Да се достигнат уште повеќе со добрата вест
ДОДЕКА размислував за луѓето во мојата татковина, сфатив дека мнозина знаат за Јеховините сведоци само од новинските извештаи. Со овие луѓе мора да се контактира, си мислев, за да можат да дознаат кои се Јеховините сведоци и што навистина веруваат тие. Но, како би можела да им помогнам? Мојот сопруг е христијански старешина и ми обезбеди мудро водство и предлози.
Клучна идеја најдовме во статијата „Списанија кои даваат практична утеха“ во списанието Разбудете се! од 8 јануари 1995 (хрв.). Во врска со активноста на една жена-Сведок, статијата вели: „Таа си поставува за цел да собере постари примероци од извесни списанија Разбудете се! што другите Сведоци ги насобрале дома. Потоа ги посетува агенциите за кои смета дека би можеле да покажат посебен интерес за некои од темите“.
Со помош на мојот сопруг, набргу собрав повеќе стотици примероци списанија. Од нив бев во можност да изберам една разноликост од теми што се прикладни за луѓето со кои би се обидела да контактирам.
Користејќи телефонски именици и јавни книги, составив список кој содржеше болници, младински хостели и домови за стари луѓе. Исто така, запишав директори на погребни заводи, школски инспектори и советници, медицински истражувачи, како и затворски и судски службеници. На мојот список беа вклучени директори на институции за алкохоличари и зависници од дрога, асоцијации за прашања во врска со животната средина, за инвалидите и за жртвите на војната, како и за нутриционистичко истражување. Не ги превидов ниту раководителите на службите за јавно добро, социјалните служби и службите за семејни прашања.
Што да речам?
Првата работа што ја правев кога одев на некоја посета беше да се идентификувам јасно која сум. Потоа споменував дека мојата посета ќе трае само неколку минути.
Штом ќе се сретнев лице в лице со одговорната особа, ќе речев: „Јас сум Јеховин сведок. Меѓутоа, не сум дојдена за да водам религиозни дискусии кои би можеле да бидат неприкладни во работно време“. Обично, атмосферата стануваше поопуштена. Потоа, приспособувајќи ги моите коментари на ситуацијата, ќе продолжев: „Причината за мојата посета е двократна. Прво, сакам да го изразам моето ценење за работата што ја организира Вашата служба. Впрочем, не треба да се зема здраво за готово дека некој го троши своето време и енергија во полза на јавноста. Тоа сигурно треба да се пофали“. Во многу случаи, лицето на кое ќе му пристапев на овој начин, беше изненадено.
Сега, лицето најверојатно се прашуваше која е втората причина за мојата посета. Јас ќе продолжев: „Втората причина за мојата посета е оваа: Од нашето списание Разбудете се! кое се издава интернационално, избрав некои статии кои зборуваат особено за Вашиот вид работа, како и за проблемите поврзани со неа. Сигурна сум дека би сакале да знаете како еден интернационален журнал гледа на овие проблеми. Ќе ми биде драго да Ви ги оставам овие примероци“. Честопати ми кажуваа дека ги ценат моите напори.
Изненадувачки и наградувачки резултати
Кога го користев овој пристап, повеќето ме примаа љубезно; само едно од 17 лица ме одби. Имав бројни искуства што беа и изненадувачки и наградувачки.
На пример, откако се обидов четири пати и стрпливо чекајќи, успеав да се сретнам со инспекторот на едно окружно училиште. Тој беше еден многу зафатен човек. Сепак, беше крајно пријателски настроен и зборуваше со мене некое време. Кога си одев, рече: „Навистина го ценам Вашиот напор, и секако дека внимателно ќе ја прочитам Вашата литература“.
Во една друга прилика, посетив еден обласен суд и се сретнав со главниот судија, еден средовечен маж. Кога влегов во неговата канцеларија, погледна од своите хартии некако изнервирано.
„Работното време е само вторник претпладне, и тогаш ќе бидам на располагање за која и да е информација“ — рече грубо.
„Дозволете ми да се извинам што дојдов во незгодно време“ — одговорив брзо и додадов: „Секако, ќе ми биде драго да дојдам пак во некое друго време. Но, мојата посета всушност е од приватна природа.“
Сега судијата беше љубопитен. Со не толку непријателски тон праша што сакам. Повторив дека би го посетила повторно во вторник.
„Ве молам, седнете“ — инсистираше тој, на мое големо изненадување. „Што сакате?“
Уследи еден жив разговор, и тој се извини што бил толку нељубезен на почетокот, бидејќи навистина бил многу зафатен.
„Знаете што ми се допаѓа кај Јеховините сведоци?“ — праша судијата после некое време. „Тие имаат добро втемелени начела од кои не отстапуваат. Хитлер проба сѐ што можеше, но Сведоците сепак не отидоа во војна.“
Кога двете влеговме во една канцеларија, секретарките што беа таму нѐ препознаа. Потоа, раководителката ладно ни прозборе гласно: „Претседателот никогаш не прима никакви странки“.
„Но, нас ќе нѐ прими“ — одговорив смирено — „затоа што ние сме Јеховини сведоци. Ние не сме молители и нашата посета нема да трае подолго од три минути.“ Во моето срце се молев горливо: „О Јехова, те молам направи овојпат да испадне добро!“
Раководителката одговори резервирано: „Во ред, тогаш, ќе се обидам“. И замина. По околу две минути, кои ми изгледаа како цела вечност, повторно се појави следена од претседателот лично. Без да рече нешто, тој нѐ одведе до својата канцеларија, поминувајќи покрај две други соби.
Кога почнавме да разговараме, тој стануваше сѐ пољубезен. Спремно ги прифати специјалните изданија на списанијата Разбудете се! кога му ги понудивме. Му благодаревме на Јехова за оваа прилика што дадовме добро сведоштво за целта на нашето дело.
Осврнувајќи се на многуте прекрасни искуства, уште попотполно го ценам она што го рекол апостол Петар: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Божја волја е на луѓето од секакво потекло, јазик или општествена положба да им се даде приликата да ја дознаат неговата намера со човештвото и со Земјата. (Приложено.)