„Го извршивме она што бевме должни да го извршиме“
РАСКАЖАЛ ЏОРЏ КОУЧ
Откако го поминавме утрото во службата од куќа до куќа, мојот придружник извади два сендвича. Кога завршивме со јадењето, извадив една цигара за да пушам. „Колку долго си во вистината?“ праша тој. „Прв состанок на кој присуствував ми беше синоќа“, му реков.
РОДЕН сум на 3 март 1917, на една фарма на околу 50 километри источно од Питсбург (Пенсилванија, САД), близу гратчето Авонмор. Таму родителите нѐ подигнаа нас — моите четворица браќа, сестра ми и мене.
Не добивме големо религиозно школување. Едно време моите родители одеа в црква, но прекинаа да ја посетуваат кога ние децата сѐ уште бевме мали. Сепак, верувавме во Творец, и нашето семејство ги следеше основните принципи кои се наоѓаат во Библијата.
Најдоброто школување кое го добив од моите родители беше во врска со одговорноста — како да се преземе и да се исполни. Во тоа се состоеше животот на фармата. Но, нашиот живот не се состоеше само од работа. Уживавме во здрава рекреација, како на пример, играње кошарка и бејзбол, јавање коњи и пливање. Во тие денови имаше оскудица на пари, но сепак животот на фармата беше пријатен. Додека бевме во основно училиште, одевме во една училишна зграда со една просторија, а во текот на гимназиските години одевме в град.
Една ноќ се шетав во градот со еден од моите пријатели. Една убава девојка излезе од својата куќа за да го поздрави мојот пријател. Тој ме запозна со неа, се викаше Ферн Пру. Беше згодно што таа живееше на улицата каде што беше сместена гимназијата. Честопати кога поминував покрај нејзината куќа, Ферн беше надвор вршејќи ги куќните работи. Очигледно, таа беше марлива работничка, а тоа ме импресионира. Развивме блиско пријателство и љубов еден кон друг и, во април 1936, се венчавме.
Контакт со библиската вистина
Пред да се родам, имало некоја постара жена со која луѓето во градот лошо постапувале поради нејзината религија. Мајка ми ја посетувала во саботите кога одела во градот за да купува. Таа ја чистела куќата на жената и ѝ помагала да извршува разни работи сѐ додека жената не умрела. Верувам дека Јехова ја благослови мајка ми поради тоа што била толку љубезна со таа жена, која била Библиски студент, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци.
Некое време после тоа, ненадејно умрела ќеркичката на тетка ми. Црквата не ѝ дала на тетка ми голема утеха, но една сосетка која била Библиски студент — ѝ дала. Библиската студентка ѝ кажала што се случува кога умира некое лице (Јов 14:13—15; Проповедник 9:5, 10). Тоа било извор на голема утеха. Тетка ми, пак, од своја страна, ѝ кажала на мајка ми за надежта за воскресение. Тоа го разгорело интересот на мајка ми, бидејќи нејзините родители умреле кога таа била млада и била желна да дознае што се случува со човекот при смртта. Ова искуство ми ја всади важноста на тоа секогаш да се користат приликите да се сведочи неформално.
Во 1930-тите, мајка ми почна да ги слуша неделните утрински радио-преноси од Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Во текот на тие години, Сведоците почнаа и со делото од куќа до куќа онаму каде што ние живеевме. Тие ќе поставеа подвижен фонограф во дворот под едно сенчесто дрво и ги пуштаа снимените проповеди на брат Ратерфорд. Тие снимки и списанијата Стражарска кула и Златен век (сега Разбудете се!) го одржаа жив интересот на мајка ми.
После неколку години, во 1938, на претплатниците на Стражарска кула им беше испратена картичка со која беа поканети на еден специјален состанок во еден приватен дом, на околу 25 километри. Мајка ми сакаше да присуствува, па така Ферн, јас и двајца од моите браќа ја придружувавме. Џон Бут и Чарлс Хеслер, патувачки надгледници на Јеховините сведоци, одржаа говори пред околу дузина од нас. После тоа, тие почнаа да организираат група која ќе учествува во службата следното утро. Никој не се пријави доброволно да оди со нив, па така брат Хеслер ме избра мене и ме праша: „Зошто не дојдеш со нас?“ Јас не знаев точно што ќе прават тие, но не можев да измислам причина зошто не би им помогнал.
Одевме од куќа до куќа сѐ до пладнето, и тогаш брат Хеслер извади два сендвича. Седнавме на скалите од црквата и почнавме да јадеме. Откако ја извадив цигарата, брат Хеслер дозна дека сум присуствувал само на еден состанок. Тој сам се покани на вечера истата таа вечер и нѐ замоли да ги поканиме нашите соседи на една библиска дискусија. После вечерата, тој одржа библиска студија со нас и одржа еден говор пред групата од околу десетмината кои дојдоа. Ни кажа дека треба да имаме библиска студија секоја седмица. Иако нашите соседи не се сложија со тоа, Ферн и јас уредивме да имаме седмична домашна библиска студија.
Напредок во вистината
Кратко после тоа, Ферн и јас појдовме во служба на теренот. Бевме на задното седиште од автомобилот и само што запаливме по една цигара кога брат ми се сврте кон нас и ни рече: „Штотуку открив дека Сведоците не пушат“. Ферн веднаш ја фрли својата цигара низ прозорецот, а јас мојата ја довршив. Иако уживавме во пушењето, никогаш повторно не фативме цигара.
После нашето крштавање, во 1940, Ферн и јас бевме на еден состанок каде што проучувавме една статија која охрабруваше на пионерење, како што е наречено полновременото проповедничко дело. На пат кон дома, еден брат ме праша: „Зошто ти и Ферн не пионерите? Вас ништо не ве спречува“. Ние не можевме а да не се сложиме со него, па така се ставивме на располагање. Дадов отказ на моето работно место во рок од 30 дена, и направивме подготовки да пионериме.
Се советувавме со Watch Tower Society во врска со тоа каде би служеле, а потоа се преселивме во Балтимор (Мериленд). Таму функционираше еден дом за пионери. Цената на пансионот беше 10 долари месечно. Имавме извесна заштеда за која мислевме дека без проблем ќе ни трае до Армагедон (Откровение 16:14, 16). На крајот на краиштата, секогаш мислевме дека Армагедон штотуку не дошол. Затоа, кога почнавме да пионериме, го оставивме нашиот дом и се откажавме од сѐ друго.
Во Балтимор пионеревме од 1942 до 1947. Во текот на тие години, противењето на делото на Јеховините сведоци беше многу силно. Наместо да го возиме нашиот автомобил кон домовите на нашите библиски студенти, понекогаш нас нѐ возеа. Така не ни ги сечеа гумите на нашиот автомобил. Никој не сака такво противење, но јас можам да кажам дека секогаш уживавме во службата на теренот. Всушност, со нетрпение очекувавме по малку возбудување во вршењето на Господовото дело.
Наскоро ги потрошивме сите пари што ги имавме заштедено. Гумите на нашиот автомобил се излижаа, а така беше и со нашата облека и со обувките. Два или три пати се разболевме на подолго време. Не беше лесно да се продолжи, но никогаш не помисливме да прекинеме. Ниту, пак, некогаш зборувавме за тоа. Кратевме од другите работи во животот за да можеме да останеме во пионерското дело.
Промени во доделбата
Во 1947 отидовме на конгресот во Лос Анџелес (Калифорнија). Додека бевме таму, на брат ми Вилијам и мене ни беше дадено по едно писмо со кое бевме доделени во патувачкото дело — да ги посетуваме собранијата и да им помагаме. Во тоа време не добивме некаква специјална обука за тоа дело. Едноставно заминавме. Во текот на следните седум години, Ферн и јас служевме во Охајо, Мичиген, Индијана, Илиноис и во Њујорк. Во 1954 бевме поканети да присуствуваме на 24. клас на Гилеад, школа за обучување мисионери. Додека бевме таму, Ферн фати детска парализа. За среќа, добро се опорави, и бевме доделени во патувачкото дело во Њујорк и Конектикат.
Додека служевме во Стамфорд (Конектикат), Натан Х. Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society, нѐ замоли да го поминеме викендот со него и со неговата сопруга Одри. Тие нѐ нагостија со убава вечера од бифтек со сите додатоци. Со нив се знаевме од порано и доволно добро го познавав брат Нор за да сфатам дека тој имаше нешто друго на ум освен нашето дружење и вечера. Подоцна, истата вечер ме праша: „Како би ти се допаднало да дојдеш во Бетел?“
„Не сум баш сигурен; не знам многу за бетелскиот живот“, му одговорив.
Откако неколку седмици размислувавме за тоа, му рековме на брат Нор дека би дошле ако тој сака. Следната седмица добивме писмо да се пријавиме во Бетелот на 27 април 1957, нашата 21-ва годишнина од бракот.
Тој прв ден во Бетелот, брат Нор ми даде јасно упатство за тоа што се очекува. Ми рече: „Повеќе не си покраински слуга; тука си за да работиш во Бетелот. Тоа е најважната работа што мора да ја вршиш, и ние сакаме да го трошиш своето време и енергија за да се посветиш на обуката што ќе ја добиеш тука во Бетелот. Сакаме да останеш“.
Смисловен живот во Бетелот
Првата доделба што ја имав беше Одделот за списанија и Одделот за пошта. Подоцна, по отприлика три години, брат Нор ме викна да се јавам во неговата канцеларија. Тогаш ме информираше дека вистинската причина зошто сум доведен во Бетел е да работам во домот. Неговите упатства беа многу директни: „Тука си за да управуваш со бетелскиот дом“.
Раководењето со бетелскиот дом ме потсетуваше на лекциите на кои ме научија родителите додека растев на фармата. Бетелскиот дом е многу сличен на едно обично семејно домаќинство. Треба да се испере облека, да се подготват оброци, да се измијат садови, да се наместат кревети итн. Организацијата на домот се обидува да го направи Бетелот удобно место за живеење, место кое човек може да го нарече свој дом.
Верувам дека постојат многу лекции кои семејствата можат да ги научат од тоа како функционира Бетелот. Ние стануваме рано наутро и денот го започнуваме со духовна нота, разгледувајќи го дневниот библиски текст. Од нас се очекува напорно да работиме и да живееме урамнотежен, но зафатен живот. Бетелот не е како манастир, како што можеби некои мислат. Ние постигнуваме многу поради нашиот испланиран начин на живот. Многумина рекле дека обуката која ја добиле тука, подоцна им помогнала да ги прифатат одговорностите во нивните семејства и во христијанското собрание.
На младите мажи и жени кои доаѓаат во Бетелот може да им биде доделено чистење, работа во пералница или во фабриката. Можеби светот сака да веруваме дека таквата физичка работа е понижувачка и под нашата чест. Сепак, младите во Бетелот сфаќаат дека таквите работни доделби се потребни за исправно и среќно да функционира нашата фамилија.
Можеби светот ја унапредува и мислата дека за да бидеш навистина среќен, потребна ти е позиција и престиж. Тоа е погрешно. Кога го правиме она што нам ни е доделено, тогаш ‚го извршуваме она, што сме должни да го извршиме‘, и добиваме Јеховин благослов (Лука 17:10). Можеме да имаме вистинско задоволство и среќа само ако се сетиме на целта на нашата работа — да ја вршиме Јеховината волја и да ги унапредуваме интересите на Царството. Доколку го имаме тоа на ум, која и да било доделба може да биде пријатна и задоволителна.
Привилегирано учество во експанзијата
На конгресот во Кливленд (Охајо) во 1942, повеќе од една деценија пред да дојдеме во Бетелот, брат Нор го одржа говорот „Мир — може ли да потрае?“ Тој јасно даде до знаење дека II светска војна, која тогаш беше во тек, ќе заврши и дека ќе има време на мир кое ќе обезбеди прилика за една проширена проповедничка кампања. Во 1943 беше основана школата Гилеад — за да обучува мисионери и Теократската школа за служба — за да ги подобри способностите за јавно говорење на браќата. Беа организирани и големи конгреси. Особено истакнати во текот на 1950-тите беа оние на Јенки стадионот (Њујорк). Во врска со тамошните конгреси во 1950 и во 1953, јас имав прилика да помогнам да се уреди огромниот „град со приколки“ кој смести десетици илјади луѓе за осумте дена на секој од овие конгреси.
После тие конгреси, вклучувајќи го и најголемиот од сите, во 1958, имаше голем пораст на објавители на Царството. Ова директно влијаеше врз нашата работа во Бетелот. Во доцните 1960-ти и раните 1970-ти имавме прилично итна потреба од простор и соби за да ги сместиме работниците. За да ја сместиме нашата растечка фамилија, моравме да имаме повеќе спални, кујни и трпезарии.
Брат Нор го замоли брат Макс Ларсон, надгледникот на фабриката, и мене да пронајдеме прикладен имот за да се прошириме. Во 1957, кога дојдов во Бетелот, нашата фамилија од околу 500 лица беше сместена во една голема станбена зграда. Но, низ годините, Заедницата купи и реновираше три големи блиски хотели — Тауерс, Стендиш и Босерт — како и многу помали станбени згради. Во 1986, Заедницата купи имот каде што беше хотелот Маргарет, и така убавата нова зграда која беше изградена таму, ја претвори во дом за околу 250 лица. Потоа во раните 1990-ти, беше изградена 30-катна резиденција за да смести уште 1.000 работници. Сега бруклинскиот Бетел може да смести и прехрани повеќе од 3.300 членови на нашата фамилија.
Исто така, беше купен имот во Волкил (Њујорк), речиси 160 километри од бруклинскиот Бетел. Низ годините, почнувајќи во доцните 1960-ти, таму беа изградени станови и една голема печатница. Сега таму живеат и работат отприлика 1.200 членови на нашата бетелска фамилија. Во 1980 започна потрага по земјиште од околу 250 хектари, поблизу до Њујорк Сити и со добар пристап кон автопатот. Застапникот за недвижнини се насмеа и рече: „Каде ќе најдете таков имот? Едноставно тоа не е возможно“. Но, следното утро тој се јави и рече: „Го најдов вашиот имот“. Денес, тој е познат како Образовен центар на Watchtower во Патерсон (Њујорк). Таму функционираат школи и постои фамилија од над 1.300 министри.
Лекциите што ги научив
Научив дека добар надгледник е оној кој може да извлече вредни информации од другите. Повеќето од идеите кои имав предност да ги спроведам како надгледник на Бетелот, дојдоа од другите.
Кога дојдов во Бетелот, многумина беа постари, како што сум јас денес. Сега повеќето ги нема. Кој ги заменува оние кои стареат и умираат? Тоа не се секогаш оние со најголема способност. Тоа се оние кои се тука, кои верно работат на работното место, ставајќи се на располагање.
Друга важна работа која треба да се запомни е вредноста на добрата сопруга. Поддршката од мојата драга сопруга Ферн ми беше од голема помош во исполнувањето на моите теократски доделби. Сопрузите имаат одговорност да се уверат дека нивните сопруги уживаат во своите доделби. Јас се обидувам да планирам нешто што Ферн и јас сакаме да го правиме. Тоа не мора да биде нешто скапо, само промена во рутината. Сопругот е тој кој има одговорност да прави нешто што ја усреќува неговата сопруга. Неговото време со неа е драгоцено и брзо поминува, па затоа треба да го искористи на најдобар можен начин.
Радосен сум што живееме во последните денови за кои зборувал Исус. Ова е највосхитувачкото време во сета човечка историја. Ние можеме да посматраме и со очите на верата да видиме како Господ ја развива својата организација при подготовката за доаѓањето на ветениот нов свет. Додека се осврнувам на мојот животен век во Јеховината служба, можам да увидам дека Јехова е оној кој управува со оваа организација — а не луѓе. Ние сме само негови слуги. Како такви, мораме секогаш да се ослонуваме на него за водство. Штом тој зацрта што треба да правиме, ние треба само спремно да дејствуваме и заедно да го сториме тоа.
Давај се на организацијата и загарантирано ќе имаш исполнет, среќен живот. Што и да правиш — без разлика дали е тоа пионерење, покраинско дело, служење во собранието како објавител, бетелска служба или мисионерско дело — следи го изложениот правец и цени ја својата доделба. Направи сѐ што можеш за да уживаш во секоја доделба и во секој ден на работа во Јеховината служба. Понекогаш ќе се измориш, а можеби и ќе бидеш преоптоварен со работа или, пак, ќе се чувствуваш обесхрабрен. Тогаш треба да се сетиш на целта на преданието на твојот живот на Јехова. Тоа е за да ја вршиш неговата волја, а не својата.
Немало ден а да не сум дошол на работа и да не сум уживал во она што сум го правел. Зошто? Бидејќи, кога му се даваме со сета душа на Јехова, ние го имаме задоволството од сознанието дека ‚го извршуваме она што сме должни да го извршиме‘.
[Слика на страница 19]
Пионерење во Балтимор, 1946
[Слика на страница 19]
Во „градот со приколки“ со Ферн во 1950
[Слика на страница 19]
Оддел за списанија
[Слика на страница 19]
„Градот со приколки“, 1950
[Слика на страница 22]
Со Одри и Натан Нор
[Слика на страница 23]
Образовниот центар на Watch Tower во Патерсон (Њујорк)
[Слика на страница 24]
Со Ферн денес