 Како некој ќе постигне спасение во текот на Јеховиното „време на неволја“? Божјиот Посредник за давање на спасение е архангелот Михаил, чие име значи: „Кој е како Бог?“ Затоа е прикладно што тој е Оној кој го оправдува Јеховиното владетелство и го поддржува Јехова како единствениот вистинит Бог и законски Суверен Господар на целата вселена.
14 Какви необични настани се опишани во Откровение 12. поглавје, стихови 7 до 17, во врска со „денот Господов“ од 1914 наваму! (Откровение 1:10, Ст). Архангелот Михаил го исфрла отпадничкиот Сатана од небото долу на Земјата. Подоцна, како што е опишано во Откровение 19. поглавје, од 11. до 16. стих, оној кој е наречен „Верен и Вистинит“ ‚ја гази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот‘. Тој моќен небесен воин е наречен „,Цар над царевите‘ и ‚Господар над господарите‘“. Конечно, Откровение 20. поглавје, 1. и 2. стих, кажува за еден голем ангел кој го фрла Сатана во бездната и таму го затвора на илјада години. Очигледно дека сите овие библиски стихови укажуваат на единствениот Бранител на Јеховината сувереност, Господинот Исус Христос, кого Јехова го поставил на неговиот славен небесен престол во 1914.
15. На кој посебен начин Михаил наскоро ќе „се крене“?
15 Откако бил устоличен како Цар во 1914, Михаил, како што е наведено во Даниел 12:1 „стои“ во корист на Јеховиниот народ. Но наскоро, во една посебна смисла, Михаил ќе „се крене“ — како Јеховин Посредник да ја отстрани сета злоба од Земјата и како Ослободител на светското општество на Божјиот народ. Колку ќе биде величествено тоа „време на неволја“ ни покажуваат Исусовите зборови во Матеј 24:21, 22: „Тогаш ќе биде мака [неволја, NW], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“.
16. Какво тело ќе биде спасено за време на големата неволја?
16 Колку можеме да бидеме среќни што некои тела ќе бидат спасени во тоа време! Не, не како бунтовните Евреи кои биле фатени во стапица во Ерусалим во 70 н.е., од кои некои биле одведени како робови во Рим. Наместо тоа, оние кои ќе се спасат во „времето на свршетокот“, ќе биде како христијанското собрание кое веќе побегнало од Ерусалим кога започнала конечната опсада. Тоа ќе биде Божјиот сопствен народ, милионите од големото мноштво заедно со некои од помазаните кои можеби сѐ уште ќе бидат на Земјата (Даниел 12:4, Ст). Големото мноштво ‚дојде од големата неволја‘. А зошто? Затоа што ‚тие ги испрале своите облеки и ги избелиле во крвта на Јагнето‘. Тие покажуваат вера во откупната моќ на Исусовата пролиена крв и ја покажуваат таа вера така што лојално му служат на Бог. Дури и сега, Јехова, „кој седи на престолот“, го простира својот заштитнички шатор над нив, додека Јагнето, Исус Христос, ги пасе и ги води до извори на води на животот (Откровение 7:14, 15, NW).
17. Како големото мноштво е особено поттикнато да постапува за да биде сокриено за време на претстојниот ден на неволја?
17 Додека го бараат Јехова, праведноста и кроткоста, милионите од големото мноштво никогаш не смеат да дозволат да олади нивната прва љубов спрема вистината! Ако си ти еден од тие поединци слични на овци, што мораш да правиш? Како што е наведено во Колосјаните 3. поглавје, од 5. до 14. стих, мораш потполно ‚да го соблечеш стариот човек со неговите дела‘. Барајќи божествена помош, стреми се да ‚го облечеш новиот човек, кој се обновува во [точното, NW] спознание‘. Во кроткост, изгради и задржи ревност во фалењето на Јехова и објавувај им ги на другите неговите величествени намери. На овој начин, можеш да бидеш сокриен во ‚времето на неволја‘, на денот на „разгорениот Јеховин гнев“.
18, 19. На кој начин истрајноста станала важна за спасение?
18 Тој ден е близу! Брзо се приближува кон нас. Собирањето на поединци од големото мноштво е во тек веќе 57 години. Многу од нив умреле и го очекуваат своето воскресение. Но преку пророштвото на Откровение ние сме уверени дека како група големото мноштво ќе излезе од големата неволја како јадро на општеството на ‚новата земја‘ (Откровение 21:1). Ќе бидеш ли ти таму? Тоа е возможно, бидејќи во Матеј 24:13 Исус рекол: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“.
19 Притисоците кои Јеховиниот народ би можел да ги доживее во овој стар систем, можеби и понатаму ќе се зголемуваат. И кога ќе удри болната голема неволја, можеби ќе претрпиш тешкотии. Но остани близу до Јехова и неговата организација. Остани буден! „Чекајте Ме, вели Господ [Јехова, NW], до оној ден кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја“ (Софонија 3:8).
20. Што мора да правиме додека незапирливото „време на неволја“ се приближува сѐ поблиску?
20 За наша заштита и охрабрување, Јехова великодушно го обезбедил својот народ со „чист јазик“, кој ја вклучува величествената порака за неговото претстојно Царство, „за сите да го привикуваат името Јеховино, за да му служат рамо до рамо“ (Зефанија 3:9, NW). Како што незапирливото „време на неволја“ ита поблиску, да служиме со ревност, помагајќи им на другите кротки да ‚го повикуваат името Јеховино‘ за спасение.
Се сеќаваш ли?
◻ Која постапка од Јехова ќе претходи на донесувањето мир на Земјата?
◻ Според Јоил, што мора некој да направи за да биде спасен?
◻ Според Софонија, како можат кротките да најдат заштита од Јеховиниот разгорен гнев?
◻ Кој е „човекот на беззаконието“ и како тој натрупал вина за крв?
◻ Колку е важна истрајноста во врска со спасението?