Прашања од читателите
Ако еден христијанин слуша гласови, дали тоа мора да значи дека е нападнат од демони?
Не. Иако се известува дека демоните се прикажуваат на таков начин, многу поединци што слушаат гласови или доживуваат други необјасниви, вознемирувачки чувства, со испитување увиделе дека имаат здравствен проблем.
Изгледа дека уште во првиот век било прифатено дека нападите од демони и физичките состојби понекогаш создаваат слични ефекти. Во Матеј 17:14—18 читаме за едно младо момче што Исус го излекувал. Иако момчето покажувало сериозни симптоми на епилепсија, неговото страдање всушност било предизвикано од демон. Меѓутоа, во една претходна прилика, кога на Исус му биле донесени мноштво луѓе што страдаат за да ги излекува, меѓу нив имало и некои што биле ‚опседнати од демони и епилептичари‘ (Матеј 4:24). Изгледа било прифатено дека некои епилептичари не биле опседнати од демони. Нивните проблеми биле физички.
Се известува дека некои што страдаат од шизофренија, болест што честопати се лекува со лекарства, слушаат гласови или доживуваат симптоми што може да изгледаат како нешто натприродно.a И други физички состојби можат да предизвикаат ментална збрка за која некои по грешка мислат дека е предизвикана од демони. Затоа, иако некој поединец што известува дека слуша гласови или што има други вознемирувачки чувства можеби не сака да отфрли дека е вознемируван од демони, секако треба да биде охрабрен да испита дали има физичко објаснување за она што го доживува.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Да се отстрани мистеријата од менталната болест“ во англиското издание на Разбудете се! од 8 септември 1986, придружно списание на Стражарска кула.