Оди и понатаму со Бог
„Живејте [Одете и понатаму, NW] по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“ (ГАЛАТЈАНИТЕ 5:16).
1. а) Среде какви услови и колку долго Енох одел со Бог? б) Колку долго Ное одел со Бог, и какви тешки одговорности имал тој?
БИБЛИЈАТА ни кажува дека Енох ‚одел и понатаму со вистинитиот Бог‘. И покрај шокантниот говор и безбожното однесување на луѓето околу него, тој истрајал во одењето со Бог сѐ до крајот на својот живот на 365-годишна возраст (1. Мојсеева 5:23, 24, NW; Јуда 14, 15). И Ное ‚одел со вистинитиот Бог‘. Тоа го правел додека го подигал своето семејство, додека излегувал на крај со еден свет што бил под влијание на бунтовните ангели и нивното насилничко потомство, и додека се грижел за сите детали што биле вклучени околу градењето на една огромна арка што била поголема од кое и да е поморско пловило од древните времиња. Тој одел и понатаму со Бог после општиот потоп, дури и кога кај Вавилон повторно се јавила побуна против Јехова. Навистина, Ное одел и понатаму со Бог сѐ до својата смрт на возраст од 950 години (1. Мојсеева 6:9, NW; 9:29).
2. Што се мисли со ‚одење со Бог‘?
2 Кога вели дека овие мажи од вера ‚оделе‘ со Бог, Библијата го употребува терминот во преносна смисла. Тоа значи дека Енох и Ное се однесувале на начин кој дал доказ за цврста вера во Бог. Тие го правеле она што им го заповедал Јехова и ги регулирале своите животи во склад со она што го знаеле за него од неговите постапки со човештвото. (Спореди 2. Летописи 7:17.) Тие не изразувале само умствена согласност со она што го рекол и правел Бог туку и постапувале според сето она што тој го барал — не само според нешто од тоа туку според сето тоа онолку колку што им било можно како несовршени луѓе. На тој начин, на пример, Ное го правел токму она што Бог му заповедал (1. Мојсеева 6:22). Ное не истрчувал пред упатствата што му биле давани и не заостанувал немарно одзади. Како оној кој уживал присност со Јехова, чувствувајќи се слободен да му се моли на Бог и ценејќи го божественото упатство, тој одел со Бог. Дали ти го правиш тоа?
Доследен животен правец
3. Што е животоважно за сите кои се предадени и крстени слуги на Бог?
3 Ти се грее срцето кога посматраш како луѓето почнуваат да одат со Бог. Додека преземаат позитивни чекори во склад со Јеховината волја, тие даваат доказ за вера, без која никој не може да му угоди на Бог (Евреите 11:6). Колку само се радуваме што во изминативе пет години, секоја година преку 320.000 лица му се предаваа на Јехова и му се претставуваа за крштавање во вода! Но, за нив и за сите нас исто така е важно и понатаму да одиме со Бог (Матеј 24:13; Откровение 2:10).
4. Иако покажале некаква вера, зошто повеќето од Израелците кои го напуштиле Египет не влегле во Ветената земја?
4 Во времето на Мојсеј, била потребна вера за некое израелско семејство да ја слави Пасхата во Египет и да ја испрска крвта на довратниците и на горниот дел од влезот од својот дом (2. Мојсеева 12:1—28). Меѓутоа, верата на мнозина се поколебала кога ја виделе фараоновата војска веднаш зад нив кај Црвеното Море (2. Мојсеева 14:9—12). Псалм 105:12 покажува дека, кога безбедно поминале преку сувото корито и ги виделе разбранетите води како ја уништуваат египетската војска, тие повторно ‚поверувале на [Јеховините] зборови‘. Меѓутоа, кратко време подоцна во пустелијата, Израелците почнале да се жалат во врска со питката вода, храната и надгледувањето. Негативниот извештај на 10 од 12-те шпиони кои се вратиле од Ветената Земја, ги исплашил. Под овие околности, како што вели Псалм 105:24, ‚тие не Му верувале на [Божјиот] збор‘. Сакале да се вратат во Египет (4. Мојсеева 14:1—4). Каква било вера и да имале, таа оживувала само кога ќе виделе извесни вонредни покази на божествена моќ. Не оделе постојано со Бог. Како последица од тоа, тие Израелци не влегле во Ветената земја (Псалм 94:10, 11).
5. На кој начин 2. Коринтјаните 13:5 и Изреки 3:5, 6 се поврзани со одењето со Бог?
5 Библијата нѐ опоменува: „Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами испитувајте се!“ (2. Коринтјаните 13:5). Да се биде „во верата“ значи да се придржуваме за телото од христијански верувања. Ова е животоважно ако сакаме да успееме во одењето со Бог во сите денови од нашиот живот. За да одиме со Бог, мораме и да ја практикуваме особината вера, ставајќи потполна доверба во Јехова (Изреки 3:5, 6). Постојат бројни јамки и клопки што можат да ги фатат во стапица оние кои пропуштаат да го сторат тоа. Кои се некои од нив?
Избегнувај ја стапицата на самоувереност
6. Што знаат сите христијани за блудот и прељубата, и што мислат тие во врска со овие гревови?
6 Секој кој ја проучувал Библијата, кој му го предал својот живот на Јехова и се крстил, знае дека Божјата Реч осудува блуд и прељуба (1. Солунјаните 4:1—3; Евреите 13:4). Таквите се согласуваат дека тоа е точно. Тие мислат да живеат во склад со тоа. Па сепак, сексуалниот неморал и понатаму е една од најделотворните стапици на Сатана. Зошто?
7. Како израелските мажи во Рамниците на Моав се вплеткале во однесување за кое знаеле дека е неисправно?
7 На почетокот, оние кои се вплеткуваат во такво неморално однесување можеби не планираат да го прават тоа. Можеби тоа било случај и со Израелците во Рамниците на Моав. Моавките и Мадијамките кои ги заведувале израелските мажи кои биле уморни од животот во пустелијата, можеби отпрвин им изгледале пријателски настроени и гостољубиви. Но, што се случило кога Израелците ги прифатиле поканите за дружење со луѓе кои му служеле на Ваал а не на Јехова, луѓе кои дозволувале нивните девојки (дури и од угледни семејства) да имаат сексуални односи со мажи со кои не се мажени? Кога мажите од израелскиот логор почнале да гледаат на таквите дружења како на пожелни, тие биле заведени да прават работи за кои знаеле дека се неисправни, а тоа ги чинело живот (4. Мојсеева 22:1; 25:1—15; 31:16; Откровение 2:14).
8. Во нашево време, што може да го доведе христијанинот до сексуален неморал?
8 Што би можело да предизвика едно лице да падне во слична стапица во нашево време? Иако можеби ја знае сериозноста од сексуалниот неморал, доколку не ја сфаќа опасноста од самоувереноста, може да си дозволи да се впушти во некоја ситуација во која заведувањето кон престапување го совладува неговиот разум (Изреки 7:6—9, 21, 22; 14:16).
9. Кои библиски предупредувања можат да нѐ штитат од неморал?
9 Со едноставен јазик, Божјата Реч нѐ предупредува да не бидеме заведени од помислата дека сме толку јаки што лошите друштва нема да нѐ расипат. Тоа вклучува гледање телевизиски програми кои ги прикажуваат животите на неморални луѓе, како и гледањето списанија кои стимулираат неморални желби (1. Коринтјаните 10:11, 12; 15:33, NW). Дури и дружењето со соверниците под неисправни околности може да доведе до сериозни проблеми. Привлечноста меѓу половите е силна. Затоа, со грижа полна со љубов, Јеховината организација предупредува да не се биде насамо и надвор од погледот на јавноста со некој од спротивниот пол со кого не сме венчани или кој не е член на семејството. За да одиме и понатаму со Бог, треба да ја избегнуваме стапицата на самоувереност и да внимаваме на предупредувачкиот совет што Тој ни го дава (Псалм 84:8).
Не дозволувај да те контролира стравот од човек
10. На кој начин ‚треперењето пред луѓето‘ поставува стапица?
10 Една друга опасност е идентификувана во Изреки 29:25, каде се вели: „Оние што се плашат [треперат, NW] и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат“. Стапицата на еден ловец честопати вклучува една јамка која цврсто се стегнува околу вратот или, пак, јажиња што ги заплеткуваат нозете на животното (Јов 18:8—11). Треперењето пред луѓето може на сличен начин на едно лице да му ја задуши способноста да зборува слободно и да се однесува на начин кој му е угоден на Бог. Желбата да им се угоди на другите е нормална, а нечувствителната безобѕирност спрема она што мислат другите луѓе не е христијанска. Но, потребна е урамнотеженост. Кога грижата за можните реакции на другите луѓе предизвикува едно лице да го прави она што Бог го забранува или, пак, да се воздржува да го прави она што Божјата Реч го заповеда, тој поединец е фатен во стапица.
11. а) Како можеш да се заштитиш од тоа да те контролира стравот од човек? б) На кој начин Јехова им помагал на своите слуги кои се бореле со стравот од човек?
11 Заштитата од таквата замка не лежи во нечиј природен став, туку во ‚надевањето на [довербата во, NW] Господа‘ (Изреки 29:25б). Со доверба во Бог, дури и едно лице кое по природа е срамежливо, може да се покаже како храбро и непоколебливо. Сѐ додека сме опкружени со притисоците на овој сатански систем на ствари, ќе треба да внимаваме на стравот од човек кој фаќа во стапица. Иако пророкот Илија имал добро досие на храбра служба, кога Језавела му се заканувала дека ќе даде да го убијат, тој уплашено побегнал (3. Царства 19:2—18). Под притисок, апостол Петар уплашено негирал дека го познава Исус Христос, а со години подоцна дозволил стравот да го натера да се однесува на начин спротивен на верата (Марко 14:66—71; Галатјаните 2:11, 12). Меѓутоа, и Илија и Петар прифатиле духовна помош и, со верба во Јехова, и понатаму му служеле на Бог на прифатлив начин.
12. Кои современи примери покажуваат како им било помогнато на поединци да не дозволат стравот да ги натера да се воздржуваат да му угодат на Јехова?
12 Многу Јеховини слуги во нашево време исто така научиле како да го победат стравот што фаќа во стапица. Една тинејџерка Сведок од Гвајана признала: „В училиште, борбата да се спротивставуваш на притисокот од врсниците е силна“. Но, додала: „Таква е и мојата вера во Јехова“. Кога нејзиниот наставник ја исмејувал пред целото одделение поради нејзината вера, таа тивко се помолила на Јехова. Подоцна, насамо му дала тактично сведоштво на наставникот. За време на една посета во својот роден град во Бенин, еден младич кој учел за Јеховините барања, одлучил да се куртули од еден идол што му го изработил татко му. Младичот знаел дека ликот е безживотен и не се плашел од него, но исто така бил свесен дека бесните селани би можеле да се обидат да го убијат. Му се помолил на Јехова и потоа, ноќе, го однел идолот во грмушките и го отстранил. (Спореди Судии 6:27—31.) Кога една жена во Доминиканската Република почнала да му служи на Јехова, нејзиниот сопруг барал таа да избере помеѓу него и Јехова. Човекот ѝ се заканувал со развод. Дали стравот ќе ја натера да ја отфрли својата вера? Таа одговорила: „Да беше вклучена неверност, јас би се срамела, но не се срамам што му служам на Јехова Бог!“ Таа постојано одела со Бог и, со текот на времето, нејзиниот сопруг ѝ се придружил во вршењето на Јеховината волја. Со потполна доверба во нашиот небесен Татко, и ние можеме да избегнеме да дозволиме стравот од човек да нѐ натера да се воздржуваме од правењето на она за кое знаеме дека ќе му биде угодно на Јехова.
Избегнувај да го потценуваш советот
13. На која стапица сме предупредени во 1. Тимотеј 6:9?
13 Иако некои стапици што ги користат ловците се наменети да фатат какво и да било животно кое случајно ќе наиде на извесно место, има и други стапици што ги мамат животните преку измамнички привлечна мамка. За многу луѓе, такво е богатството (Матеј 13:22). Во 1. Тимотеј 6:8, 9, Библијата нѐ охрабрува да бидеме задоволни со храната и облеклото. Потоа предупредува: „Оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“.
14. а) Што би можело да спречи едно лице да го земе при срце советот да биде задоволно со храната и облеклото? б) Како би можело погрешното дефинирање на богатството да натера некого да го потцени предупредувањето забележано во 1. Тимотеј 6:9? в) На кој начин „желбата на очите“ би можела да ги направи некои слепи за стапицата што ги чека?
14 И покрај ова предупредување, мнозина се фаќаат во стапица затоа што не го применуваат советот на себеси. Зошто? Дали можеби затоа што гордоста ги тера да инсистираат на придржување за начин на живот што бара повеќе отколку ‚храната и облеклото‘, за кои Библијата силно нѐ поттикнува да бидеме задоволни со нив? Дали тие можеби го потценуваат библиското предупредување затоа што богатството го дефинираат според тоа што поседуваат многу богатите луѓе? Решеноста да се биде богат, Библијата едноставно ја става во контраст со тоа да се биде задоволен со храната и облеклото. (Спореди Евреите 13:5.) Дали „желбата на очите“ — желбата да се поседуваат работите што тие ги гледаат, дури и по цена на духовните стремежи — ги тера интересите на вистинското обожавање да ги туркаат на второ место? (1. Јованово 2:15—17; Агеј 1:2—8). Колку само се посреќни оние кои навистина го земаат при срце библискиот совет и одат со Бог така што службата за Јехова ја прават средишна точка на својот живот!
Излегување на крај со животните грижи
15. Кои ситуации разбирливо предизвикуваат тегобна загриженост за мнозина од Јеховиниот народ, и за која стапица мораме да бидеме свесни кога сме под таков притисок?
15 Повообичаена од решеноста за збогатување е тегобната загриженост да се набави она што е неопходно за живот. Многу Јеховини слуги живеат само со минимални имоти. Тие работат напорно многу часови за да имаат основна облека, место каде што нивното семејство ќе спие ноќе и барем нешто храна за денот. Други се борат со проблеми предизвикани од болест или од стареењето кај нив лично или кај членовите на семејството. Колку само би било лесно да дозволат таквите околности да ги истиснат духовните интереси од нивниот живот! (Матеј 13:22).
16. Како ни помага Јехова да излеземе на крај со животните притисоци?
16 Со љубов, Јехова ни кажува за олеснувањето што ќе биде доживеано под Месијанското Царство (Псалм 71:1—4, 16; Исаија 25:7, 8). Тој исто така ни помага да излеземе на крај со сегашните притисоци на животот, така што ни дава совет за тоа како да ги чуваме нашите приоритети исправни (Матеј 4:4; 6:25—34). Преку извештајот за тоа како им помагал на своите слуги во минатите времиња, Јехова нѐ охрабрува (Јеремија 37:21; Јаков 5:11). Тој нѐ зајакнува со спознанието дека, без разлика каква неволја ќе дојде врз нас, неговата љубов кон неговите лојални слуги останува постојана (Римјаните 8:35—39). На оние кои ја полагаат својата доверба во Јехова, Тој им изјавува: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5).
17. Наведи примери за тоа како поединци кои доживувале тешка неволја, биле во состојба и понатаму да одат со Бог?
17 Зајакнати со ова спознание, вистинските христијани и понатаму одат со Бог, наместо да се свртуваат кон световни патишта. Вообичаена световна филозофија меѓу сиромашните во многу земји е дека земањето од некој кој има повеќе за да можеш да го нахраниш своето семејство, не е крадење. Но, оние кои одат со вера, го отфрлаат тоа гледиште. Тие високо го вреднуваат Божјето одобрение над сѐ друго и очекуваат од Него да го награди нивното чесно однесување (Изреки 30:8, 9; 1. Коринтјаните 10:13; Евреите 13:18). Една вдовица од Индија установила дека спремноста да се работи, заедно со досетливоста, ѝ помогнале да излезе на крај. Наместо да биде огорчена поради својата животна ситуација, таа била свесна дека, ако Божјето Царство и Неговата праведност ги стави на прво место во својот живот, Јехова ќе ги благослови нејзините напори да ги добие неопходните работи за себе и за својот син (Матеј 6:33, 34). Многу илјади ширум Земјата покажуваат дека, без оглед на неволјата што можеби ја доживуваат, Јехова е нивно прибежиште и тврдина (Псалм 90:2). Дали тоа важи и за тебе?
18. Кој е клучот за избегнување на стапиците на Сатановиот свет?
18 Сѐ додека живееме во сегашниов систем на ствари, ќе има стапици што треба да се избегнуваат (1. Јованово 5:19). Библијата ги идентификува нив и ни покажува како да ги избегнуваме. Оние кои навистина го љубат Јехова и кои имаат здрав страв да не предизвикаат негово незадоволство, можат успешно да излезат на крај со таквите стапици. Ако ‚живеат по Духот‘, нема да подлегнат на световните патишта (Галатјаните 5:16—25). Пред сите оние кои својот живот навистина го градат околу односот со Јехова, постои величествениот изглед да одат со Бог, уживајќи присност со него засекогаш (Псалм 24:14).
Каков е твојот коментар?
◻ Како може самоувереноста да биде стапица?
◻ Што може да нѐ чува од тоа да бидеме контролирани од стравот од човек?
◻ Што би можело да нѐ наведе да пропуштиме да го примениме советот во врска со опасноста од тежнеењето по богатство?
◻ Што може да ни овозможи да ја избегнеме стапицата на тегобната загриженост за животот?
[Слика на страници 16 и 17]
Мнозина и понатаму одат со Бог во животот