Мојот живот како лепрозен — радосен и духовно благословен
РАСКАЖАЛ ИСАИЈА АДАГБОНА
Пораснав во Акуре (Нигерија). Моето семејство одгледуваше слатки компири, банани, маниок и какао. Татко ми не сакаше да одам на училиште. Ми велеше: „Ти си фармер. Никогаш нема некој да бара од тебе да читаш слатки компири“.
СЕПАК, јас сакав да научам да читам. Во вечерите, стоев и слушав на прозорецот од еден дом каде што некои деца беа поучувани од еден приватен учител. Тоа беше во 1940 кога имав отприлика 12 години. Кога таткото на децата ќе ме видеше, ќе се развикаше и ќе ме истераше. Но, јас и понатаму навраќав. Понекогаш учителот не доаѓаше а јас ќе се шмугнев и ќе гледав во книгите на децата заедно со нив. Понекогаш, тие ми дозволуваа да ги позајмам нивните книги. Така научив да читам.
Му се придружувам на Божјиот народ
Со текот на времето добив Библија и редовно ја читав пред да си легнам. Една вечер го читав Матеј, поглавје 10, кое покажува дека Исусовите ученици ќе бидат омразени и прогонувани од луѓето.
Се сетив дека Јеховините сведоци имаа дојдено во мојата куќа и дека лошо се постапуваше со нив. Ми светна во главата дека можеби тоа се луѓето за кои зборувал Исус. Следниот пат кога нѐ посетија Сведоците, набавив едно списание од нив. Како што почнав да се дружам со нив, станав мета на исмејување. Сепак, колку повеќе луѓето се обидуваа да ме обесхрабрат толку поуверен станував и радосен што ја најдов вистинската религија.
Она што вистински ме импресионира во врска со Сведоците беше тоа што за разлика од другите религиозни групи во моето подрачје, тие не го мешаа своето обожавање со обичаите и традициите од локалната паганска религија. На пример, иако моето семејство одеше во Англиканската црква, татко ми чуваше еден олтар на јоруба богот Огун.
Откако татко ми умре, се очекуваше јас да го наследам олтарот. Не го сакав тоа бидејќи знаев дека Библијата го осудува идолопоклонството. Со Јеховина помош напредував духовно и во декември 1954 се крстив.
Удира лепрата
Во почетокот на таа година, забележав оток и губење на осетот на моите стапала. Ако стапнев на врели јаглења, немаше болка. После некое време, на челото и на усните ми се појавија црвеникави чирчиња. Ниту јас ниту моето семејство знаевме што не е во ред; мислевме дека тоа е егзем. Отидов кај 12 тревари барајќи лек. Конечно, еден од нив ни кажа дека тоа е лепра.
Каков само шок беше тоа! Бев вознемирен и не спиев добро. Имав ноќни мори. Но, моето спознание на библиската вистина и потпирањето на Јехова ми помогнаа со доверба да гледам на иднината.
Луѓето ѝ рекоа на мајка ми дека ако одам кај некој оракул за да принесам жртви, ќе ми биде подобро. Одбив да одам, знаејќи дека таквата постапка не би му била угодна на Јехова. Сфаќајќи дека сум одлучен во врска со таа работа, пријателите на мајка ми ѝ предложија да земе кола орев и со него да ми го допре челото. Потоа, таа можеше да му го врачи кола оревот на оракулот за да го користи при жртвите во моја полза. Не сакав да имам удел во тоа и ѝ кажав. Конечно, таа се откажа од нејзините обиди да ме вмеша во паганската религија.
Додека отидов в болница, лепрата веќе напредна. Имав чирчиња по целото мое тело. Во болница ми дадоа лекови и постепено кожата ми се врати на нормала.
Мислеа дека сум мртов
Но, проблемите ни најмалку не беа завршени. На десното стапало добив тешка инфекција и во 1962 мораше да биде ампутирано. После операцијата, имаше медицински компликации. Лекарите не очекуваа да преживеам. Еден мисионерски свештеник белец дојде за да ги изврши последните обреди. Бев преслаб за да зборувам, но една медицинска сестра му кажа дека јас сум Јеховин сведок.
Свештеникот ми рече: „Дали сакаш да се промениш и да станеш католик за да можеш да одиш на небото?“ Тоа ме засмеа однатре. Му се молев на Јехова за сила да одговорам. Со голем напор успеав да речам: „Не!“ Свештеникот се сврте и ја здувна.
Мојата состојба се влоши до тој степен што болничкиот персонал помислил дека сум мртов. Ми го покриле лицето со чаршав. Но, не ме одвеле во мртовечница бидејќи најпрвин морало лекар или медицинска сестра да потврдат дека сум мртов. Немало дежурен лекар, а сите медицински сестри отишле на некоја забава. Така, преку ноќта ме оставиле во одделот. Кога следното утро лекарот ја правеше својата визита, никој не дојде до мојот кревет бидејќи сѐ уште бев покриен и сметан за мртов. На крај, некој забележал дека „лешот“ под чаршавот мрда!
Па, се опоравив и во декември 1963 ме преместија во Абеокута — во болницата во лепрозната населба во југозападна Нигерија. Оттогаш па наваму живеам таму.
Противење на моето проповедање
Кога пристигнав, во населбата имаше околу 400 лепрозни, а јас бев единствениот Сведок. Пишав до Заедницата, и тие веднаш се одѕваа со тоа што го насочија собранието Акомоје за да стапи во контакт со мене. Така, никогаш не изгубив врска со браќата.
Веднаш штом дојдов во населбата, почнав да проповедам. На локалниот пастор не му беше драго тоа и ме пријави кај социјалниот работник кој беше одговорен за кампот. Социјалниот работник беше постар човек кој дошол од Германија. Ми рече дека не е моја работа да поучувам за Библијата бидејќи немам школо ниту диплома да го правам тоа; затоа што сум бил неквалификуван, ќе сум ги учел луѓето неисправно. Доколку сум бил упорен, би можел да бидам истеран од населбата и да бидам лишен од медицинскиот третман. Не ми дозволи да кажам ништо како одговор.
Потоа тој издаде директива дека никој не смее да ја проучува Библијата со мене. Како резултат на тоа, оние кои имаа покажано интерес, престанаа да доаѓаат кај мене.
Му ја изнесов работата на Јехова во молитва, барајќи мудрост и водство. Следната недела, отидов во баптистичката црква во населбата, иако не учествував во религиозните служби. Во текот на службата имаше период кога присутните можеа да поставуваат прашања. Кренав рака и прашав: „Ако сите добри луѓе одат на небото а сите лоши луѓе одат некаде на друго место, зошто тогаш Исаија 45:18 вели дека Бог направил Земјата да биде населена?“
Имаше големо мрморење во собранието. На крај, мисионерскиот пастор рече дека ние не можеме да ги процениме Божјите патишта. На тоа јас одговорив на моето сопствено прашање читајќи стихови кои покажуваат дека 144.000 ќе одат на небото, дека злобните ќе изгинат, а дека праведните луѓе засекогаш ќе живеат на Земјата (Псалм 36:10, 11; Откровение 14:1, 4).
Сите ракоплескаа од ценење за одговорот. Потоа, пасторот рече: „Ракоплескајте по вторпат бидејќи овој човек навистина ја знае Библијата“. После службата, некои дојдоа кај мене и рекоа: „Ти знаеш повеќе од пасторот!“
Притисокот да ме истераат продолжува
Со тоа беше совладан најголемиот дел од прогонството, и луѓето повторно ми се придружија за да ја проучуваат Библијата. Меѓутоа, останаа противници кои вршеа притисок на социјалниот работник за да се ослободат од мене. Околу еден месец после црковната служба, тој ме повика и ми рече: „Зошто продолжуваш да проповедаш? Во мојата земја луѓето не ги сакаат Јеховините сведоци, а истото е и тука. Зошто ми создаваш проблеми? Зарем не знаеш дека можам да те истерам?“
Му одговорив: „Татко, те почитувам од три причини. Прво, бидејќи си постар од мене, а Библијата вели дека треба да ѝ оддадеме почит на седата коса. Втората причина зошто те почитувам е тоа што си ја напуштил твојата земја за да ни помагаш нам тука. Третата причина е тоа што си љубезен, великодушен и им помагаш на оние кои се во неволја. Но, со какво право мислиш дека можеш да ме истераш? Претседателот на земјата не ги истерува Јеховините сведоци. Традиционалниот владетел на овој регион не нѐ истерува. Дури и ако ме изгониш од овој камп, Јехова сепак ќе се грижи за мене“.
Никогаш пред тоа не сум зборувал со него на еден таков директен начин, па можев да видам дека тоа му остави впечаток. Здувна без збор. Подоцна, кога некој ќе се пожалеше од мене, тој фрустрирано ќе одговореше: „Повеќе не се мешам во таа работа. Ако имате проблем со неговото проповедање, расправајте се за тоа со него!“
Клас за описменување
Противењето на моето проповедање продолжи од оние кои ја посетуваа баптистичката црква во кампот. Тогаш, добив идеја. Отидов кај социјалниот работник и го прашав дали би можел да основам клас за описменување. Кога праша колку сакам да ми платат, реков дека би поучувал бесплатно.
Тие обезбедија училница, табла и креда, така што почнав да учам некои состанари да читаат. Одржувавме часови секој ден. Првите 30 минути поучував читање, а потоа раскажував и објаснував по една приказна од Библијата. После тоа, го читавме извештајот од Библијата.
Една студентка беше една жена по име Нимота. Имаше длабок интерес за духовните работи, и таа поставувала религиозни прашања како во црквата така и во џамијата. Таму не ѝ биле одговорени нејзините прашања, па така ќе дојдеше да ме праша мене. Конечно, му го предаде својот живот на Јехова и се крсти. Во 1966 се венчавме.
Повеќето од нашето денешно собрание научија да читаат и да пишуваат во тој клас за описменување. Јас ја немав мудроста да предложам таков клас. Секако, Јеховиниот благослов беше очигледен. После тоа никој не се обиде да ме запре во проповедањето.
Сала на Царството во кампот
До времето кога Нимота и јас се венчавме, четворица од нас редовно се состанувавме за да ја проучуваме Стражарска кула заедно. Отприлика една година се состанувавме во просторијата каде што беа испирани раните на лепрозните. Тогаш социјалниот работник, кој сега веќе ми стана пријател, ми рече: „Не е добро да го обожавате вашиот Бог во просторијата за лечење“.
Тој рече дека би можеле да се состануваме во една празна дрводелска барака. Со текот на времето, таа барака беше претворена во Сала на Царството. Ја довршивме во 1992, со помош на браќата од градот. Како што можете да видите на сликата на страница 24, нашата сала е една здрава градба — измалтерисана и исфарбана, со бетониран под и добар покрив.
Проповедање на оние со лепра
Лепрозната населба е мое подрачје веќе 33 години. Како изгледа да им се проповеда на лепрозните? Тука во Африка повеќето луѓе веруваат дека сите работи доаѓаат од Бог. Така, кога се погодени со лепра, тие веруваат дека Бог е некако одговорен за тоа. Некои се длабоко депримирани поради нивната состојба. Други се лути и велат: „Не ни кажувај за некој Бог кој е полн со љубов и милосрден. Да беше тоа точно, оваа болест ќе исчезнеше!“ Потоа, читаме и резонираме за Јаков 1:13, кој вели: ‚Бог со зло никого не искушува‘. Потоа, објаснуваме зошто Јехова дозволува болеста да ги погодува луѓето и укажуваме на неговото ветување за една рајска Земја каде што никој нема да биде болен (Исаија 33:24).
Многумина поволно се одѕваа на добрата вест. Откако дојдов во овој камп, Јехова ме употреби да им помогнам до предание и крштавање на преку 30 лица, сите лепрозни. Многумина откако се излечија, се вратија во своите домови, а неколкумина умреа. Сега имаме 18 објавители на Царството и околу 25 луѓе кои редовно присуствуваат на состаноците. Двајца од нас служиме како старешини и имаме еден слуга помошник и еден општ пионер. Колку само сум среќен што сега можам да видам толку многу кои верно му служат на Јехова во овој камп! Кога дојдов овде, се плашев да не бидам сам, но Јехова ме благослови на еден прекрасен начин.
Радоста да им служам на моите браќа
Лекови за лепра земав од 1960 па сѐ до пред отприлика пет години. Сега сум целосно излечен, како што се и другите од собранието. Лепрата остави свој белег — ја изгубив мојата потколеница и не можам да ги исправам рацете — но сепак болеста помина.
Бидејќи сум излечен, некои ме прашуваат зошто не го напуштам кампот и не се вратам дома. Постојат неколку причини зошто останувам, но главната е тоа што сакам и понатаму да им помагам на моите браќа тука. Радоста да се води сметка за Јеховините овци надминува сѐ што моето семејство би можело да ми го даде ако му се вратев.
Толку сум благодарен што го запознав Јехова пред да дознаам дека имам лепра. Инаку, можеше да се самоубијам. Низ годините имаше многу тешкотии и проблеми, но она што ме поддржа не беше медицината — тоа беше Јехова. Кога размислувам за минатото, радосен сум; а кога мислам на иднината под Божјето Царство, уште порадосен сум.
[Рамка на страница 25]
Билтен за лепра
Што е таа?
Современата лепра е болест предизвикана од еден бацил идентификуван во 1873 од страна на Армауер Хансен. Како признание на неговата работа, лекарите укажуваат на лепрата и како на Хансенова болест.
Бацилот ги оштетува нервите, коските, очите и извесни органи. Изгубен е осетот, честопати на рацете и на стапалата. Кога не се контролира, болеста може да предизвика тешко осакатување на лицето и на екстремитетите. Ретко доведува до смрт.
Постои ли лек?
Луѓето кои имаат благи облици на лепра поминуваат добро без какво и да е лечење. Посериозните случаи можат да се излечат со лекови.
Првиот антилепрозен лек, воведен 1950, дејствувал бавно и станувал сѐ понеефикасен поради тоа што бацилот на лепрата развил отпорност кон него. Биле развиени нови лекови и, од раните 1980-ти, стандардно лечење ширум светот станала Мултимедикаментозната терапија (ММТ). Ова лечење ја комбинира употребата на три лекови — дапсон, рифампицин и клофазимин. Иако ММТ го убива бацилот, не ја поправа веќе направената штета.
ММТ е високо ефикасна во лекувањето на болеста. Како последица на тоа, бројот на луѓето со лепра стрмоглаво опаднал од 12 милиони во 1985 на околу 1,3 милиони до средината на 1996-тата.
Колку е заразна?
Лепрата не е високо заразна; повеќето луѓе имаат имун систем кој е доволно јак за да ѝ се спротивстави. Кога сепак се појавува, обично тоа е кај луѓе кои живеат во пролонгиран близок контакт со оние кои се инфицирани.
Лекарите не знаат со сигурност како бацилот влегува во човечкото тело, но претпоставуваат дека тоа го прави преку кожата или преку носот.
Идни изгледи
Лепрата е цел за „елиминирање како универзален здравствен проблем“ до 2000 година. Тоа значи дека бројот на лепрозни случаи во која и да е заедница нема да пречекори 1 на 10.000 луѓе. Под Божјето Царство таа ќе биде потполно отстранета (Исаија 33:24).
Извори: Светска здравствена организација; Меѓународна федерација на антилепрозни здруженија и Manson’s Tropical Diseases (издание 1996).
[Рамка на страница 27]
Дали лепрата денес е истата како и во библиски времиња?
Медицинските учебници денес ја дефинираат лепрата со прецизни термини; научното име за микробот кој е вклучен е Mycobacterium leprae. Се разбира, Библијата не е медицински учебник. Хебрејските и грчките зборови кои се преведени со „лепра“ во многу библиски преводи имаат многу пошироко значење. На пример, библиската лепра предизвикува забележливи симптоми не само кај луѓето туку и на облеката и во куќите, нешто што еден бацил не го прави (3. Мојсеева 13:2, 47; 14:34).
Понатаму, симптомите кои ја идентификуваат лепрата кај луѓето денес не одговараат точно на описот на лепрата од библиски времиња. Некои сугерираат дека објаснувањето може да лежи во фактот што со текот на времето се менува природата на болестите. Други веруваат дека лепрата на која се укажува во Библијата опишува низа болести кои можеби ја вклучуваат или можеби и не ја вклучуваат болеста предизвикана од M. leprae.
Theological Dictionary of the New Testament наведува дека и грчкиот и хебрејскиот збор кои обично се преведени со лепра „укажуваат на истата болест или група болести . . . без разлика на тоа дали таа болест што ние сега ја нарекуваме лепра е доведена во прашање. Но, прецизната медицинска идентификација на болеста не влијае врз нашата проценка на извештаите за лечење [на лепрозните од страна на Исус и на неговите ученици]“.
[Слика на страница 24]
Собранието надвор од Салата на Царството во кампот за лепрозни
[Слика на страница 26]
Исаија Адагбона и неговата сопруга, Нимота