Здрава основа за оптимизам денес
ИСТОРИЧАРОТ и социолог Х. Џ. Велс, роден 1866, извршил силно влијание врз размислувањето во 20 век. Преку своите списи го изложил своето уверување дека милениумот ќе се совпадне со напредниот марш на науката. Затоа, Collier’s Encyclopedia се сеќава на Велсовиот „безграничен оптимизам“ додека работел непрестајно за да ја унапреди својата кауза. Но, таа исто така забележува дека неговиот оптимизам бил разнесен кога избувнала II светска војна.
Додека Велс дошол до сфаќањето дека „науката би можела да придонесе за злото, како и за доброто, неговата вера го напуштила и тој западнал во песимизам“ — наведува Chambers’s Biographical Dictionary. Зошто се случило тоа?
Велсовата вера и оптимизам се темелеле само на човечки достигнувања. Кога сфатил дека човештвото е неспособно да ја постигне неговата Утопија, тој немал накаде да се сврти. Очајот брзо се претворил во песимизам.
Денес, многу луѓе го имаат истото доживување од истата причина. Преполни се со оптимизам кога се млади, но запаѓаат во мрачен песимизам додека стареат. Постојат дури и млади кои се откажуваат од таканаречениот нормален начин на живот и се впуштаат во злоупотреба на дрога, промискуитет и во други деструктивни начини на живот. Каде лежи одговорот? Разгледај ги следниве примери од библиски времиња и види каква основа за оптимизам постои — во минатото, во сегашноста и во иднината.
Награден Авраамовиот оптимизам
Во 1943 пр. н. е., Авраам се отселил од Харан, ја преминал реката Еуфрат и влегол во земјата Ханан. Авраам е опишан како ‚татко на сите што веруваат‘, и каков само добар пример дал тој! (Римјаните 4:11).
Авраам бил придружуван од Лот, сираче на Авраамовиот брат, како и од Лотовото семејство. Подоцна, кога земјата ја погодил глад, двете семејства се преселиле во Египет и, со текот на времето, се вратиле заедно. До ова време, и Авраам и Лот имале собрано многу богатство, како и јата и стада. Кога меѓу нивните овчари избувнала кавга, Авраам ја презел иницијативата и рекол: „Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево“ (1. Мојсеева 13:8, 9).
Затоа што бил постар, Авраам можел да ги води работите во своја сопствена полза, а Лот, од почит спрема својот чичко, можел да му го допушти изборот на Авраам. Место тоа, ‚Лот ги кренал очите свои и ја видел целата околина Јорданска, која, пред Бог да ги уништи Содом и Гомор, целата сѐ до Сигор се напојувала со вода, како рајот Божји и како земјата Египетска. И Лот ја избрал за себе целата околина Јорданска‘. Со еден таков избор, Лот ја имал секоја причина да биде оптимистичен. Но, како е со Авраам? (1. Мојсеева 13:10, 11).
Дали Авраам постапил лекоумно, ставајќи го во опасност доброто на своето семејство? Не. Авраамовиот позитивен став и великодушен дух донеле огромна награда. Јехова му рекол на Авраам: „Крени ги сега очите свои, па погледни од местото, каде што си, на север и на југ, на исток и на запад, зашто целата земја, што ја гледаш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека“ (1. Мојсеева 13:14, 15).
Авраамовиот оптимизам имал здрава основа. Тој се засновал на Божјето ветување дека од Авраам ќе направи голема нација, така што ‚преку [Авраам] ќе бидат благословени сите родови [семејства, NW] на земјата‘ (1. Мојсеева 12:2—4, 7). И ние имаме причина да бидеме уверени, знаејќи дека „Бог прави сите негови дела да соработуваат заедно за доброто на оние кои го љубат Бог“ (Римјаните 8:28, NW).
Двајца оптимистични шпиони
Повеќе од 400 години подоцна, нацијата Израел стоела спремна да влезе во Ханан, „земја, каде што тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:8; 5. Мојсеева 6:3). Мојсеј овластил 12 поглавари да ‚ја разгледаат земјата и да донесат известување за патот, по кој ќе одат, и за градовите, во кои ќе влезат‘ (5. Мојсеева 1:22; 4. Мојсеева 13:2, 3). Сите 12 шпиони биле едногласни во својот опис на благосостојбата на земјата, но 10-мина од нив дале песимистичен извештај кој всадил страв во срцата на луѓето (4. Мојсеева 13:32—34).
Исус Навин и Халев, од друга страна, на луѓето им изнеле оптимистична порака и сториле сѐ што можеле за да го стивнат нивниот страв. Нивниот став и извештајот одразувале полна доверба во Јеховината способност да го исполни својот збор дека ќе ги врати во Ветената земја — но залудно. Место тоа, ‚целото собрание рекло да ги убијат со камења‘ (4. Мојсеева 13:31; 14:6—10).
Мојсеј силно ги поттикнал луѓето да имаат доверба во Јехова, но тие одбиле да слушаат. Поради тоа што биле упорни во својот песимистичен став, целата нација морала да талка 40 години во пустелијата. Од 12-мината шпиони, само Исус Навин и Халев ги доживеале наградите од оптимизмот. Што бил основниот проблем? Недостигот на вера, бидејќи луѓето гледале на својата сопствена мудрост (4. Мојсеева 14:26—30; Евреите 3:7—12).
Двоумењето на Јона
Јона живеел во деветтиот век пр. н. е. Библијата покажува дека тој бил верен пророк на Јехова за десетплеменското царство Израел, некое време во текот на владеењето на Јеровоам II. Сепак, тој одбил да прифати налог да оди во Ниневија за да им достави едно предупредување на луѓето. Историчарот Јосиф вели дека Јона „мислел оти е подобро да ја скубне и, место тоа, да оди во Јопа“. Таму се качил на брод за Тарсис, веројатно денешна Шпанија (Јона 1:1—3). Зошто Јона зазел такво песимистично гледиште за оваа задача, објаснето е во Јона 4:2.
Јона најпосле се согласил да го изврши својот налог, но се налутил кога луѓето од Ниневија се покајале. Затоа, Јехова го поучил за една добра лекција на сожалување, со тоа што предизвикал да овене и да умре тиквата под која се засолнувал Јона (Јона 4:1—8). Јонините чувства на тага поради смртта на растението поправилно требало да бидат насочени кон 120-те илјади мажи од Ниневија, кои не ‚можеле да ја разликуваат десната рака од левата‘ (Јона 4:11).
Што можеме да научиме од искуството на Јона? Светата служба не остава место за песимизам. Ако го проникнеме Јеховиното упатство и го извршиме до крај со полна доверба, ќе се радуваме на успех (Изреки 3:5, 6).
Оптимизам среде неволји
„Не жести се поради злобниците“ — изјавил цар Давид. „Не завидувај им на оние што вршат беззаконие“ (Псалм 36:1). Навистина, тоа е мудар совет, бидејќи денес неправдата и нечесноста се насекаде околу нас (Проповедник 8:11).
Меѓутоа, дури и ако не им завидуваме на неправедниците, лесно е да се чувствуваме фрустрирани кога ќе видиме како невини луѓе страдаат од рацете на злобните или кога со нас самите се постапува неправедно. Таквите доживувања можат дури и да нѐ наведат да развиеме малодушен или песимистичен став. Кога се чувствуваме така, што треба да правиме? Како прво, можеме да задржиме на ум дека злобните не можат безгрижно да претпостават дека казната нема никогаш да дојде. Псалм 36 понатаму во стих 2 нѐ уверува: „Тие [злосторниците] ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат“.
Освен тоа, можеме да продолжиме да го правиме она што е добро, да останеме оптимистични и да чекаме на Јехова. „Клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно“ — продолжил псалмистот. „Зашто Господ ја сака правдата и не ги остава праведниците Свои“ (Псалм 36:27, 28).
Вистинскиот оптимизам преовладува!
Тогаш, што е со нашата иднина? Библиската книга Откровение ни кажува за „она, што треба да стане скоро“. Меѓу тие работи, откриено е дека еден коњ со огнена боја, кој означува војна, ‚го одзема мирот од земјата‘ (Откровение 1:1; 6:4).
Едно популарно — и оптимистично — мислење што се негувало во Британија за време на I светска војна било дека тоа ќе биде последната голема војна. Во 1916, британскиот државник Дејвид Лојд Џорџ бил пореалистичен. Тој рекол: „Оваа војна, како и следната војна, е војна која ќе ја оконча војната“ (курзив од нас). Тој бил во право. II светска војна само го забрза производството на понечовечни методи за масовно уништување. Повеќе од 50 години подоцна, уште не ѝ се гледа крајот на војната.
Во истата книга Откровение читаме за други коњаници кои симболизираат глад, чума и смрт (Откровение 6:5—8). Тие се натамошни аспекти на знакот на нашите времиња (Матеј 24:3—8).
Дали ова се причини за песимизам? Воопшто не, зашто визијата опишува и еден ‚бел коњ, и оној седнат на него имал лак; и му била дадена круна, и излегол победувајќи и да ја доврши својата победа‘ (Откровение 6:2, NW). Овде го гледаме Исус Христос во улога на небесен Цар како ја отстранува сета злоба, јавајќи за да воспостави мир и хармонија ширум светот.a
Како Наименуван Цар, додека бил на Земјата, Исус ги поучувал своите ученици да се молат за тоа Царство. Можеби и ти си бил поучен да ја кажуваш „Оченаш“, односно Господовата молитва. Во неа, се молиме да дојде Божјето Царство за да биде вршена Неговата волја и овде на Земјата како на небото (Матеј 6:9—13).
Наместо да се обидува да го поправа сегашниот систем на ствари, Јехова, дејствувајќи преку својот Месијански Цар, Исус Христос, потполно ќе го отстрани. На негово место, вели Јехова, „Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“. Под небесната влада на Царството, Земјата ќе стане мирољубив, среќен дом за човештвото, каде што животот и работата ќе бидат постојана радост. „Вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам“ — вели Јехова. Моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:17—22). Ако својата надеж за иднината ја засновуваш на тоа ветување кое нема да промаши, ќе ја имаш секоја причина да бидеш оптимист — сега и засекогаш!
[Фуснота]
a За детална дискусија на оваа визија, молиме види поглавје 16 од книгата Откривење — Близу је величанствени врхунац! издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 4]
Х. Џ. Велс
[Извор на слика]
Corbis-Bettmann