Јехова ги исполнува своите ветувања на верните
„Верен е Оној, Кој се заветувал“ (ЕВРЕИТЕ 10:23).
1, 2. Зошто можеме да имаме потполна доверба во Јеховините ветувања?
ЈЕХОВА бара неговите слуги да развијат и да задржат цврста вера во него и во неговите ветувања. Со таква вера човек може да има потполна доверба дека Јехова ќе го стори она што го ветил. Неговата инспирирана Реч изјавува: „Со клетва вели Господ Саваот: ‚Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане‘“ (Исаија 14:24).
2 Изјавата „Со клетва вели Господ Саваот“ покажува оти тој ја дава својата свечена заклетва дека ќе ги исполни своите ветувања. Поради тоа, неговата Реч може да каже: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Кога имаме доверба во Јехова и дозволуваме да бидеме водени од неговата мудрост, нашите патеки без промашување ќе водат до вечен живот, зашто Божјата мудрост е „дрво на животот за оние, што ја придобиваат“ (Изреки 3:18; Јован 17:3).
Вистинска вера во древни времиња
3. Како Ное покажал вера во Јехова?
3 Записот за Јеховините постапки со оние кои имале вистинска вера сведочи за неговата веродостојност. На пример, пред повеќе од 4.400 години Бог му кажал на Ное дека светот од негово време требало да биде уништен со еден глобален потоп. Тој го поучил Ное да изгради една огромна арка за да биде сочуван животот на луѓето и на животните. Што сторил Ное? Евреите 11:7 ни кажува: „Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом“. Зошто Ное имал вера во нешто што никогаш пред тоа не се случило, нешто што ‚уште не се видело‘? Поради тоа што доволно знаел за Божјите претходни постапки со човечкото семејство за да сфати дека, што и да каже Бог, се обистинува. Затоа, Ное бил сигурен дека потопот исто така ќе се случи (1. Мојсеева 6:9—22).
4, 5. Зошто Авраам имал целосна доверба во Јехова?
4 Друг пример за вистинска вера е Авраам. Пред речиси 3.900 години Бог му кажал да го жртвува Исак, својот единствен син од неговата сопруга Сара (1. Мојсеева 22:1—10). Како реагирал Авраам? Евреите 11:17 наведува: „Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван“. Меѓутоа, во последниот момент, Јеховиниот ангел го запрел Авраам (1. Мојсеева 22:11, 12). Сепак, зошто Авраам дури и би помислил да направи такво нешто? Бидејќи, како што вели Евреите 11:19, ‚тој мислел дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува‘. Но, како можел Авраам да има вера во воскресение кога никогаш не видел воскресение и немало претходен запис за тоа?
5 Сети се, Сара имала 89 години кога Бог им ветил син. Сарината материца веќе не можела да има деца — била мртва, така да се каже (1. Мојсеева 18:9—14). Бог повторно ја оживеал Сарината материца и таа го родила Исак (1. Мојсеева 21:1—3). Авраам знаел дека со оглед на тоа што Бог повторно ја оживеал Сарината мртва материца, тогаш тој би можел повторно да го оживее и Исак, ако е потребно. Римјаните 4:20, 21 за Авраам вели: „Во ветувањето Божјо не се посомни со неверие, туку остана тврд во верата, и Го прослави Бога, наполно уверен дека Он е силен и да го изврши она, што го ветил“.
6. Како Исус Навин изразил доверба во Јехова?
6 Пред повеќе од 3.400 години, кога Исус Навин имал над сто години и откако еден цел животен век искусувал колку Бог е достоен за доверба, тој ја дал оваа причина за својата доверба: „А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог; сѐ се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет“ (Исус Навин 23:14).
7, 8. Каков спасувачки правец на постапување презеле верните христијани во првиот век, и зошто?
7 Пред околу 1.900 години многу понизни луѓе покажале вистинска вера. Од исполнувањето на библиското пророштво тие сфатиле дека Исус бил Месијата и ги прифатиле неговите учења. Имајќи цврста основа во фактите и во Хебрејските списи, тие положиле вера во она што го учел Исус. На тој начин, кога Исус рекол дека Божјиот суд доаѓа против Јудеја и Ерусалим поради неверноста, тие му верувале. И кога им кажал кој правец на постапување мораат да го преземат за да ги спасат своите животи, тие го презеле.
8 На оние кои верувале, Исус им кажал дека кога Ерусалим ќе биде опколен со војски, тие би требало да бегаат. Во 66 година н. е. римските војски навистина дошле против Ерусалим. Но тогаш, Римјаните си заминале од некоја необјаснета причина. Тоа бил сигналот за христијаните да го напуштат градот, зашто Исус рекол: „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него“ (Лука 21:20, 21). Оние кои имале вистинска вера го напуштиле Ерусалим и околното подрачје и избегале на сигурно.
Последиците од недостигот на вера
9, 10. а) Како религиозните водачи го покажале својот недостиг на вера во Исус? б) Какви биле последиците од тој недостиг на вера?
9 Што сториле оние кои немале вистинска вера? Не избегале кога имале прилика за тоа. Мислеле дека нивните водачи би можеле да ги спасат. Сепак, тие водачи и нивните следбеници исто така го имале доказот за месијанството на Исус. Тогаш, зошто не го прифатиле она што тој го рекол? Поради злобната состојба на нивното срце. Тоа било разоткриено претходно кога виделе како многу од обичниот народ нагрнуваат кај Исус откако тој го воскреснал Лазар. Јован 11:47, 48 раскажува: „Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет [Синедриумот, NW — еврејскиот врховен суд] и рекоа: ‚Што да правиме? Овој Човек [Исус] прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот‘“. Стих 53 вели: „Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат“.
10 Какво само прекрасно чудо направил Исус — го вратил Лазар од мртвите! Но, религиозните водачи сакале Исус да биде убиен затоа што го сторил тоа. Нивната впечатлива злоба понатаму била разоткриена кога ‚првосвештениците се договориле да го убијат и Лазара, зашто мнозина од Јудејците се одделувале поради него и верувале во Исуса‘ (Јован 12:10, 11). Лазар штотуку бил подигнат од мртвите, а тие свештеници сакале да го видат повторно мртов! Тие не биле загрижени за Божјата волја ниту, пак, за благосостојбата на народот. Биле себични, загрижени за својата позиција и корист. ‚Зашто им била помила човечката слава, отколку славата Божја‘ (Јован 12:43). Но, тие платиле заради својот недостиг на вера. Во 70 година н. е. римските војски се вратиле и го уништиле нивното место и нивната нација, како и мнозина од нив.
Вера покажана во наше време
11. Како била покажана вистинска вера во почетокот на овој век?
11 Во овој век исто така имало многу мажи и жени од вистинска вера. На пример, во раните 1900-ти, луѓето воглавно очекувале една мирна, успешна иднина. Истовремено, оние кои полагале вера во Јехова објавувале дека човештвото допрва требало да влезе во времето на својата најтешка неволја. Тоа е она што било претскажано во Божјата Реч во Матеј, поглавје 24, 2. Тимотеј, поглавје 3, и на други места. Она што го рекле тие луѓе од вера всушност и се случило, почнувајќи од 1914 со I светска војна. Светот навистина влегол во претскажаните ‚последни денови‘ со ‚времињата тешки‘ (2. Тимотеј 3:1). Зошто Јеховините слуги ја знаеле вистината за светските состојби во тоа време кога другите не ја знаеле? Бидејќи, како Исус Навин, имале вера дека ниту еден од Јеховините зборови нема да пропадне.
12. Денес, во кое Јеховино ветување имаат целосна доверба неговите слуги?
12 Денес, Јеховините слуги кои ја полагаат својата доверба во него, бројат скоро шест милиони ширум светот. Од доказот за исполнувањето на Божјата пророчка реч тие знаат дека тој наскоро ќе го доведе до крај овој насилнички, неморален систем на ствари. Затоа, тие се сигурни дека близу е времето кога ќе го видат исполнувањето на 1. Јованово 2:17, кој вели: „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“. Неговите слуги имаат потполна доверба дека Јехова ќе го исполни ова ветување.
13. До која мера можеш да имаш доверба во Јехова?
13 До која мера можеш да имаш доверба во Јехова? Ти можеш да го ставиш на коцка својот живот за него! Дури и ако сега го изгубиш животот заради тоа што му служиш, ќе ти врати многу повеличествен живот во воскресението. Исус нѐ уверува: „Иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Дали познаваш некој лекар, политички водач, научник, бизнисмен или некој друг човек кој може да го стори тоа? Нивниот минат запис покажува дека не можат. Јехова може, и ќе го стори тоа!
Прекрасна иднина за верните
14. Каква прекрасна иднина им ветува Божјата Реч на верните?
14 Исус ја покажал сигурноста на еден нов свет под Божјето небесно Царство, велејќи: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5:5). Тоа го засилило Божјето ветување кое се наоѓа во Псалм 36:29: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. И токму пред Исусовата смрт кога еден злосторник изразил вера во него, на тој човек Исус му рекол: „Ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23:43). Да, како Цар на Божјето Царство, Исус ќе се погрижи тој човек да биде воскреснат за живот на Земјата со можност засекогаш да живее во тој Рај. Денес, оние кои ја положуваат својата вера во Јеховиното Царство можат со радост да очекуваат да живеат во Рајот кога „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4).
15, 16. Зошто во новиот свет животот ќе биде толку мирен?
15 Да ги пренесеме своите умови во тој нов свет. Замисли си дека веќе живееме во него. Непосредно, не можеме а да не ги забележиме насекаде среќните луѓе кои живеат заедно во тотален мир. Тие уживаат околности слични на оние кои се опишани во Исаија 14:7: ‚Целата земја здивна, почива, [луѓето, NW] воскликнуваат од радост‘. Зошто се такви? Како прво, забележи дека вратите на куќите немаат брави. Нема потреба од нив, бидејќи нема криминал ниту насилство. Тоа е токму онака како што рекла Божјата Реч: „Секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:4).
16 Нема повеќе ни војна, бидејќи во тој нов свет војната е прогласена за незаконска. Сите оружја се претворени во алатки за мир. Во целосна смисла се исполнува Исаија 2:4: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“. Но, од друга страна, пак, тоа е она што го очекувавме! Зошто? Поради тоа што многуте жители на новиот свет научиле да го прават тоа додека му служеле на Бог во стариот свет.
17. Какви услови за живеење ќе преовладуваат под Божјето Царство?
17 Она што уште го забележуваш е дека нема сиромаштија. Никој не живее во мизерна барака ниту е облечен во партали ниту, пак, е бездомен. Секој има удобен дом и добро одржуван имот со убави дрвја и цвеќиња (Исаија 35:1, 2; 65:21, 22; Језекиил 34:27). И повеќе нема глад бидејќи Бог го исполнил своето ветување дека ќе има изобилство храна за сите: „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има преобилност“ (Псалм 72:16, NW). Навистина, под управата на Божјето Царство ширум светот се шири еден величествен рај, токму како што Бог имал намера во Едем (1. Мојсеева 2:8).
18. Кои работи во новиот свет повеќе нема да им се закануваат на луѓето?
18 Исто така, ќе се чудиш на силната енергија што ја има секој. Тоа е така бидејќи сега тие имаат совршени тела и умови. Повеќе нема болест, болка или смрт. Никој не е во инвалидска количка или во болнички кревет. Сето тоа поминало засекогаш (Исаија 33:24; 35:5, 6). Па, ниедно животно не е закана, зашто со Божјата моќ тие се направени мирољубиви! (Исаија 11:6—8; 65:25; Језекиил 34:25).
19. Зошто секој ден во новиот свет ќе биде ден за ‚насладување‘?
19 Каква само прекрасна цивилизација формираат верните жители на овој нов свет! Нивната енергија, вештини и богатство на Земјата се насочени на позитивни а не на штетни стремежи; на соработка со другите а не на натпревар со нив. И секого кого го среќаваш е некој во кого можеш да имаш доверба бидејќи, како што ветил Бог, сите се ‚лица научени од Господа‘ (Исаија 54:13). Бидејќи секој е воден од Божјите закони, Земјата е „полна со познавање за Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9). Навистина, секој ден во овој нов свет е она што рекол Псалм 36:11 — ден за ‚насладување‘.
Загарантирана среќна иднина
20. Што мораме да правиме за да уживаме една мирна иднина?
20 Што мораме да правиме за да бидеме дел од таа среќна иднина? Исаија 55:6 ни кажува: „Барајте го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу“. И додека го бараме, нашиот став треба да биде како што е опишано во Псалм 142:10: „Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог“. Оние кои го прават тоа можат беспрекорно да одат пред Јехова низ овие последни денови и можат со радост да очекуваат една убава иднина. „Чувај ја незлобивоста и пази ја правдата, зашто наследството на таков човек е мир; а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре“ (Псалм 36:37, 38).
21, 22. Што формира Бог денес, и како се постигнува обучувањето?
21 Токму сега Јехова од секоја нација ги повикува оние кои сакаат да ја вршат неговата волја. Тој ги формира да бидат темелот на неговото ново земно општество, како што претскажало библиското пророштво: „Во последните дни [времето во кое сега живееме] . . . ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете да се искачиме на гората Господова [неговото возвишено вистинско обожавање] . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта и ќе одиме по патеките Негови‘“ (Исаија 2:2, 3).
22 Откровение 7:9 ги опишува нив како ‚големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици‘. Стих 14 наведува: „Тие се што дојдоа од големи маки [големата неволја, NW]“, преживувајќи го крајот на сегашниот систем. Овој темел на новиот свет сега е јак со скоро шест милиони лица, со многу нови кои стануваат негов дел секоја година. Сите тие верни слуги на Јехова се обучуваат за живот во неговиот нов свет. Тие ги учат духовните и другите вештини кои се потребни за да се преобрази оваа Земја во рај. И тие имаат целосна доверба дека тој Рај ќе стане реалност бидејќи „верен е Оној, Кој се заветувал“ (Евреите 10:23).
Точки за повторување
◻ Кои последици ги донел недостигот на вера во првиот век?
◻ До која мера Божјите слуги можат да имаат доверба во него?
◻ Каква иднина ги чека верните?
◻ Што мораме да правиме за да си засигураме среќна иднина во Божјиот нов свет?
[Слика на страница 18]
Токму сега Јехова го формира темелот на едно ново земно општество