Прашања од читателите
Според Матеј 17:20, апостолите не можеле да излечат едно измачувано момче ‚заради нивното неверие [мала вера, NW]‘. Меѓутоа, во Марко 9:29 нивната неможност е поврзана со потребата од молитва. Зошто во различни извештаи од Евангелијата се дадени различни причини?
Всушност, двата извештаја се надополнуваат, а не се спротивставуваат. Првин, погледни во Матеј 17:14—20. Еден човек известил дека неговиот син е епилептичар и дека Исусовите ученици не можеле да го излечат детето. Тогаш, Исус го излечил момчето истерувајќи го демонот кој го измачувал. Учениците го прашале зошто тие не можеле да го истераат демонот. Според Матеевиот извештај, Исус одговорил: „Заради вашето неверие [мала вера, NW]; зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“.
Сега да свртиме во Марко 9:14—29, каде што наоѓаме повеќе детали. На пример, Марко 9:17 обезбедува детаљ дека во овој случај епилептичните напади биле предизвикани од еден зол дух. Вредно е да се забележи дека на друго место Библијата вели дека Исус лекувал епилептичари и демонизирани луѓе (Матеј 4:24, NW). Во оваа единствена ситуација, нападите биле предизвикани од „нем дух“, т. е. зол дух, како што потврдува лекарот Лука (Лука 9:39; Колосјаните 4:14). Забележи ја во Марко 9:18 фразата „каде и да го фати [демонот]“. Така, момчето не било постојано малтретирано од демонот — туку само повремено. Сепак, учениците не можеле да го истераат демонот и на тој начин да го излечат детето. Кога тие прашале зошто, Исус одговорил: „Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва“.
Но, внимателното читање на Марковиот извештај покажува дека не постои конфликт со она што го запишал Матеј. Во Марко 9:19 читаме дека Исус го оплакувал неверието на таа генерација. А во стих 23 запишано е дека на таткото на момчето тој му кажал: „Сѐ е можно за оној што верува [има вера, NW]“. Така и Марко ја нагласува важноста на верата. Само во стих 29 Марко дава додатен детаљ. Марко го додава она што го рекол Исус за молитвата, а што не го вклучиле ни Матеј ни Лука.
Тогаш, што можеме да кажеме? Во други прилики и 12-те апостоли и 70-те ученици истерувале зли духови (Марко 3:15; 6:13; Лука 10:17). Но, во овој случај учениците не можеле да го истераат демонот. Зошто? Ако ги комбинираме деталите споменати во различните извештаи, мораме да заклучиме дека во овој случај тие не биле подготвени да го сторат тоа. Можеби дел од проблемот бил видот на демонот кој бил вклучен, бидејќи се чини дека демоните може да имаат различни личности, интереси, па дури и способности. Кај овој била потребна особено јака вера и горлива молитва за Божја помош. Се разбира, Исус имал таква вера. Исто така, тој ја имал поддршката од Слушачот на молитвите, неговиот Татко (Псалм 65:2, NW). Не само што Исус можел да го излечи измачуваното момче, истерувајќи го демонот, туку тој навистина и го сторил тоа.