Имај доверба дека Јехова ќе ја исполни својата намера
„Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (ПСАЛМ 36:29).
1. Каква е Јеховината намера со луѓето и за Земјава?
КОГА Јехова ги создал нашите прародители, Адам и Ева, ги направил совршени. И ги создал така што можеле да живеат засекогаш на Земјава — ако ги слушале неговите закони (1. Мојсеева 1:26, 27; 2:17). Освен тоа, Бог ги ставил во рајска околина (1. Мојсеева 2:8, 9). Јехова им рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Така, нивното потомство конечно требало да се рашири по целата Земја, а планетава би станала рај исполнет со совршено, среќно човештво. Каков извонреден почеток имало човечкото семејство! „И виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал“ (1. Мојсеева 1:31).
2. Кои прашања ги покренува состојбата на човечките прилики?
2 Но, состојбата на човечките прилики што постојат со илјадници години, нема никаква сличност со Божјата првобитна намера. Човештвото е далеку од совршеноста и од среќата. Светските услови се жалосни и, како што е проречено, драматично се влошиле во наше време (2. Тимотеј 3:1-5, 13). Тогаш, како можеме да бидеме уверени дека Божјата намера со луѓето ќе се оствари во блиска иднина? Дали ќе поминат уште долги периоди во кои ќе преовладуваат жалосните услови?
Што тргнало наопаку?
3. Зошто не ја окончал веднаш Јехова побуната на човештвото?
3 Оние кои имаат точно спознание за Божјата инспирирана Реч знаат зошто Јехова ги дозволил овие лоши услови на Земјата. Тие исто така знаат што тој ќе стори околу тоа. Од библискиот извештај научиле дека нашите прародители го злоупотребиле прекрасниот дар на слободен избор којшто Бог им го дал на луѓето. (Спореди 1. Петрово 2:16.) Погрешно го избрале патот на независност од Бог (1. Мојсеева, поглавја 2 и 3). Нивниот бунт покренал прашања од најголема важност, како што се: Дали има право Универзалниот Суверен да владее над луѓето? Дали е неговата влада најдобра за нив? Може ли човечката влада да успее без Божји надзор? Најсигурниот начин да се најдат одговорите на овие прашања бил да се остави да поминат векови на човечко владеење. Без сомнение, резултатите би покажале дали луѓето можат да бидат успешни одвоено од нивниот Создател.
4, 5. а) Каква била последицата од тоа што луѓето ја отфрлиле Божјата влада? б) Што покажало времето, вон секакво сомневање?
4 Кога Адам и Ева го напуштиле Бог, тој повеќе не ги одржувал во совршенство. Без негова поддршка, тие пропаднале. Резултатот бил несовршеност, старост и, конечно, смрт. Преку законот на наследство, нашите прародители им ги пренеле тие негативни карактеристики на сите свои потомци, вклучувајќи нѐ и нас (Римјаните 5:12). И каков е резултатот од илјадниците години човечко владеење? Катастрофален, токму како што Проповедник 8:9 вистинито изјавува: „Човекот господари над човек на своја штета“.
5 Изминатото време, вон секакво сомневање, покажало дека луѓето ја немаат способноста успешно да ги управуваат своите прилики одвоено од нивниот Творец. Инспирираниот библиски писател Јеремија изјавил: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23; 5. Мојсеева 32:4, 5; Проповедник 7:29).
Божјата намера не се изменила
6, 7. а) Дали се изменила Јеховината намера во текот на илјадниците години на историјата? б) Што е вклучено во Јеховината намера?
6 Дали ја измениле Божјата намера изминатите илјадници години од човечката историја — толку исполнети со злоба и страдање? Неговата Реч наведува: „Вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење“ (Исаија 45:18). Значи, Бог ја обликувал Земјата за да биде населена со луѓе, а тоа сѐ уште е негова намера.
7 Не само што Јехова ја создал Земјата за да биде населена туку имал и намера таа да стане рај во кој ќе уживаат совршени, среќни луѓе. Затоа Библијата прорекла дека ќе има „нова земја“, ново човечко општество, на која „ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). А во Откровение 21:4, Божјата Реч ни кажува дека во неговиот нов свет тој ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни [на човештвото], и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе‘. Од тие причини, Исус можел да зборува за тој иден нов свет на Земјата како за ‚рај‘ (Лука 23:43).
8. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ја исполни својата намера?
8 Бидејќи Јехова е семоќен и семудар Творец на универзумот, никој не може да ја осуети неговата намера. „Со клетва вели Господ Саваот: ‚Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане‘“ (Исаија 14:24). Затоа, кога Бог вели дека ќе ја направи оваа Земја рај населен со совршени луѓе, тоа ќе се случи. Исус рекол: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5:5; спореди Псалм 36:29). Можеме да бидеме сигурни во исполнувањето на тоа ветување. Всушност, можеме да ги заложиме нашите животи во тоа.
Тие имале доверба во Јехова
9. Што сторил Авраам како доказ за неговата доверба во Јехова?
9 Мнозина богобојазливи луѓе низ историјата ги заложиле своите животи во Божјата намера со Земјата, затоа што биле уверени дека тој ќе ја исполни. Иако нивното спознание можеби било ограничено, тие имале доверба во Бог и своите животи ги темелеле на вршењето на неговата волја. На пример, постоел Авраам кој живеел околу 2.000 години пред Исус да оди по Земјата — долго пред да започне пишувањето на Библијата. Тој имал доверба во Јехова дека ќе ги исполни Неговите ветувања. Веројатно Авраам научил за Творецот од својот верен предок Сим, кој бил поучен од Ное. Затоа, кога Бог му рекол на Авраам да се пресели од развиениот Ур Халдејски во непознатата и опасна Хананска земја, тој патријарх знаел дека можел да има доверба во Јехова, и затоа тргнал (Евреите 11:8). Со текот на времето, Јехова му рекол: „Од тебе ќе направам голем народ“ (1. Мојсеева 12:2).
10, 11. Зошто бил спремен Авраам да го жртвува својот единороден син, Исак?
10 Што се случило откако на Авраам му се родил Исак? Јехова му навестил на Авраам дека преку Исак неговите потомци ќе станат голема нација (1. Мојсеева 21:12). Затоа, сигурно изгледало како вистинска контрадикција кога Јехова му рекол на Авраам, како испит на неговата вера, да го жртвува сина си Исак (1. Мојсеева 22:2). Сепак, со потполна доверба во Јехова, Авраам презел чекори да се потчини така што навистина го зел својот нож да го заколе Исак. Во последниот момент Бог испратил ангел да го спречи Авраам (1. Мојсеева 22:9-14).
11 Зошто бил Авраам толку послушен? Евреите 11:17-19 открива: „Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син, за кого му беше речено: ‚Потомството од Исака ќе се нарече со твое име‘; оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението“. Римјаните 4:20, 21 слично потврдува: „И во ветувањето Божјо [Авраам] не се посомни со неверие, . . . наполно уверен дека Он [Бог] е силен и да го изврши она, што го ветил“.
12. Како бил награден Авраам за својата вера?
12 Авраам бил награден за својата вера не само со тоа што Исак бил поштеден и имал „голем народ“ кој дошол преку него туку и на друг начин. Бог му рекол на Авраам: „И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој“ (1. Мојсеева 22:18). На кој начин? Царот на Божјето небесно Царство требало да дојде преку Авраамовата лоза на потомци. Тоа Царство ќе го избрише од постоење овој зол свет што е под власта на Сатана (Даниил 2:44; Римјаните 16:20; Откровение 19:11-21). Тогаш, на исчистена Земја под владата на Царството, Рајот ќе се протега по целиот свет, и од „сите народи“ луѓето кои ја вршат Божјата волја засекогаш ќе се радуваат на совршено здравје и живот (1. Јованово 2:15-17). И иако поседувал само ограничено спознание за Царството, Авраам имал доверба во Бог и го исчекувал неговото воспоставување (Евреите 11:10).
13, 14. Зошто имал Јов доверба во Бог?
13 Повеќе стотици години подоцна, постоел Јов кој живеел помеѓу 17. и 16. век пр. н. е. во денешна Арабија. И тој живеел пред да започне пишувањето на Библијата. Јов ‚бил непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнувал злото‘ (Јов 1:1). Кога Сатана му нанел одвратна, тешка болест, тој верен маж „не изговорил ниту еден грешен збор“ за време на своето тешко искушение (Јов 2:10, The New English Bible). Јов имал доверба во Бог. И иако не знаел во детали зошто толку многу страдал, го заложил својот живот за Бог и Неговите ветувања.
14 Јов знаел дека дури и да умре, Бог би можел еден ден да го врати во живот преку воскресението. Ја покажал оваа надеж кога му рекол на Јехова Бог: „О, да беше ме сокрил и криел во пеколот [гробот], . . . да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене! Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? . . . Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор“ (Јов 14:13-15). Иако бил во агонија, Јов покажал вера во Јеховината сувереност, изјавувајќи: „Додека не умрам, нема да отстапам од својата справедливост“ (Јов 27:5).
15. Како ја изразил Давид својата увереност во Јеховината намера?
15 Околу шест векови по Јов и околу илјада години пред Исус да дојде на Земјата, Давид ја изразил својата доверба во нов свет. Во псалмите рекол: „Оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. Поради својата непоколеблива вера, Давид поттикнувал: „Надевај се на Господа . . . Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето твое што ќе посака“ (Псалм 36:3, 4, 9-11, 29).
16. Каква надеж имал еден „голем облак од сведоци“?
16 Низ вековите, верни мажи и жени ја имале истата оваа надеж за вечен живот на Земјата. Всушност, тие сочинувале „голем облак од сведоци“ кои навистина дословно ги заложиле своите животи во Јеховините ветувања. Многу од тие древни сведоци на Јехова биле мачени и убиени поради нивната вера „за да добијат подобро воскресение“. Како тоа? Во новиот свет, Бог ќе ги награди со подобро воскресение и со изгледот за вечен живот (Јован 5:28, 29; Евреите 11:35; 12:1, НС).
Христијанските Сведоци имаат доверба во Бог
17. Колку цврста доверба имале во Јехова христијаните од првиот век?
17 Во првиот век н. е., Јехова му открил на нововоспоставеното христијанско собрание повеќе детали за Царството и неговото владеење над Земјата. На пример, неговиот дух го инспирирал апостол Јован да напише дека бројот на придружените со Исус Христос во небесното Царство ќе биде 144.000. Овие ќе бидат верни Божји слуги кои се „откупени меѓу луѓето“ (Откровение 7:4; 14:1-4). Тие ќе владеат над Земјата — ќе ‚царуваат‘ со Христос на небото (Откровение 20:4-6). Овие христијани од првиот век имале толку цврста доверба во Јехова дека ќе ја исполни неговата намера за небесно Царство и неговото земско подрачје што биле спремни да ги дадат животите за својата вера. Многу од нив го сториле токму тоа.
18. Како ги имитираат денес Јеховините сведоци своите претходници од дамнина?
18 Денес, скоро пет милиони Сведоци на Јехова ја имаат истата доверба во Бог како нивните претходници кои живееле со векови пред нив. Овие денешни Сведоци исто така ги заложиле своите животи во Божјите ветувања. Му ги предале своите животи нему и ја имаат комплетната Библија за да ја јакнат својата вера (2. Тимотеј 3:14-17). Овие современи Сведоци на Јехова ги имитираат Исусовите следбеници од првиот век кои објавиле дека ‚повеќе треба да Му се покоруваат на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29). Во овој век, мнозина од овие христијански Сведоци биле свирепо прогонувани. Некои дури биле убиени заради нивната вера. Други умреле од болест, несреќен случај или длабока старост. Но, како верните сведоци од минатото, тие имале доверба во Бог затоа што знаеле дека тој ќе ги врати во живот во неговиот нов свет преку воскресението (Јован 5:28, 29; Дела 24:15; Откровение 20:12, 13).
19, 20. Што сфаќаме во врска со библиските пророштва за нашето време?
19 Јеховините сведоци го ценат тоа што нивното собирање од сите народи во едно глобално братство било одамна проречено во библиските пророштва (Исаија 2:2-4; Откровение 7:4, 9-17). А Јехова им дава да вршат едно дело на проповедање ширум светот за да соберат во негова милост и заштита и други лица со искрени срца (Изреки 18:11; Матеј 24:14; Римјаните 10:13). Сите тие ја ставаат својата целосна доверба во Јехова, свесни дека наскоро тој ќе го воведе неговиот прекрасен нов свет. (Спореди 1. Коринтјаните 15:58; Евреите 6:10.)
20 Библиските пророштва покажуваат дека од клучната 1914 па наваму, Сатановиот свет скоро 80 години е во своите последни денови. Овој свет се ближи кон својот крај (Римјаните 16:20; 2. Коринтјаните 4:4; 2. Тимотеј 3:1-5). Јеховините сведоци се охрабруваат затоа што сфаќаат дека наскоро Божјето Царство ќе преземе потполна контрола над сите земски работи. Доведувајќи го сегашниов зол свет до крај и воведувајќи го неговиот праведен нов свет, Бог потполно ќе ја избрише лошата ситуација што постоела на Земјата толку многу векови (Изреки 2:21, 22).
21. Зошто можеме да се радуваме без оглед на сегашните неволји?
21 Тогаш, низ сета вечност, Бог ќе ја покаже својата голема грижа за нас така што ќе излие благослови кои ќе сторат повеќе отколку само да ја надоместат било која болка што сме ја доживеале во минатото. Во новиот свет ќе ни се случат толку многу добри работи, што нашите поранешни неволји ќе избледнат од сеќавањето. Колку е утешно да се знае дека Јехова тогаш ќе ја ‚отвори раката Своја и ќе исполни сѐ што е живо со сите негови потреби‘ (Псалм 144:16; Исаија 65:17, 18).
22. Зошто треба да ја ставиме нашата доверба во Јехова?
22 Во новиот свет, верното човештво ќе го доживее исполнувањето на Римјаните 8:21 (НС): „Самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“. Тие ќе го доживеат исполнувањето на молитвата за која Исус ги поучил своите ученици: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10). Затоа, стави ја твојата целосна доверба во Јехова, бидејќи неговото непогрешиво ветување гласи: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).
Како би одговорил?
◻ Каква е Јеховината намера со луѓето и Земјава?
◻ Зошто дозволил Бог лоши услови на Земјата?
◻ Како ја покажале верните луѓе од старо време својата доверба во Јехова?
◻ Зошто денешните Божји слуги имаат доверба во Јехова?
[Слика на страница 16]
Бог ги создал луѓето за да живеат засекогаш во среќа на рајска Земја
[Слика на страница 18]
Авраам ја положил својата доверба во Јеховината способност да ги воскресне мртвите